Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 22

Помогни им на оние со кои проучуваш да се крстат

Помогни им на оние со кои проучуваш да се крстат

Секој од вас нека се крсти (ДЕЛА 2:38)

ПЕСНА 72 Да ја објавуваме вистината за Царството!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што му кажал Петар на едно големо мноштво луѓе во првиот век?

ЕДНО големо мноштво мажи и жени од различни земји кои зборувале разни јазици биле собрани во Ерусалим. Тој ден се случило нешто многу впечатливо. Некои Евреи наеднаш почнале да зборуваат на јазиците на луѓето кои дошле од други земји. Мноштвото било многу изненадено поради ова. Но, уште повпечатливо било она што тие Евреи и апостол Петар му го рекле на мноштвото. Луѓето дознале дека можат да бидат спасени ако покажуваат вера во Исус Христос. Оваа порака извршила силно влијание врз нив. Тие биле толку трогнати што прашале: „Што треба да правиме?“ Петар им рекол: „Секој од вас нека се крсти“ (Дела 2:37, 38).

Еден брат, заедно со својата сопруга, проучува со еден млад човек кој во рацете ја држи книгата Радувај му се на животот засекогаш (Види во пасус 2)

2. Што ќе разгледаме во оваа статија? (Види ја сликата на насловната страница.)

2 Она што се случило потоа било извонредно! Тој ден околу 3.000 лица се крстиле и станале ученици на Христос. Така започнало едно огромно дело на проповедање и поучување кое Исус им заповедал на своите следбеници да го вршат. Ова дело се врши и во нашево време. Но, денес никој не може да се крсти откако сме му зборувале само неколку часа за добрата вест. За да ја оствари таа цел, некому можеби ќе му бидат потребни месеци, па дури и година или повеќе. Потребно е да вложиме многу труд за да му помогнеме некому да стане ученик на Христос. Ова сигурно ти е познато доколку ја проучуваш Библијата со некого. Во оваа статија ќе видиме како можеш да му помогнеш на твојот интересент да се крсти.

ПОМОГНИ МУ НА ИНТЕРЕСЕНТОТ ДА ГО ПРИМЕНУВА ОНА ШТО ГО УЧИ

3. Според Матеј 28:19, 20, што мора да направи еден интересент за да напредува до крштавање?

3 Пред да се крсти, еден интересент мора да го применува она што го учи од Библијата. (Прочитај Матеј 28:19, 20.) Кога го прави тоа, интересентот е како „разборитиот човек“ од споредбата на Исус кој копал длабоко за да ја изгради својата куќа на цврст темел, односно на карпа (Мат. 7:24, 25; Лука 6:47, 48). Како можеме да му помогнеме на интересентот да го применува она што го учи? Да разгледаме три предлози.

4. Како можеме да му помогнеме на интересентот постојано да работи на својата цел да се крсти? (Види ја и рамката „ Помагај му на интересентот да си поставува цели и да ги остварува“.)

4 Помагај му на интересентот да си поставува цели. Зошто треба да го правиш тоа? Да ја разгледаме следнава споредба: Доколку одиш на долго патување, можеби ќе одлучиш по пат да застанеш на некои убави места. Така, тоа патување нема да ти се чини толку долго. Слично на тоа, кога интересентот си поставува краткорочни цели и ги остварува, веројатно ќе сфати дека може да ја оствари и целта да се крсти. За да му помогнеш да си поставува цели, користи ја рамката „Цел“ во книгата Радувај му се на животот засекогаш. На крајот од секоја лекција, разговарајте за тоа како целта што е дадена може да му помогне да го примени она што го учи. Ако мислиш дека интересентот треба да си постави и некоја друга цел, разговарајте за неа и потоа тој нека ја запише во полето „Друга цел“. Редовно користи ја оваа рамка за да разговараш со интересентот за неговите краткорочни и долгорочни цели.

5. Според Марко 10:17-22, што му кажал Исус на еден богат човек, и зошто?

