Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 24

Ти можеш да се извлечеш од замките на Сатана!

Ти можеш да се извлечеш од замките на Сатана!

Извлечи се од замката на Ѓаволот (2. ТИМ. 2:26)

ПЕСНА 36 Да си го чуваме срцето!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто можеме да го споредиме Сатана со ловец?

ЛОВЕЦОТ има само една цел — да го улови или да го убие својот плен. Тој може да употреби различни замки или стапици, токму како што кажал и еден од лажните тешители на Јов (Јов 18:8-10). Како може ловецот да го намами животното во својата стапица? Тој го набљудува животното за да види каде оди, што го интересира и со која стапица може да го фати на препад. Сатана е како еден таков ловец. Тој нѐ набљудува, гледа каде одиме и што нѐ интересира. Потоа, поставува стапица со која се надева дека ќе нѐ улови тогаш кога најмалку очекуваме. Сепак, Библијата нѐ уверува дека дури и ако се фатиме во некоја од неговите замки, ќе можеме да се извлечеме. Исто така, од неа дознаваме што треба да правиме за воопшто да не паднеме во тие стапици.

Гордоста и лакомоста се две од најуспешните замки на Сатана (Види во пасус 2) *

2. Кои се две од најуспешните замки на Сатана?

2 Две од најуспешните замки на Сатана се гордоста и лакомоста. * Тој со илјадници години вешто ги користи овие негативни особини. Сатана е како птичар кој го намамува својот плен во стапица или го лови во мрежа (Пс. 91:3). Но, ние не мора да паднеме во неговите замки. Зошто? Бидејќи Јехова ни открил какви тактики користи Сатана (2. Кор. 2:11).

Од библиските примери можеме да научиме како да ги избегнеме или да се извлечеме од замките на Ѓаволот (Види во пасус 3) *

3. Зошто Јехова се погрижил во Библијата да бидат запишани примери за тоа како некои луѓе станале горди и лакоми?

3 Еден начин на кој Јехова нѐ предупредува колку се опасни гордоста и лакомоста е така што ни кажува што им се случило на некои негови слуги. Од примерите што ќе ги разгледаме ќе видиме како Сатана успеал да фати во стапица дури и некои луѓе кои долго време му служеле на Јехова. Дали ова значи дека е невозможно да ги избегнеме овие замки? Не. Јехова се погрижил овие примери да бидат запишани во Библијата „како предупредување за нас“ (1. Кор. 10:11). Тој знае дека од ваквите примери можеме да научиме како да ги избегнеме замките на Ѓаволот или како да се извлечеме од нив.

ЗАМКАТА НА ГОРДОСТА

Види во пасус 4

4. Што може да ни се случи ако станеме горди?

4 Сатана сака во нас да се развие неисправна гордост. Тој знае дека, ако станеме горди, ќе бидеме како него и ќе ја изгубиме можноста да добиеме вечен живот (Изр. 16:18). Затоа е соодветно тоа што апостол Павле дал предупредување дека едно лице би можело да „се возгордее и да падне под истата осуда како Ѓаволот“ (1. Тим. 3:6, 7). Тоа би можело да му се случи на секого од нас без разлика дали сме нови во вистината или му служиме на Јехова со години.

5. Според Проповедник 7:16, 20, како некој би можел да покаже дека е горд?

5 Гордоста е еден вид себичност. Сатана се обидува да нѐ наведе да бидеме себични — повеќе да мислиме на себеси отколку на Јехова, особено кога имаме проблеми. На пример, дали некогаш си бил лажно обвинет? Или си доживеал некоја друга неправда? Сатана би сакал да им се лутиш на Јехова или на браќата. И, тој сака да мислиш дека единствениот начин да го решиш проблемот е така што ќе постапуваш по свое наместо во склад со советите кои Јехова ги дал во својата Реч. (Прочитај Проповедник 7:16, 20.)

6. Што можеш да научиш од примерот на една сестра од Холандија?

