Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 23

Со Јехова никогаш не си сам

Со Јехова никогаш не си сам

Јехова е близу до сите што го повикуваат (ПС. 145:18)

ПЕСНА 28 Да бидеме пријатели со Јехова

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто понекогаш слугите на Јехова се чувствуваат осамено?

ПОВЕЌЕТО од нас понекогаш се чувствуваат осамено. Кај некои, овие чувства не траат долго, а кај други можат да се задржат подолго време. Можеме да се чувствуваме осамено дури и кога сме опкружени со луѓе. На некои им е тешко да се вклопат во ново собрание. Други, кои се блиски со членовите на своето семејство, се чувствуваат осамено кога ќе се преселат далеку од нив. На трети им недостига друштвото на некој близок што им починал. А некои браќа и сестри, особено оние што неодамна ја прифатиле вистината, се чувствуваат осамено кога членовите на семејството или пријателите кои не му служат на Јехова ги отфрлаат или ги прогонуваат.

2. На кои прашања ќе добиеме одговор во оваа статија?

2 Јехова знае сѐ што ни се случува и потполно нѐ разбира. Кога се чувствуваме осамено, тој е свесен за тоа и сака да ни помогне да се справиме со таквите чувства. Во оваа статија ќе го дознаеме одговорот на следниве прашања: Како ни помага Јехова? Како можеме самите да си помогнеме? И, како можеме да им помогнеме на другите во собранието кои се чувствуваат осамено?

ЈЕХОВА СЕ ГРИЖИ ЗА НАС

Јехова испратил ангел за да го увери Илија дека не е сам (Види во пасус 3)

3. Како Јехова покажал дека се грижи за Илија?

3 Јехова е вистински заинтересиран за доброто на сите свои слуги. Тој е близу до секого од нас, и забележува кога сме тажни или обесхрабрени (Пс. 145:18, 19). Да размислиме за пророкот Илија. Јехова забележал како се чувствува овој негов верен слуга и му помогнал. Тој живеел во еден многу тежок период од историјата на Израел. Некои моќни луѓе во Израел кои не го сакале Јехова сурово ги прогонувале неговите слуги, а посебна мета им бил Илија (1. Цар. 19:1, 2). Уште една работа која го измачувала Илија било тоа што мислел дека тој е единствениот пророк кој му служи на Јехова (1. Цар. 19:10). Бог веднаш презел нешто за да му помогне. Јехова испратил ангел за да го увери овој пророк дека не е сам — дека во Израел има уште многу верни Божји слуги (1. Цар. 19:5, 18).

4. Како од Марко 10:29, 30 се гледа дека Јехова се грижи за своите слуги кои ја изгубиле поддршката од семејството или пријателите?

4 Јехова знае дека, кога некој ќе избере да му служи, можеби ќе треба да направи многу жртви. На пример, можеби ќе ја изгуби поддршката од роднините кои не се Сведоци или од поранешните пријатели. Во една прилика, можеби со извесна загриженост во гласот, апостол Петар го прашал Исус: „Еве, ние оставивме сѐ и те следиме. Што ќе добиеме за тоа?“ (Мат. 19:27). Исус сочувствително ги уверил дека ќе добијат едно големо духовно семејство. (Прочитај Марко 10:29, 30.) И Јехова, нашиот небесен Татко, ветил дека ќе им помага на оние што сакаат да му служат (Пс. 9:10). Да разгледаме некои практични работи што можеш да ги направиш за Јехова да ти помогне кога се бориш со чувства на осаменост.

ШТО МОЖЕШ ДА ПРАВИШ АКО СЕ ЧУВСТВУВАШ ОСАМЕНО

5. Зошто е добро да размислуваш за тоа како Јехова те поддржува?

