Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 29

Дали си подготвен за големата неволја?

Дали си подготвен за големата неволја?

Бидете подготвени (МАТ. 24:44)

ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Зошто е мудро да бидеме подготвени за катастрофи?

 ПОДГОТОВКАТА спасува животи. На пример, кога ќе се случи некоја катастрофа, луѓето кои биле претходно подготвени за тоа имаат поголема можност да преживеат и да им помогнат на другите. Една хуманитарна организација во Европа го вели следново: „Со добра подготовка, сѐ е поинаку“.

2. Зошто треба да бидеме подготвени за големата неволја? (Матеј 24:44).

2 Големата неволја ќе започне ненадејно (Мат. 24:21). Но, за разлика од многу други катастрофи, кога ќе започне големата неволја, нема сите да бидат неподготвени. Пред околу 2.000 години, Исус ги предупредил своите следбеници да бидат подготвени за тој ден. (Прочитај Матеј 24:44.) Ако сме подготвени, ќе ни биде полесно да истраеме во тоа тешко време и да им помогнеме и на другите да истраат (Лука 21:36).

3. На кој начин истрајноста, сочувството и љубовта ќе ни помогнат да бидеме подготвени за големата неволја?

3 Да размислиме кои три особини ќе ни помогнат да бидеме подготвени за големата неволја. Како ќе реагираме ако треба да проповедаме силна порака на осуда и ако поради тоа другите ни се противат? (Отк. 16:21). Ќе ни треба истрајност за да му бидеме послушни на Јехова имајќи доверба дека тој ќе нѐ заштити. Што ќе правиме ако нашите браќа изгубат дел од нивните материјални работи, или пак ако изгубат сѐ? (Авак. 3:17, 18). Ќе ни биде потребно сочувство кое ќе нѐ поттикне да им помогнеме. Како ќе реагираме ако, поради нападот од коалицијата од сите народи, некое време ќе треба да престојуваме со повеќе наши браќа и сестри во една иста просторија? (Езек. 38:10-12). Ќе треба да имаме силна љубов кон нив за да можеме да истраеме во тој тежок период.

4. Како Библијата покажува дека мора постојано да развиваме истрајност, сочувство и љубов?

4 Божјата Реч нѐ поттикнува постојано да развиваме истрајност, сочувство и љубов. Во Лука 21:19 пишува: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“. Во Колошаните 3:12 пишува: „Облечете се во... сомилост“. А во 1. Солуњаните 4:9, 10 стои: „И самите сте поучени од Бог да се сакате еден со друг... Но ве поттикнуваме, браќа, тоа да го правите уште повеќе“. Сите овие стихови биле упатени до учениците на Исус кои веќе покажувале истрајност, сочувство и љубов. Сепак, тие требало и понатаму да продолжат да ги развиваат овие особини. И ние мора да го правиме истото. За да успееме во тоа, ќе разгледаме како христијаните во првиот век ја покажувале секоја од овие особини. Потоа, ќе разгледаме како можеме да го следиме примерот на овие христијани и како тоа ќе ни помогне да се подготвиме за големата неволја.

ЗАЈАКНИ ЈА СВОЈАТА ИСТРАЈНОСТ

5. Како истрајале христијаните од првиот век и покрај прогонствата?

5 На христијаните од првиот век им била потребна истрајност (Евр. 10:36). Тие ги имале истите проблеми како и повеќето луѓе од тоа време. Но, како христијани се соочувале и со додатни проблеми. Многумина од нив биле прогонувани не само од еврејските верски водачи и од римските власти туку и од своите семејства (Мат. 10:21). А понекогаш требало да се чуваат од влијанието на отпадниците и нивните лажни учења со кои се создавале поделби во собранието (Дела 20:29, 30). И покрај тоа, овие христијани верно истрајувале (Отк. 2:3). Како? Тие размислувале за истрајноста на други Божји слуги, како на пример за истрајноста на Јов (Јак. 5:10, 11). Исто така, се молеле за сила (Дела 4:29-31). Освен тоа, се концентрирале на добрите резултати од нивната истрајност (Дела 5:41).

6. Што учиме од начинот на кој Мерита се справила со противењето?