6 Да го разгледаме примерот на една сестра од Холандија која многу се нервирала поради слабостите на другите. Таа повеќе не можела да ја поднесе ситуацијата во која се наоѓала. Оваа сестра вели: „Се чувствував многу осамено и не можев да го сменам мојот став кон браќата и сестрите од собранието. Му реков на маж ми дека мора да се префрлиме во друго собрание“. Потоа ја гледала месечната емисија за март 2016 на JW Broadcasting®. Во таа емисија имаше некои предлози за тоа како да се справиме со слабостите на другите. Сестрата вели: „Сфатив дека треба да бидам понизна и да обрнам внимание на моите грешки наместо да се обидувам да ги менувам браќата и сестрите во собранието. Емисијата ми помогна да се концентрирам на Јехова и на неговото право да владее“. Која е поуката за нас? Кога ќе се соочиш со некој проблем, продолжи да размислуваш за Јехова. Сесрдно моли го да ти помогне да гледаш на другите онака како што гледа тој на нив. Иако твојот небесен Татко е свесен за нивните грешки, сепак тој е спремен да им прости. Јехова сака и ти да го правиш истото (1. Јов. 4:20).

Види во пасус 7

7. Што му се случило на цар Озија?

7 Да разгледаме уште еден пример. Озија, царот на Јуда, бил многу способен човек. Тој победил во многу војни, изградил многу градови и имал многу земјоделски поседи. Во Библијата пишува: „Вистинскиот Бог... го благословуваше“ (2. Лет. 26:3-7, 10). Но, со текот на времето цар Озија станал горд. Поради тоа, не го послушал советот на другите и во една ситуација постапил многу дрско. Библијата вели: „Кога стана моќен, срцето толку му се возгордеа што самиот себеси си направи зло“. Јехова претходно заповедал само свештениците да принесуваат темјан во храмот. Но, цар Озија отишол во храмот за да принесе темјан иако немал право на тоа. На Јехова не му се допаднало тоа, и го удрил овој горд човек со лепра. Озија останал лепрозен до крајот на својот живот (2. Лет. 26:16-21).

8. Како советот од 1. Коринќаните 4:6, 7 може да ни помогне да не станеме горди?

8 Дали би можела гордоста и нас да нѐ наведе да паднеме во истата замка во која што паднал Озија? Да видиме што му се случило на Хозе. Тој бил многу успешен бизнисмен и служел како собраниски старешина. Хозе држел говори на собири и на конгреси, а покраинските надгледници се советувале со него. Тој признава: „Наместо да се потпирам на Јехова, јас се потпирав на моите способности и на моето искуство. Си мислев дека сум духовно јак и затоа не ги слушав предупредувањата и советите од Јехова“. Хозе направил тежок грев и бил исклучен. Пред неколку години тој повторно бил вратен во собранието. Сега Хозе вели: „Јехова ме научи дека не е најважно да имаме некоја титула, туку да го правиме она што тој го бара од нас“. Да не заборавиме дека сите наши способности и одговорностите што ги имаме во собранието сме ги добиле од Јехова. (Прочитај 1. Коринќаните 4:6, 7.) Ако сме горди, Јехова нема да нѐ користи.

ЗАМКАТА НА ЛАКОМОСТА

Види во пасус 9

9. Што направиле и Сатана и Ева поради тоа што биле лакоми?

9 Кога ќе ја спомнеме лакомоста, веројатно веднаш помислуваме на Сатана, Ѓаволот. Како еден од Јеховините ангели, Сатана сигурно имал посебни задачи и одговорности. Но, тој сакал уште повеќе. Сакал другите да го обожаваат него — нешто што само Јехова со право го заслужува. Сатана сака да бидеме како него и затоа се обидува да нѐ наведе да не бидеме задоволни со она што го имаме. Тој првпат се обидел да го направи тоа кога зборувал со Ева. Јехова со љубов им обезбедил на Ева и на нејзиниот маж изобилство убава и вкусна храна. Тие можеле да јадат од „секое дрво во градината“ освен од едно (1. Мој. 2:16). Сепак, Сатана ја навел Ева да мисли дека таа треба да јаде токму од дрвото што било забрането. Ева не била задоволна со тоа што го имала, туку сакала уште повеќе. Знаеме што се случило потоа. Ева направила грев и на крајот умрела (1. Мој. 3:6, 19).

