Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можел да биде близок со Бог

Можел да биде близок со Бог

НИЕ му служиме на Јехова и сакаме да ги имаме неговата милост и неговиот благослов. Но како можеме да ги добиеме? Некои Божји слуги од библиски времиња кои направиле тешки гревови повторно ја стекнале Јеховината милост. Други, пак, имале добри особини, но не успеале да ја стекнат Божјата милост. Затоа можеме да се прашаме: „Што е тоа што Јехова најмногу го цени кај секого од нас?“ Примерот на Ровоам, царот на Јуда, може да ни помогне да го дознаеме одговорот.

ЛОШ ПОЧЕТОК

Соломон, таткото на Ровоам, бил цар на Израел 40 години (1. Цар. 11:42). Тој умрел во 997 год. пр.н.е. Тогаш Ровоам отпатувал на север од Ерусалим до Сихем за да биде поставен за цар (2. Лет. 10:1). Дали бил загрижен дека нема да може успешно да го замени Соломон, кој бил познат по својата огромна мудрост? Кратко по своето крунисување, Ровоам морал да покаже дали е доволно мудар за да реши еден тежок проблем.

Израелците се чувствувале угнетени и испратиле свои претставници, кои јасно му ги кажале на Ровоам своите барања: „Твојот татко ни стави тежок јарем, а ти сега олесни ни ја тешката служба на твојот татко и тешкиот јарем што ни го стави тој, па ќе ти служиме“ (2. Лет. 10:3, 4).

Ровоам бил во недоумица. Доколку го направел она што го сакал народот, тогаш тој, неговото семејство и другите во царскиот дворец можеби ќе морале да се откажат од некои удобности и да имаат помалку барања од своите поданици. Од друга страна, доколку ги одбиел, тие можеле да се побунат против него. Што сторил Ровоам? Прво разговарал со постарите мажи кои биле советници на татко му. Тие му рекле да го послуша народот. Но потоа Ровоам разговарал со младите мажи кои биле на негова возраст и решил да постапува сурово со народот. Тој им рекол на Израелците: „Вашиот јарем ќе го направам уште потежок и уште ќе додадам врз него. Мојот татко ве казнуваше со камшици, а јас ќе ве казнувам со бодликави камшици“ (2. Лет. 10:6-14).

Што можеме да научиме од ова? Денес меѓу нас има многу постари лица кои со години верно му служат на Јехова и кои можат да ни помогнат да носиме добри одлуки. Затоа, ќе постапиме мудро ако ги послушаме (Јов 12:12).

„ТИЕ ЈА ПОСЛУШАА ЈЕХОВИНАТА РЕЧ“

Поради одлуката на Ровоам, народот се побунил против него. Затоа, тој ја собрал својата војска со цел да бори со бунтовничките племиња. Но, Јехова го испратил пророкот Семаја за да им го каже следново: „Не одете и не борете се против своите браќа, синовите на Израел! Вратете се секој во својата куќа, зашто тоа дојде од мене!“ (1. Цар. 12:21-24). *

Можеш ли да си замислиш како се чувствувал Ровоам поради тоа што му го кажал Јехова? Требало да се врати без да се бори! Што ќе помислел народот за нивниот цар, кој прво се заканува дека ќе ги казни своите поданици со „бодликави камшици“, а потоа не прави ништо во врска со таа отворена побуна? (Спореди со 2. Летописи 13:7.) Сепак, царот и неговата војска го послушале Јехова и се вратиле.

Која е поуката за нас? Мудро е да го слушаме Бог дури и кога луѓето нѐ исмеваат поради тоа. Бог ќе нѐ благословува секогаш кога сме му послушни (5. Мој. 28:2).

Дали Ровоам бил благословен поради својата послушност? Тој сѐ уште владеел со племињата Јуда и Венијамин, и почнал да гради нови градови на тие подрачја. Исто така, утврдил неколку постоечки градови (2. Лет. 11:5-12). Што е уште поважно, некое време бил послушен на Јеховините закони. Бидејќи десетплеменското царство под власта на Јеровоам западнало во идолопоклонство, многумина од тоа царство патувале до Ерусалим за да го поддржат Ровоам и обожавањето на вистинскиот Бог (2. Лет. 11:16, 17). Значи, бидејќи Ровоам му бил послушен на Јехова, неговото царство се зацврстило.

