Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се заштитиме од една опасна замка на Сатана

Како да се заштитиме од една опасна замка на Сатана

ДОДЕКА Израелците се подготвувале да ја преминат реката Јордан и да влезат во земјата која Бог ветил дека ќе им ја даде, се појавиле некои туѓинки. Тие ги поканиле израелските мажи на гозба. Тоа можеби изгледало како прилика која не се пропушта. На Израелците сигурно им била привлечна можноста да стекнат нови пријатели, да танцуваат и да јадат убави јадења. Иако обичаите и моралните мерила на тие жени се разликувале од оние за кои Израелците биле поучени преку Божјиот закон, некои од мажите можеби си помислиле: „Тие нема да влијаат врз нас. Ќе бидеме внимателни“.

Што се случило? Библискиот извештај ни кажува: „Народот се впушти во блуд со моавските ќерки“. Всушност, тие жени сакале да ги наведат Израелците да обожаваат лажни богови. И успеале во тоа! Сосема е разбирливо што Јехова пламнал од гнев против Израел (4. Мој. 25:1-3).

Тие Израелци го прекршиле Божјиот закон на два начина: се клањале на идоли и извршиле сексуален неморал. Илјадници умреле поради својата непослушност (2. Мој. 20:4, 5, 14; 5. Мој. 13:6-9). Уште пожалосно е ако размислиме во кое време се случила оваа трагедија. Доколку не го прекршеле Божјиот закон, тие илјадници Израелци наскоро ќе можеле да го преминат Јордан и да влезат во Ветената земја (4. Мој. 25:5, 9).

Во врска со тие настани, апостол Павле напишал: „Сето тоа им се случуваше за пример и напишано е како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок“ (1. Кор. 10:7-11). Без сомнение, Сатана се радувал дека некои од Израелците во тоа време направиле тежок грев, и затоа Јехова не им дозволил да влезат во Ветената земја. Треба сериозно да го сфатиме тоа предупредување бидејќи сме свесни дека Сатана многу ќе се радува ако успее да нѐ спречи да влеземе во Божјиот нов свет!

ОПАСНА ЗАМКА

Сатана денес сака да ги фати во замка Божјите слуги, и за таа цел користи тактики кои претходно му успеале кај многу луѓе. Како што видовме, тој го користел сексуалниот неморал за да ги заведе Израелците. Во наше време, неморалот сѐ уште претставува опасна замка. За да успее да нѐ фати во таа замка, Сатана ја користи порнографијата.

Денес некој може да гледа порнографија без никој да знае за тоа. Пред многу години, оној што сакал да гледа порнографија требало да оди во кино каде што се прикажувале неморални филмови или да оди во посебни продавници за да купи книги или списанија со порнографска содржина. Многу луѓе веројатно не оделе на такви места бидејќи им било срам да не ги види некој. Но денес, секој што има пристап до интернет може да гледа порнографија на работа или на кое и да било друго место. А во многу земји, и мажите и жените можат да дојдат до порнографија без воопшто да го напуштат својот дом.

Но тоа не е сѐ. Мобилните уреди го олеснуваат пристапот до порнографијата. Луѓето можат да гледаат неморални слики на некој електронски уред додека се шетаат на улица, или додека се возат во автобус или во воз.

Бидејќи денес е многу полесно некој скришно да гледа порнографија, таа им нанесува штета на многу поголем број луѓе од порано. Безброј лица што гледаат порнографија си го уништуваат бракот, ја губат самопочитта и си ја валкаат совеста. Што е уште пострашно, тие ризикуваат да си го расипат пријателството со Бог. Според тоа, можеш да бидеш сигурен дека порнографијата е многу штетна. Во многу случаи, таа им нанесува длабоки емоционални рани на оние што ја гледаат. Иако таквите рани можеби постепено ќе се залечат, тие можат да остават долготрајни лузни.

Но Јехова може да нѐ заштити од оваа замка на Сатана. Ако сакаме да имаме заштита од Јехова, мора да го направиме она што древните Израелци не го направиле — верно да го слушаме (2. Мој. 19:5). Мора да бидеме свесни дека Бог ја мрази порнографијата. Зошто може да бидеме сигурни во ова?

