Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Моето царство не е дел од овој свет“

„Моето царство не е дел од овој свет“

За тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината (ЈОВАН 18:37)

ПЕСНИ: 15, 74

1, 2. а) Кои се некои причини за поделби меѓу луѓето во светот? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

ЕДНА сестра од јужна Европа го вели следново во врска со своето минато: „Уште од мала гледав само неправди. Затоа бев против политичкиот систем во мојата земја, и поддржував идеи кои многумина ги сметаа за радикални. Всушност, многу години му бев девојка на еден терорист“. Еден брат од јужна Африка објаснува зошто порано бил насилен: „Верував дека моето племе е подобро од сите други, и станав член на една политичка партија. Бевме поучени да ги убиваме нашите противници со копје — дури и оние од нашето племе кои поддржуваа други политички партии“. Една сестра во централна Европа признава: „Имав многу предрасуди и ги мразев сите кои беа од друга националност или религија“.

2 Денес, сѐ повеќе луѓе имаат вакви ставови. Многу политички групи користат насилство за да стекнат независност. Луѓето сѐ повеќе се расправаат околу политиката. Освен тоа, во многу земји има сѐ поголема омраза кон странците. Токму како што прорекла Библијата, луѓето во овие последни денови се „неспремни за каков и да било договор“ (2. Тим. 3:1, 3). Како можат Божјите слуги да го зачуваат своето единство во овој свет во кој има сѐ повеќе поделби меѓу луѓето? Можеме многу да научиме од примерот на Исус. И во негово време имало многу немири поради различните политички убедувања на луѓето. Во оваа статија ќе го добиеме одговорот на три прашања: Зошто Исус не сакал да се придружи на ниту една политичка група? Како тој покажал дека Божјите слуги не смеат да заземаат страна во однос на политичките прашања? И како Исус нѐ поучил дека никогаш не треба да бидеме насилни?

ДАЛИ ИСУС ГИ ПОДДРЖУВАЛ ОНИЕ ШТО СЕ БОРЕЛЕ ЗА НЕЗАВИСНОСТ?

3, 4. а) Какви очекувања имале многу Евреи во времето на Исус? б) Како таквите ставови влијаеле врз учениците на Исус?

3 Голем број Евреи на кои Исус им проповедал копнееле да се ослободат од римската власт. Еврејските зелоти, една фанатичка политичка група, правеле сѐ што можеле за уште повеќе да ја разгорат таа желба кај нивните сонародници. Многу зелоти биле следбеници на Јуда Галилеецот, кој живеел во времето на Исус. Јуда бил лажен месија кој завел многу луѓе. Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј напишал дека Јуда Галилеецот ги поттикнувал Евреите да се борат против римските власти и дека ги нарекувал плашливци оние што се согласувале да им плаќаат данок на Римјаните. На крајот Римјаните го погубиле Јуда (Дела 5:37). Некои зелоти дури се обиделе со насилство да ги постигнат своите цели.

4 За разлика од овие фанатици, обичните Евреи едвај чекале да дојде Месијата. Тие мислеле дека тој ќе ги ослободи од Римјаните и дека ќе направи Израелците пак да бидат голем народ (Лука 2:38; 3:15). Многумина верувале дека Месијата ќе воспостави царство во Израел и дека тогаш сите Евреи кои живееле во различни места низ светот ќе се вратат во својата земја. Дури и Јован Крстител еднаш го прашал Исус: „Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме некој друг?“ (Мат. 11:2, 3). Можеби Јован се прашувал дали некој друг ќе дојде за да ги ослободи Евреите. Подоцна, на патот за Емаус, двајца ученици го сретнале Исус откако воскреснал. Тие се надевале дека Исус ќе го ослободи Израел. (Прочитај Лука 24:21.) Кратко потоа, апостолите го прашале Исус: „Господару, дали во ова време ќе му го обновиш царството на Израел?“ (Дела 1:6).

5. а) Зошто луѓето од Галилеја сакале Исус да им биде цар? б) Како Исус го исправил нивното размислување?

5 Евреите очекувале Месијата да ги реши нивните проблеми. Веројатно затоа луѓето од Галилеја сакале Исус да им биде цар. Сигурно си мислеле дека тој би бил најдобриот водач. Исус бил извонреден говорник, можел да ги лекува болните, а можел дури и да обезбедува храна за гладните. Откако нахранил околу 5.000 мажи, народот бил воодушевен. Тој сфатил што сакаат тие луѓе да направат. Библијата вели: „Исус, бидејќи знаеше дека сакаа да дојдат, да го фатат и да го направат цар, повторно се повлече во планината, сосема сам“ (Јован 6:10-15). Следниот ден, воодушевеноста кај луѓето изгледа спласнала. Тогаш Исус им објаснил дека не дошол за да ги задоволи нивните материјални потреби, туку да ги поучи за Божјето Царство. Тој им рекол: „Немојте да работите за храна што пропаѓа, туку за храна што останува за вечен живот“ (Јован 6:25-27).