6 И ние ќе може да истраеме ако редовно проучуваме и размислуваме за истрајноста на Божјите слуги кои се спомнати во Библијата и во нашите публикации. Тоа ѝ помогнало на Мерита, една сестра од Албанија, да истрае и покрај противењето на нејзиното семејство, кое физички ја малтретирало. Таа вели: „Го проучував библискиот извештај за Јов, и тоа многу ме охрабри. Тој многу страдал и не знаел кој ги предизвикува неговите проблеми, а сепак рекол: ’Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!‘ (Јов 27:5). Размислував колку поголеми биле проблемите на Јов во споредба со моите. За разлика од него, јас знаев кој стои зад неволјите што ги доживеав“.

7. Што мора да научиме да правиме уште сега, дури и ако во моментов не се соочуваме со некои големи тешкотии?

7 Нашата истрајност можеме да ја зајакнеме и така што често ќе му се молиме на Јехова и отворено ќе му ги кажеме сите наши грижи (Фил. 4:6; 1. Сол. 5:17). Можеби во моментов не се соочуваш со некои големи тешкотии. Но, дали бараш помош од Јехова во молитва секогаш кога си вознемирен, збунет или оптоварен со грижи? Ако уште сега редовно бараш помош од Бог за твоите секојдневни проблеми, тогаш сигурно ќе го правиш тоа и кога ќе се соочиш со поголеми проблеми во иднина. Така ќе бидеш уверен дека Јехова најдобро знае кога и на кој начин да ти помогне (Пс. 27:1, 3).

ИСТРАЈНОСТ

Секогаш кога истрајуваме во некоја тешка ситуација, тоа може да ни помогне да истраеме во следниот проблем (види во пасус 8)

8. Како примерот на Мира покажува дека тоа што истрајуваме во тешки ситуации денес ќе ни помогне и во иднина? (Јаков 1:2-4; види ја и сликата).

8 Ако уште сега истрајуваме додека се соочуваме со разни неволји, поголема е веројатноста дека ќе истраеме и во иднина, за време на големата неволја (Рим. 5:3). Зошто можеме да го кажеме ова? Многу браќа увиделе дека секогаш кога истрајале во некоја тешка ситуација, тоа им помогнало да се справат со следниот проблем. Истрајноста ги направила поцврсти така што им ја зајакнала верата дека Јехова секогаш е спремен да им помогне. А верата им помогнала да истраат и за време на следниот проблем. (Прочитај Јаков 1:2-4.) Мира, една пионерка во Албанија, сфатила дека тоа што била истрајна во минатото ѝ помогнало и понатаму да биде истрајна. Таа признава дека понекогаш си мисли дека е единствената што има толку многу проблеми. Но потоа се присетува колку многу Јехова ѝ помогнал во изминатите 20 години, и си вели: „Остани верна. Не дозволувај сите овие години и сите овие битки кои си ги добила со помош од Јехова да бидат залудни“. И ти би можел да размислуваш за тоа како Јехова досега ти помагал да истраеш. Биди уверен дека секојпат кога ќе успееш да истраеш во некоја тешка ситуација, тој го забележува тоа и ќе те награди (Мат. 5:10-12). Така, кога ќе започне големата неволја, веќе ќе знаеш на кој начин да истраеш и ќе бидеш решен да истраеш и во тој период.

ПОКАЖУВАЈ СОЧУВСТВО

9. Како собранието во сириска Антиохија покажало сочувство?

9 Размисли што се случило со христијаните во Јудеја кога таму завладеал голем глад. Кога христијаните од собранието во сириска Антиохија чуле за гладот, тие несомнено сочувствувале со нивните браќа во Јудеја. Но потоа сочувството ги поттикнало да направат нешто за да им помогнат. Тие решиле, секој според своите можности, да испратат помош за на тој начин да им послужат на браќата во Јудеја (Дела 11:27-30). Иако браќата што биле погодени од гладот живееле многу далеку од нив, христијаните во Антиохија биле решени да им помогнат (1. Јов. 3:17, 18).

СОЧУВСТВО

Природните катастрофи ни даваат можност да покажеме сочувство (види во пасус 10)

10. На кои начини може да покажеме сочувство кога нашите соверници се погодени од катастрофа? (Види ја и сликата.)

10 И ние денес може да покажеме сочувство кога ќе дознаеме дека некои наши соверници се погодени од некоја катастрофа. Ние веднаш реагираме — можеби така што ги прашуваме старешините дали може да помогнеме во некоја акција за помош, така што даваме прилози за меѓународното дело или така што се молиме за оние што се погодени од катастрофата b (Изр. 17:17). На пример, во 2020 год., над 950 Одбори за помош при катастрофи беа назначени низ целиот свет за да се грижат за оние што беа погодени од пандемијата со КОВИД-19. Многу сме им благодарни на браќата и сестрите кои учествуваа во акциите за помош. Поттикнати од сочувство кон браќата и сестрите, тие им ги носеа неопходните работи, им го даваа потребното охрабрување во духовен поглед и во некои случаи ги поправаа или одново ги градеа нивните домови и сали за состаноци. (Спореди со 2. Коринќаните 8:1-4.)

