Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дозволи им на Божјите закони и начела да ти ја обликуваат совеста

Дозволи им на Божјите закони и начела да ти ја обликуваат совеста

Размислувам за твоите опомени (ПС. 119:99)

ПЕСНИ: 127, 88

1. Која е една работа по која луѓето се разликуваат од животните?

ЈЕХОВА им дал на луѓето нешто посебно — совеста. Ова е една работа по која се разликуваме од животните. Од каде знаеме дека првите луѓе, Адам и Ева, имале совест? Откако го прекршиле Јеховиниот закон, тие се скриле. Од ова се гледа дека им реагирала совеста.

2. Во која смисла нашата совест е како компас? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

2 Нашата совест е внатрешно чувство за исправно и погрешно кое може да нѐ води во животот. Човек чија совест не е добро обликувана може да се спореди со брод што има расипан компас. Ветровите и морските струи можат да го одведат бродот во погрешен правец. Но ако компасот добро функционира, ќе му помогне на капетанот да го управува бродот во исправна насока. Слично на тоа, ако нашата совест е исправно обликувана, ќе ни даде добро водство.

3. Што може да се случи ако совеста не ни е добро обликувана?

3 Ако совеста не ни е добро обликувана, нема да нѐ спречи да постапиме погрешно, па може дури и да нѐ убеди дека злото е добро (Иса. 5:20; 1. Тим. 4:1, 2). Исус им рекол на своите следбеници: „Доаѓа часот кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека му служи на Бог“ (Јован 16:2). Така мислеле и оние што го убиле ученикот Стефан (Дела 6:8, 12; 7:54-60). Низ историјата, многу религиозни фанатици правеле големи злодела, на пример убиства, а тврделе дека тоа го прават за Бог. Но така, всушност, ги кршеле Божјите закони (2. Мој. 20:13). Јасно е дека нивната совест не им дала исправно водство!

4. Што може да ни помогне нашата совест исправно да функционира?

4 Што може да ни помогне нашата совест исправно да функционира? Законите и начелата во Божјата Реч се корисни „за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“ (2. Тим. 3:16). Затоа мора редовно да ја проучуваме Библијата, длабоко да размислуваме за она што ни го кажува и да го применуваме тоа во животот. Така ќе научиме сѐ повеќе да размислуваме како Јехова, и совеста ќе ни дава исправно водство. Да видиме како можат Јеховините закони и начела да ни ја обликуваат совеста.

ДОЗВОЛИ ИМ НА БОЖЈИТЕ ЗАКОНИ ДА ТИ ЈА ОБЛИКУВААТ СОВЕСТА

5, 6. Како ни користат Божјите закони?

5 Ако сакаме да имаме корист од Божјите закони, не е доволно само да ги читаме и да ги знаеме. Треба да ги сакаме и да ги почитуваме. Библијата вели: „Мразете го злото, а сакајте го доброто“ (Амос 5:15). Но како можеме да го правиме тоа? Мора да научиме да гледаме на работите како што гледа Јехова. Размисли за следнава споредба: Замисли дека имаш проблеми со спиењето. Лекарот те советува да јадеш здрава храна, повеќе да вежбаш и да направиш други промени во начинот на живеење. Ти ги применуваш тие совети и сфаќаш дека навистина ти помагаат! Сигурно ќе му бидеш многу благодарен на лекарот што ти помогнал да си го подобриш животот.

6 Слично на тоа, нашиот Творец ни дал закони за да нѐ заштити од последиците на гревот и за да ни помогне поубаво да живееме. Размисли колку ни користи тоа што се држиме за библиските закони во врска со лажењето, мамењето, крадењето, сексуалниот неморал, насилството и спиритизмот. (Прочитај Изреки 6:16-19; Отк. 21:8.) Кога гледаме колку големи благослови добиваме затоа што сме му послушни на Јехова, расте нашата љубов кон него и кон неговите закони.

7. Како можат да ни помогнат библиските извештаи?

