ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Утехите од Јехова ми ја милуваа душата
На западниот брег на реката Инд, кој сега е дел од Пакистан, се наоѓа древниот град Сукур. Таму сум се родил на 9 ноември 1929 год. Некаде во тоа време, еден мисионер од Англија им дал на моите родители комплет книги во различни бои. Тие книги, кои беа на темел на Библијата, извршија силно влијание врз мене и ми помогнаа да станам Јеховин сведок.
ТОЈ комплет книги беше наречен „виножито“. Додека ги разгледував, бев воодушевен од живописните слики кои ја будеа мојата фантазија. Благодарение на тие книги, кај мене уште како дете се појави желба да научам нешто повеќе за Библијата.
Но, додека Втората светска војна беснееше во светот и се закануваше да ја зафати и Индија, доживеав нешто што многу ме погоди. Моите родители се разделија, а потоа се разведоа. Не можев да разберам зошто две личности кои ги сакав би решиле да направат такво нешто. Се чувствував напуштено и имав голема празнина во душата. Бидејќи немав браќа и сестри, ми се чинеше дека не можам да ги најдам утехата и поддршката кои толку многу ги посакував.
Во тоа време, јас и мајка ми живеевме во Карачи, главниот град на нашата провинција. Еден ден, на нашата врата дојде Фред Хардејкер, еден постар лекар кој беше Јеховин сведок, исто како мисионерот кој на моите родители им го дал комплетот книги. Фред ја праша мајка ми
дали сака да ја проучува Библијата. Таа одби, но рече дека можеби јас би сакал. Така, следната седмица почнав да проучувам со брат Хардејкер.Неколку седмици подоцна, почнав да одам на собраниските состаноци во амбулантата на брат Хардејкер, каде што се собираа десетина постари Сведоци. Тие ме тешеа и се грижеа за мене како за свој син. Се сеќавам како седнуваа покрај мене и разговаравме како вистински другари, кои во тоа време ми беа толку потребни.
Кратко потоа, брат Хардејкер ме покани да одам со него во служба на проповедање. Ме научи да користам пренослив грамофон, на кој пуштавме аудиоснимки со кратки библиски говори. Имаше говори кои беа многу директни, и затоа на некои станари не им се допаѓаше тоа што го слушаа. Но многу ми беше возбудливо да им сведочам на другите. Горев од желба да им ја кажувам на луѓето вистината од Библијата.
Додека јапонската војска се подготвуваше да ја нападне Индија, британските власти вршеа сѐ поголем притисок врз Јеховините сведоци. Во јули 1943 год., тој притисок го осетив и на своја кожа. Директорот на моето училиште, кој беше свештеник на Англиканската црква, ме избрка од училиштето бидејќи сметаше дека сум „непожелна личност“. Тој ѝ кажа на мајка ми дека тоа што се дружам со Јеховините сведоци лошо влијае врз другите ученици. Таа беше шокирана и ми забрани да контактирам со Сведоците. Подоцна ме испрати кај татко ми во Пешавар, град кој се наоѓа на околу 1.370 километри на север. Бидејќи таму немав духовна храна и немав можност да се дружам со браќата и сестрите, почнав да се оддалечувам од Јехова.
ПОВТОРНО СЕ ЗБЛИЖУВАМ СО ЈЕХОВА
Во 1947 год. се вратив во Карачи за да најдам работа. Додека бев таму, навратив во амбулантата на брат Хардејкер. Тој срдечно ме пречека.
Мислејќи дека имам некаков здравствен проблем, ме праша: „И, што те мачи?“
Му одговорив: „Докторе, физички сум здрав, ама духовно сум болен. Сакам пак да ја проучувам Библијата“.
„Кога би сакал да почнеме?“, ме праша.
„Ако може веднаш“, му одговорив.
Таа вечер си поминавме многу убаво додека проучувавме. Се чувствував како пак да сум дома, во прегратката на Јехова. Мајка ми даде сѐ од себе за да ме спречи да се дружам со Сведоците, но овојпат бев цврсто решен да му служам на Бог. На 31 август 1947 год. се крстив како Јеховин сведок. Кратко потоа, на возраст од 17 години, почнав да служам како општ пионер.
УЖИВАМ ВО ПИОНЕРСКАТА СЛУЖБА
Прво место на кое ме испратија да служам како пионер беше градот Квета, каде што порано имаше британска воена база. Во 1947 год., Индија беше поделена на два дела — Индија и Пакистан. * Овој настан предизвика жестоко религиозно насилство меѓу народот, што водеше до една од најголемите преселби на народи во историјата. Беа раселени околу 14 милиони бегалци. Муслиманите од Индија отидоа во Пакистан, а хиндусите и сиките од Пакистан се преселија во Индија. Во целиот тој хаос, се качив на еден пренатрупан воз во Карачи и речиси цел пат до Квета го поминав висејќи од надворешната страна на возот, фатен за еден метален држач. Тоа беше прилично опасно.
Во Квета се запознав со Џорџ Синг, еден специјален пионер во своите 20-ти. Тој ми даде еден стар велосипед што можев да го возам или туркам по тој ридест предел. Поголемиот дел од времето проповедав сам. За шест месеци водев 17 библиски курсеви, и некои од интересентите ја прифатија вистината. Меѓу нив беше и еден воен офицер, Садик Маси. Тој ни помогна мене и на Џорџ да преведеме некои библиски публикации на урду, службениот јазик во Пакистан. Со текот на времето, Садик стана ревносен објавител на добрата вест.