5 Помогни му на интересентот да прави промени во животот. (Прочитај Марко 10:17-22.) Исус знаел дека на богатиот човек ќе му биде тешко да го продаде целиот свој имот (Марко 10:23). Сепак, Исус му кажал да ја направи оваа голема промена во својот живот. Зошто? Затоа што го сакал. Понекогаш можеби се колебаме да го поттикнеме интересентот да го примени она што го учи бидејќи сметаме дека не е доволно подготвен да ја направи потребната промена. Обично е потребно време луѓето да ги остават старите навики и да ја облечат новата личност (Кол. 3:9, 10). Но, колку порано ќе му кажеш на интересентот за промената што треба да направи толку побрзо ќе почне да се менува. Ако зборуваш со него за тоа, ќе му покажеш дека го сакаш (Пс. 141:5; Изр. 27:17).

6. Зошто е важно да го прашуваме интересентот што мисли за одредена тема?

6 Многу е важно да го прашуваме интересентот што мисли за одредена тема. Со таквите прашања ќе дознаеме како ги разбира работите и во што верува. Ако го правиш ова редовно, во иднина ќе ти биде полесно да разговараш со него за работи кои можеби ќе му биде тешко да ги прифати. Во книгата Радувај му се на животот засекогаш има многу такви прашања. На пример, во лекција 04 се наоѓа прашањето: „Што мислиш, како се чувствува Јехова кога го користиш неговото име?“ Во лекција 09 стои прашањето: „За кои работи би сакал да се молиш?“ Во почетокот, на интересентот можеби ќе му треба повеќе време за да размисли како да одговори на овие прашања. Можеш да му помогнеш така што ќе го поттикнеш да размислува за библиските стихови и за сликите во книгата.

7. Како би можел да користиш примери од браќа и сестри за да го поттикнеш интересентот да прави промени?

7 Откако интересентот ќе разбере што треба да прави, користи примери на браќа и сестри од нашево време за да го поттикнеш да го прави тоа. На пример, ако интересентот не доаѓа редовно на состаноците, би можел да му го покажеш видеоклипот Јехова се грижеше за мене, кој се наоѓа во рамката „Истражувај“, во лекција 14. Во многу од лекциите во книгата Радувај му се на животот засекогаш ќе најдеш слични примери, или во делот „Дознај повеќе“ или во рамката „Истражувај“. * Немој да го споредуваш интересентот со некој друг така што ќе му кажеш: „Ако може тој, можеш и ти“. Наместо тоа, дозволи интересентот самиот да дојде до тој заклучок. Истакни некои конкретни работи кои му помогнале на лицето од видеоклипот да ги примени поуките од Библијата. Би можел да спомнеш некој библиски стих или некои практични чекори кои лицето ги презело. Секогаш кога е можно истакни како Јехова му помогнал на тоа лице.

8. Како можеме да му помогнеме на интересентот да го засака Јехова?

8 Помогни му на интересентот да го засака Јехова. Како можеш да го направиш тоа? Користи ја секоја прилика за да му помогнеш на интересентот да научи нешто повеќе за особините на Јехова. Помогни му да разбере дека Јехова е среќен Бог кој ги поддржува оние што го сакаат (1. Тим. 1:11; Евр. 11:6). Објасни му на интересентот дека, ако го применува она што го учи, тоа ќе му користи. Исто така, објасни му дека тоа што Божјите заповеди се за негово добро е доказ дека Јехова го сака (Иса. 48:17, 18). Колку повеќе расте неговата љубов кон Јехова толку повеќе ќе сака да ги прави потребните промени (1. Јов. 5:3).

ЗАПОЗНАЈ ГО ИНТЕРЕСЕНТОТ СО ДРУГИ БРАЌА И СЕСТРИ

9. Во склад со Марко 10:29, 30, што може да му помогне на интересентот да ги направи жртвите кои се потребни за да се крсти?

9 За да напредува до крштавање, еден интересент ќе мора да направи жртви. Слично како богатиот човек кој беше спомнат претходно, некои интересенти можеби ќе треба да направат жртви во материјален поглед. Можеби ќе треба да најдат друго вработување ако она што го работат во моментот не е во склад со библиските начела. Многумина ќе треба да го прекинат пријателството со оние што не го сакаат Јехова. Некои интересенти ќе бидат отфрлени од членовите на семејството кои не ги сакаат Јеховините сведоци. Исус рекол дека на некои луѓе ќе им биде тешко да направат такви жртви. Но, тој ветил дека оние што ќе решат да го следат, нема да се разочараат. Јехова ќе ги награди така што ќе им даде едно духовно семејство во кое ќе се чувствуваат сакано. (Прочитај Марко 10:29, 30.) Како можеш да му помогнеш на интересентот да ги почувствува благословите од овој прекрасен дар?

