Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 25

Потпирај се на Јехова кога си под стрес

Потпирај се на Јехова кога си под стрес

Од загриженост срцето на човекот му премалува (ИЗР. 12:25)

ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто мора да го послушаме предупредувањето што го дал Исус?

КОГА го дал пророштвото за последните денови, Исус рекол: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со... животните грижи [или „со грижи околу издршката; средствата за живот“, фус.]“ (Лука 21:34). Зошто треба да го послушаме ова предупредување? Бидејќи денес сите мора да се бориме со такви проблеми.

2. Со какви тешки проблеми се соочуваат нашите браќа и сестри?

2 Понекогаш мора да се справиме со неколку проблеми во исто време. Размисли за следниве примери. Еден брат по име Џон *‚ кој има мултиплекс склероза, бил скршен од болка кога го напуштила сопругата по 19 години брак. Потоа двете негови ќерки престанале да му служат на Јехова. Боб и жена му Линда се соочиле со друг вид проблеми. И двајцата ја изгубиле работата, а потоа морале да се иселат од куќата бидејќи повеќе немале доволно пари за да живеат во неа. Згора на тоа, лекарите откриле кај Линда сериозно срцево заболување и тежок артритис.

3. Според Филипјаните 4:6, 7, во што можеме да бидеме сигурни?

3 Можеме да бидеме сигурни дека нашиот Творец и грижлив Татко, Јехова, разбира како се чувствуваме кога сме под стрес. Освен тоа, тој сака да ни помогне да се справиме со нашите проблеми. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.) Библијата содржи многу извештаи во кои се опишани некои од проблемите со кои се соочувале Божјите слуги. Исто така, во неа е објаснето како Јехова им помогнал да се справат со тие стресни ситуации. Да разгледаме неколку примери.

ИЛИЈА — ЧОВЕК КОЈ ИМАЛ ИСТИ ЧУВСТВА КАКО НАШИТЕ

4. Со какви проблеми се соочил Илија, и во што се уверил?

4 Илија му служел на Јехова во еден тежок период и се соочил со големи проблеми. Цар Ахав, еден од израелските цареви што не му биле послушни на Јехова, се оженил со Језавела — злобна жена која го обожавала Ваал. Ахав и Језавела го поттикнувале народот да му служи на Ваал и убиле многу пророци на Јехова. Но Илија успеал да побегне. Исто така, бидејќи имал доверба во Јехова, успеал да го преживее големиот глад кој ја погодил земјата (1. Цар. 17:2-4, 14-16). Освен тоа, Илија се потпрел на Јехова кога им се спротивставил на пророците и слугите на Ваал. Тој ги поттикнал Израелците да му служат на Јехова (1. Цар. 18:21-24, 36-38). Илија имал многу докази дека Јехова му помагал во тие тешки периоди од животот.

Јехова испратил ангел за да му помогне на Илија да си ја обнови силата (Види во пасуси 5-6) *

5-6. а) Според 1. Царевите 19:1-4, како се чувствувал Илија? б) Како Јехова му покажал на Илија дека го сака?

5 Прочитај 1. Царевите 19:1-4. И покрај тоа што имал докази дека Јехова му помага, Илија се исплашил кога царицата Језавела се заканила дека ќе го убие. Затоа побегнал во подрачјето на Вирсавеја. Толку се обесхрабрил што посакал да умре. Зошто се чувствувал така? Илија бил несовршен човек кој имал „исти чувства како и ние“ (Јак. 5:17, фус.). Најверојатно бил под огромен стрес и физички бил исцрпен. Изгледа си мислел дека е залуден целиот труд што го вложил за да им помогне на луѓето да му служат на Јехова, дека ситуацијата во Израел не се подобрила и дека тој е единствениот што му служи на Јехова (1. Цар. 18:3, 4, 13; 19:10, 14). Можеби сме изненадени од реакцијата на овој верен пророк. Но Јехова имал разбирање за неговите чувства.

6 Јехова не го прекорил Илија за тоа што кажал како се чувствува. Напротив, му помогнал да си ја обнови силата (1. Цар. 19:5-7). Подоцна, Јехова љубезно го исправил размислувањето на Илија така што му ја покажал својата огромна моќ. Потоа Јехова му кажал дека во Израел сѐ уште има 7.000 луѓе кои одбиле да му служат на Ваал (1. Цар. 19:11-18). На овој начин, Јехова му покажал на Илија дека го сака.

КАКО ЌЕ НИ ПОМОГНЕ ЈЕХОВА

7. Во што нѐ уверува начинот на кој Јехова му помогнал на Илија?