Види во пасус 10

10. Како цар Давид паднал во замката на лакомоста?

10 И цар Давид паднал во замката на лакомоста. Јехова му дал многу работи на Давид — богатство, углед и победи над многу непријатели. Дури и самиот Давид со благодарност признал дека Бог му дал повеќе работи отколку што би можел да ги наброи (Пс. 40:5). Но во еден момент, поради лакомост, Давид заборавил што сѐ му дал Јехова. Тој не бил задоволен со она што го имал, туку сакал уште повеќе. Иако имал неколку жени, Давид дозволил во неговото срце да се развие неисправна желба — да ја има жената која му припаѓала на друг маж. Таа жена била Витсавеа, а нејзиниот маж бил Урија Хетеецот. Давид покажал себичност со тоа што имал сексуални односи со Витсавеа, и таа забременила. Како да не било доволно тоа што направил прељуба, тој дури наместил Урија да биде убиен (2. Сам. 11:2-15). Што си мислел Давид, дека Јехова не може да го види? Иако верно му служел на Јехова со години, тој паднал во замката на лакомоста и скапо платил за тоа. Но, подоцна го признал својот грев и се покајал. Сигурно бил многу благодарен што Јехова му простил (2. Сам. 12:7-13).

11. Според Ефешаните 5:3, 4, што може да ни помогне да се бориме против лакомоста?

11 Што учиме од примерот на Давид? Учиме дека можеме да ја победиме лакомоста ако останеме благодарни за сето она што Јехова ни го дал. (Прочитај Ефешаните 5:3, 4.) Мора да бидеме задоволни со она што го имаме! Кога почнуваме да ја проучуваме Библијата со луѓето, можеби ги поттикнуваме да размислуваат за која конкретна работа може да му се заблагодарат на Јехова. Ако некој го прави тоа секој ден во текот на една седмица, тоа значи дека ќе се моли за седум различни работи (1. Сол. 5:18). Дали и ти правиш нешто слично? Ако размислуваш за сето она што Јехова го направил за тебе, тоа ќе ти помогне да бидеш благодарен. А кога си благодарен, тогаш си задоволен со она што го имаш. А, ако си задоволен со она што го имаш, нема да станеш лаком.

Види во пасус 12

12. Што направил Јуда поради тоа што станал лаком?

12 Поради тоа што станал лаком, Јуда отишол дотаму што го предал Исус. Но, тој не бил отсекогаш лоша личност (Лука 6:13, 16). Исус го избрал за еден од своите апостоли. Јуда бил одговорен за кутијата за пари што покажува дека бил способен човек и дека Исус имал доверба во него. Исус и апостолите ги користеле тие средства за да ги покријат трошоците што ги имале додека проповедале. Во некоја смисла, тие пари биле како прилозите што денес се користат за меѓународното дело. Но во еден момент, Јуда почнал да краде и покрај тоа што неколку пати слушнал како Исус дава предупредување во врска со лакомоста (Мар. 7:22, 23; Лука 11:39; 12:15). Јуда не обрнал внимание на тие предупредувања.

13. Кога лакомоста на Јуда станала очигледна?

13 Лакомоста на Јуда станала очигледна при еден настан кој се случил кратко пред смртта на Исус. Исус и неговите ученици, меѓу кои биле Марија и нејзината сестра Марта, биле на гости кај Симон лепрозниот. Додека јаделе, Марија станала и врз главата на Исус излеала мирисливо масло кое било многу скапо. Јуда и другите ученици многу се налутиле. Другите ученици можеби мислеле дека би било подобро парите да се искористат за да им се помогне на сиромасите. Но Јуда се налутил од друга причина. Тој бил крадец и крадел пари од кутијата. Подоцна, лакомоста го навела Јуда да го предаде Исус за сума која се плаќала за еден роб (Јован 12:2-6; Мат. 26:6-16; Лука 22:3-6).

14. Како еден брачен пар ја применил поуката од Лука 16:13?

