СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 30
Нека расте твојата љубов кон Јехова и кон другите
Се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да расте (ФИЛ. 1:9)
ПЕСНА 2 Јехова е името твое
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Кои вистини ги дозна кога почна да ја проучуваш Библијата?
ДАЛИ се сеќаваш на времето кога почна да ја проучуваш Библијата? Можеби беше изненаден кога дозна дека Бог има име. Можеби почувствува големо олеснување кога сфати дека Бог не ги мачи луѓето во пекол. И веројатно многу се израдува кога дозна дека ќе можеш повторно да ги видиш твоите најблиски кои починале и дека ќе можеш да живееш со нив во рај на Земјата.
2. Освен што си ги дознал библиските вистини, како си продолжил да напредуваш? (Ефешаните 5:1, 2).
2 Колку повеќе си ја проучувал Божјата Реч, толку повеќе растела твојата љубов кон Јехова. А таа љубов те поттикнала да го примениш она што си го научил. На темел на библиските начела си почнал да носиш подобри одлуки. Си направил промени во своето размислување и во постапките бидејќи си сакал да му угодиш на Бог. Исто како што едно дете се труди да постапува по примерот на својот грижлив родител и ти си почнал да постапуваш како твојот небесен Татко. (Прочитај Ефешаните 5:1, 2.)
3. Кои прашања би можеле да си ги поставиме?
3 Би можеле да се прашаме: „Дали мојата љубов кон Јехова е посилна сега отколку кога станав христијанин? Дали откако се крстив станав посличен на Јехова, особено во покажувањето љубов кон браќата и сестрите?“ Ако сфатиш дека твојата љубов кон Јехова и кон другите не е силна како порано, немој да се обесхрабруваш. Нешто слично им се случило и на христијаните во првиот век. Исус не се откажал од нив, а не се откажува ниту од нас (Отк. 2:4, 7). Тој знае дека можеме повторно да ја разгориме љубовта што сме ја чувствувале кога првпат сме ја дознале вистината.
4. Што ќе разгледаме во оваа статија?
4 Во оваа статија ќе разгледаме што треба да правиме за нашата љубов кон Јехова и кон другите да продолжи да расте. Потоа ќе разгледаме какви благослови ќе добиеме ако ја зајакнеме нашата љубов, и како тоа ќе влијае врз другите.
НЕКА РАСТЕ ТВОЈАТА ЉУБОВ КОН ЈЕХОВА
5-6. а) Со какви предизвици се соочил Павле во текот на својата служба? б) Што го поттикнало Павле да продолжи да му служи на Јехова?
5 Апостол Павле водел исполнет живот во службата за Јехова, но имал и многу предизвици. Тој често одел на долги патувања, а во тоа време патувањето не било лесно. Додека патувал, Павле понекогаш бил „во опасност од реки“ и „во опасност од разбојници“. Исто така, понекогаш бил тепан од неговите противници (2. Кор. 11:23-27). А браќата не покажувале секогаш благодарност за трудот што го вложувал за да им помогне (2. Кор. 10:10; Фил. 4:15).
6 Што му помогнало на Павле да продолжи да му служи на Јехова? Павле научил многу за особините на Јехова од светите списи и од она што лично го доживеал. Тој се уверил дека Јехова Бог го сака (Рим. 8:38, 39; Еф. 2:4, 5). А и тој многу го засакал Јехова. Павле ја покажал својата љубов кон Јехова така што им служел на светите и продолжил да им служи (Евр. 6:10).
7. Кој е еден начин на кој можеме да придонесеме нашата љубов кон Јехова да расте?
7 Нашата љубов кон Бог ќе може да расте ако трудољубиво ја проучуваме неговата Реч. Додека читаш некој дел од Библијата обиди се да разбереш што открива тој за Јехова. Прашај се: „Како овој извештај ми покажува дека Јехова ме сака? Кои причини ми ги дава за да го сакам Јехова?“
8. Како може молитвата да придонесе нашата љубов кон Бог да расте?
8 Друг начин на кој можеме да придонесеме нашата љубов кон Јехова да расте е така што редовно ќе му се молиме и ќе му кажуваме како се чувствуваме (Пс. 25:4, 5). А тој ќе одговори на нашите молитви (1. Јов. 3:21, 22). Кајла, b една сестра од Азија, вели: „На почеток, мојата љубов кон Јехова се темелеше само на знаење. Но, откако видов како тој одговара на моите молитви, таа љубов уште повеќе се продлабочи. Тоа ме поттикна да го правам она што го радува“.