ГРЕВОТ И КАЕЊЕТО НА РОВОАМ

Меѓутоа, кога царството на Ровоам станало силно, тој направил нешто неочекувано. Престанал да го почитува Јеховиниот закон и почнал да обожава лажни богови! Но зошто? Дали врз неговата одлука влијаела мајка му која не биле Израелка, туку Амонка? (1. Цар. 14:21). Не можеме да кажеме со сигурност, но народот го следел неговиот лош пример. Затоа Јехова му дозволил на цар Сисак од Египет да освои многу јудејски градови. Ова се случило и покрај тоа што Ровоам претходно ги утврдил овие градови! (1. Цар. 14:22-24; 2. Лет. 12:1-4).

Ситуацијата се влошила кога Сисак и неговата војска дошле до Ерусалим, од каде што владеел Ровоам. Во овој момент, пророкот Семаја им ја пренел на Ровоам и на неговите кнезови следнава порака од Бог: „Вие ме оставивте мене, па и јас ве оставам вас и ве предавам во рацете на Сисак“. Како реагирал Ровоам на овој укор од Јехова? Многу добро. Библијата вели: „Кнезовите на Израел и царот се понизија и рекоа: ’Јехова е праведен‘“. Затоа Јехова го спасил Ровоам, а Ерусалим не бил уништен (2. Лет. 12:5-7, 12).

Ровоам продолжил да владее со царството Јуда. Пред својата смрт, тој им дал многу подароци на своите синови. Најверојатно сакал со тоа да се осигура дека тие нема да се побунат против својот брат Авија, кој требало да го наследи како цар (2. Лет. 11:21-23). На тој начин Ровоам покажал поголема мудрост отколку кога бил млад.

ДАЛИ РОВОАМ БИЛ ДОБАР ИЛИ ЛОШ ЦАР?

Иако Ровоам направил неколку добри работи, Библијата го вели следново во врска со неговото владеење: „Правеше зло“. Зошто? Во истиот стих читаме: „Зашто во своето срце не реши цврсто да го бара Јехова“ (2. Лет. 12:14). Според тоа, Јехова не бил задоволен од него.

За разлика од цар Давид, Ровоам не бил близок со Јехова

Што можеме да научиме од животот на Ровоам? Понекогаш му бил послушен на Бог. А направил и некои добри дела за Јеховиниот народ. Но не изградил блиско пријателство со Јехова, и немал желба да го радува. Затоа почнал да прави гревови и да обожава лажни богови. Можеби се прашуваш: „Кога Ровоам го прифатил укорот од Јехова, дали тоа го направил под влијание на другите или затоа што искрено се каел за своите грешки и сакал да му угоди на Бог?“ (2. Лет. 11:3, 4; 12:6). Подоцна во животот, повторно правел лоши работи. Тој многу се разликувал од дедо му, цар Давид. Точно е дека Давид направил тешки гревови, но искрено се каел за тоа. Исто така, го сакал Јехова и му служел со цело срце (1. Цар. 14:8; Пс. 51:1, 17; 63:1).

Можеме многу да научиме од библискиот извештај за Ровоам. Пофално е ако некој се грижи за своето семејство во материјален поглед и ако прави добри дела за другите. Но за да ја стекнеме милоста од Јехова, мора да му служиме на начин што го радува и мора да бидеме блиски пријатели со него.

За да ја оствариме таа цел, треба да имаме голема љубов кон Јехова. Исто како што одржуваме оган со тоа што додаваме дрва во него, нашата љубов кон Бог ја одржуваме така што редовно ја проучуваме неговата Реч, размислуваме за она што го читаме од неа и истрајуваме во молитва (Пс. 1:2; Рим. 12:12). Ваквата љубов ќе нѐ поттикне да го радуваме Јехова со сѐ што правиме. Исто така, ќе нѐ поттикне искрено да се покаеме кога ќе згрешиме, и да го молиме да ни прости. На тој начин, за разлика од Ровоам, ќе му останеме верни на вистинскиот Бог, Јехова (Јуда 20, 21).

^ пас. 9 Поради неверноста на Соломон, Бог претходно веќе рекол дека царството ќе се подели (1. Цар. 11:31).