10. Што учиш од примерот на Мануел?

10 Спријатели се со интересентот. Многу е важно да му покажеш на интересентот дека го сакаш. Зошто? Забележи што рекол Мануел, кој живее во Мексико. Во врска со братот кој проучувал со него, тој вели: „Секојпат пред да проучуваме, ме прашуваше како сум. Ми помагаше да се чувствувам опуштено и отворено да зборувам со него за сѐ. Беше очигледно дека навистина сум му важен“.

11. Како може да им користи на интересентите тоа што ќе минуваме време со нив?

11 Минувај време со твоите интересенти исто како што Исус минувал време со своите следбеници (Јован 3:22). Ако интересентот со кој проучуваш прави промени во својот живот, би можел да го поканиш кај тебе дома на кафе, на јадење или да гледате некои од нашите месечни емисии. На интересентот можеби особено ќе му значи ако го поканиш во период кога неговите пријатели или роднини слават некој празник бидејќи така нема да се чувствува осамено. Еден брат по име Казибве, кој живее во Уганда, вели: „Во слободното време кога се дружев со братот кој проучуваше со мене, научив за Јехова исто онолку колку што научив додека проучувавме. Можев да видам колку многу Јехова се грижи за своите слуги и колку се среќни тие. И јас посакав да имам таков живот“.

Ако носиш различни објавители на библискиот курс, на интересентот ќе му биде полесно да доаѓа на состаноците (Види во пасус 12) *

12. Зошто треба да покануваме различни објавители на библискиот курс?

12 Поканувај различни објавители на библискиот курс. Понекогаш можеби ни е полесно сами да проучуваме со интересентот или на библискиот курс да одиме само со еден ист објавител. Иако за нас можеби тоа е полесно, за интересентот ќе биде покорисно ако одвреме-навреме со нас доаѓаат различни објавители. Еден брат по име Дмитриј, кој живее во Молдавија, вели: „Секој објавител што доаѓаше со братот кој проучуваше со мене ги објаснуваше работите на уникатен начин. Тоа ми помогна да видам на кои други начини можам да го применам она што го учам. Исто така, бидејќи веќе запознав многу браќа и сестри, се чувствував поопуштено кога за првпат дојдов на состанок“.

13. Зошто мора да му помогнеме на интересентот да присуствува на состаноците?

13 Помогни му на интересентот да присуствува на собраниските состаноци. Зошто е важно ова? Бидејќи Јехова им заповеда на своите слуги редовно да се состануваат заедно. Всушност, тоа е еден важен начин на кој го обожаваме Јехова (Евр. 10:24, 25). Освен тоа, браќата и сестрите ни стануваат наше духовно семејство. Кога сме на состаноците, тоа е исто како заедно со нив дома да јадеме едно вкусно јадење. Кога му помагаш интересентот да присуствува на состаноците, ти всушност му помагаш да преземе еден од најважните чекори кои водат до крштавање. Но, можеби не му е лесно да почне да доаѓа на состаноците. Како можеш со помош на книгата Радувај му се на животот засекогаш да му помогнеш на интересентот да ги надмине сите пречки поради кои не доаѓа на состаноците?

14. Како можеме да го поттикнеме интересентот да доаѓа на состаноците?

14 Користи ја лекција 10 од книгата Радувај му се на животот засекогаш за да го поттикнеш интересентот да доаѓа на состаноците. Пред да биде издадена оваа книга, некои искусни објавители беа замолени со помош на оваа лекција да ги поттикнат интересентите да доаѓаат на состаноците. Тие рекоа дека резултатите биле одлични! Се разбира, не мора да чекаш да дојдете до лекција 10 за да го поканиш интересентот на нашите состаноци. Покани го колку што е можно порано, и прави го тоа редовно. Секој интересент се соочува со различни пречки. Затоа, обрни внимание на потребите на твојот интересент и размисли дали можеш практично да му помогнеш. Немој да се обесхрабруваш ако му треба повеќе време за да почне да доаѓа на состаноците. Биди стрплив, но упорен.

