Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 25

Внимавај да не спрепнеш „ниту еден од овие маливе“

Внимавај да не спрепнеш „ниту еден од овие маливе“

Гледајте да не презрете еден од овие мали (МАТ. 18:10)

ПЕСНА 113 Мирот — Божји дар

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Од каде знаеме дека Јехова го сака секого од нас?

ЈЕХОВА го привлекол кон себе секого од нас (Јован 6:44). Размисли што значи ова. Додека внимателно ги набљудувал милијардите луѓе во светот, Јехова видел нешто скапоцено во тебе — искрено срце во кое може да се развие љубов кон него (1. Лет. 28:9). Тој те познава, те разбира и те сака. Ова навистина е многу утешно!

2. Со која споредба Исус покажал дека Јехова е вистински заинтересиран за секого од нас?

2 Јехова е вистински заинтересиран за тебе, но и за сите твои браќа и сестри. За да го истакне ова, Исус го споредил Јехова со еден пастир. Што ќе направи пастирот доколку една од неговите 100 овци залута од стадото? Тој ќе ги остави 99-те овци в планина и ќе „тргне да ја бара залутаната“. Кога ќе ја најде, нема да ја кара затоа што залутала, туку ќе се радува. Која е поуката од ова? Секоја овца му е важна на Јехова. Исус рекол: „Мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Мат. 18:12-14).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Никогаш не би сакале некој брат или сестра да се обесхрабри поради нас. Што ќе ни помогне да не ги спрепнеме другите? И, што можеме да сториме ако некој нѐ повреди нас? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеме во оваа статија. Но, најпрво да видиме на кого се однесува изразот „овие мали“ кој се спомнува во Матеј поглавје 18.

КОИ СЕ „ОВИЕ МАЛИ“?

4. На кого се однесува изразот „овие мали“?

4 Изразот „овие мали“ се однесува на учениците на Исус од сите возрасти. Без разлика колку години имаат, тие се „како деца“ во таа смисла што сакаат да бидат поучени од Исус (Мат. 18:3). Иако потекнуваат од различни места и култури, и имаат различни карактери, сите тие покажуваат вера во Исус. И тој многу ги сака сите нив (Мат. 18:6, фус.; Јован 1:12).

5. Како се чувствува Јехова кога некој ќе спрепне или ќе повреди еден од неговите слуги?

5 Сите „овие мали“ се скапоцени за Јехова. За да разбереме какви чувства има Јехова кон нив, да размислиме какви чувства имаме ние кон децата. Тие се скапоцени за нас. Ние сакаме да ги заштитиме бидејќи тие ги немаат силата, искуството и мудроста што ги имаат возрасните. Нам не ни е убаво да гледаме кога некој повредува некого. Но, особено сме вознемирени, па дури и гневни, кога гледаме дека некој повредува едно дете. Слично на тоа, Јехова сака да нѐ заштити и чувствува болка, па дури и гнев, кога некој ќе спрепне или ќе повреди еден од неговите слуги (Иса. 63:9; Мар. 9:42, фус.).

6. Според 1. Коринќаните 1:26-29, како гледа светот на Исусовите ученици?

6 Во која друга смисла учениците на Исус се „мали“? Па, кои луѓе се важни во очите на светот? Богатите, познатите и оние што се на власт. Но, учениците на Исус обично не се такви. Затоа во очите на светот тие се „мали“, односно неважни и незначителни. (Прочитај 1. Коринќаните 1:26-29.) Сепак, Јехова не гледа на нив на таков начин.

7. Како Јехова сака да гледаме на нашите браќа и сестри?

7 Јехова ги сака сите свои слуги, сеедно дали му служат веќе со години или се понови во вистината. Сите наши соверници му се важни на Јехова, и затоа треба да ни бидат важни и нам. Треба да ги сакаме сите браќа и сестри, а не само некои од нив (1. Пет. 2:17). Треба да правиме сѐ што можеме за да се чувствуваат сакано, и да внимаваме да не ги повредиме. Ако дознаеме дека сме навредиле некого, не треба да се правиме како ништо да не се случило и да мислиме дека тоа лице е пречувствително и дека едноставно треба да премине преку тоа. Зошто некој би можел да се навреди? Поради начинот на кој пораснале, некои браќа и сестри имаат многу ниска самодоверба. А некои се нови во вистината и сѐ уште не научиле дека треба да им простуваат на другите кога ќе згрешат. Без разлика зошто ние или некој друг се чувствува повредено, треба да направиме сѐ што можеме за да ги исправиме работите. Освен тоа, оној што често се навредува треба да сфати дека тоа е една негативна особина која треба да се труди да ја смени. Тоа ќе биде и за негово добро и за доброто на другите.

