ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Јехова ми беше на прво место кога носев одлуки
ЕДНО сончево утро во 1984 год., тргнав за на работа од мојот удобен дом кој се наоѓаше во една богата населба во Каракас (Венецуела). По пат размислував за една статија која кратко време пред тоа излезе во списанието Стражарска кула. Во неа се зборуваше за тоа што мислат нашите соседи за нас. Додека гледав во околните куќи, се прашував: „Дали моите соседи гледаат на мене како на успешен банкар или, пак, како на Божји слуга кој работи во банка само за да го издржува своето семејство?“ Сфатив дека моите соседи на мене гледаат само како на еден добар банкар, и тоа не ми се допаѓаше. Затоа одлучив да преземам нешто во врска со тоа.
Роден сум на 19 мај 1940 год., во градот Амјон (Либан). По неколку години се преселивме во градот Триполи. Пораснав во среќно семејство кое го познаваше и го сакаше Јехова Бог. Бевме пет деца, три ќерки и два сина, а јас бев најмалиот. За моите родители заработувањето пари не беше најважната работа во животот. Како семејство, најважно ни беше да ја проучуваме Библијата, да присуствуваме на собраниските состаноци, и да им помагаме на другите да го запознаат Бог.
Во нашето собрание имаше неколку помазани христијани. Еден од нив беше Мишел Абуд. Тој го водеше состанокот кој во тоа време го викавме Собраниско проучување на книга. Мишел ја дознал библиската вистина во Њујорк и го започнал проповедничкото дело во Либан во 1921 год. Особено се сеќавам колку ги почитуваше и им помагаше на две мисионерки кои дипломираа на Школата Гилеад — сестрите Ен и Гвен Бивор. Тие ни станаа добри пријатели. По многу години ја сретнав Ен во Соединетите Држави и многу се израдував. Некое време потоа ја сретнав и Гвен, која беше мажена за Вилфред Гуч и служеше во подружницата во Лондон (Англија).
ПРОПОВЕДАМЕ ВО ЛИБАН
Кога бев дете, во Либан имаше малку Сведоци. Но, ние ревносно ги поучувавме другите за Библијата. Тоа го правевме иако некои верски водачи ни се противеа. Многу добро се сеќавам на некои случки од тоа време.
Еден ден, заедно со сестра ми Сана, проповедавме во една зграда. Додека разговаравме со станарите, на еден од спратовите се појави еден свештеник. Сигурно некој го викнал. Свештеникот почна да ја навредува сестра ми. Тој стана насилен и ја турна Сана надолу, по скалите, поради што таа се повреди. Некој од станарите се јавил во полиција. Кога полицајците пристигнаа, се погрижија некој да ѝ помогне на Сана. Тие го одведоа свештеникот во полициска станица и таму открија дека тој носел пиштол. Шефот на полицијата го праша: „Што си ти, свештеник или бандит?“
Друг настан на кој добро се сеќавам беше кога нашето собрание изнајми автобус за да проповедаме во едно подалечно гратче. Сѐ беше добро додека не се вмеша еден локален свештеник. Тој слушнал што правиме и собрал една насилна толпа луѓе. Тие нѐ навредуваа, па дури и фрлаа со камења по нас, при што го повредија татко ми. Се сеќавам дека целото лице му беше раскрвавено. Тој и мајка ми се вратија во автобусот, а ние останатите, вознемирени, веднаш тргнавме по нив. Никогаш нема да ги заборавам зборовите што ги кажа мајка ми додека го чистеше лицето на татко ми. Таа рече: „Јехова, те молам прости им, зашто не знаат што прават“.
Во една друга прилика, отидовме да ги посетиме роднините во мојот роден град. Кога дојдовме кај дедо ми, кај него на гости беше еден познат православен епископ. Тој епископ знаеше дека моите родители се Јеховини сведоци. Иако имав само шест години, тој се обиде да ме засрами и ме праша: „Ти, зошто не си крстен?“ Му одговорив дека сѐ уште сум дете, и дека за да се крстам треба да знам повеќе за Библијата и да имам цврста вера. Бидејќи не му се допадна мојот одговор, тој му рече на дедо ми дека сум дрзок.
Сепак, немавме многу вакви лоши искуства. Либанците главно се пријатни и гостољубиви луѓе. Затоа, со голем број од нив имавме убави разговори за Библијата и водевме многу библиски курсеви.
