Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 26

Како Јеховината љубов ни помага да ги совладаме нашите стравови

Како Јеховината љубов ни помага да ги совладаме нашите стравови

Јехова е на мојата страна; нема да се плашам (ПС. 118:6)

ПЕСНА 105 „Бог е љубов“

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Кои се некои вообичаени причини за страв?

 РАЗМИСЛИ за следниве ситуации во кои се нашле некои Јеховини сведоци. Нестор и неговата жена, Марија, сакале да служат онаму каде што има поголема потреба од објавители. * За да ја остварат таа цел, тие ќе требало да трошат помалку пари. Но, се плашеле дека нема да бидат вистински среќни ако живеат со помалку пари. Биниам живее во земја каде што луѓето му се противат на проповедничкото дело. Кога станал Јеховин сведок, тој сфатил дека можеби и самиот ќе доживее прогонство. Тоа многу го исплашило. Но, уште повеќе се плашел од тоа како ќе реагира неговото семејство кога ќе дознае за неговата нова религија. На Валери ѝ бил дијагностициран агресивен облик на рак и се мачела да најде некој хирург кој ќе ги почитува нејзините библиски верувања во врска со крвта. Сосема е разбирливо што таа се плашела дека можеби ќе умре.

2. Зошто треба да се трудиме да ги контролираме нашите стравови?

2 Дали и ти си имал вакви стравови? Многумина од нас имале. Ако не научиме да ги контролираме нашите стравови, веројатно ќе донесеме лоши одлуки кои би можеле дури и да ни го загрозат пријателството со Јехова. Токму тоа го сака Сатана. Исто така, тој се обидува да ги искористи нашите стравови за да нѐ наведе да им бидеме непослушни на Јеховините закони, во кои спаѓа и заповедта да ја проповедаме добрата вест (Отк. 12:17). Сатана е злобен, суров и моќен. Но, ти можеш да се заштитиш од него. Како?

3. Што ќе ни помогне да ги совладаме нашите стравови?

3 Ако сме уверени дека Јехова нѐ сака — дека е на нашата страна — на Сатана нема да му успее да нѐ исплаши (Пс. 118:6). На пример, писателот на Псалм 118 се соочил со многу тешки ситуации. Тој имал многу непријатели, вклучувајќи и некои што биле на високи положби во општеството (стихови 9, 10). Понекогаш бил под многу голем притисок (стих 13). А исто така, добил строг укор од Јехова (стих 18). Сепак, тој псалмист бил поттикнат да каже: „Нема да се плашам“. Зошто се чувствувал толку безбедно? Тој знаел дека, иако неговиот небесен Татко го укорил, сепак многу го сака. Псалмистот бил уверен дека без разлика во каква ситуација ќе се најде, неговиот грижлив Бог е секогаш спремен да му помогне (Пс. 118:29).

4. Кои стравови можеме да ги совладаме ако сме уверени дека Бог нѐ сака?

4 Треба да бидеме уверени дека Јехова нѐ сака нас лично. Тоа ќе ни помогне да совладаме три вообичаени стравови: 1) стравот дека нема да можеме да се грижиме за семејството, 2) стравот од човек и 3) стравот од смртта. Браќата и сестрите кои ги спомнавме во првиот пасус успеале да ги совладаат своите стравови, бидејќи биле уверени дека Бог ги сака.

СТРАВ ДЕКА НЕМА ДА МОЖЕМЕ ДА СЕ ГРИЖИМЕ ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Еден брат, со неговиот син кој е во близина, работи како рибар за да ги задоволи материјалните потреби на семејството (види во пасус 5)

5. Поради кои околности семејните поглавари би можеле да бидат загрижени? (Види ја сликата на насловната страница.)

5 Еден семеен поглавар кој му служи на Јехова сериозно си ја сфаќа одговорноста да се грижи за своето семејство во материјален поглед (1. Тим. 5:8). Ако и ти си глава на семејството, во текот на неодамнешната пандемија можеби си се плашел дека ќе ја изгубиш работата. Можеби си бил загрижен дека ќе ти биде тешко да обезбедиш храна за семејството и да ја платиш киријата. Исто така, можеби си се плашел дека, ако ја изгубиш работата, нема да можеш да најдеш друга. Или како Нестор и Марија, кои ги спомнавме претходно, можеби си се двоумел да направиш некои промени во однос на работата бидејќи си мислел дека нема да можеш да живееш со помалку пари. Сатана успешно ги искористил ваквите стравови за да спречи многумина да му служат на Јехова.

