Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Нека свети вашата светлина“ за слава на Јехова

„Нека свети вашата светлина“ за слава на Јехова

Нека свети вашата светлина пред луѓето за да го слават вашиот Татко (МАТ. 5:16)

ПЕСНИ: 77, 59

1. Што особено ни причинува голема радост?

МНОГУ се радуваме кога ќе чуеме колку многу луѓе низ светот се интересираат за вистината. Минатата година водевме над 10.000.000 библиски курсеви! Ова јасно покажува дека Божјите слуги дозволуваат силно да свети нивната светлина. Освен тоа, милиони интересенти беа присутни на Спомен-свеченоста, каде што слушнаа за љубовта што Јехова ја покажал кон нас преку откупнината (1. Јов. 4:9).

2, 3. а) Што не нѐ спречува да светиме како светлоносци? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Низ целиот свет, Јеховините сведоци зборуваат најразлични јазици. Но, ова не нѐ спречува да го славиме Јехова како едно обединето семејство (Отк. 7:9). Без разлика кој ни е мајчин јазик или каде живееме, ние можеме да светиме како светлоносци во светот (Фил. 2:15).

3 Меѓу другото, на Јехова му носиме слава преку службата на проповедање, преку нашето единство и преку нашата духовна будност. Во оваа статија ќе видиме како можеме да дозволиме нашата светлина да свети на овие три подрачја. (Прочитај Матеј 5:14-16.)

ПОМАГАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ ДА МУ СЛУЖАТ НА ЈЕХОВА

4, 5. а) Освен преку проповедањето, како можеме да дозволиме да свети нашата светлина? б) Кои добри резултати произлегуваат од нашето љубезно однесување? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Еден важен начин на кој дозволуваме да свети нашата светлина е преку службата на проповедање (Мат. 28:19, 20). Во Стражарска кула од 1 јуни 1925 год. излезе статијата „Светлина во мракот“ во која пишувало дека, за време на последните денови, никој не би можел да му биде верен на Господарот „доколку не дозволи да свети неговата светлина“. Во статијата било објаснето следново: „Ова го правиме така што им ја објавуваме добрата вест на сите народи на земјата, и така што живееме во склад со светлината [од Божјата Реч]“. Освен преку службата на проповедање, слава на Јехова му носиме и со нашето однесување. Многу луѓе нѐ набљудуваат додека проповедаме. Една пријателска насмевка и срдечен поздрав можат да им помогнат да имаат убаво мислење за нас и за нашиот Бог.

5 Исус им кажал на учениците: „Кога ќе влезете во куќата, поздравете ги домашните“ (Мат. 10:12). На подрачјето каде што проповедал Исус било обичај луѓето да канат непознати лица во својот дом. Денес, на многу места ова повеќе не е обичај. Луѓето честопати се нервираат и се лутат кога ќе видат непознат човек на својата врата. Сепак, ако се однесуваме пријателски и ако љубезно објасниме зошто сме дошле, тоа честопати може да го опушти станарот. Една топла насмевка обично е најдобриот вовед. Ова го потврдуваат и браќата и сестрите кои сведочат на јавни места со колички. Ако учествуваш во овој вид служба, можеби си забележал дека луѓето најчесто реагираат позитивно ако им се насмевнеме и љубезно ги поздравиме. Тоа може да ги поттикне да дојдат до количката и да земат некоја наша публикација. Ако сме љубезни, можеби дури и ќе сакаат да започнат разговор.

6. Што прави еден постар брачен пар за да остане активен во службата?

6 Еден постар брачен пар Сведоци во Англија, не можат повеќе да проповедаат од куќа до куќа поради здравствени проблеми. Затоа поставуваат маса со библиски публикации пред својата куќа. Бидејќи живеат близу до едно училиште, изложуваат публикации кои би ги заинтересирале родителите што доаѓаат да си ги земат децата. Од љубопитност, многу родители зеле некои публикации, меѓу кои и двата тома од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори. Една пионерка од нивното собрание честопати им се придружува во службата. Нејзиното пријателско однесување, како и големиот труд што го вложува овој брачен пар, поттикнале еден родител да почне да ја проучува Библијата.

7. Како можеш да им помогнеш на бегалците во твоето место?