НЕКА РАСТЕ ТВОЈАТА ЉУБОВ КОН ДРУГИТЕ
9. По што се гледало дека Тимотеј постојано си ја зајакнувал љубовта кон браќата и сестрите?
9 Неколку години откако станал христијанин, Павле го запознал Тимотеј. Тимотеј го сакал Јехова, а ги сакал и луѓето. Павле им кажал на Филипјаните: „Немам никој друг како [Тимотеј], кој вистински би се грижел за вашата благосостојба“ (Фил. 2:20). Павле тука не кажал дека Тимотеј е добар организатор или добар говорник. Павле очигледно бил воодушевен од љубовта што Тимотеј ја покажувал кон браќата и сестрите. Без сомнение, собранијата многу се радувале на посетите од Тимотеј (1. Кор. 4:17).
10. Како Ана и нејзиниот сопруг ја покажале својата љубов кон браќата и сестрите?
10 И ние бараме начини да им помагаме на нашите браќа и сестри (Евр. 13:16). Да го разгледаме примерот на Ана, која беше спомната во претходната статија. После една силна бура, таа и нејзиниот сопруг посетиле едно семејство Сведоци и виделе дека покривот од нивната куќа бил срушен. Поради тоа, семејството немало чиста облека. Ана вели: „Ја зедовме нивната облека, ја исправме и им ја вративме испеглана и здиплена. За нас, тоа не беше голема работа, но поради тоа меѓу нас се разви цврсто пријателство кое трае до ден-денес“. Љубовта што Ана и нејзиниот сопруг ја имаат кон браќата и сестрите ги поттикнала да им пружат практична помош (1. Јов. 3:17, 18).
11. а) Како може да влијае врз другите тоа што се трудиме да им покажеме љубов? б) Според Изреки 19:17, како реагира Јехова кога покажуваме љубов кон другите?
11 Кога покажуваме љубов кон другите, тие обично забележуваат дека се трудиме да размислуваме и постапуваме како Јехова. Освен тоа, тие можеби ја ценат нашата добрина повеќе отколку што си мислиме. Кајла, која ја спомнавме претходно, има пријатни спомени од оние кои ѝ помагале кога била мала. Таа вели: „Многу сум им благодарна на сите драги сестри кои ме носеа со нив во служба. Тие ме земаа од дома, ме носеа кај нив да јадеме нешто заедно, а потоа безбедно ме враќаа дома. Сега сфаќам колку труд требало да вложат за тоа. И сето ова го правеа со љубов!“ Се разбира, нема сите да ни се заблагодарат за она што го правиме за нив. Во врска со оние што ѝ помагале, Кајла вели: „Би сакала да им се оддолжам за сите добри работи што ги направија за мене, ама не знам каде живеат. Но, Јехова знае, и го молам да им се оддолжи наместо мене“. Кајла е во право. Јехова ги забележува дури и најмалите добри работи што ги правиме за другите. За него тие се како скапоцена жртва и долг кој тој ќе ни го отплати. (Прочитај Изреки 19:17.)
12. Како можат браќата да ја покажат својата љубов кон собранието? (Види ги и сликите.)
12 Ако си брат, како можеш да покажеш љубов кон другите и да им помагаш? Еден млад брат по име Џордан, прашал еден старешина како би можел да помага повеќе во собранието. Старешината го пофалил за напредокот што дотогаш го направил и му кажал што друго би можел да прави. На пример, му предложил да доаѓа порано во салата за состаноци за да може да ги поздрави другите. Исто така, му рекол да коментира на состаноците, редовно да оди во служба со својата група за проповедање и да размислува како би можел практично да им помага на другите. Додека Џордан ги применувал овие совети, тој не само што стекнувал нови вештини туку и си ја продлабочувал љубовта кон своите браќа и сестри. Џордан сфатил дека кога еден брат ќе стане слуга-помошник тој не почнува тогаш да им помага на другите туку само продолжува да го прави тоа (1. Тим. 3:8-10, 13).
13. Како љубовта го поттикнала брат Христијан повторно да служи како старешина?
