Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 26

Помагај им на другите да се справат со стресот

Помагај им на другите да се справат со стресот

Сите бидете со еднакви мисли, сочувствителни, полни со братска љубов, сомилосни, понизни (1. ПЕТ. 3:8)

ПЕСНА 107 Да покажуваме љубов како Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како можеме да го следиме примерот на нашиот грижлив Татко Јехова?

ЈЕХОВА, нашиот грижлив Татко, многу нѐ сака (Јован 3:16). Ние сакаме да го следиме неговиот пример. Затоа се трудиме да бидеме „сочувствителни, полни со братска љубов [и] сомилосни“ со сите, но особено со нашите „браќа по вера“ (1. Пет. 3:8; Гал. 6:10). Кога некој од нашите духовни браќа и сестри се соочува со тешка ситуација, ние сакаме да му помогнеме.

2. Што ќе видиме во оваа статија?

2 Секој што сака да биде дел од Јеховиното семејство ќе се соочи со стресни ситуации (Мар. 10:29, 30). Како што се приближува крајот на овој свет, веројатно ќе се соочиме со уште повеќе проблеми. Како можеме меѓусебно да си помагаме? Да видиме што можеме да научиме од библиските извештаи за Лот, Јов и Ноемина. Исто така, ќе видиме со какви тешкотии се соочуваат некои браќа и сестри денес, и како можеме да им помогнеме да се справат со проблемите.

БИДИ СТРПЛИВ

3. Како што гледаме од 2. Петрово 2:7, 8, каква лоша одлука донел Лот, и со каков резултат?

3 Лот донел лоша одлука кога решил да живее во Содом каде што луѓето биле крајно неморални. (Прочитај 2. Петрово 2:7, 8.) Целиот тој крај бил многу богат, но Лот платил висока цена затоа што се преселил во Содом (1. Мој. 13:8-13; 14:12). Неговата жена очигледно толку многу се приврзала за тој град, или за некои од луѓето кои живееле таму, што поради тоа му била непослушна на Јехова. Таа го изгубила својот живот кога Бог пуштил оган и сулфур врз тој предел. А размисли и за ќерките на Лот. Мажите со кои тие планирале да стапат во брак загинале во Содом. Лот го изгубил својот дом, имотот и, што е најболно од сѐ, останал без својата жена (1. Мој. 19:12-14, 17, 26). Во текот на тој тежок период, дали Јехова го изгубил трпението со Лот? Не.

Јехова покажал сочувство со тоа што испратил ангели за да го спаси Лот и неговото семејство (Види во пасус 4)

4. Како Јехова покажал стрпливост кон Лот? (Види ја сликата на насловната страница.)

4 Иако самиот Лот одлучил да живее во Содом, Јехова му покажал сочувство со тоа што испратил ангели за да ги спаси него и неговото семејство. Меѓутоа, наместо веднаш да ја послуша заповедта на ангелите да го напуштат Содом, Лот почнал да одолговлекува. Ангелите морале да го грабнат за рака и да му помогнат нему и на неговото семејство да побегнат од градот (1. Мој. 19:15, 16). Тогаш ангелите му рекле да побегне во планините. Но, наместо да го послуша Јехова, Лот замолил да оди во еден соседен град (1. Мој. 19:17-20). Јехова стрпливо го сослушал и му дозволил да побегне таму. Подоцна Лот почнал да се плаши да живее во тој град, и се преселил во планините — токму таму каде што претходно Јехова му рекол да оди (1. Мој. 19:30). Јехова навистина покажал голема стрпливост! Како можеме да го следиме неговиот пример?

5-6. Како можеме да го следиме примерот на Бог додека се трудиме да го примениме 1. Солуњаните 5:14?