5 Мисли на тоа како Јехова те поддржува (Пс. 55:22). Ова ќе ти помогне да имаш урамнотежено гледиште за својата ситуација. Една сестра по име Керол, * која не е во брак и чие семејство не е во вистината, вели: „Тоа што размислувам како Јехова ме поддржувал во тешките моменти ми помага да не се чувствувам осамено. И, тоа ме уверува дека Јехова секогаш ќе биде покрај мене“.

6. Како може 1. Петрово 5:9, 10 да ги охрабри оние што се чувствуваат осамено?

6 Размислувај за тоа како Јехова им помага на други браќа и сестри кои се чувствуваат осамено. (Прочитај 1. Петрово 5:9, 10.) Еден брат по име Хироши, кој многу години бил единствениот Сведок во семејството, вели: „Не е тешко да се забележи дека секој во собранието си има свои проблеми. Тоа што знаеме дека сите даваме сѐ од себе за да му служиме на Јехова, може да ги охрабри оние меѓу нас кои се сами во вистината“.

7. Како ти помага молитвата?

7 Редовно учествувај во духовните активности. Многу е важно отворено да зборуваш со Јехова за тоа како се чувствуваш (1. Пет. 5:7). Една млада сестра по име Масиел се чувствувала осамено бидејќи била единствената од нејзиното семејство која ја прифатила вистината. Таа вели: „Една од работите која најмногу ми помогна да се справам со чувствата на осаменост е тоа што сесрдно му се молев на Јехова. Тој ми беше како вистински Татко. Се молев секој ден, и тоа многу пати, кажувајќи му ги своите најдлабоки чувства“.

Тоа што ќе слушаат аудиоснимки од нашата интернет-страница може да им помогне на оние што се сами да не се чувствуваат толку осамено (Види во пасус 8) *

8. Како ти помага тоа што ја читаш Библијата и длабоко размислуваш за неа?

8 Редовно читај ја Божјата Реч и размислувај за конкретни извештаи од кои се гледа дека Јехова те сака. Една сестра по име Бјанка, чии членови на семејството ја обесхрабруваат со нивните негативни коментари, вели: „Многу ми помага тоа што читам и длабоко размислувам за извештаи од Библијата и за животни приказни на Јеховини слуги кои се соочиле со слични ситуации“. Некои браќа и сестри учат напамет стихови кои се особено утешни, како што се Псалм 27:10 и Исаија 41:10. Други слушаат аудиоснимки од нашата интернет-страница. Тоа им помага да не се чувствуваат толку осамено.

9. Како ти користи тоа што присуствуваш на состаноците?

9 Давај сѐ од себе за редовно да присуствуваш на состаноците. Ќе бидеш охрабрен од програмата која се изнесува и подобро ќе се запознаеш со браќата и сестрите (Евр. 10:24, 25). Масиел, која беше спомната претходно, вели: „Иако бев многу срамежлива, решив да одам на секој состанок и да дадам коментар. Ова ми помогна да се чувствувам како дел од собранието“.

10. Зошто е важно да градиме пријателства со верните Божји слуги?

10 Гради пријателства со верните Божји слуги. Стекнувај пријатели во собранието од кои можеш да учиш. Тие можат да бидат на различна возраст или да имаат поинакво потекло од тебе. Од Библијата дознаваме дека постарите лица имаат мудрост (Јов 12:12). Од друга страна, и постарите можат многу да научат од помладите во собранието. Иако Давид бил многу помлад од Јонатан, тоа не било пречка да бидат блиски пријатели (1. Сам. 18:1). Давид и Јонатан си помагале еден на друг да му останат верни на Јехова и покрај неволјите со кои се соочувале (1. Сам. 23:16-18). Една сестра по име Ирина, која е сама во вистината, вели: „Нашите соверници можат да ни станат како вистинско семејство. Преку нив Јехова може да ни го даде она што ни недостасува“.

11. Што треба да правиме за да изградиме цврсти пријателства?

