Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Личниот интерес кон другите води до трајни благослови

Личниот интерес кон другите води до трајни благослови

Со мајка ми и сестра ми Пет (1948)

„АНГЛИКАНСКАТА црква не поучува за вистината. Продолжи да ја бараш.“ Откако мојата баба која одеше во англиканската црква го кажа ова, мајка ми почна да ја бара вистинската религија. Но, таа не сакаше да зборува со Јеховините сведоци, и ми рече да се скријам доколку тие дојдат на нашата врата во Торонто (Канада). Но, кога помладата сестра на мајка ми почна да проучува со Сведоците во 1950 год., мајка ми ѝ се придружи. Проучуваа во куќата на тетка ми, и подоцна се крстија.

Во местото каде што живеевме, татко ми беше старешина во Обединетата црква на Канада. Затоа, секој викенд во недела наутро тој нѐ праќаше мене и сестра ми на часови во црквата. После тоа, заедно со него, во 11 часот одевме на богослужба. Попладне, со мајка ми одевме на состанок во салата. Лесно можевме да ја видиме разликата меѓу овие две религии.

На меѓународниот конгрес „Божја волја“ заедно со семејството Хачесон (1958)

Мајка ми ги сподели своите нови верувања со нејзините долгогодишни пријатели Боб и Марион Хачесон, кои исто така ја прифатија вистината. Во 1958 год., Боб и Марион ме зедоа заедно со нивните тројца синови да одиме на осумдневниот меѓународен конгрес „Божја волја“ во Њујорк. Кога ќе се присетам на тоа, сфаќам колку труд мора да им требало за да ме земат со нив. Но, за мене тој конгрес е еден од најубавите моменти во мојот живот.

ЛИЧНИОТ ИНТЕРЕС ШТО ДРУГИТЕ МИ ГО ПОКАЖАА, ВЛИЈАЕШЕ ВРЗ МОЈАТА ИДНИНА

Додека бев тинејџер, живеевме на фарма и уживав да се грижам за животните. Планирав да се запишам на факултет за ветеринарство. Мајка ми му кажа за тоа на еден старешина во собранието. Тој љубезно зборуваше со мене и ме потсети дека живееме во „последните денови“. Исто така, ме праша како тоа што ќе поминам неколку години на факултет ќе се одрази врз моето пријателство со Јехова (2. Тим. 3:1). На крај, одлучив да не се запишам на факултет.

Сѐ уште не знаев што ќе правам откако ќе завршам средно училиште. Иако одев во служба секој викенд, не уживав во службата и не се гледав себеси како пионер. Во тој период, татко ми и чичко ми, кои не беа Јеховини сведоци, ме поттикнуваа да работам полновремено за една голема осигурителна компанија во Торонто. Чичко ми таму имаше висока позиција, па затоа ја прифатив работата.

Во Торонто, постојано работев прекувремено и се дружев со луѓе кои не беа Сведоци. Затоа, не бев редовен на состаноци и во служба. На почеток, живеев кај дедо ми, кој не беше Сведок. Но откако тој почина, требаше да најдам друго место за живеење.

Боб и Марион, кои ме зедоа со себе на конгресот во 1958 год., ми беа како родители. Тие ми понудија да живеам кај нив и ми помогнаа да си го зајакнам односот со Јехова. Се крстив во 1960 год. заедно со нивниот син Џон. Тој почна да служи како пионер, и неговиот пример ме поттикна да ја зголемам службата. Браќата од собранието го забележаа мојот духовен напредок, и со текот на времето бев именуван да служам како надгледник на состанокот Теократска школа за служба. a

НАОЃАМ ПРЕКРАСЕН ПАРТНЕР И ПОЧНУВАМ СО ПИОНЕРСКА СЛУЖБА

На нашата венчавка (1966)

Во 1966 год. се оженив со Ренди Берг, една ревносна пионерка, која имаше голема желба да служи на места каде што има поголема потреба. Нашиот патувачки надгледник покажа личен интерес кон нас и нѐ охрабри да помогнеме во собранието во Орилија (Онтарио). Веднаш се спакувавме и се преселивме.

Кратко откако пристигнавме во Орилија, ѝ се придружив на Ренди во општата пионерска служба. Нејзината воодушевеност брзо ме зарази и мене. Откако почнав да ја извршувам пионерската служба со цело срце, почнав да чувствувам колкава радост носи да ја користиш Библијата и да гледаш како луѓето реагираат на нејзината порака. За нас беше голем благослов тоа што можевме да му помогнеме на еден прекрасен брачен пар од Орилија да направи промени во својот живот и да почне да му служи на Јехова.