5 Слично на Лот, некој брат или сестра можеби ќе донесе лоша одлука поради која ќе се соочи со големи проблеми. Ако се случи такво нешто, како ќе постапиме ние? Можеби ќе бидеме на искушение да му кажеме дека го жнее она што го сеел, и тоа веројатно е вистина (Гал. 6:7). Но ќе биде подобро ако му помогнеме онака како што Јехова му помогнал на Лот. Да видиме како можеме да го сториме тоа.

6 Јехова не ги испратил ангелите само да го предупредат Лот туку и да му помогнат да ја избегне катастрофата што му претстоела на Содом. Слично на тоа, можеби ќе биде потребно да го предупредиме нашиот соверник ако гледаме дека прави нешто што во иднина ќе му донесе проблеми. Но можеби ќе бидеме во состојба и да му помогнеме. Дури и ако му треба подолго време за да го примени библискиот совет, треба да бидеме стрпливи. Добро е да се угледаме на двата ангела. Наместо да кренеме раце од соверникот и да се оддалечиме од него, треба да размислиме како би можеле практично да му помогнеме (1. Јов. 3:18). Можеби ќе треба, симболично кажано, „да го фатиме за рака“ и да му помогнеме да го примени библискиот совет. (Прочитај 1. Солуњаните 5:14.)

7. Како можеме да гледаме на другите онака како што Јехова гледал на Лот?

7 Јехова можел да се концентрира на слабостите на Лот. Наместо тоа, тој подоцна го вдахновил апостол Петар да го опише Лот како праведен човек. Навистина сме многу радосни што Јехова ни ги простува грешките! (Пс. 130:3). Дали можеме да гледаме на другите онака како што Јехова гледал на Лот? Ако се концентрираме на добрите особини на нашите браќа и сестри, ќе бидеме пострпливи со нив. А со тоа можеме да им олесниме да ја прифатат нашата помош.

БИДИ СОЧУВСТВИТЕЛЕН

8. На што ќе нѐ поттикне сочувството?

8 За разлика од Лот, Јов не страдал поради некои свои лоши одлуки. Сепак, Јов доживеал тешки неволји — останал без својот имот, ја изгубил положбата во општеството и му се нарушило здравјето. А што е најстрашно, му умреле сите деца. Исто така, бил обвинет од тројца лажни пријатели. Зошто овие луѓе не покажале сочувство кон Јов? Една причина е тоа што не се обиделе да разберат што всушност му се случувало. Затоа донеле погрешни заклучоци и строго го осудиле Јов. Што ќе ни помогне да не направиме слична грешка кога некој брат или сестра се наоѓа во тешка ситуација? Секогаш имај на ум дека само Јехова ги знае сите детали за ситуацијата на нашиот соверник. Внимателно слушај го додека ти ги кажува своите маки. Немој само да ги слушаш неговите зборови туку труди се и да ја разбереш болката што ја чувствува. Дури тогаш ќе можеш да покажеш сочувство кон твојот соверник.

9. Што нема да правиме ако сме сочувствителни, и зошто?

9 Ако имаме сочувство кон нашите браќа и сестри, нема да зборуваме наоколу за проблемите што ги имаат. Оној што озборува не го изградува собранието, туку го руши (Изр. 20:19; Рим. 14:19). Тој не покажува љубов туку е бесчувствителен, и неговите зборови можат да го повредат оној што веќе страда (Изр. 12:18; Еф. 4:31, 32). Многу е подобро да се концентрираме на добрите особини што ги имаат другите, и да размислиме како можеме да им помогнеме кога минуваат низ тешка ситуација.

Ако некој соверник почне да зборува непромислено, слушај го внимателно и во вистинско време кажи му нешто утешно (Види во пасуси 10-11) *

10. Што учиме од зборовите запишани во Јов 6:2, 3?