МРАЗИ ГО ОНА ШТО ЈЕХОВА ГО МРАЗИ

Размисли за следново: законите што Бог им ги дал на Израелците биле поинакви од законите што ги имале другите народи во тоа време. Божјите закони биле како ѕид што ги штител Израелците од штетните влијанија на околните народи (5. Мој. 4:6-8). Тие закони јасно укажувале на една важна вистина — Јехова го мрази сексуалниот неморал.

Кога ги набројувал изопачените работи што ги правеле соседните народи, Јехова им кажал на Израелците: „Немојте да го правите... она што се прави во ханаанската земја, во којашто ве водам... Земјата е нечиста, па ќе ја казнам за нејзините престапи“ (3. Мој. 18:3, 25). За светиот Бог на Израел, она што го правеле Ханаанците било толку одвратно што земјата во која живееле станала нечиста.

Иако Јехова ги казнил Ханаанците, другите народи продолжиле да вршат сексуален неморал. Повеќе од 1.500 години подоцна, во врска со народите меѓу кои живееле христијаните, Павле напишал дека „изгубиле секакво чувство за тоа што е морално“. Всушност, тие „се предале на бесрамни дела за лакомо да вршат секаква нечистотија“ (Еф. 4:17-19, фус.). И денес многу луѓе се крајно неморални и воопшто не се срамат поради тоа. Затоа, вистинските Божји слуги треба многу да внимаваат што гледаат, и колку што е можно да не се изложуваат на слики од неморалните постапки на луѓето од овој свет.

Порнографијата е голема навреда за Бог. Тој ги создал луѓето по својот лик и ни дал чувство за тоа што е пристојно однесување. Бог покажал голема мудрост кога дал закони во врска со сексуалните односи. Негова намера била сексуалните односи да им носат задоволство на оние што се во брак (1. Мој. 1:26-28; Изр. 5:18, 19). Но што, всушност, прават оние што пишуваат, снимаат или шират порнографски материјали? Тие дрско ги погазуваат Божјите морални мерила. Навистина, луѓето што ја шират порнографијата не го почитуваат Јехова. Бог ќе им суди на оние што ги отфрлаат неговите мерила со тоа што снимаат или шират неморален материјал (Рим. 1:24-27).

А што е со луѓето што намерно читаат или гледаат порнографија? Некои можеби сметаат дека тоа е безопасна забава. Но, тие всушност ги поддржуваат оние што не ги почитуваат Јеховините мерила. Можеби немале таква намера кога почнале да гледаат порнографија. Сепак, Библијата јасно покажува дека слугите на вистинскиот Бог треба да ја мразат порнографијата. Божјата Реч нѐ поттикнува: „Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото!“ (Пс. 97:10).

Дури и на оние што сакаат да ја избегнат порнографијата може да им биде тешко да успеат во тоа. Бидејќи сме несовршени, може да ни биде тешко да се бориме со нечисти сексуални желби. Исто така, нашето несовршено срце може да нѐ убедува дека не е погрешно да гледаме порнографија (Ерем. 17:9). Но, многумина кои станале Божји слуги победиле во таа битка. Овој факт може да те увери дека и ти можеш да победиш ако се бориш со нечисти желби. Да видиме како Божјата Реч може да ти помогне да не дозволиш Сатана да те фати во замката на порнографијата.

НЕМОЈ ДА РАЗМИСЛУВАШ ЗА НЕМОРАЛНИ РАБОТИ

Како што веќе спомнавме, многу Израелци дозволиле неисправните желби да ги доведат до катастрофа. Истото може да се случи и денес. Јаков, братот на Исус, ја опишал оваа опасност: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јак. 1:14, 15). Откако една неисправна желба ќе се развие до одредена мера во нечие срце, постои голема веројатност дека тоа лице ќе направи грев. Затоа мора да ги отфрлиме неморалните мисли.

Ако забележиш дека постојано размислуваш за неморални работи, веднаш преземи нешто. Исус рекол: „Ако твојата рака или твојата нога те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе... И ако окото те наведува на грев, извади го и фрли го од себе!“ (Мат. 18:8, 9). Исус не сакал да каже дека треба да се осакатиме. Тој ја дал оваа споредба за да ни помогне да разбереме дека треба да откриеме што нѐ наведува да размислуваме за неморални работи, и тогаш брзо и одлучно да ги направиме потребните промени. Како можеме да го примениме овој совет во однос на порнографијата?