6. Во што сака да нѐ убеди Сатана?

6 Сатана се обидува да нѐ убеди дека Јехова не нѐ сака и дека сме препуштени сами на себе во грижата за нашето семејство. Затоа, би можеле да си заклучиме дека треба да правиме сѐ што можеме за да го зачуваме нашето работно место, дури и ако тоа значи дека треба да прекршиме некое библиско начело.

7. Во што нѐ уверува Исус?

7 Исус, кој го познава Таткото подобро од секој од нас, нѐ уверува дека нашиот Бог знае што ни треба уште пред да го замолиме (Мат. 6:8). Освен тоа, Исус знае дека Јехова сака и ќе се грижи за нашите потреби. Како христијани, ние сме членови на Божјето семејство. Можеме да бидеме сигурни дека, како глава на семејството, Јехова ќе го почитува истото начело кое и самиот дал да се запише во 1. Тимотеј 5:8.

Јехова ќе се погрижи да имаме сѐ што ни е потребно. Тој може да ги употреби нашите браќа и сестри да ни помогнат (види во пасус 8) *

8. а) Што ќе ни помогне да го совладаме стравот дека нема да можеме да се грижиме за нашето семејство? (Матеј 6:31-33). б) Како би можеле да го следиме примерот на брачниот пар кој е прикажан на сликата?

8 Ако сме уверени дека Јехова нѐ сака нас и нашето семејство, ќе бидеме уверени и дека ќе го имаме сето она што ни е потребно. (Прочитај Матеј 6:31-33.) Јехова сака да се грижи за нашите потреби и тоа го прави на великодушен начин. Кога ја создал Земјата, тој ни дал многу повеќе работи од оние што ни се потребни за да преживееме. Тој со љубов направил многу работи кои ни овозможуваат да му се радуваме на животот (1. Мој. 2:9). Дури и ако понекогаш ги имаме само најосновните работи, добро е да не заборавиме дека Јехова е тој што ни го дава она што ни е неопходно (Мат. 6:11). Треба да имаме на ум дека секоја жртва што денес ќе ја направиме во материјален поглед не е ништо во споредба со она што нашиот грижлив Бог ни го дава денес и ќе ни го даде во иднина. Токму тоа го сфатиле и Нестор и Марија (Иса. 65:21, 22).

9. Што можеме да научиме од примерот на Нестор и Марија?

9 Нестор и Марија имале убава куќа и добро платена работа во Колумбија. Тие рекле: „Размислувавме да си го поедноставиме животот и да правиме нешто повеќе во службата за Јехова. Но, се плашевме дека нема да бидеме среќни ако живееме со помалку пари“. Што им помогнало да го совладаат својот страв? Размислувале за многуте начини на кои Јехова им покажал дека ги сака. Уверени дека тој секогаш ќе се грижи за нив, и двајцата дале отказ од работа. Ја продале куќата и се преселиле во друг дел од земјата каде што имало поголема потреба од објавители. Што мислат за својата одлука? Нестор вели: „Се уверивме дека се вистинити зборовите од Матеј 6:33. Никогаш ништо не ни фалеше во материјален поглед. И, сега водиме посреќен живот“.

СТРАВ ОД ЧОВЕК

10. Зошто е сосема разбирливо што луѓето се плашат едни од други?

10 Уште од времето кога Адам и Ева се побуниле против Јехова, луѓето си наштетуваат едни на други (Проп. 8:9). На пример, некои го злоупотребуваат својот авторитет. Криминалци извршуваат насилства. Некои ученици ги малтретираат своите соученици, така што ги навредуваат и им се закануваат. А некои луѓе се однесуваат сурово дури и со членовите на своето семејство. Затоа не е ни чудо што луѓето се плашат од други луѓе. Како Сатана се обидува да го искористи против нас стравот од човек?

11-12. Како Сатана го користи стравот од човек против нас?

11 Сатана го користи стравот од човек за да нѐ натера да престанеме да проповедаме или да престанеме да правиме други работи кои Јехова ги бара од нас. Под влијание на Сатана, некои влади го забрануваат нашето дело и нѐ прогонуваат (Лука 21:12; Отк. 2:10). Во светот на Сатана, многу луѓе шират погрешни информации и злобни лаги за Јеховините сведоци. Луѓето што веруваат во овие лаги можеби нѐ исмеваат, па дури и физички нѐ напаѓаат (Мат. 10:36). Дали сме изненадени од овие тактики на Сатана? Воопшто не. Тој веќе ги користел во првиот век (Дела 5:27, 28, 40).