ПОМОГНИ МУ НА ИНТЕРЕСЕНТОТ ДА ГИ СОВЛАДА СВОИТЕ СТРАВОВИ

15. Какви стравови може да има интересентот?

15 Сети се на времето пред да станеш Јеховин сведок. Можеби се плашеше да проповедаш од куќа до куќа, и си мислеше дека никогаш нема да можеш да го правиш тоа. Можеби ти беше страв дека семејството или пријателите ќе ти се противат. Ако е така, тогаш можеш да разбереш како се чувствува твојот интересент. Исус рекол дека некои луѓе ќе имаат такви стравови. Сепак, тој ги поттикнал своите следбеници да не дозволат стравот да ги спречи да му служат на Јехова (Мат. 10:16, 17, 27, 28). Како Исус им помогнал да ги совладаат своите стравови? И, како можеш да го следиш неговиот пример?

16. Како можеш да го поучиш интересентот да им зборува на другите за своите верувања?

16 Постепено учи го интересентот како да зборува со другите за своите верувања. Учениците на Исус можеби чувствувале одреден страв кога тој ги испратил да проповедаат. Но, Исус им помогнал така што им кажал кому и што да проповедаат (Мат. 10:5-7). Како можеш да го следиш примерот на Исус? Помогни му на интересентот да размисли кому може да му проповеда. На пример, прашај го дали познава некого на кого може многу да му значи тоа што ќе дознае одредена библиска вистина. Потоа помогни му да се подготви за да знае што да каже така што ќе му покажеш како може на едноставен начин да ја објасни таа вистина. Кога е соодветно, можете заедно да вежбате така што ќе ги користите рамките „Ако некој ти рече“ и „Ако некој те праша“ кои се наоѓаат во книгата Радувај му се на животот засекогаш. Притоа, целта нека ти биде да го поучиш интересентот како да ја користи Библијата за да сведочи на едноставен и тактичен начин.

17. Како можеме со помош на Матеј 10:19, 20, 29-31 да му помогнеме на интересентот да стекне доверба во Јехова?

17 Помогни му на интересентот да стекне доверба во Јехова. Исус ги уверил своите ученици дека Јехова ќе им помага бидејќи ги сака. (Прочитај Матеј 10:19, 20, 29-31.) Потсетувај го интересентот дека Јехова и нему ќе му помага. Можеш да му помогнеш да научи да се потпира на Јехова така што ќе се молиш заедно со него во врска со неговите цели. Еден брат по име Францишек, кој живее во Полска, вели: „Братот што проучуваше со мене честопати ги спомнуваше моите цели кога се молеше. Кога видов дека Јехова одговара на неговите молитви, набрзо и јас почнав да се молам. На своја кожа чувствував како Јехова ми помага кога требаше да земам слободни денови од моето ново работно место за да присуствувам на состаноците и на конгрес“.

18. Како гледа Јехова на тоа што ги поучуваме другите за него?

18 Јехова многу ги сака оние со кои проучуваме. Тој знае колку многу труд вложуваме за да им помогнеме на луѓето да се зближат со него, и нѐ сака поради тоа (Иса. 52:7). Ако во моментов не проучуваш со некого, сепак можеш да им помагаш на интересентите да напредуваат до крштавање така што ќе одиш со други објавители на нивните библиски курсеви.

ПЕСНА 60 Дело што живот значи

^ пас. 5 Во оваа статија ќе видиме како Исус им помагал на луѓето да станат негови ученици и како можеме да го следиме неговиот пример. Исто така, ќе дознаеме како можеме да ја користиме новата книга Радувај му се на животот засекогаш. Целта на оваа книга е да им помогне на оние со кои проучуваме да се крстат.

^ пас. 7 Слични примери од наши браќа и сестри може да најдеш во 1) Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци под темата „Библија“, во делот „Зошто Библијата е корисна“ и потоа во делот „Библијата менува животи“ (рубрика во Стражарска кула) или во 2) JW Library®, во делот „Аудио-видео“ под „Интервјуа и животни приказни“.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат, заедно со својата сопруга, проучува со еден млад човек. Во други прилики, различни браќа присуствуваат на библискиот курс.