Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 23

Пазете се некој да не ве заведе!

Пазете се некој да не ве заведе!

Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија (КОЛ. 2:8)

ПЕСНА 96 Божјата сопствена книга — богатство

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Според Колошаните 2:4, 8, како Сатана се обидува да нѐ заведе?

САТАНА сака да нѐ сврти против Јехова. За да успее во ова, се обидува да влијае врз нашиот ум и да нѐ наведе да размислуваме онака како што сака тој. Сатана се обидува да нѐ заведе така што користи работи што ни се привлечни. (Прочитај Колошаните 2:4, 8.)

2-3. а) Зошто треба да обрнеме внимание на предупредувањето од Колошаните 2:8? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Дали навистина постои опасност да бидеме заведени од Сатана? Да! Предупредувањето што Павле го запишал во Колошаните 2:8 не било наменето за оние што не му служеле на Бог. Тој им пишал на христијани кои биле помазани со свет дух (Кол. 1:2, 5). Божјите слуги во тоа време се наоѓале во опасност да бидат заведени, а таа опасност за нас денес е уште поголема (1. Кор. 10:12). Зошто? Бидејќи Сатана е исфрлен на Земјата и со сите сили се обидува да ги заведе верните Божји слуги (Отк. 12:9, 12, 17). Освен тоа, ние живееме во време кога злите луѓе и измамниците напредуваат „од лошо на полошо“ (2. Тим. 3:1, 13).

3 Во оваа статија ќе разгледаме како Сатана користи „празна измама“ за да влијае врз нашето размислување. Ќе разгледаме три негови тактики, односно сплетки (Еф. 6:11). Во следната статија, ќе видиме како да се бориме против лошото влијание што неговите сплетки можеби го извршиле врз нашето размислување. Но, прво да видиме што можеме да научиме од начинот на кој Сатана ги завел Израелците откако влегле во Ветената земја.

СЕ ОБИДЕЛ ДА ГИ НАВЕДЕ НА ИДОЛОПОКЛОНСТВО

4-6. Според 5. Мојсеева 11:10-15, какви нови земјоделски методи требало да научат Израелците кога дошле во Ветената земја?

4 Сатана лукаво ги навел Израелците да извршат идолопоклонство. Како успеал во тоа? Тој ја искористил нивната потреба за храна. Кога влегле во Ветената земја, Израелците морале да научат да одгледуваат храна на нови начини. Додека биле во Египет, тие ги наводнувале нивите со вода од реката Нил. Но, во Ветената земја немало голема река, и наводнувањето зависело од дождот и од утринската роса. (Прочитај 5. Мојсеева 11:10-15; Иса. 18:4, 5.) Затоа, Израелците морале да научат да ја обработуваат земјата на нови начини. Тоа не било лесно бидејќи повеќето од оние што имале некакво искуство во земјоделството умреле во пустината.

Како Сатана успеал да влијае врз размислувањето на израелските земјоделци? (Види во пасуси 4-6) *

5 Јехова им објаснил на своите слуги дека нивните околности се смениле. Потоа го додал следново предупредување кое на прв поглед нема никаква врска со земјоделството: „Чувајте се да не ве измами вашето срце, да не застраните и да почнете да обожавате други богови и да им се клањате“ (5. Мој. 11:16, 17). Зошто Јехова ги предупредил Израелците да не обожаваат лажни богови додека им зборувал за нови земјоделски методи?

6 Јехова знаел дека Израелците ќе бидат на искушение да одат кај околните пагански народи за да научат некои тамошни начини како да одгледуваат храна. Се разбира, нивните соседи биле многу поискусни, и затоа Израелците можеле од нив да научат некои корисни вештини. Но тука имало една опасност — врз размислувањето на ханаанските земјоделци влијаело нивното верување во Ваал. Тие верувале дека Ваал е сопственик на небото и дека тој дава дожд. Јехова не сакал неговиот народ да биде измамен од такви лажни верувања. Но, Израелците секогаш одново избирале да му служат на Ваал (4. Мој. 25:3, 5; Суд. 2:13; 1. Цар. 18:18). Сега да видиме како Сатана успеал да ги заведе Израелците.

ТРИ ТАКТИКИ КОИ ГИ КОРИСТЕЛ САТАНА ЗА ДА ГИ ЗАВЕДЕ ИЗРАЕЛЦИТЕ

7. Како била ставена на испит верата на Израелците кога влегле во Ветената земја?