13 Што ако порано си служел како слуга-помошник или старешина? Јехова се сеќава на сѐ што си правел во минатото и на љубовта која те поттикнувала да го правиш тоа (1. Кор. 15:58). Исто така, тој ја забележува љубовта која и понатаму ја покажуваш. Еден брат по име Христијан бил разочаран кога му била одземена одговорноста да служи како старешина. Сепак, тој вели: „Одлучив да правам сѐ што можам за да му служам на Јехова од љубов, без разлика дали имам некоја одговорна положба или не“. По некое време, тој повторно почнал да служи како старешина. Христијан признава: „Малку се плашев повторно да служам како старешина. Но си реков дека, ако Јехова во својата милост повторно ми дозволува да ја извршувам таа одговорност, тогаш ќе прифатам од љубов кон него и кон моите браќа и сестри“.
14. Што учиш од она што го кажала сестра Елена?
14 Слугите на Јехова покажуваат љубов и кон своите ближни (Мат. 22:37-39). На пример, Елена, една сестра од Грузија, вели: „На почеток, единствената причина поради која проповедав беше мојата љубов кон Јехова. Но, како што растеше мојата љубов кон мојот небесен Татко, растеше и мојата љубов кон луѓето. Се обидував да си претставам со какви проблеми се соочуваат и за кои теми најмногу би сакале да зборуваат. Колку повеќе размислував за нив на овој начин, толку повеќе сакав да им помогнам“ (Рим. 10:13-15).
ЈЕХОВА НЀ БЛАГОСЛОВУВА КОГА ПОКАЖУВАМЕ ЉУБОВ КОН ДРУГИТЕ
15-16. Како што се гледа од сликите, какви благослови произлегуваат од тоа што покажуваме љубов кон другите?
15 Кога покажуваме љубов кон нашите браќа, тие не се единствените на кои тоа им користи. Откако почнала пандемијата со КОВИД-19, брат Паоло и неговата жена им помогнале на голем број постари сестри да научат како да ги користат своите електронски уреди за да сведочат. Една сестра, на која отпрвин ѝ било тешко да го користи својот електронски уред, на крајот успеала во тоа и ги поканила своите роднини да присуствуваат на Спомен-свеченоста. Шеесет од нив го слушале говорот преку видеоконференција! И сестрата и нејзините роднини извлекле корист од трудот што го вложиле Паоло и неговата жена. Подоцна, таа му напишала на Паоло: „Фала ви што ни помагате на нас постарите. Никогаш нема да ја заборавам Јеховината грижа и огромниот труд што го вложивте“.
16 Од искуствата како ова, Паоло извлекол една важна поука — дека љубовта е поважна од знаењето и од вродените способности. Тој се присетува: „Порано служев како покраински надгледник. Денес сфаќам дека, иако објавителите можеби ги заборавиле моите говори, тие сѐ уште се сеќаваат на практичната помош што сум им ја пружил“.
17. На кој друг ќе му користи тоа што ние покажуваме љубов?
17 Кога покажуваме љубов кон другите и ние самите може да добиеме неочекувани благослови. Џонатан, кој живее на Нов Зеланд, го потврдува ова. Едно жешко саботно попладне, тој видел еден пионер како сам сведочи на улица. Џонатан одлучил редовно да оди со него во служба секоја сабота попладне. Во тоа време, тој не бил свесен како нему лично ќе му користи добрината која ја покажал кон братот. Џонатан признава: „Во тој период од мојот живот не ја сакав многу службата. Но, додека гледав како овој брат поучуваше и колку беше успешен во службата, во мене се разгоре вистинска љубов кон проповедањето. Исто така, тој стана мој близок пријател кој ми помогна духовно да напредувам, да уживам во службата и да се зближам со Јехова“.
18. Што сака Јехова да правиме?
18 Јехова сака нашата љубов кон него и кон другите да продолжи да расте. Како што видовме во оваа статија, можеме да ја зајакнеме нашата љубов кон Јехова така што ќе ја читаме неговата Реч, ќе размислуваме за неа и така што редовно ќе се молиме. Нашата љубов кон браќата и сестрите ќе расте ако им помагаме на практични начини. Додека нашата љубов расте, ќе стануваме сѐ поблиски со Јехова и со нашето духовно семејство. А на овие пријателства ќе можеме да им се радуваме во сета вечност!
ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце!
a Без разлика дали сме нови во вистината или веќе многу години му служиме на Јехова, сите ние можеме и понатаму да напредуваме. Во оваа статија ќе разгледаме еден важен начин на кој можеме да го постигнеме ова — така што ќе ја зголемуваме нашата љубов кон Јехова и кон другите. Додека ја проучуваш оваа статија размисли колку си напредувал досега и како можеш уште повеќе да напредуваш.
b Некои имиња се сменети.