НОВ ЈАЗИК И ПРОМЕНА НА СТАВОТ

За време на една посета во Торонто, го запознав Арнолд Мек-Намара, кој беше еден од одговорните браќа во Бетел. Тој ме праша дали би сакале да служиме како специјални пионери. Веднаш му одговорив: „Апсолутно! Каде и да било само не во Квебек!“ Бев под влијание на негативното размислување што го имаа луѓето од Канада кои зборуваа англиски кон луѓето од провинцијата Квебек каде што се зборуваше француски. Во тоа време луѓето протестираа против владата и бараа провинцијата Квебек да биде независна.

Арнолд ми рече: „Моментално подружницата испраќа специјални пионери само во Квебек“. Веднаш се согласив да бидеме испратени таму. Знаев дека Ренди сака да служиме во Квебек. Подоцна сфатив дека тоа беше една од најдобрите одлуки во нашиот живот!

Откако пет седмици одевме на часови по француски, јас и Ренди заедно со уште еден брачен пар отидовме во Римуски, кој се наоѓа на околу 540 километри североисточно од Монтреал. Требаше уште многу да учиме. Тоа стана очигледно на еден состанок кога читав некои известувања. Наместо да кажам дека на претстојниот конгрес ќе дојдат многу делегати од Австрија, јас употребив погрешен збор и кажав дека ќе дојдат многу ноеви.

„Белата куќа“ во Римуски

Во Римуски, на нас четворицата ни се придружија уште четири немажени ревносни сестри, како и брат и сестра Хјубердоу и нивните две ќерки. Брат и сестра Хјубердоу изнајмија голема куќа со седум спални, и сите пионери што живеевме таму помагавме со киријата. Ја викавме „Белата куќа“ затоа што имаше бела фасада и бели столбови. Во куќата обично бевме од 12 до 14 потстанари. Бидејќи бевме специјални пионери, јас и Ренди одевме во служба и наутро, и попладне, и навечер. Затоа многу се радувавме што секогаш имаше кој да оди со нас во служба, па дури и во ладните зимски вечери.

Толку многу се зближивме со тие верни пионери што ни станаа како семејство. Понекогаш ќе запалевме оган на отворено и заедно ќе седевме околу него. А си имавме и денови во кои правевме еден посебен вид тестенини. Еден од браќата беше музичар, и затоа во саботите навечер често пеевме и игравме.

Римуски се покажа како плодно подрачје. Бевме радосни што во рок од пет години неколкумина од оние со кои ја проучувавме Библијата се крстија. Собранието порасна на 35 објавители.

Службата во Квебек ни помогна да станеме уште подобри проповедници. Можевме да видиме како Јехова ни помага во службата и околу нашите материјални потреби. Освен тоа, научивме да ги сакаме луѓето од француското говорно подрачје, нивниот јазик и нивната култура. А тоа придонесе да си го отвориме срцето и за луѓето од други култури (2. Кор. 6:13).

Неочекувано, од подружницата нѐ прашаа дали ќе можеме да се преселиме во градот Тракади, на источниот брег од Њу Брунсвик. Ни беше предизвик да прифатиме бидејќи само што имавме потпишано договор за изнајмување стан, а јас имав склучено договор да работам со скратено работно време во едно училиште. Освен тоа, некои од нашите интересенти само што станаа објавители, и бевме среде изградба на сала за состаноци.

Се молевме цел викенд во врска со тоа каква одлука да донесеме и го посетивме Тракади, кој многу се разликуваше од Римуски. Но, си рековме штом Јехова сака да бидеме таму, ќе одиме. Го ставивме Јехова на испит и гледавме како ја отстранува секоја препрека (Мал. 3:10). Како и секогаш, духовната зрелост на Ренди, нејзиниот самопожртвуван дух и смислата за хумор, многу ни ја олеснија преселбата.

Единствениот старешина во нашето ново собрание беше Роберт Рос. Тој и неговата жена Линда биле пионери, а откако им се родило нивното прво дете одлучиле да останат да живеат во Тракади. Иако требаше да се грижат за мало дете, тие беа многу гостољубиви и ревносни во службата. Тоа беше навистина големо охрабрување за мене и за Ренди.

РАДОСНО СЛУЖИМЕ ТАМУ КАДЕ ШТО ИМА ПОГОЛЕМА ПОТРЕБА

Ја посетуваме нашата прва покраина во зима

Откако две години служевме како пионери во Тракади, повторно се случи нешто неочекувано — добивме покана да служиме во патувачкото дело. Седум години служевме во покраини во кои се зборуваше англиски јазик, а потоа бевме доделени да служиме во една покраина во Квебек каде што се зборуваше француски. Нашиот областен надгледник во Квебек, Леонс Крепо, секогаш ме пофалуваше за моите говори. Но подоцна ќе ме прашаше: „Како би можеле да бидат попрактични?“ b Тоа што ми покажа личен интерес на ваков начин, ми помогна повеќе да се трудам мојот начин на поучување да биде поконкретен, попрактичен и полесен за разбирање.