7 Првата тактика што ја користел Сатана била тоа што ја злоупотребил исправната желба на Израелците дождот да ја наводнува земјата. Во Ветената земја врнело малку дожд во периодот од април до септември. За да можат да преживеат и за земјата да роди изобилен плод, биле неопходни дождовите кои почнувале да паѓаат околу октомври. Сатана ги навел Израелците да веруваат дека, ако сакаат да имаат изобилство храна, треба да ги прифатат обичаите на соседните пагански народи. Тие соседи верувале дека треба да вршат одредени ритуали за да ги поттикнат нивните богови да им го дадат потребниот дожд. Оние Израелци што немале вера во Јехова мислеле дека сушата можат да ја избегнат само ако учествуваат во пагански обичаи во чест на лажниот бог Ваал.

8. Која е втората тактика што ја користел Сатана? Објасни.

8 Сатана користел уште една тактика за да ги заведе Израелците. Тој ги навел да им попуштат на неморалните желби. Паганските народи им служеле на нивните богови така што учествувале во одвратни неморални постапки. Во овој изопачен облик на обожавање била вклучена и женска и машка проституција во храмовите. Паганските народи не само што ја дозволувале хомосексуалноста и другите видови сексуален неморал, туку овие работи ги сметале за нормални! (5. Мој. 23:17, 18; 1. Цар. 14:24). Паганите верувале дека овие ритуали ги поттикнувале нивните богови да ја направат земјата плодна. На многу Израелци им биле привлечни паганските неморални ритуали и затоа избрале да им служат на лажни богови. А со тоа, всушност, биле заведени од Сатана.

9. Во склад со Осија 2:16, 17, како Сатана им го искривил на Израелците гледиштето за Јехова?

9 Сатана користел и трета тактика — им го искривил на Израелците гледиштето за Јехова. Во времето на пророкот Еремија, Јехова објавил дека лажните пророци ги навеле неговите слуги да го заборават неговото име „поради Ваал“ (Ерем. 23:27). Се чини дека некое време Божјите слуги престанале да го користат Јеховиното име и го замениле со името Ваал, што значи „Сопственик“ или „Господар“. На овој начин, во умовите на Израелците се замаглила разликата помеѓу Јехова и Ваал. Поради тоа почнале да ги мешаат ритуалите од обожавањето на Ваал со службата за Јехова. (Прочитај Осија 2:16, 17.) *

ТАКТИКИ КОИ САТАНА ГИ КОРИСТИ ДЕНЕС

10. Кои тактики ги користи Сатана денес?

10 Сатана ги користи истите тактики денес. Тој ги заведува луѓето така што ги злоупотребува нивните исправни желби, ги наведува да им попуштат на неморалните желби и им го искривува гледиштето за Јехова. Најпрво да ја разгледаме последната тактика.

11. Како Сатана им го искривил на луѓето гледиштето за Јехова?

11 Сатана им го искривува на луѓето гледиштето за Јехова. По смртта на Исусовите апостоли, некои што тврделе дека се христијани почнале да шират лажни учења (Дела 20:29, 30; 2. Сол. 2:3). Овие отпадници почнале да ја извртуваат вистината за единствениот вистински Бог. На пример, кога ја препишувале Библијата, престанале да го користат Божјето име и го замениле со „Господар“ или со други титули. Со тоа им отежнале на читателите на Библијата да сфатат каква разлика постои меѓу Јехова и другите „господари“ кои се спомнати во Светото писмо (1. Кор. 8:5). Тие го користеле истиот збор „Господар“ и за Јехова и за Исус, и така им отежнале на луѓето да сфатат дека Јехова и неговиот Син се две различни личности и дека имаат различни положби (Јован 17:3). Оваа забуна придонела да се развие учењето за тројство — учење кое не постои во Божјата Реч. Како резултат на тоа, многумина сметаат дека Бог е таинствен и веруваат дека не можат да го запознаат. Тоа е чиста лага! (Дела 17:27).

Како Сатана ја користи лажната религија за да го рашири неморалот? (Види во пасус 12) *

12. Што шири лажната религија, и кои се последиците од тоа според Римјаните 1:28-31?

12 Сатана ги наведува луѓето да им попуштат на неморалните желби. Во времето на древниот Израел, Сатана ја користел лажната религија за да го рашири неморалот. Денес тој го прави истото. Лажната религија не само што го дозволува туку и го шири сексуалниот неморал. Како резултат на тоа, многумина кои тврдат дека му служат на Бог престанале да ги почитуваат неговите јасни морални мерила. Во своето писмо до Римјаните, апостол Павле објаснил кои се последиците од тоа. (Прочитај Римјаните 1:28-31.) Во „она што не прилега“ спаѓаат сите облици на сексуален неморал, вклучувајќи ја и хомосексуалноста (Рим. 1:24-27, 32; Отк. 2:20). Ова покажува колку е важно ние, како Божји слуги, да им бидеме послушни на јасните библиски учења!

13. Која е уште една тактика што ја користи Сатана денес?