10 Прочитај Јов 6:2, 3. Понекогаш Јов зборувал непромислено. Сепак, подоцна рекол дека му е жал за непромислените зборови што ги кажал (Јов 42:6). Слично како Јов, кога некој денес се соочува со тежок проблем можеби ќе каже нешто непромислено за кое подоцна ќе му биде жал. Како треба да реагираме во таква ситуација? Наместо да го критикуваме тој соверник, треба да бидеме сочувствителни. Не заборавај дека Јехова немал намера луѓето да ги имаат денешните проблеми и стресни ситуации. Според тоа, сосема е разбирливо ако некој верен слуга на Јехова зборува непромислено кога е под голем стрес. Дури и ако каже некои неточни работи за Јехова или за нас, не треба веднаш да се налутиме или да го осудиме за она што го кажал (Изр. 19:11).

11. Како можат старешините да го следат примерот на Елиу кога некому даваат совет?

11 Понекогаш, на некој што се соочува со тежок проблем може да му биде потребен и некаков совет или исправка (Гал. 6:1). Како можат старешините да го направат тоа? Тие треба да се угледаат на Елиу, кој го слушал Јов со големо сочувство (Јов 33:6, 7). Елиу му дал совет на Јов дури откако разбрал како размислува. Старешините кои го следат примерот на Елиу слушаат внимателно и се обидуваат да ја разберат ситуацијата на соверникот со кој разговараат. На тој начин, кога ќе му го даваат советот, тие ќе можат полесно да допрат до неговото срце.

ЗБОРУВАЈ УТЕШНО

12. Како влијаеле врз Ноемина смртта на нејзиниот маж и двата сина?

12 Ноемина била жена која го сакала Јехова и верно му служела. Но, по смртта на нејзиниот маж и двата сина, таа сакала да си го смени името од Ноемина во „Мара“, што значи „горчило“ (Рут 1:3, 5, 20, фус., 21). Рут, снаата на Ноемина, останала со неа во овој тежок период. Освен што практично ѝ помагала на Ноемина, Рут исто така ја тешела со своите зборови. Таа ја изразила својата љубов и поддршка кон Ноемина со едноставни, искрени зборови (Рут 1:16, 17).

13. Зошто им е потребна нашата поддршка на оние на кои им починал брачниот другар?

13 Кога на некој наш соверник ќе му почине брачниот другар, потребна му е нашата поддршка. Брачните другари можат да се споредат со две дрва кои растат едно покрај друго. Низ годините, корењата им се испреплетуваат. Кога едно од дрвата ќе умре и ќе биде искорнато, тоа може многу лошо да се одрази врз другото дрво. Слично на тоа, кога некому ќе му умре брачниот другар, тоа лице може подолго време да биде преплавено од многу силни чувства. Паула, * чиј сопруг ненадејно починал, вели: „Животот ми се смени од корен и се чувствував беспомошно. Го загубив најдобриот другар. Со него зборував за сѐ. Си ја делевме радоста и се поддржувавме во тешки времиња. Тој ми беше рамо за плачење. Се чувствував како да умре дел од мене“.

Како можеме да им помогнеме на оние на кои им починал брачниот другар? (Види во пасуси 14-15) *

14-15. Како можеме да утешиме некого на кого му починал сопружникот?

14 Како можеш да утешиш некој соверник на кој му починал брачниот другар? Првата работа што треба да ја направиш е да зборуваш со него, и покрај тоа што можеби се чувствуваш непријатно, или не си сигурен што да кажеш. Паула, која ја спомнавме претходно, вели: „Разбирам дека на луѓето им е непријатно кога ќе почине некој бидејќи се плашат да не кажат нешто погрешно. Но полошо од тоа да ти кажат нешто погрешно е да не ти кажат ништо“. Едно ужалено лице веројатно не очекува да му кажеме нешто посебно. Паула вели: „Бев многу благодарна кога пријателите едноставно ќе кажеа: ’Многу ми е жал‘“.