СМЕТАЈ ГИ ДРУГИТЕ ЗА ПОГОЛЕМИ ОД СЕБЕ

8. Кој став влијаел врз учениците на Исус?

8 Зошто Исус зборувал за „овие мали“? Неговите ученици го прашале: „Кој е, всушност, најголем во царството небесно?“ (Мат. 18:1). За многу Евреи во тоа време, положбата и статусот биле нешто многу важно. Еден изучувач вели: „Луѓето живееле за да стекнат чест, углед, слава, признание и почит, па дури биле спремни и да умрат за тоа“.

9. Што требало да прават учениците на Исус?

9 Исус знаел дека натпреварувачкиот дух е вкоренет во еврејската култура, и дека затоа неговите ученици ќе мора да вложат многу труд за да го сменат својот начин на размислување. Тој им рекол: „Најголемиот меѓу вас нека биде како најмладиот, а оној што предводи нека биде како оној што служи!“ (Лука 22:26). Се однесуваме како помали кога ги сметаме другите „за поголеми од себе“ (Фил. 2:3). Колку повеќе се трудиме да имаме ваков став, толку помала е веројатноста дека ќе повредиме некого.

10. Кој совет на апостол Павле треба да го земеме при срце?

10 Сите наши браќа и сестри во некој поглед се поголеми од нас. Не ни е тешко да го забележиме ова ако се концентрираме на нивните позитивни особини. Треба да го земеме при срце советот кој апостол Павле им го дал на Коринќаните: „Кој ти дава предност тебе во однос на некој друг? И што е тоа што го имаш, а не си го примил? А ако си го примил, зошто се фалиш како да не си го примил?“ (1. Кор. 4:7). Секогаш треба да внимаваме да не паднеме во искушение да привлекуваме внимание кон себеси или да мислиме дека сме поголеми од другите. Ако некој брат е добар говорник или ако некоја сестра лесно започнува библиски курсеви, сета заслуга за тоа треба да му ја припише на Јехова.

ПРОСТУВАЈ ОД СРЦЕ

11. Што учиме од споредбата на Исус за царот и за неговиот роб?

11 Откако ги предупредил своите следбеници да не ги спрепнуваат другите, Исус кажал споредба за еден цар и за неговиот роб. Царот му поништил на робот еден огромен долг кој никогаш не би можел да го отплати. Подоцна, истиот тој роб не сакал на еден друг роб да му поништи долг кој бил многу помал од неговиот. На крајот, царот го фрлил овој немилосрден роб во затвор. Која е поуката од ова? Исус рекол: „Така и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од вас не му прости од срце на својот брат“ (Мат. 18:21-35).

12. Како ги повредуваме другите ако не сакаме да им простиме?

12 Со она што го направил, овој роб си наштетил себеси, но и на другите. Прво, тој не покажал милост кон другиот роб, така што го фрлил во затвор додека не му го вратил она што му го должел. Второ, ги повредил другите робови кои виделе што направил. Во Библијата пишува: „Кога другите робови видоа што се случи, многу се нажалија“ (Мат. 18:29-31). Слично на тоа, нашите постапки влијаат врз другите. Што ако некој лошо постапува со нас, а ние не сакаме да му простиме? Прво, го повредуваме тоа лице така што не му простуваме, го игнорираме и не му покажуваме љубов. Второ, и другите во собранието се чувствуваат непријатно бидејќи гледаат дека ние не сме во мир со тоа лице.

Дали ќе држиш лутина или ќе простуваш од срце? (Види во пасуси 13-14) *

13. Што учиш од она што ѝ се случило на една пионерка?

13 Кога им простуваме на браќата и сестрите, тоа ни користи и нам и на другите. Тоа го почувствувала и една пионерка по име Кристл. * Една сестра од нејзиното собрание ја повредила. Кристл вели: „Нејзините груби зборови понекогаш ме прободуваа како нож. Не сакав дури ни да одам во служба со неа. Почнав да ја губам ревноста во службата на проповедање, а повеќе не бев ни толку радосна“. Кристл си мислела дека има оправдана причина да се лути. Но, таа не дозволила да стане огорчена или да почне да се самосожалува. Наместо тоа, понизно го применила библискиот совет од статијата „Простувај од срце“, која излезе во Стражарска кула од 15 октомври 1999 год. Кристл ѝ простила на сестрата. Таа вели: „Сега сфаќам дека сите ние се трудиме да ја облечеме новата личност и дека Јехова секој ден великодушно ни простува. Имав чувство како да ми падна голем камен од срцето. Повторно бев радосна“.