13 Сатана ги злоупотребува исправните желби на луѓето. Сите имаме природна желба да научиме вештини кои можат да ни помогнат да се издржуваме себеси и нашите семејства (1. Тим. 5:8). Честопати, овие вештини ги стекнуваме така што одиме на училиште и трудољубиво учиме. Но мора да бидеме внимателни. Во многу земји, учениците не учат само корисни вештини, туку учат и разни човечки филозофии. Учениците се поттикнати да не ја почитуваат Библијата и да се сомневаат во постоењето на Бог. На училиште учат дека сите интелигентни луѓе веруваат во теоријата на еволуција (Рим. 1:21-23). Таквите учења се спротивни на Божјата мудрост (1. Кор. 1:19-21; 3:18-20).

14. На што поттикнува човечката мудрост?

14 Човечката мудрост се противи на Јеховините праведни мерила. Таа не ги поттикнува луѓето да ги развиваат плодовите на Божјиот дух туку да ги покажуваат „делата на телото“ (Гал. 5:19-23). Таа ги поттикнува луѓето да бидат горди и вообразени, а како резултат на тоа стануваат себељубиви (2. Тим. 3:2-4). Овие особини се спротивни на понизноста, која Божјите слуги се поттикнати да ја покажуваат (2. Сам. 22:28). Некои Божји слуги што биле на факултет дозволиле врз нивното размислување да влијае човечката, а не Божјата мудрост. Да разгледаме еден пример за тоа што може да се случи ако не внимаваме на оваа опасност.

Како човечката мудрост може да го искриви нашето размислување? (Види во пасуси 14-16) *

15-16. Што учиш од искуството на една сестра?

15 Една сестра, која е во полновремена служба повеќе од 15 години, вели: „Како Јеховин сведок, имав читано и слушано за опасноста од високото образование, но не обрнав внимание на тие предупредувања. Си мислев дека тој совет не важи за мене“. Какви проблеми ѝ донел таквиот став? Таа признава: „Бев толку многу зафатена со учење што немав време да му се молам на Јехова како порано. Толку бев исцрпена што повеќе не уживав во проповедањето. И бев премногу изморена за да можам добро да се подготвувам за состаноците. За среќа, откако сфатив дека посветеноста на високото образование ми влијае лошо врз односот со Јехова, знаев дека треба да прекинам со студирањето. И токму тоа го сторив“.

16 Како влијаело високото образование врз размислувањето на оваа сестра? Таа вели: „Се срамам да признаам дека високото образование многу лошо влијаеше врз мене. Почнав да ги критикувам другите, особено браќата и сестрите, да очекувам премногу од нив и да се оддалечувам од нив. Ми требаше многу време да прекинам да размислувам на тој начин. Ова искуство ми покажа колку е опасно ако не ги слушаме предупредувањата што нашиот небесен Татко ни ги дава преку својата организација. Сфатив дека Јехова ме познава подобро отколку што се познавам самата себе. Камо да го послушав!“

17. а) На што треба да бидеме решени? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

17 Биди решен никогаш да не дозволиш светот на Сатана да те заведе „со мудрување и со празна измама“. Чувај се од сплетките на Сатана (1. Кор. 3:18; 2. Кор. 2:11). Никогаш не му дозволувај да ти го искриви гледиштето за Јехова. Живеј според Божјите морални мерила. И не му дозволувај на Сатана да те наведе да им бидеш непослушен на советите што ги дава Јехова. Но, што треба да правиш ако сфатиш дека светот веќе извршил влијание врз твоето размислување? Во следната статија ќе видиме како Божјата Реч може да ни помогне да ги искорениме таквите цврсто утврдени мисли и навики (2. Кор. 10:4, 5).

ПЕСНА 49 Да го израдуваме срцето на Јехова

^ пас. 5 Сатана многу вешто ги заведува луѓето. Тој успеал кај многу луѓе да влијае врз начинот на кој размислуваат без да бидат свесни за тоа. Во оваа статија ќе разгледаме неколку тактики кои ги користи Сатана за да ги заведе луѓето.

^ пас. 9 Изразот што во стих 16 е преведен како „Господару мој“ би можел да се преведе и како „Ваале мој“.

^ пас. 49 ОПИС НА СЛИКАТА: Израелците кои се дружат со Ханаанците се доведени во искушение да го обожаваат Ваал и да вршат неморал.

^ пас. 52 ОПИС НА СЛИКАТА: Боите на рекламниот плакат на една црква покажуваат дека таа ја толерира хомосексуалноста.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра се запишува на факултет. Таа и другите студенти го прифаќаат ставот на професорката дека науката и технологијата можат да ги решат сите проблеми на човештвото. Подоцна, за време на собраниски состанок, сестрата не е заинтересирана за програмата и им наоѓа маани на браќата и сестрите.