11 Можеби не ти е лесно да склопуваш нови пријателства, особено доколку по природа си срамежлив. Една срамежлива сестра по име Ретна, која почнала да му служи на Јехова и покрај противењето, вели: „Морав да го прифатам фактот дека ми е потребна помош од браќата и сестрите во собранието“. Можеби не ти е лесно да зборуваш за твоите чувства со некој друг, но таквата отворена комуникација е темелот за едно блиско пријателство. Твоите пријатели сакаат да те охрабрат и да те зајакнат, но потребно е ти да им кажеш како да го направат тоа.

12. Како службата на проповедање може да ни помогне да стекнеме добри пријатели?

12 Еден од најдобрите начини да се спријателиме со нашите соверници е така што ќе одиме со нив во служба. Керол, која беше спомната претходно, вели: „Стекнав многу добри пријатели така што поминував време со сестрите во службата на проповедање и во други теократски активности. Низ годините, Јехова ми помагаше токму преку овие пријатели“. Навистина, вреди да вложиме труд за да склопиме пријателства со верните Божји слуги. Јехова ги користи таквите пријатели за да ти помогне да се избориш со негативните чувства, како што се чувствата на осаменост (Изр. 17:17).

ПОМОГНИ ИМ НА ДРУГИТЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ КАКО ДЕЛ ОД НАШЕТО ДУХОВНО СЕМЕЈСТВО

13. Каква одговорност имаат сите во собранието?

13 Сите ние имаме одговорност да придонесеме собранието да биде место во кое ќе владее љубов и мир и никој нема да се чувствува потполно осамено (Јован 13:35). Со нашите зборови и постапки можеме многу да ги охрабриме другите. Една сестра рекла: „Кога ја дознав вистината, собранието ми стана семејство. Немаше да станам Јеховин сведок без поддршката од браќата и сестрите“. Како можеме да им помогнеме на оние што се сами во вистината да чувствуваат дека се дел од собранието?

14. Како може да се спријателиш со новите?

14 Преземи чекори за да се спријателиш со новите во собранието. Би можел да почнеш така што ќе им изразиш срдечно добредојде (Рим. 15:7). Сепак, не е доволно само пријателски да ги поздравиме. Сакаме со текот на времето да изградиме цврсти пријателства со нив. Покажи дека си искрено заинтересиран за нив. Обиди се да сфатиш со какви проблеми се соочуваат, но притоа почитувај ја нивната приватност. На некои можеби нема да им биде лесно да зборуваат за своите чувства, и затоа внимавај да не им вршиш притисок да го прават тоа. Наместо тоа, со ненаметливи прашања и на обѕирен начин поттикни ги да кажат како се чувствуваат, а потоа стрпливо сослушај ги. На пример, би можел да ги прашаш како ја запознале вистината.

15. Како зрелите христијани можат да им помогнат на другите во собранието?

15 Сите во собранието ќе напредуваат духовно ако зрелите христијани, особено старешините, покажуваат искрен интерес за нив. Мелиса, која растела во вистината само со мајка ѝ, вели: „Немам зборови со кои би можела да ја изразам мојата благодарност за браќата кои низ годините ми беа како духовни татковци. Секогаш кога чувствувам потреба за разговор имам со кого да зборувам“. Еден млад брат по име Маурицио се чувствувал осамено кога братот кој проучувал со него станал неактивен. Тој вели: „Многу ми помогна грижата што ми ја пружија старешините. Тие редовно разговараа со мене. Ме земаа во служба, споделуваа со мене некои мисли што ги нашле при личното проучување, па дури и заедно спортувавме“. И Мелиса и Маурицио сега се во полновремена служба.

Има ли некој во твоето собрание кому особено би му значело да поминеш време со него или да му пружиш практична помош? (Види во пасуси 16-19) *

16-17. Како можеме да им пружиме практична помош на другите?