7 Во последниве години, во многу земји се доселија голем број бегалци. Како можеш да им помогнеш на таквите лица да научат нешто за Јехова? За почеток, зошто не научиш некој поздрав на нивниот јазик? Освен тоа, со помош на апликацијата JW Language би можел да научиш неколку фрази кои можеби ќе ги поттикнат да разговараат со тебе. Потоа, би можел да им покажеш некои видеоклипови и публикации кои се достапни на нивниот јазик на страницата jw.org (5. Мој. 10:19).

8, 9. а) Како ни помага состанокот Нашиот живот и служба? б) Која убава цел можат родителите да им ја постават на своите деца во врска со коментарите на состаноците?

8 Јехова со љубов ни го дава сето она што ни е потребно за да можеме подобро да проповедаме. На пример, она што го учиме на состанокот Нашиот живот и служба ни помага со поголема сигурност да правиме повторни посети и да водиме библиски курсеви.

9 Многумина што за првпат доаѓаат на нашите состаноци се воодушевени од коментарите на децата. Затоа, родители, помогнете им на децата да коментираат со свои зборови. Некои луѓе биле поттикнати да ја прифатат вистината кога чуле како децата ја изразуваат својата вера на едноставен и искрен начин (1. Кор. 14:25).

ЗАЈАКНУВАЈ ГО ЕДИНСТВОТО

10. Што можеме да направиме за да го зајакнеме единството во нашето семејство?

10 Друг начин на кој дозволуваме да свети нашата светлина е така што го зајакнуваме единството во нашето семејство и во собранието. На пример, ако си родител, погрижи се редовно да ја одржувате Семејната вечер. Многу семејства заедно ја гледаат месечната емисија на JW Broadcasting. Откако ќе ја изгледате програмата, би можеле да поразговарате како да го примените она што сте го научиле. Имај на ум дека едно дете има поинакви потреби од еден тинејџер. Дај сѐ од себе за да му помогнеш на секој член од семејството да извлече целосна корист од Семејната вечер (Пс. 148:12, 13).

Можеме многу да се охрабриме ако се дружиме со постарите (Види во пасус 11)

11-13. Како можеш да го зајакнеш единството во собранието?

11 Ако си млад, како можеш да придонесеш да се зајакне единството во собранието? Помагај им на другите да се чувствуваат сакани. Еден начин да го постигнеш тоа е така што ќе се спријателиш со постарите браќа и сестри. Прашај ги што им помогнало да му служат на Јехова толку многу години. Тие можат да ти дадат многу корисни поуки. Ова ќе те охрабри тебе, а ќе ги охрабри и нив. Исто така, сите ние можеме да си поставиме за цел да му изразиме добредојде на секој што доаѓа на нашите состаноци. Поздрави ги другите со срдечна насмевка и, ако е потребно, помогни им на новите да најдат место. Потруди се да ги запознаеш таквите лица со браќата и сестрите, со што ќе им помогнеш да се чувствуваат како дома. На тој начин, не само што ќе го зајакнеме единството во собранието туку можеби и ќе ги поттикнеме интересентите да ја прифатат вистината.

12 Ако водиш состанок за проповедање, можеш да им помогнеш на постарите полесно да ја извршуваат својата служба. Погрижи се да добијат подрачје што им одговара. Би можел да договориш некој од помладите да им помага додека се во служба. Постарите браќа и сестри, како и оние што имаат здравствени проблеми, честопати се обесхрабрени бидејќи не можат да проповедаат онолку колку што би сакале. Но ќе се чувствуваат многу подобро ако видат дека покажуваш грижа и разбирање за нивната ситуација. Без разлика колку се стари или колку долго се во вистината, твојата љубов може да ги поттикне ревносно да проповедаат (3. Мој. 19:32).

13 Израелците се радувале што можеле заедно да му служат на Јехова. Еден псалмист напишал: „Колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство!“ (Прочитај Псалм 133:1, 2.) Тој го споредил ова единство со масло за помазание, кое ја омекнува кожата и има пријатен мирис. На сличен начин, и ние можеме позитивно да влијаеме врз другите ако сме пријатни и љубезни. Така го зајакнуваме единството во собранието. Ако веќе го правиш тоа, заслужуваш пофалба. Сепак, дали би можел да се дружиш со уште повеќе браќа и сестри од твоето собрание, и да го правиш тоа почесто? (2. Кор. 6:11-13).

14. Како можеш да дозволиш да свети твојата светлина во местото каде што живееш?