7 Дали се соочуваш со некоја тешка ситуација? Многу е утешно тоа што знаеме дека Јехова имал разбирање за чувствата на Илија! Тоа нѐ уверува дека има разбирање и за нашите чувства кога имаме проблеми и кога сме потиштени. Тој ги знае нашите ограничувања, а знае дури и што размислуваме и што чувствуваме (Пс. 103:14; 139:3, 4). Ако и ние, како Илија, имаме доверба во Јехова, тој ќе ни помогне да се справиме со проблемите поради кои сме под стрес (Пс. 55:22).

8. Како ќе ти помогне Јехова кога си под стрес?

8 Кога сме под стрес, обично мислиме дека ситуацијата никогаш нема да се промени на подобро, и тоа уште повеќе нѐ обесхрабрува. Ако ти се случи такво нешто, не заборавај дека Јехова ќе ти помогне да се справиш со таа ситуација. Како ќе ти помогне? Тој те поттикнува да му ги кажеш своите грижи, и биди сигурен дека ќе се оѕвие на твоите повици за помош (Пс. 5:3; 1. Пет. 5:7). Затоа, често моли му се на Јехова за твоите проблеми. Тој нема да ти зборува на ист начин како што му зборувал на Илија, но ќе го стори тоа преку неговата Реч, Библијата, и преку неговата организација. Извештаите што ги читаш во Библијата можат да ти дадат утеха и надеж. Исто така, можат да те охрабрат и твоите духовни браќа и сестри (Рим. 15:4; Евр. 10:24, 25).

9. Како би можел да ни помогне некој близок пријател?

9 Јехова му рекол на Илија да му даде дел од своите задачи на Елисеј. На овој начин, Јехова му дал на Илија добар пријател кој без сомнение му помогнал да се справи со обесхрабрувањето. Слично на тоа, кога на некој близок пријател ќе му кажеме како се чувствуваме, тој може да ни помогне да се справиме со емоционалниот товар (2. Цар. 2:2; Изр. 17:17). Ако сметаш дека нема кому да му се довериш за своите проблеми и грижи, моли го Јехова да ти помогне да најдеш некој зрел соверник кој може да те охрабри.

10. Каква надеж ни дава искуството на Илија, и како може да ни помогне ветувањето запишано во Исаија 40:28, 29?

10 Јехова му помогнал на Илија да се справи со стресот и со години верно да му служи. Искуството на Илија ни дава надеж. Можеби минуваме низ период на голем стрес кој нѐ исцрпува во физички и емоционален поглед. Сепак, ако се потпираме на Јехова, тој ќе ни ја даде потребната сила да продолжиме да му служиме. (Прочитај Исаија 40:28, 29.)

ДРУГИ БОЖЈИ СЛУГИ КОИ СЕ ПОТПИРАЛЕ НА ЈЕХОВА

11-13. Како влијаел стресот врз тројца Божји слуги од минатото?

11 И други личности од Библијата се соочиле со многу стресни ситуации. На пример, поради тоа што била неротка, Ана чувствувала голем срам и морала да го трпи суровото исмевање од другата жена на нејзиниот маж (1. Сам. 1:2, 6). Ана била толку огорчена од огромниот стрес што плачела и не јадела (1. Сам. 1:7, 10).

12 Понекогаш, цар Давид бил под голем стрес. Размисли за проблемите што ги имал. Тој чувствувал голема вина поради многуте грешки што ги направил (Пс. 40:12). Неговиот сакан син Авесалом се побунил против него и на крајот загинал (2. Сам. 15:13, 14; 18:33). Освен тоа, еден од најблиските пријатели го предал (2. Сам. 16:23—17:2; Пс. 55:12-14). Во многу од псалмите што ги напишал Давид се гледа колку тој бил обесхрабрен, но и колку цврста вера имал во Јехова (Пс. 38:5-10; 94:17-19).

Што му помогнало на псалмистот повторно да му служи на Јехова со радост? (Види во пасуси 13-15) *

13 Еден псалмист почнал да им завидува на злите луѓе поради убавиот живот што го воделе. Тој можеби бил потомок на левитот Асаф, и можеби служел во „величественото светилиште на Бог“. Овој псалмист бил под голем емоционален притисок, и поради тоа ја изгубил радоста и станал незадоволен. Дури почнал да мисли дека е залудно да му се служи на Бог (Пс. 73:2-5, 7, 12-14, 16, 17, 21).