11. Како со нашето сочувство му носиме слава на нашиот небесен Татко?

11 Кога покажуваме сочувство по некоја катастрофа, другите ги забележуваат жртвите што ги правиме. На пример, во 2019 год., ураганот Доријан уништи една сала за состаноци на Бахамите. Додека ја граделе салата, нашите браќа прашале еден претприемач кој не бил Сведок колку ќе изнесува цената за одредена работа што требало да ја заврши. Тој им рекол: „Не сакам да ви наплатам... ни за опремата, ни за работната рака, ниту за материјалите... Сакам да дадам нешто за вашата организација. Воодушевен сум од тоа колку ги сакате вашите пријатели“. Повеќето луѓе во светот не го познаваат Јехова. Но, многумина од нив гледаат што прават Јеховините сведоци. Многу сме среќни што знаеме дека со нашето сочувство можеме да ги привлечеме луѓето кон Јехова, кој е „богат со милосрдие“ (Еф. 2:4).

12. Како тоа што денес развиваме сочувство нѐ подготвува за големата неволја? (Откровение 13:16, 17).

12 Зошто ќе биде потребно да покажуваме сочувство за време на големата неволја? Според Библијата, оние кои нема да му ја даваат својата поддршка на политичкиот систем ќе имаат проблеми — и сега и за време на големата неволја. (Прочитај Откровение 13:16, 17.) На нашите браќа и сестри можеби ќе им бидат потребни неопходните работи за да преживеат. Кога нашиот Цар, Исус Христос, ќе дојде да им суди на луѓето, ние сакаме да бидеме меѓу оние кои покажуваат сочувство и на кои тој ќе им дозволи да го наследат Царството (Мат. 25:34-40).

ЗАЈАКНИ ЈА СВОЈАТА ЉУБОВ

13. Според Римјаните 15:7, како првите христијани си ја зајакнале меѓусебната љубов?

13 Љубовта била знакот по кој можеле да се препознаат првите христијани. Но, дали им било лесно да покажуваат љубов? Размисли за разликите кои постоеле во собранието во Рим. Во него имало Евреи кои од мали биле воспитувани да му бидат послушни на Мојсеевиот закон. Но, во него имало и луѓе од други народи кои растеле во друга култура и имале поинакви обичаи. Некои христијани веројатно биле робови, други биле слободни луѓе, а трети, пак, дури имале и свои робови. Како овие христијани успеале да ги надминат разликите и да ја зајакнат својата љубов? Апостол Павле им го дал следниов поттик: „Примајте се еден со друг“. (Прочитај Римјаните 15:7.) Што мислел со тоа? Изразот кој овде е преведен со „примајте се“ значи да му се покаже некому љубезност и гостољубивост — на пример, да го примиме во нашиот дом или да го прифатиме во нашиот круг на пријатели. Во една прилика, Павле му кажал на Филимон како да го прими неговиот роб Онисим, кој избегал откај него: „Прими го убаво“ (Филим. 17). Исто така, иако Аполо знаел помалку за христијанството од Прискила и Акила, тие го примиле така што го повикале кај себе (Дела 18:26). Тие христијани не дозволиле нивните разлики да бидат причина за поделби меѓу нив туку, напротив, се примале еден со друг.

ЉУБОВ

Љубовта што ни ја покажуваат нашите браќа и сестри може да ни помогне да истраеме (види во пасус 15)

14. Како Ана и нејзиниот сопруг покажале љубов?

14 И ние можеме да покажеме љубов кон нашите браќа и сестри така што ќе ги примиме во нашиот круг на пријатели. За возврат, и тие ќе бидат мотивирани да ни покажат љубов нам (2. Кор. 6:11-13). Размисли за искуството на Ана и нејзиниот сопруг. Кратко откако отишле да служат како мисионери на друго место во Западна Африка, почнала пандемијата со КОВИД-19. Поради тоа, тие не можеле лично да се запознаат со другите во собранието. Како Ана и нејзиниот сопруг покажале љубов? Преку видеоконференција тие стапиле во контакт со браќата и сестрите од тоа место и им кажале колку многу би сакале подобро да ги запознаат. Семејствата биле трогнати од љубовта што им ја покажале мисионерите и почнале често да им се јавуваат и да им праќаат пораки. Зошто овој брачен пар презел иницијатива да се запознае со браќата и сестрите во нивното ново собрание? Ана вели: „Никогаш нема да ги заборавам браќата и сестрите кои покажаа љубов кон мене и кон моето семејство во добро и во лошо време. Нивниот пример ме поттикна и мене да покажувам љубов“.