15 Вилијам, чија сопруга починала пред неколку години, вели: „Многу ми значи кога другите ми ги раскажуваат убавите спомени што ги имаат за жена ми. Тоа ми покажува дека ја сакале и ја почитувале. Ваквата поддршка ми е од голема помош. Нивните зборови многу ме тешат, бидејќи жена ми беше скапоцена за мене и со неа поминав голем дел од животот“. Една вдовица по име Бјанка објаснува: „Многу ме утешува кога другите се молат со мене и кога споделуваат некој стих од Библијата. Ми помага кога ми зборуваат за маж ми и кога слушаат додека јас зборувам за него“.

16. а) Зошто треба непрестајно да им помагаме на оние на кои им починал некој близок? б) Според Јаков 1:27, каква одговорност имаме?

16 Исто како што Рут останала со вдовицата Ноемина, ние треба постојано да им помагаме на оние на кои им починал некој близок. Паула, што ја спомнавме претходно, вели: „Кога почина маж ми, добив голема поддршка од другите. Но, како што минуваше времето, тие си продолжија со секојдневните активности. За разлика од нив, мојот живот се смени од корен. Огромна помош е кога другите сфаќаат дека на едно ужалено лице му треба поддршка со месеци — дури и со години — по смртта на некој близок“. Се разбира, секој човек е различен. Се чини дека некои релативно брзо се привикнуваат на новите околности. За други, пак, секоја активност во која учествувале заедно со сопружникот е болно потсетување на нивната загуба. Секој човек тагува на различен начин. Да не заборавиме дека Јехова ни ја дал честа и одговорноста да се грижиме за оние на кои им починал брачниот другар. (Прочитај Јаков 1:27.)

17. Зошто им е потребна нашата поддршка на оние чиј сопружник ги напуштил?

17 Некои мораат да се борат со огромната болка и големиот стрес што ги чувствуваат затоа што нивниот брачен другар ги напуштил. Џесика, чиј сопруг ја напуштил поради друга жена, вели: „Болката што ја чувствував поради разводот беше огромна. Мислам дека немаше толку да ме боли ако маж ми умреше во несреќен случај или поради болест, бидејќи тоа немаше да биде негова одлука. Но во овој случај, тој одлучи да ме напушти. Затоа се чувстував понижено“.

18. Како можеме да им помогнеме на оние што останале без брачниот другар?

18 Кога им правиме добро на оние што останале без брачниот другар, им покажуваме дека навистина ги сакаме. Во таква ситуација, потребни им се добри пријатели повеќе од кога и да било порано (Изр. 17:17). Како можеш да им покажеш дека си им пријател? Би можел да ги поканиш на едноставен оброк, да ги викнеш на дружење или да одите во служба на проповедање. Освен тоа, би можел понекогаш да ги викнеш на вашата Семејна вечер. На тој начин ќе го радуваш Јехова бидејќи тој е „близу до оние што се скршени во срцето“ и се грижи за вдовиците (Пс. 34:18; 68:5).

19. На што нѐ поттикнуваат зборовите од 1. Петрово 3:8?

19 Наскоро, кога Божјето Царство ќе владее со Земјата, сите „неволји ќе бидат заборавени“. Едвај чекаме да дојде времето кога она што било порано „нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Иса. 65:16, 17). Дотогаш, да си помагаме едни на други, и да покажеме со збор и со дела дека ги сакаме сите браќа и сестри. (Прочитај 1. Петрово 3:8.)

ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост

^ пас. 5 Лот, Јов и Ноемина верно му служеле на Јехова, но сепак имале тешки периоди во својот живот. Во оваа статија ќе видиме што можеме да научиме од нивниот пример. Исто така, ќе разгледаме зошто е важно да бидеме стрпливи и сочувствителни, и да ги тешиме нашите браќа и сестри кога се соочуваат со проблеми.

^ пас. 13 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат е многу вознемирен и почнува да зборува непромислено додека еден старешина го слуша внимателно. Подоцна, откако вознемирениот брат се смирил, старешината му дава љубезен совет.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден млад брачен пар е на посета кај еден брат чија сопруга неодамна починала. Тие разгледуваат заеднички фотографии и разговараат за убавите спомени што ги имаат за жена му.