14 Исус ги потсетил своите следбеници на следнава важна вистина: „Не можете да им робувате и на Бог и на богатството“. (Прочитај Лука 16:13.) Ова важи до ден-денес. Да видиме како еден брачен пар Сведоци во Романија ја примениле поуката од зборовите на Исус. Им била понудена привремена работа во една побогата земја. Тие велат: „Бидејќи требаше да исплатиме голем долг во банка, на почетокот оваа понуда ни изгледаше како благослов од Јехова“. Но, имало еден проблем. Доколку ја прифателе таа работа, ќе имале помалку време за службата за Јехова. Откако ја прочитале статијата „Остани лојален и со неподелено срце“, која излезе во Стражарска кула од 15 август 2008, тие донеле одлука. Овој брачен пар вели: „Сфативме дека, ако нашиот мотив да се преселиме во друга земја е само да заработиме пари, тогаш би го ставиле Јехова на второ место во животот. Бевме сигурни дека тоа лошо ќе влијае врз нашата духовност“. Затоа, тие ја одбиле понудата за работа. Што се случило потоа? Мажот нашол работа во нивната земја со која можеле да ги покријат трошоците. Жената вели: „Јеховината рака никогаш не е прекратка“. Тие се среќни што одлучиле Јехова да биде нивниот Господар, а не парите.

ИЗБЕГНИ ГИ ЗАМКИТЕ НА САТАНА

15. Зошто сме сигурни дека е можно да се извлечеме од замките на Сатана?

15 Што ако забележиме дека сме станале горди или лакоми? Можеме да се смениме! Павле рекол дека оние што Ѓаволот „живи ги фатил“ во својата замка можат да се извлечат од неа (2. Тим. 2:26). Ова се случило и со Давид. Тој го прифатил строгиот укор од Натан, искрено се покајал и си го обновил пријателството со Јехова. Никогаш не заборавај дека Јехова е посилен од Сатана! Затоа, ако ја прифатиме помошта од Јехова, можеме да се извлечеме од секоја стапица или замка која ни ја поставува Ѓаволот.

16. Што ќе ни помогне да не паднеме во замките на Сатана?

16 Се разбира, најдобро би било никогаш да не паднеме во замките на Сатана. Во тоа може да успееме само со помошта од Бог. Но не треба да бидеме претерано самоуверени и да мислиме дека никогаш не можеме да станеме горди или лакоми. Тоа им се случило дури и на некои кои долго време му служеле на Јехова. Затоа, секој ден, сесрдно моли го Јехова да ти помогне да видиш дали овие лоши особини почнале да влијаат врз твоето размислување и врз твоите постапки (Пс. 139:23, 24). Дај сѐ од себе никогаш да не станеш горд или лаком.

17. Што ќе се случи наскоро со нашиот непријател Ѓаволот?

17 Сатана е ловец веќе со илјадници години. Но, наскоро ќе биде врзан и на крајот ќе биде уништен (Отк. 20:1-3, 10). Едвај чекаме да дојде тој ден! Дотогаш, внимавај да не паднеш во замките на Сатана. Направи сѐ што можеш за никогаш да не станеш горд или лаком. Биди решен да му се спротивставиш на Ѓаволот, и „тој ќе побегне“ од тебе (Јак. 4:7).

ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам

^ пас. 5 Сатана е како еден вешт ловец. Тој се обидува да нѐ улови во своите замки без разлика колку долго му служиме на Јехова. Во оваа статија ќе дознаеме како Сатана се обидува да ги искористи гордоста и лакомоста за да го уништи нашето пријателство со Бог. Исто така, ќе дознаеме како некои станале горди и лакоми, и како може да ги избегнеме овие стапици.

^ пас. 2 ПОЈАСНУВАЊЕ: Оваа статија зборува за неисправната гордост, односно кога некој смета дека е подобар од другите, и за лакомоста, односно претераната желба да се има повеќе пари, моќ, сексуални односи или други работи.

^ пас. 53 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат горделиво го отфрла мудриот совет што му го даваат браќата. Една сестра која веќе има многу работи, сака да купува уште повеќе.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКАТА: Гордоста влијаела врз еден ангел, а исто така и врз цар Озија. Поради лакомост, Ева јадела од забранетото дрво, Давид извршил прељуба со Витсавеа, а Јуда крадел пари.