14. а) Според Матеј 18:21, 22, каков проблем можеби имал апостол Петар? б) Што може да ни помогне ако и ние се наоѓаме во слична ситуација?

14 Ние знаеме дека треба да простуваме. Тоа се очекува од секого од нас. Но, можеби не ни е лесно да го правиме тоа. Понекогаш и апостол Петар веројатно се чувствувал така. (Прочитај Матеј 18:21, 22.) Што може да ти помогне полесно да простуваш? Прво, размислувај за тоа колку многу Јехова ти простил тебе (Мат. 18:32, 33). Иако не заслужуваме да ни простува, тој великодушно го прави тоа (Пс. 103:8-10). Исто така, ние сме „должни да се сакаме еден со друг“. Јехова очекува од нас да простуваме. Тоа е нешто што им го должиме на нашите браќа и сестри (1. Јов. 4:11). Второ, размислувај за тоа што се постигнува со простувањето. Така можеме да му помогнеме на оној што ни згрешил. Освен тоа, ќе придонесеме за единство во собранието, ќе го зачуваме нашето пријателство со Јехова и ќе симнеме голем товар од нашите плеќи (2. Кор. 2:7; Кол. 3:14). И трето, моли му се на Оној кој бара од нас да простуваме. Не дозволувај Сатана да ти ги наруши односите со твоите соверници (Еф. 4:26, 27). Потребна ни е помошта од Јехова за да ја избегнеме замката на Сатана и за да го зачуваме мирот во собранието.

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ НИШТО ДА ТЕ СПРЕПНЕ

15. Според Колошаните 3:13, што треба да правиме ако некој брат или сестра нѐ вознемирил со нешто?

15 Што ако некој соверник направил нешто што многу те вознемирува? Дај сѐ од себе за да останеш во мир со него. Отворено кажи му на Јехова како се чувствуваш. Моли го и понатаму да го благословува оној што те повредил и да ти помогне да ги гледаш добрите особини кај него — особините поради кои Јехова го сака (Лука 6:28). Ако не можеш да преминеш преку она што се случило, размисли кој би бил најдобриот начин да зборуваш со твојот брат. Секогаш е добро да пристапиш со мислата дека не сакал намерно да те повреди (Мат. 5:23, 24; 1. Кор. 13:7). Додека зборуваш со него, немој да му припишуваш лоши мотиви. Но, што ако тој не сака да се помирите? Тогаш биди стрплив со твојот брат и примени го библискиот совет: „Поднесувајте се еден со друг“. (Прочитај Колошаните 3:13.) Што е уште поважно, никогаш немој да држиш лутина, затоа што тоа може да те оддалечи од Јехова. Не дозволувај ништо да те спрепне. На тој начин ќе докажеш дека го сакаш Јехова најмногу од сѐ (Пс. 119:165).

16. Каква одговорност има секој од нас?

16 Многу ја цениме честа што можеме да му служиме на Јехова обединето како „едно стадо со еден пастир“! (Јован 10:16). Во книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, на страница 165, пишува: „Секој од нас има одговорност да го чува ова единство“. Затоа треба да „се трудиме да гледаме на нашите браќа и сестри како што гледа Јехова“. За него, секој од нас е скапоцен. Дали и ти така гледаш на твоите браќа и сестри? Јехова го забележува и многу го цени сето она што го правиме за нив (Мат. 10:42).

17. Што сме решени да правиме?

17 Многу ги сакаме нашите браќа и сестри. Затоа решени сме да не ставаме „пред братот нешто поради кое би можел да се спрепне“ (Рим. 14:13). Ги сметаме нашите соверници за поголеми од себе и сакаме да им простуваме од срце. Исто така, да не дозволиме никој и ништо да нѐ спрепне. Наместо тоа, „да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Рим. 14:19).

ПЕСНА 130 Спремно да простуваме

^ пас. 5 Бидејќи сме несовршени, може да направиме или да кажеме нешто со кое ќе ги повредиме нашите браќа и сестри. Како реагираме кога ќе се случи такво нешто? Дали даваме сѐ од себе за да ги поправиме односите со другите? Дали брзо се извинуваме? Или, дали си мислиме дека, ако некој се чувствува повредено, тоа не е наш проблем? А што ако ние лесно се навредуваме од зборовите или постапките на другите? Дали си бараме оправдување така што си велиме: „Што да правам, јас сум си таков?“ Или, дали сфаќаме дека тоа е една слабост којашто треба да се трудиме да ја надминеме?

^ пас. 13 Името е сменето.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра ѝ е лута на друга сестра во собранието. Откако насамо го расчистуваат проблемот, го оставаат зад себе и продолжуваат радосно со својата служба.