14 Твојата светлина може да свети без разлика каде се наоѓаш. На пример, со своите љубезни зборови и постапки можеш да привлечеш кон вистината некој од твоите соседи. Прашај се: „Што мислат тие за мене? Дали придонесувам за убав изглед на соседството со тоа што се трудам мојот дом и двор да бидат чисти и уредни? Дали сум познат како некој што им помага на соседите?“ Додека разговараш со други Сведоци, би можел да ги прашаш како со своите љубезни зборови и добро однесување влијаеле врз нивните роднини, соседи, колеги или соученици (Еф. 5:9).

ОСТАНИ ДУХОВНО БУДЕН

15. Зошто мора да останеме духовно будни?

15 Ако сакаме нашата светлина и понатаму силно да свети, треба постојано да бидеме свесни во кое време живееме. Исус неколку пати ги поттикнал своите ученици да бдеат (Мат. 24:42; 25:13; 26:41). Очигледно, ако веруваме дека „големата неволја“ е сѐ уште далеку, односно дека ќе се случи некогаш, но не за време на нашиот живот, нема да проповедаме со чувство на итност (Мат. 24:21). Во тој случај, наместо силно да светиме, нашата светлина постепено ќе слабее, а на крај може дури и да згасне.

16, 17. Како можеш да останеш духовно буден?

16 Додека условите во светот сѐ повеќе се влошуваат, треба да внимаваме да останеме духовно будни. Знаеме дека крајот ќе дојде точно во времето што го одредил Јехова (Мат. 24:42-44). Во меѓувреме, треба да бидеме стрпливи и да мислиме на нашата надеж. Секој ден читај ја Божјата Реч и никогаш не престанувај да му се молиш на Бог (1. Пет. 4:7). Учи од браќата и сестрите кои со години му служат на Јехова. На пример, можеш да читаш животни приказни, како што е статијата „Седумдесет години се држам за скутот на Евреинот“, која излезе во Стражарска кула од 15 април 2012 год., на страници 18-21.

17 Остани зафатен во службата за Јехова. Прави им добро на другите и дружи се со браќата и сестрите. Тоа ќе ти донесе голема радост и времето ќе ти минува многу побрзо (Еф. 5:16). Јеховините слуги постигнале многу во изминативе сто години. А денес сме зафатени како никогаш порано. Јеховиното дело доживеа пораст каков што не можевме ни да си замислиме. Нашата светлина силно блеска!

Пастирските посети од старешините ни даваат можност да извлечеме корист од Божјата мудрост (Види во пасуси 18, 19)

18, 19. Како можат старешините да ни помогнат ревносно да му служиме на Јехова? Наведи пример.

18 И покрај тоа што правиме многу грешки, Јехова ни дозволува да му служиме. За да ни помогне, тој ни дава „луѓе како дарови“ — собраниските старешини. (Прочитај Ефешаните 4:8, 11, 12.) Затоа, следниот пат кога ќе те посети некој старешина, искористи ја можноста да научиш нешто од неговата мудрост и советите што ќе ти ги даде.

19 На пример, еден брачен пар Јеховини сведоци во Англија имале проблеми во бракот и затоа побарале помош од двајца старешини. Жената сметала дека мажот ги запоставува духовните потреби на семејството. Сопругот признал дека не поучува баш најдобро и дека не се трудел редовно да ја одржуваат Семејната вечер. Старешините им го посочиле примерот на Исус. Го поттикнале сопругот да се угледа на Исус, кој многу добро се грижел за своите ученици. А сопругата ја поттикнале да биде стрплива со сопругот. Тие им дале и некои предлози како да соработуваат додека ја одржуваат Семејната вечер со своите две деца (Еф. 5:21-29). Подоцна старешините го пофалиле сопругот за трудот што го вложил да предводи во духовните активности на семејството. Тие го поттикнале да истрае во тоа и да продолжи да се потпира на Јеховиниот дух. Љубовта и грижата што ја покажале старешините многу му помогнале на ова семејство!

20. Каков резултат можеш да очекуваш ако дозволиш да свети твојата светлина?

20 „Среќен е секој што се бои од Јехова и оди по неговите патишта“ (Пс. 128:1). И ти ќе бидеш среќен ако дозволиш да свети твојата светлина. Затоа, поучувај ги другите за Бог, прави сѐ што можеш за да го зајакнеш единството на семејството и собранието, и остани духовно буден. Другите ќе го видат твојот добар пример и ќе сакаат и тие да му носат слава на нашиот Татко, Јехова (Мат. 5:16).