6. Како Исус јасно покажал дека не сака политичка моќ на Земјата? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

6 Кратко пред својата смрт, Исус сфатил дека некои од неговите следбеници верувале дека тој ќе почне да владее како цар во Ерусалим. Исус им ја кажал споредбата за мините за да им помогне да разберат дека тоа нема да се случи. Споредбата покажувала дека Исус, човекот со благородничко потекло, ќе морал да замине на подолго време (Лука 19:11-13, 15). Исто така, тој јасно му кажал на римскиот управител Понтиј Пилат дека не зазема ничија страна во политиката. Пилат го прашал: „Дали си ти царот на Евреите?“ (Јован 18:33). Можеби се плашел дека Исус ќе го поттикне народот да крене бунт против Римјаните. Но Исус му одговорил: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36). Тој не сакал да се меша во политика бидејќи неговото Царство ќе било на небото. Исус рекол дека дошол на Земјата со цел да сведочи за вистината. (Прочитај Јован 18:37.)

Дали се концентрираш на проблемите во светот или на Божјето Царството? (Види во пасус 7)

7. Зошто може да биде тешко да не поддржуваме ниту една политичка група дури ни во нашето срце?

7 Ако и нам како на Исус ни е јасно каква задача ни доверил Бог, нема да поддржуваме ниту една политичка група, дури ни во нашето срце. Ова не е секогаш лесно. Еден патувачки надгледник вели: „Луѓето во нашето подрачје имаат сѐ поекстремни ставови. Национализмот зема сѐ поголем замав и многу луѓе веруваат дека ќе живеат подобро ако стекнат политичка независност. Но, добро е што браќата остануваат обединети така што продолжуваат ревносно да ја проповедаат добрата вест. Тие имаат доверба дека Бог ќе ги реши неправдите и другите проблеми со кои се соочуваме“.

КАКО ИСУС ОСТАНАЛ НЕУТРАЛЕН ВО ПОГЛЕД НА ПОЛИТИКАТА?

8. Какви неправди трпеле многу Евреи во времето на Исус?

8 Кога луѓето гледаат неправди околу себе, тие честопати почнуваат уште повеќе да се интересираат за политика. Во времето на Исус, плаќањето даноци било важно политичко прашање кое создавало поделби меѓу луѓето. Всушност, Јуда Галилеецот, кој го спомнавме претходно, се побунил против римските власти бидејќи направиле попис на народот за да бидат сигурни дека сите ќе плаќаат данок. А имало многу даноци — данок за земјиште, данок за куќа итн. Исто така, даночниците биле многу корумпирани, а тоа уште повеќе го влошувало проблемот. Тие можеле на јавна аукција да купат поголеми овластувања како даночници, а потоа ја користеле својата положба за да се збогатат. Закхеј, главниот даночник во Ерихон, станал богат бидејќи изнудувал пари од луѓето (Лука 19:2, 8).

9, 10. а) Како непријателите на Исус се обиделе да го натераат да се вмеша во едно политичко прашање? б) Што учиме од одговорот што го дал Исус? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

9 Непријателите на Исус се обиделе да го натераат да заземе страна во однос на прашањето за даноците. Тие го прашале дали треба да му плаќаат „данок на цезарот“, кој изнесувал еден денариј и бил задолжителен за сите Евреи. (Прочитај Матеј 22:16-18.) Евреите многу го мразеле овој данок бидејќи ги потсетувал дека се под власта на Римјаните. „Приврзаниците на Ирод“ кои му го поставиле прашањето на Исус се надевале дека ќе го фатат за збор. Ако Исус речел дека не треба да го плаќаат данокот, можеле да го обвинат дека е непријател на Римското Царство. Ако речел дека треба да го плаќаат данокот, можел да ги изгуби следбениците.

10 Исус внимавал да не заземе ничија страна во ова прашање. Тој рекол: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Мат. 22:21). Се разбира, Исус знаел дека многу даночници се корумпирани, но не се концентрирал на ова. Наместо тоа, го насочил вниманието кон Божјето Царство — вистинското решение за човечките проблеми. Со тоа Исус ни дал добар пример. Не треба да заземаме страна во политичките прашања, дури и ако ни се чини дека едната страна е во право, а другата не. На вистинските христијани им е најважно Божјето Царство и неговата праведност. Од таа причина, кога нешто ни се чини неправедно во општеството, ние не заземаме страни ни со збор ни во мислите (Мат. 6:33).

11. Каде е најмудро да ја насочиме нашата желба за правда?

11 Многу Јеховини сведоци успеале да ги отфрлат цврсто вкоренетите политички ставови кои ги имале порано. На пример, пред да ја дознае вистината, една сестра од Велика Британија завршила факултет по социологија. Поради тоа развила екстремистички политички ставови. Таа вели: „Сакав да се борам за правата на црнците бидејќи доживувавме многу неправди. Иако лесно ги победував другите во политички дебати, сепак на крајот бев разочарана. Не сфаќав дека расните предрасуди треба да се искоренат од срцата на луѓето. Но, кога почнав да ја проучувам Библијата, сфатив дека мора да почнам од моето срце“. Кој ѝ помогнал во тоа? Токму една сестра од белата раса која стрпливо ѝ помогнала да си го смени ставот. Таа додава: „Сега служам како општ пионер во собрание на знаковен јазик, и учам да им проповедам на најразлични луѓе“.