Подоцна се вратив во Карачи и служев заедно со Хенри Финч и Хари Форест, мисионери кои само што пристигнаа од школата Гилеад. Од нив научив многу за службата за Јехова! Еднаш, со брат Финч отпатував во северен Пакистан за да проповедаме. Во подножјето на
високите планини најдовме многу понизни луѓе што зборуваа урду. Тие беа жедни за библиската вистина. Две години подоцна, и јас бев поканет на школата Гилеад. Оттаму се вратив во Пакистан, каде одвреме-навреме служев како покраински надгледник. Живеев во еден мисионерски дом во Лахоре, заедно со уште тројца браќа мисионери.МИ СЕ ВРАЌА РАДОСТА ВО СЛУЖБАТА
За жал, во 1954 год., се појавија големи несогласувања меѓу мисионерите во Лахоре, и затоа подружницата мораше да преземе одредени мерки. Бидејќи и јас постапив немудро со тоа што заземав страна во таа ситуација, добив строг совет од браќата. Бев скршен, и си мислев дека сум изгубен случај. Се вратив во Карачи, а потоа отидов во Лондон (Англија), со надеж за нов почеток во службата за Јехова.
Во моето собрание во Лондон, имаше многу бетелски слуги. Прајс Хјуз, љубезен брат кој беше слуга на подружницата, ми помогна да застанам на нозе. Еден ден ми раскажа за една ситуација во која добил строг совет од Џозеф Ратерфорд, кој во тоа време го надгледувал проповедничкото дело низ целиот свет. Кога брат Хјуз почнал да се оправдува, брат Ратерфорд строго го прекорил. Се изненадив што брат Хјуз со насмевка зборуваше за тој настан. Ми рече дека таа случка во почетокот го вознемирила. Но подоцна сфатил дека му бил потребен таков совет и дека тоа било израз на Јеховината љубов (Евр. 12:6). Неговите зборови ме трогнаа и ми помогнаа повторно да служам со радост.
Некаде во тоа време, мајка ми се пресели во Лондон и почна да ја проучува Библијата со Џон Бар, кој подоцна служеше како член на Водечкото тело. Таа добро напредуваше во духовен поглед и се крсти во 1957 год. Подоцна дознав дека и татко ми проучувал со Јеховините сведоци пред да почине.
Во 1958 год. се оженив со Лине, една сестра од Данска која живееше во Лондон. Следната година бевме благословени со ќеркичка — Џејн, првото од нашите пет деца. Исто така, повторно почнав да служам како именуван брат. Но, со текот на времето, поради лошото здравје на Лине, моравме да се преселиме во место со потопла клима. Затоа, во 1967 год. се преселивме во Аделејд (Австралија).
ТРАГЕДИЈА ШТО НИ ГО СКРШИ СРЦЕТО
Во нашето собрание во Аделејд имаше 12 постари помазаници. Тие ревносно предводеа во проповедничкото дело. Брзо се приспособивме на новата средина и се зафативме со духовни активности.
Во 1979 год. ни се роди петтото дете, Даниел. За жал, лекарите открија дека има тежок * и рекоа дека нема долго да живее. Дури и сега ми е тешко да ја опишам болката што ја чувствувавме. Дававме сѐ од себе за да се грижиме за него, а во исто време внимававме да не ги запоставиме другите четири деца. Бидејќи имаше два отвора во срцето, Даниел понекогаш помодруваше од недостиг на кислород, и тогаш моравме итно да го носиме во болница. Но и покрај лошото здравје, тој беше многу бистро и мило дете. Исто така, многу го сакаше Јехова. Кога се молевме пред јадење, ќе плеснеше со рачињата, ќе климнеше со главчето и од срце ќе речеше: „Амин!“ Дури тогаш ќе почнеше да јаде.
облик на Даунов синдромКога имаше четири години, Даниел се разболе од акутна леукемија. Јас и Лине бевме исцрпени и физички и емоционално. Ми се чинеше дека ќе доживеам нервен слом. Сепак, кога бевме на крај со силите, нѐ посети нашиот покраински надгледник, Невил Бромич. Додека разговаравме таа ноќ, тој со солзи во очите нѐ прегрна и заедно плачевме. Неговите охрабрувачки и сочувствителни зборови ни беа како мевлем на душата. Брат Невил си отиде околу еден часот по полноќ. Тој ден Даниел почина. Неговата смрт беше најболното нешто што ни се случи во животот. Сепак, нашата увереност дека ништо, дури ни смртта, не може да го одвои Даниел од љубовта на Јехова, ни помогна да ја поднесеме огромната тага (Рим. 8:38, 39). Копнееме по денот кога ќе воскресне во новиот свет и повторно ќе бидеме заедно со него! (Јован 5:28, 29).
МИ НОСИ РАДОСТ ТОА ШТО ИМ ПОМАГАМ НА ДРУГИТЕ
Иако преживеав два големи мозочни удари, сѐ уште служам како старешина. Искуствата во животот ми помогнаа да станам посочувствителен кон другите, особено кон оние што се борат со проблеми. Се трудам да не им судам. Наместо тоа, се прашувам: „Како нивното минато влијаело врз нивната личност? Како можам да им покажам дека ги сакам и дека имам разбирање за нив? Како да ги поттикнам да ја вршат Јеховината волја?“ Ми носи голема радост тоа што можам како пастир да им помагам на браќата и сестрите во собранието! Навистина, кога ги тешам и зајакнувам другите во духовен поглед, и самиот добивам утеха и сила.
Се чувствувам како псалмистот кој напишал: „Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од [Јехова] ми ја милуваа душата“ (Пс. 94:19). Тој ми помагаше во сите тешкотии во животот — проблемите во семејството, противењето поради мојата вера, разочарувањата поради моите слабости и периодите на депресија. Јехова навистина се грижеше како Татко за мене!