15. Што учиш од примерот на Ванеса? (Види ја и сликата.)

15 Многумина од нас се дел од некое собрание кое е составено од браќа и сестри со различно потекло и со различен карактер. Можеме да имаме поголема љубов кон сите нив ако се концентрираме на нивните добри особини. На една сестра по име Ванеса, која служи во Нов Зеланд, ѝ било тешко да биде во добри односи со некои од нејзиното собрание. Но, потоа решила да не ги избегнува оние чии карактери ја нервираат, туку да поминува повеќе време со нив. Тоа ѝ помогнало да увиди зошто Јехова ги сака. Ванеса вели: „Откако мојот сопруг стана покраински надгледник, поминуваме време со уште повеќе браќа и сестри кои имаат различни карактери, и полесно ми е да бидам во добри односи со нив. Сега, разноликоста ми се допаѓа. Очигледно му се допаѓа и на Јехова бидејќи луѓето на кои им дозволил да му служат многу се разликуваат меѓу себе“. Со тоа што учиме да гледаме на другите онака како што Јехова гледа на нив, докажуваме дека ги сакаме (2. Кор. 8:24).

Јехова ветува дека ќе нѐ заштити во текот на големата неволја ако останеме обединети со нашите браќа и сестри (види во пасус 16)

16. Зошто љубовта ќе ни биде неопходна за време на големата неволја? (Види ја и сликата.)

16 Љубовта ќе ни биде неопходна за време на големата неволја. Кога таа ќе започне, како ќе нѐ заштити Јехова? Размисли какво упатство му дал тој на својот народ кога бил нападнат древниот Вавилон: „Ајде, народе мој, влези во своите соби, каде што ќе бидеш на сигурно, и затвори ги вратите зад себе! Скриј се за миг дури да мине гневот!“ (Иса. 26:20). Ова упатство можеби ќе важи и за нас за време на големата неволја. Овие „соби“ можеби ги претставуваат нашите собранија. Јехова ветува дека ќе нѐ заштити во текот на големата неволја ако останеме обединети со нашите соверници. Затоа, уште сега мора да вложуваме голем труд не само да ги поднесуваме нашите браќа и сестри туку и да ги сакаме. Од тоа ќе зависи дали ќе го преживееме тој тежок период.

ПОДГОТВИ СЕ УШТЕ СЕГА

17. Ако се подготвиме уште сега, што ќе може да правиме за време на големата неволја?

17 „Големиот ден на Јехова“ ќе донесе тешки неволји за целото човештво (Соф. 1:14, 15). И Јеховиниот народ ќе се соочи со тешкотии. Но, ако се подготвиме уште сега, ќе може да останеме смирени и да им помогнеме на другите. Ќе може да истраеме без разлика со какви проблеми ќе се соочиме. Ако некој наш соверник страда, ќе дадеме сѐ од себе за да му помогнеме така што ќе покажеме сочувство и ќе му го дадеме она што му е потребно. Ако уште сега научиме да ги сакаме нашите браќа и сестри, ќе покажеме љубов кон нив и во големата неволја. Доколку го правиме сето ова, Јехова ќе нѐ награди со вечен живот во еден свет каде што катастрофите и неволјите ќе бидат само минато (Иса. 65:17).

ПЕСНА 144 Гледај ја наградата!

a Наскоро ќе започне големата неволја. Истрајноста, сочувството и љубовта ќе ни помогнат да бидеме подготвени за овој најтежок период од човечката историја. Во оваа статија ќе видиме како христијаните од првиот век ги развиле овие особини, како можеме ние да го направиме тоа денес и како овие особини ќе ни помогнат да бидеме подготвени за големата неволја.

b Оние што сакаат да помагаат во акции за помош при катастрофи, најпрво треба да пополнат Молба за локален доброволец за изградба (DC-50) или Молба за доброволец (A-19), и потоа да чекаат да бидат поканети за да помагаат.