ОДЛУЧУВАМЕ ДА СЕ ПРЕСЕЛИМЕ ВО ДРУГА ЗЕМЈА
Додека сѐ уште одев на училиште, еден млад брат од Венецуела дојде во Либан. Тој присуствуваше на состаноците во нашето собрание и почна да се запознава со сестра ми Вафа. Со текот на времето, тие се венчаа и отидоа да живеат во Венецуела. Во своите писма, Вафа се обидуваше да го убеди татко ми да го пресели целото семејство во Венецуела. Тоа го правеше бидејќи многу ѝ недостасувавме. На крајот, таа успеа да нѐ убеди да се преселиме таму.
Во Венецуела пристигнавме во 1953 год. Живеевме во градот Каракас, во близина на претседателската палата. Бидејќи сѐ уште бев дете,
ми беше многу интересно што понекогаш можев да гледам како го возат претседателот во неговата лимузина. Но, на моите родители не им беше лесно да се приспособат на нова земја, јазик, култура, храна и клима. Всушност, само што почнаа да се навикнуваат се случи нешто многу страшно.СЕ СЛУЧУВА ТРАГЕДИЈА
На татко ми му се појавија некои здравствени проблеми. Тоа ни беше многу чудно бидејќи тој секогаш беше силен и здрав човек. Никогаш го немавме видено болен. Тогаш му открија рак на панкреасот и му направија операција. За жал, почина една седмица подоцна.
Тешко е да се опише со зборови колку многу нѐ погоди тоа, земајќи ги предвид нашите околности. Имав само 13 години. Бевме во шок и ни се чинеше дека ни се сруши светот. Некое време на мајка ми ѝ беше тешко да го прифати фактот дека ќе мора да живее без својот сопруг. Но, сфативме дека животот мора да продолжи понатаму, и со Јеховина помош истрајавме во тој тежок период. Кога имав 16 години, завршив средно училиште во Каракас и чувствував силна желба да помогнам околу издржувањето на семејството.
Во меѓувреме, сестра ми Сана се омажи со Рубен Араухо, кој дипломирал на Школата Гилеад и се вратил во Венецуела. Тие решија да се преселат во Њујорк. Моето семејство одлучи да одам на факултет, и затоа се преселив во Њујорк, каде што можев да живеам со сестра ми и со зет ми за време на студирањето. Додека живеев со нив, тие ми помогнаа да се зближам со Јехова. Освен тоа, во нашето собрание на шпански јазик, во Бруклин, имаше голем број зрели браќа. Двајца од нив беа Милтон Хеншел и Фредерик Франц, кои служеа во Бетелот во Бруклин. * Многу се радував што имав можност добро да ги запознаам.
Како што се ближеше крајот на мојата прва година на факултет, почнав подлабоко да размислувам за животот. Читав статии во списанието Стражарска кула за Божји слуги кои имале цели во службата за Јехова, и длабоко размислував за прочитаното. Видов колку беа среќни пионерите и бетелците кои служеа во нашето собрание и посакував да бидам како нив. Меѓутоа, јас сѐ уште не бев крстен. Набрзо сфатив дека е важно да му го заветувам животот на Јехова. Го направив тоа, и се крстив на 30 март 1957 год.
НОСАМ ВАЖНИ ОДЛУКИ
Откако се крстив, почнав да размислувам за еден друг важен чекор — да станам пионер. Многу сакав да бидам во полновремена служба, но сфатив дека тоа нема да биде лесно. Не бев сигурен дали ќе можам во исто време да успеам и со службата и со факултетот. Затоа решив да прекинам со факултетот, да се вратам во Венецуела и да служам како пионер. Сакав да им ја објаснам мојата одлука на членовите на моето семејство и затоа требаше да им напишам повеќе писма.
Се вратив во Каракас во јуни 1957 год. Но, видов дека околностите на моето семејство не беа баш најдобри. Беше потребен уште еден член во семејството кој ќе заработува пари. Се прашував како можам да помогнам. Ми беше понудена работа во банка, но многу сакав да служам како пионер. Всушност, од таа причина и се вратив. Бев решен да ги правам и двете работи. Неколку години работев со полно работно време во банката и истовремено служев како пионер. Никогаш не сум бил толку зафатен и толку среќен!