„ВРАТИ ГО СВОЈОТ МЕЧ НА НЕГОВОТО МЕСТО“

12. Од каков „квасец“ требало да се чуваат учениците на Исус?

12 Во времето на Исус, верските водачи честопати поддржувале некоја политичка група. На пример, во една историска книга пишува дека тогаш Евреите биле поделени на верски групи слични на денешните политички партии (Daily Life in Palestine at the Time of Christ). Токму затоа, Исус ги предупредил своите ученици: „Бидете претпазливи, чувајте се од квасецот на фарисеите и од квасецот Иродов“ (Мар. 8:15). Кога го спомнал Ирод, Исус веројатно мислел на политичките приврзаници на Ирод. Другата група, фарисеите, сакале Евреите да бидат независни од Рим. Според извештајот на Матеј, во овој разговор Исус ги спомнал и садукеите. Тие сакале Римјаните да останат на власт бидејќи така ќе можеле да ги зачуваат своите високи положби во општеството. Исус ги предупредил своите ученици да се чуваат од „квасецот“, односно учењата на овие три групи (Мат. 16:6, 12). Интересно е дека Исус го дал ова предупредување кратко откако народот сакал да го направи цар.

13, 14. а) Како тоа што религијата се меша во политика води до насилство и неправда? Наведи пример. б) Зошто не треба да бидеме насилни дури ни кога трпиме неправда? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

13 Кога религиите се мешаат во политика, тоа честопати води до насилство. Исус ги поучил своите ученици да бидат потполно неутрални. Тоа е една причина зошто главните свештеници и фарисеите сакале да го убијат Исус. Тие се плашеле дека народот ќе го слуша него и нема повеќе да ги следи нив, поради што би ја изгубиле својата верска и политичка моќ. Тие рекле: „Ако го оставиме така, сите ќе поверуваат во него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги земат и нашиот храм и нашиот народ“ (Јован 11:48). Затоа, првосвештеникот Кајафа сковал план Исус да биде убиен (Јован 11:49-53; 18:14).

14 Под превезот на ноќта, Кајафа испратил војници за да го уапсат Исус. Исус знаел дека планираат да го убијат и затоа, за време на последната вечера со апостолите, тој им кажал да си набават мечеви. Два меча ќе биле доволни за да им даде една важна поука (Лука 22:36-38). Подоцна истата ноќ, кога една толпа луѓе дошле да го уапсат Исус, Петар толку се налутил од таа неправда што извадил меч и нападнал еден од нив (Јован 18:10). Но Исус му рекол на Петар: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Мат. 26:52, 53). Оваа важна поука на Исус била во склад со она за кое се молел истата ноќ — неговите ученици да не бидат дел од светот. (Прочитај Јован 17:16.) Само Бог има право да се бори против неправдите.

15, 16. а) Како Божјата Реч им помага на вистинските христијани да не учествуваат во судири? б) Каква разлика гледа Јехова во денешниот свет?

15 Сестрата од јужна Европа која ја спомнавме претходно ја извлекла истата поука. Таа вели: „Сфатив дека насилството не е решение за неправдите. Видов дека оние што прибегнуваат кон насилство обично гинат. А многу други стануваат огорчени. Бев многу среќна кога од Библијата дознав дека само Бог може да донесе вистинска правда на Земјата. Оваа порака ја проповедам последниве 25 години“. Братот од јужна Африка го заменил своето копје со „мечот на духот“, Божјата Реч (Еф. 6:17). Сега им проповеда порака на мир на најразлични луѓе, без оглед на кое племе му припаѓаат. А сестрата од централна Европа, откако станала Јеховин сведок, се омажила за брат од националност која претходно ја мразела. Сите тројца ги направиле овие промени бидејќи сакале да бидат како Христос.

16 Многу е важно да ги направиме овие промени! Библијата вели дека човештвото е како „разбранувано море кое не може да се смири“ (Иса. 17:12; 57:20, 21; Отк. 13:1). Политичките спорови ги вознемируваат луѓето, создаваат поделби и водат до насилство. Но ние сме мирољубиви и обединети. Кога ги гледа поделбите во светот, Јехова сигурно многу се радува поради единството што владее меѓу неговиот народ. (Прочитај Софонија 3:17.)

17. а) На кои три начини можеме да го зачуваме единството? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

17 Од оваа статија научивме дека единството можеме да го зачуваме така што: 1) имаме доверба дека Божјето Царство ќе ги реши сите неправди, 2) никогаш не заземаме страна во политичките прашања и 3) го отфрламе насилството. Но, понекогаш нашето единство може да биде загрозено од предрасудите. Во следната статија ќе видиме како раните христијани успешно ги надминале предрасудите, и како можеме да го следиме нивниот пример.