14-15. Што учиме од трите библиски примери?

14 Тројцата Божји слуги што ги спомнавме се потпирале на Јехова за помош и во сесрдни молитви му ги довериле своите грижи. Тие отворено му кажале на Јехова зошто се чувствуваат толку потиштено. Исто така, продолжиле да одат во Јеховиниот дом (1. Сам. 1:9, 10; Пс. 55:22; 73:17; 122:1).

15 Јехова сочувствително одговорил на нивните молитви. Ана почувствувала внатрешен мир (1. Сам. 1:18). Давид напишал: „Многу неволји има праведникот, но Јехова го избавува од сите нив.“ (Пс. 34:19). А псалмистот подоцна сфатил дека Јехова го води со своите совети. Тој напишал: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог, Севишниот Господар Јехова е моето засолниште“ (Пс. 73:23, 24, 28). Што учиме од овие примери? Понекогаш сме притиснати од проблеми кои ни предизвикуваат стрес. Но можеме да се справиме со стресот ако размислуваме на кој начин Јехова им помогнал на другите, ако се потпираме на него во молитва и ако сме му послушни така што го правиме она што тој го бара од нас (Пс. 143:1, 4-8).

ПОТПИРАЈ СЕ НА ЈЕХОВА И ЌЕ СЕ СПРАВИШ СО СТРЕСОТ

Една сестра посакувала да се изолира, но работите се смениле откако почнала да размислува како да им помогне на другите (Види во пасуси 16-17)

16-17. а) Зошто не треба да се изолираме? б) Како можеме да си ја обновиме силата?

16 Од трите примери што ги разгледавме учиме уште една важна работа — не треба да се изолираме туку треба да останеме блиски со Јехова и со неговиот народ (Изр. 18:1). Ненси, која претрпела огромен стрес кога ја напуштил нејзиниот маж, вели: „Имаше многу денови кога не сакав ниту да видам ниту да зборувам со некого. Сепак, колку повеќе се изолирав толку потажна станував“. Работите се смениле кога Ненси почнала да размислува како да им помогне на другите што имале проблеми. Таа вели: „Ги слушав другите кога ми ги кажуваа нивните проблеми. Забележав дека, колку повеќе сочувствував со другите толку помалку се сожалував себеси“.

17 Тоа што редовно ќе одиме на собраниските состаноци, ќе ни помогне да си ја обновиме силата. Со нашето присуство на состаноците, му даваме на Јехова дополнителна можност да ни помага и да нѐ теши (Пс. 86:17). Таму тој нѐ зајакнува преку светиот дух, преку неговата Реч и преку неговите слуги. На состаноците имаме прилика да се храбриме со нашите браќа и сестри (Рим. 1:11, 12). Една сестра по име Софија рекла: „Јехова и нашето братство ми помогнаа да истраам. За мене беа најважни собраниските состаноци. Сфатив дека, колку повеќе учествувам на состаноците и во службата на проповедање толку подобро се справувам со стресот и грижите“.

18. Што може да ни даде Јехова кога сме обесхрабрени?

18 Кога сме обесхрабрени, да го имаме на ум Јеховиното ветување дека во иднина трајно ќе ги отстрани сите наши проблеми. Освен тоа, Јехова сака уште денес да ни помогне да се справиме со стресот. Тој ни дава мотивација и сила да се справиме со чувствата на обесхрабреност и беспомошност (Фил. 2:13).

19. Во што нѐ уверуваат зборовите од Римјаните 8:37-39?

19 Прочитај Римјаните 8:37-39. Апостол Павле нѐ уверува дека ништо не може да нѐ одвои од Божјата љубов. А како можеме ние да им помогнеме на браќата и сестрите кои се обидуваат да се справат со стресот? Во следната статија ќе видиме како можеме да го следиме примерот на Јехова така што ќе покажеме сочувство и ќе им помагаме на браќата и сестрите кога се под стрес.

ПЕСНА 44 Молитва на потиштениот

^ пас. 5 Преголемиот стрес или стресот што трае долго време може лошо да се одрази врз нашето физичко и емоционално здравје. Како може Јехова да ни помогне кога сме под стрес? Во оваа статија ќе видиме како Јехова му помогнал на Илија да се справи со стресот. Од други библиски примери ќе видиме што треба да правиме за да добиеме помош од Јехова.

^ пас. 2 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 53 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден ангел нежно го буди Илија и му дава леб и вода.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден псалмист, кој можеби бил потомок на Асаф, пишува псалми и радосно пее со други левити.