Уште една работа поради која бев среќен беше тоа што ја запознав и се оженив со Силвија, една убава сестра по потекло од Германија, која многу го сакаше Јехова. Таа се преселила во Венецуела со нејзините родители. Со текот на времето, ни се родија две деца, нашиот син Мишел (Мајк) и нашата ќерка Самира. Исто така, почнав да се грижам за мајка ми која дојде да живее кај нас. Иако морав да прекинам со пионерската служба за да се грижам за семејните обврски, сепак го зачував пионерскиот дух. Јас и Силвија служевме како помошни пионери секогаш кога можевме, за време на годишните одмори.
НОСАМ УШТЕ ЕДНА ВАЖНА ОДЛУКА
Децата сѐ уште одеа на училиште кога се случи она што го спомнав на почетокот од оваа статија. Мора да признаам дека водев удобен живот и дека бев почитуван во банкарските кругови. Сепак, најважно ми беше да бидам познат како слуга на Јехова. Продолжив да размислувам што можам да направам за да го постигнам тоа. Затоа, со жена ми седнавме да разговараме за нашите финансии. Знаев дека, ако престанам да работам во банката, ќе ми исплатат голема сума пари. Бидејќи немавме долгови заклучивме дека, ако си го поедноставиме животот, ќе имаме доволно пари за подолго време.
Не беше лесно да го направам тој чекор, но мојата мила жена и мајка ми, ми дадоа целосна поддршка. Така повторно ми се отвори можност да служам како пионер. Бев пресреќен! Се чинеше дека нема никакви пречки, но кратко потоа добивме неочекувани вести.
УБАВО ИЗНЕНАДУВАЊЕ!
Еден ден, нашиот лекар потврди дека Силвија е бремена. Ова беше големо изненадување за нас двајцата! Иако бев многу среќен, размислував и за тоа што ќе се случи со мојата одлука да служам како пионер. За кратко време ја прифативме новата ситуација и едвај чекавме
да го добиеме новиот член на семејството. Но, сѐ уште се прашував дали ќе можам да служам како пионер.Откако разговаравме за нашите цели, одлучивме јас сепак да служам како пионер. Нашиот син Габриел се роди во април 1985 год. И покрај тоа, дадов отказ во банката и повторно почнав да служам како пионер во јуни 1985 год. Подоцна станав член на Одборот на подружницата. Но, подружницата не беше во Каракас, што значеше дека ќе треба да патувам два или три дена во седмицата по околу 80 километри.
УШТЕ ЕДНА ПРЕСЕЛБА
Подружницата се наоѓаше во гратчето Ла Викторија, и затоа како семејство решивме да се преселиме таму за да бидеме поблиску до Бетелот. Тоа беше голема промена за сите нас. Немам доволно зборови со кои би можел да опишам колку сум им благодарен на членовите на моето семејство и колку им се восхитувам на нивниот став, кој ми беше од голема помош. Сестра ми Баха беше спремна да се грижи за нашата мајка. Мајк веќе беше во брак, но Самира и Габриел сѐ уште живееја со нас дома. Тоа значеше дека поради нашата преселба во Ла Викторија тие требаше да ги остават своите пријатели во Каракас. Исто така, мојата мила Силвија мораше да се навикне на помало гратче, во споредба со живиот и раздвижен главен град во кој живеевме претходно. И сите моравме да се навикнеме да живееме во помала куќа. Навистина, многу работи беа вклучени во нашата преселба од Каракас во Ла Викторија.
Но, потоа следеа и други промени. Габриел се ожени, а Самира се отсели од дома. Во 2007 год., јас и Силвија бевме поканети во Бетел, каде што служиме до ден-денес. Нашиот најстар син Мајк е старешина и заедно со својата сопруга Моника служат како пионери. И Габриел е старешина и заедно со својата сопруга Амбра живеат во Италија. Самира служи како пионер и како надворешен бетелски соработник.
ПОВТОРНО БИ ГИ ДОНЕЛ ИСТИТЕ ОДЛУКИ
Во животот морав да донесам голем број важни одлуки. Но, не жалам за ниедна од нив. Повторно би ги донел истите одлуки. Многу сум благодарен што можев да извршувам разни задачи и одговорности во службата за Јехова. Низ годините, сфатив колку е важно да останеме блиски пријатели со Јехова. Без разлика дали треба да донесеме големи или мали одлуки, тој може да ни го даде мирот, „кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7). Јас и Силвија уживаме во бетелската служба и чувствуваме дека Јехова ги благослови нашите одлуки, бидејќи тој ни беше секогаш на прво место.
^ пас. 19 И двајцата служеа како членови на Водечкото тело.