Една задача на која долго ќе се сеќавам е поврзана со меѓународниот конгрес во Монтреал во 1978 год., со наслов „Победоносна вера“. Таму помагав во одделот за храна. Очекувавме да дојдат 80.000 луѓе, а целата работа околу храната требаше да се изврши на сосема поинаков начин од претходно. Сѐ беше ново — опремата, менито и начинот на подготовка. Имавме околу 20 големи ладилници кои понекогаш не работеа како што треба. Дента пред да започне конгресот не можевме да влеземе во стадионот сѐ до полноќ затоа што тој ден имаше еден спортски настан. За да направиме појадок, мораше да ги вклучиме рерните уште пред изгрејсонце! Бевме уморни, но научив многу од трудољубивоста, зрелоста и смислата за хумор на браќата и сестрите со кои соработував. Толку се зближивме што до ден-денес сме пријатели. Беше голема чест да се биде дел од овој историски конгрес во Квебек, местото каде што за време на 1940-тите и 1950-тите имаше жестоко прогонство!

Со Ренди помагаме околу подготовките за конгресот во Монтреал (1985)

За време на големите конгреси во Монтреал можев многу да научам од другите браќа кои исто така имаа задача да служат како надгледници. Една година, надгледник беше Дејвид Сплејн, кој сега е член на Водечкото тело. На еден од наредните конгреси, кога таа задача ми беше доделена мене, Дејвид спремно соработуваше.

Во 2011 год., откако со Ренди поминавме 36 години во патувачкото дело, јас бев поканет да служам како инструктор на Школата за собраниски старешини. Во рок од две години, спиевме во 75 различни кревети, но вредеа сите жртви. На крајот од секоја седмица, старешините беа многу благодарни бидејќи чувствуваа колку многу се грижи Водечкото тело за нивната духовност.

Подоцна, бев инструктор на Школата за полновремени објавители. Студентите честопати беа уморни и загрижени поради набиениот распоред. Седум часа на ден седеа во училница, секоја вечер по околу три часа се подготвуваа за следниот ден и секоја седмица подготвуваа четири или пет ученички задачи. Јас и другиот инструктор им кажувавме дека нема да успеат без Јеховина помош. Никогаш нема да заборавам колку изненадени беа студентите кога ќе сфатеа дека, благодарение на тоа што се потпираа на Јехова, успеваа да направат многу повеќе отколку што си мислеа дека е можно.

ПОЗИТИВНИ РЕЗУЛТАТИ ОД ЛИЧНИОТ ИНТЕРЕС КОН ДРУГИТЕ

Тоа што мајка ми покажуваше личен интерес кон другите, придонесе нејзините интересенти да напредуваат, па дури и да омекне ставот на татко ми кон вистината. На наше изненадување, три дена откако мајка ми почина, тој дојде да слуша едно јавно предавање во салата и продолжи да присуствува на состаноците следните 26 години. Иако татко ми никогаш не се крсти, старешините ми кажаа дека тој секогаш доаѓал прв на состаноците.

Мајка ми беше одличен пример за мене и за моите три сестри. Тие, заедно со нивните сопрузи, верно му служат на Јехова. Две од нив служат во Бетел — едната во Португалија, а другата на Хаити.

Јас и Ренди сега служиме како специјални пионери во Хамилтон (Онтарио). Додека служевме во патувачкото дело, уживавме да одиме со другите на нивните повторни посети и библиски курсеви. Но сега гледаме како нашите интересенти духовно напредуваат, и тоа ни носи голема радост. А како што сѐ повеќе се зближуваме со браќата и сестрите од нашето ново собрание, нѐ охрабрува тоа што гледаме како Јехова им помага и во добро и во лошо.

Кога размислуваме за минатото, благодарни сме што многу браќа и сестри покажаа личен интерес кон нас. За возврат, и ние се трудевме да покажуваме „голема грижа“ кон другите така што ги поттикнувавме да му служат на Јехова најдобро што можат (2. Кор. 7:6, 7). На пример, во едно семејство мајката, синот и ќерката беа во полновремена служба. Го прашав таткото дали некогаш размислувал и тој да служи како пионер. Ми одговори дека веќе поддржува тројца пионери. Тогаш го прашав: „Мислиш ли дека можеш да ги поддржуваш подобро отколку Јехова?“ Го поттикнав и тој да ја почувствува радоста што тие ја чувствуваа. По шест месеци, и тој стана општ пионер.

Јас и Ренди ќе продолжиме да му раскажуваме „на следното поколение“ за Јеховините „чудесни дела“, со надеж дека службата за Јехова ќе им донесе голема радост како што ни донесе и нам (Пс. 71:17, 18).

a Сега се нарекува надгледник на состанокот Нашиот живот и служба.

b Види ја животната приказна на Леонс Крепо, која излезе во Стражарска кула од февруари 2020, стр. 26-30.