7 Ние не мора да ги трпиме последиците од непослушноста кон Божјите закони за да научиме што е исправно, а што погрешно. Можеме да учиме од грешките што ги направиле другите во минатото. Овие примери се запишани во Библијата. Во Изреки 1:5 стои: „Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи, и разумниот ќе прифати мудри упатства“. Бог ни ги дава најдобрите можни совети. Еден начин на кој можеме да ги добиеме тие совети е да ги читаме библиските извештаи и да размислуваме за нив. На пример, размисли колку многу страдал Давид затоа што не го послушал Јехова и направил прељуба со Витсавеа (2. Сам. 12:7-14). Додека го читаме овој извештај, можеме да се прашаме: „Како можел Давид да ги избегне овие проблеми? Кога јас би се нашол во слично искушение, дали би имал сила да му одолеам? Дали би направил неморал како Давид или би побегнал како Јосиф?“ (1. Мој. 39:11-15). Ако размислуваме за лошите последици од гревот, сѐ повеќе ќе го мразиме злото.

8, 9. а) Како ни помага нашата совест? б) Како начелата се поврзани со совеста?

8 Се разбира, секој од нас е решен да не ги прави работите што Бог ги мрази. Но што ако се најдеме во ситуација за која нема конкретен закон во Библијата? Како би можеле тогаш да утврдиме што сака Бог да направиме? Доколку сме дозволиле Библијата да ја обликува нашата совест, ќе донесеме мудра одлука.

9 Јехова од љубов ни дал начела кои можат да ја водат нашата совест. Самиот тој ни вели: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“ (Иса. 48:17, 18). Со тоа што длабоко размислуваме за библиските начела и им дозволуваме да влијаат врз нашето срце, ја исправаме и ја обликуваме нашата совест. А тоа ни помага да носиме мудри одлуки.

ДОЗВОЛИ ИМ НА БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА ДА ТЕ ВОДАТ

10. Што е начело, и како Исус користел начела додека ги поучувал другите?

10 Начело е основна вистина од Библијата што ни помага да донесуваме добри одлуки. Тоа што ги познаваме начелата од Јехова ни помага да разбереме како размислува тој и зошто ни дал одредени закони. За време на својата служба, Исус користел начела за да ги поучи своите ученици дека лошите ставови и постапки си носат последици. На пример, ги поучил дека гневот води до насилство, а неморалните мисли до прељуба (Мат. 5:21, 22, 27, 28). Кога им дозволуваме на Јеховините начела да нѐ водат, нашата совест ќе биде добро обликувана, а ние ќе носиме одлуки со кои ќе го славиме Бог (1. Кор. 10:31).

Еден зрел христијанин ја почитува совеста на другите (Види во пасуси 11, 12)

11. Како може совеста на двајца Божји слуги да се разликува?

11 Иако христијаните ја обликуваат својата совест со помош на Библијата, тие сепак можат да донесат различни одлуки за една иста работа. Да размислиме за пиењето алкохол. Библијата не вели дека е погрешно умерено да се пие алкохол. Но таа нѐ предупредува да не пиеме премногу и да не се опиваме (Изр. 20:1; 1. Тим. 3:8). Дали ова значи дека, сѐ додека не претерува со пиењето, еден Божји слуга не треба да зема предвид други фактори? Не. Дури и ако неговата совест му дозволува да пие алкохол, треба да мисли и на совеста на другите.

12. Како можат зборовите од Римјаните 14:21 да ни помогнат да ја почитуваме совеста на другите?

12 Павле кажал дека треба да ја почитуваме совеста на другите. Тој напишал: „Добро е да не се јаде месо и да не се пие вино и да не се прави ништо од кое твојот брат би можел да се спрепне“ (Рим. 14:21). Значи, иако имаме право да пиеме алкохол, треба да бидеме спремни да го жртвуваме тоа право ако знаеме дека пиењето ќе ја повреди совеста на друг брат. Можеби тој бил зависник од алкохол пред да ја дознае вистината и затоа одлучил воопшто да не пие. Не би сакале да направиме нешто со што би го навеле да се врати на лошите навики (1. Кор. 6:9, 10). Кога тој брат би дошол кај нас на гости, дали ќе го тераме да пие, дури и ако тој одбива? Се разбира дека не!

13. Како Тимотеј покажал почит кон совеста на другите за да им помогне да ја прифатат добрата вест?

13 Кога имал околу 20 години, Тимотеј се согласил да биде обрежан иако тоа било многу болно. Тој знаел дека обрежувањето било важно за Евреите на кои требало да им проповеда. Тимотеј, исто како апостол Павле, не сакал да ги спрепне другите (Дела 16:3; 1. Кор. 9:19-23). Дали и ти си спремен да правиш жртви за да им помогнеш на другите?