Ако наидеш на порнографија, не треба да си мислиш: „Тоа нема да влијае врз мене“. Наместо тоа, веднаш сврти го погледот. Веднаш исклучи го телевизорот, компјутерот или мобилниот уред. Размислувај за нешто чисто. Ова ќе ти помогне да си ги контролираш мислите наместо да дозволиш погрешните желби да те контролираат тебе.

ШТО АКО ПОРАНО СИ ГЛЕДАЛ ПОРНОГРАФИЈА И ТИ СЕ НАВРАЌААТ ТАКВИ СЛИКИ?

Што треба да правиш ако си успеал да престанеш да гледаш порнографија, но одвреме-навреме пак ти се појавуваат такви слики во мислите? Порнографските слики или нечистите мисли можат да останат во умот долго време. Тие можат повторно да се појават во кое и да било време. Ако се случи такво нешто, можеби ќе добиеш желба да направиш нешто нечисто, како на пример да мастурбираш. Затоа биди свесен дека такви мисли можат ненадејно да се појават и биди подготвен да се бориш со нив.

Зајакни си ја решеноста да размислуваш и да постапуваш онака како што сака Јехова. Апостол Павле напишал: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб“ (1. Кор. 9:27). Следи го неговиот пример. Немој да им станеш роб на нечистите желби. Павле напишал: „Преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Рим. 12:2). Не заборавај — ќе бидеш многу посреќен ако размислуваш и постапуваш онака како што сака Бог отколку ако ги задоволуваш своите неисправни желби.

Ќе бидеш многу посреќен ако размислуваш и постапуваш онака како што сака Бог отколку ако ги задоволуваш своите неисправни желби

Труди се да запомниш некои библиски стихови. Потоа, кога ќе ти се појават неисправни мисли, принуди се да размислуваш за тие стихови. Стиховите како што се Псалм 119:37, Исаија 52:11, Матеј 5:28, Ефешаните 5:3, Колошаните 3:5 и 1. Солуњаните 4:4-8 ќе ти помогнат да го имаш истиот став кон порнографијата што го има Јехова и да разбереш како тој очекува да постапиш.

Што ако во некои прилики чувствуваш дека не можеш да се спротивставиш на желбата да гледаш или да размислуваш за неморални работи? Тесно следи го примерот на Исус (1. Пет. 2:21). Откако тој се крстил, Сатана повеќе пати го искушувал. Што правел Исус? Постојано се спротивставувал. Со тоа што цитирал различни стихови од Божјата Реч, им одолеал на искушенијата на Сатана. Исус рекол: „Бегај, Сатано!“, и Сатана го оставил (Мат. 4:1-11). Исус никогаш не престанал да му се спротивставува на Ѓаволот, а не треба да престанеш ни ти. Сатана и неговиот свет и понатаму ќе се обидуваат да ти го полнат умот со неморални мисли, но продолжи да се бориш. Ти можеш да победиш во борбата против порнографијата. Со помош од Јехова ти можеш да го победиш својот непријател.

МОЛИ МУ СЕ НА ЈЕХОВА И БИДИ МУ ПОСЛУШЕН

И понатаму моли го Јехова да ти помага. Павле рекол: „Изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Фил. 4:6, 7). Бог ќе ти даде внатрешен мир кој ќе ти помогне да не направиш нешто погрешно. Ако му се приближиш на Јехова, тој ќе ти се приближи тебе (Јак. 4:8).

Најдобрата заштита од секоја замка на Сатана е блиското пријателство со Севишниот Владетел на вселената. Исус рекол: „Доаѓа владетелот на светот [Сатана]. Тој нема власт над мене“ (Јован 14:30). Зошто Исус бил толку уверен во тоа? Тој еднаш објаснил: „Оној што ме испрати е со мене. Не ме остави сам, бидејќи јас секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:29). Додека се трудиш да го радуваш Јехова, можеш да бидеш сигурен дека тој нема да те напушти. Избегнувај ја замката на порнографијата, и нема да станеш плен на Сатана.