16 Пружи им на другите практична помош (Гал. 6:10). Еден брат по име Лео, кој служи како мисионер во друга земја далеку од своето семејство, вели: „Честопати, она што ти е потребно е еден добродушен гест во вистинско време. Се сеќавам на еден ден кога имав сообраќајна несреќа. Кога си дојдов дома, бев под огромен стрес. Но, потоа еден брачен пар ме покани кај нив на едноставен оброк. Не се сеќавам што јадевме, но се сеќавам дека тие внимателно ме слушаа. Тоа ми помогна да се чувствувам многу подобро“.

17 Сите ние се радуваме кога одиме на конгреси и на собири, затоа што, меѓу другото, таму сме со браќата и сестрите и заедно можеме да разговараме за програмата. Сепак, Керол, која беше спомната претходно, вели: „Мене ми е многу тешко кога сум на собир или на конгрес“. Зошто? Таа додава: „Иако сум опкружена од стотици, па дури и илјадници браќа и сестри, честопати тие се заедно со своите семејства. Кога ги гледам нив, се чувствувам многу осамено“. На други, на кои им починал сопружникот, им е тешко кога за првпат треба да одат без него на некој собир или конгрес. Дали познаваш некој кој се наоѓа во такви околности? Тогаш, би можел следниот пат кога ќе одиш на некој конгрес или собир, да го поканиш да биде заедно со тебе и со твоето семејство.

18. Како можеме да го примениме советот од 2. Коринќаните 6:11-13 кога покажуваме гостопримство?

18 Поминувај време со нив. Труди се да поминуваш време со различни браќа и сестри, а особено со оние кои се чувствуваат осамено. Сакаме широко да ги отвориме нашите срца, посебно кон таквите соверници. (Прочитај 2. Коринќаните 6:11-13.) Мелиса, која беше спомната претходно, вели: „Многу се радувавме секогаш кога пријателите ќе нѐ викнеа на гости или да одиме на одмор заедно“. Има ли некој во твоето собрание на кого би можел да му покажеш гостопримство на ваков начин?

19. Кога особено може да им значи на некои браќа и сестри тоа што ќе минуваме време со нив?

19 На нашите браќа и сестри понекогаш може посебно да им значи тоа што ќе поминеме време со нив. На некои можеби им е тешко во период кога членовите на семејството кои не се во вистината слават празници. На други можеби им е многу тешко на некои датуми, како што е годишнината од смртта на некој близок. Кога одвојуваме време за браќата и сестрите кои минуваат низ вакви тешки мигови, покажуваме дека вистински се грижиме за нив (Фил. 2:20).

20. Како можат зборовите на Исус запишани во Матеј 12:48-50 да ни помогнат кога се чувствуваме осамено?

20 Има повеќе причини зошто еден Божји слуга понекогаш може да се чувствува осамено. Сепак, никогаш не треба да заборавиме дека Јехова е потполно свесен за таквите чувства. Тој честопати ги користи нашите браќа и сестри за да ни го даде она што ни е потребно. (Прочитај Матеј 12:48-50.) А ние му покажуваме на Јехова дека сме благодарни за нашето духовно семејство така што даваме сѐ од себе за да им помагаме на нашите браќа и сестри. Без разлика со какви чувства се бориме одвреме-навреме, никогаш не сме сами затоа што Јехова секогаш е покрај нас!

ПЕСНА 46 Ти благодариме, Јехова!

^ пас. 5 Дали понекогаш се чувствуваш осамено? Ако да, биди уверен дека Јехова е свесен со какви чувства се бориш и дека сака да ти помогне. Во оваа статија ќе видиме како можеме да се справиме со чувствата на осаменост. Исто така, ќе дознаеме како можеме да ги охрабруваме браќата и сестрите кои се чувствуваат осамено.

^ пас. 5 Некои имиња се сменети.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: За да не се чувствува толку осамено, еден брат, чија сопруга починала, слуша аудиоснимки од нашата интернет-страница.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат и неговата ќерка посетуваат еден постар брат од собранието и му носат нешто за јадење.