„ДА НАПРЕДУВАМЕ КОН ЗРЕЛОСТ“

14, 15. а) Што е потребно за да станеме зрели? б) Како зрелите христијани постапуваат со другите?

14 Сите Божји слуги треба да имаат желба да го остават „основното учење за Христос“ и да напредуваат кон зрелост (Евр. 6:1). Но зрели христијани не стануваме автоматски, само затоа што сме во вистината многу години. Мора постојано да вложуваме труд за да успееме во тоа. Треба сѐ повеќе да расте нашето познавање и разбирање на Божјата Реч. Затоа треба секој ден да ја читаме Библијата (Пс. 1:1-3). Дали го правиш тоа? Така подобро ќе се запознаеш со Божјата Реч и подобро ќе ги разбереш Јеховините закони и начела.

15 Кој е најважниот закон за вистинските христијани? Тоа е законот на љубовта. Исус им кажал на своите следбеници: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Јаков, братот на Исус, напишал дека љубовта е „царскиот закон“ (Јак. 2:8). А Павле рекол дека „љубовта е исполнување на Законот“ (Рим. 13:10). Не сме изненадени што љубовта е толку нагласена во Библијата, бидејќи во неа пишува дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). За Бог, љубовта не е само чувство. Тој ја покажува својата љубов со постапки. Јован напишал: „Божјата љубов се покажа на нас во ова: Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него“ (1. Јов. 4:9). Кога покажуваме љубов кон Јехова, кон Исус, кон нашите браќа, како и кон други луѓе, даваме доказ дека сме зрели христијани (Мат. 22:37-39).

Ако постојано ги земаме предвид библиските начела, ќе можеме да се потпреме на нашата совест (Види во пасус 16)

16. Додека созреваме во духовен поглед, зошто расте нашето ценење за начелата?

16 Додека созреваме во духовен поглед, сѐ повеќе ги цениме библиските начела. Зошто? Законите обично важат за конкретна ситуација, но начелата можат да се применат во најразлични ситуации. На пример, едно мало дете не разбира колку е опасно лошото друштво. Затоа неговите родители му поставуваат правила за да го заштитат (1. Кор. 15:33). Но, додека созрева, детето учи како да донесува одлуки на темел на библиските начела. Овие начела можат да му помогнат да избере добри пријатели. (Прочитај 1. Коринќаните 13:11; 14:20.) Колку почесто ги земаме предвид библиските начела при донесувањето одлуки, толку повеќе можеме да се потпреме на нашата совест. Ни станува појасно како би сакал Бог да постапиме во одредена ситуација.

17. Зошто можеме да кажеме дека имаме сѐ што ни е потребно за да носиме мудри одлуки?

17 Ние имаме сѐ што ни треба за да носиме одлуки со кои ќе го радуваме Јехова. Во Библијата се запишани закони и начела кои му помагаат на секој Божји слуга да биде „вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тим. 3:16, 17). Библиските начела ни помагаат да разбереме како размислува Јехова. Но треба да вложиме труд за да ги најдеме (Еф. 5:17). Во тоа можат да ни помогнат Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци, компјутерската програма Watchtower Library, ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА Watchtower и апликацијата JW Library. Овие работи се наменети да ни помогнат да извлечеме целосна корист од личното и семејното проучување на Библијата.

БИБЛИСКИ ОБЛИКУВАНАТА СОВЕСТ НОСИ БЛАГОСЛОВИ

18. Кои благослови ќе ги добиеме ако постапуваме во склад со Јеховините закони и начела?

18 Кога сме послушни на Јеховините закони и начела, добиваме многу благослови. Тоа се гледа и од Псалм 119:97-100, каде што пишува: „Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него. Твојата заповед ме прави помудар од моите непријатели, зашто таа ќе биде моја довека. Стекнав поголема разборитост отколку сите мои учители, зашто размислувам за твоите опомени. Поразборит сум и од старците, зашто се држам за твоите наредби“. Доколку одвојуваме време за длабоко да размислуваме за Божјите закони и начела, ќе стекнеме поголема мудрост и разбирање. А ако дозволиме тие закони и начела да ни ја обликуваат совеста, ќе „пораснеме до Христовата полнота“ (Еф. 4:13).