Дури и ако семејството ни се противи, може да бидеме уверени дека Јехова нѐ сака (види во пасуси 12-14) *

12 Стравот од противењето на властите не е единственото оружје кое го користи Сатана. Некои се плашат што ќе мисли нивното семејство кога ќе дознае дека станале Јеховини сведоци. Понекогаш, тие повеќе се плашат од ова отколку од тоа да бидат физички малтретирани. Овие лица многу ги сакаат своите роднини и имаат голема желба и тие да го запознаат и да го засакаат Јехова. Тажни се кога ќе чујат како нивните роднини зборуваат без почит за вистинскиот Бог и за неговите слуги. Сепак, во некои случаи, роднините кои во почетокот се противеле, подоцна станале Јеховини сведоци. Но, како би реагирал доколку членовите на твоето семејство би го прекинале секој контакт со тебе поради твоите нови верувања?

13. Како тоа што сме уверени дека Бог нѐ сака ќе ни помогне ако нашето семејство нѐ отфрли? (Псалм 27:10).

13 Можеме да црпиме утеха од прекрасните зборови запишани во Псалм 27:10. (Прочитај.) Ако имаме на ум колку многу Јехова нѐ сака, нема да се плашиме, дури и ако нашето семејство нѐ отфрли. И уверени сме дека тој ќе нѐ награди за нашата истрајност. Јехова ќе се грижи за нашите физички, емоционални и духовни потреби многу подобро од кој и да било друг. Токму тоа го почувствувал Биниам, кој го спомнавме претходно.

14. Што учиме од примерот на Биниам?

14 Биниам станал Јеховин сведок иако знаел дека властите во неговата земја свирепо ги прогонуваат Јеховините сведоци. Да видиме како тоа што знаел дека Јехова го сака му помогнало на Биниам да го совлада стравот од човек. Тој вели: „Прогонството беше полошо од тоа што си го замислував, но она што ме плашеше повеќе од противењето од властите беше противењето од моето семејство. Се плашев дека мојата одлука да станам Јеховин сведок ќе го разочара мојот татко, кој не беше Сведок, и дека семејството ќе ја изгуби почитта кон мене“. Но, Биниам бил уверен дека Јехова секогаш се грижи за оние што ги сака. Биниам објаснува: „Размислував за тоа како Јехова им помогнал на други кои се соочиле со економски тешкотии, предрасуди и насилство од толпи. Знаев дека, ако му останам верен на Јехова, тој ќе ме благослови. Неколку пати бев уапсен, па дури и малтретиран. Но, од прва рака се уверив дека Јехова секогаш ќе ни помага ако му останеме верни“. Јехова му станал вистински татко на Биниам, а Божјиот народ му станал вистинско семејство.

СТРАВ ОД СМРТТА

15. Зошто е нормално да имаме страв од смртта?

15 Од Библијата дознаваме дека смртта е непријател (1. Кор. 15:25, 26). Можеби нѐ плаши помислата на смрт, особено кога ние или некој наш близок е тешко болен. Зошто се плашиме од смртта? Бидејќи Јехова нѐ создал со желба да живееме вечно (Проп. 3:11). Добро е да имаме урамнотежен страв од смртта бидејќи тоа може да ни го заштити животот. На пример, тоа може да нѐ поттикне здраво да се храниме и редовно да вежбаме, да одиме на лекар и да земаме лекарства кога тоа е неопходно и да не го доведуваме непотребно својот живот во опасност.

16. Како Сатана се обидува да го искористи нашиот природен страв од смртта?

16 Сатана знае дека си го цениме животот. Поради тоа, тој тврди дека би жртвувале сѐ, дури и нашето пријателство со Јехова, само за да си го зачуваме животот (Јов 2:4, 5). Но, Сатана не е во право. Сепак, бидејќи тој е „оној што ја има моќта да предизвикува смрт“, Сатана се обидува да го искористи природниот страв од смртта за да нѐ натера да го напуштиме Јехова (Евр. 2:14, 15). Понекогаш, луѓето кои се под влијание на Сатана се закануваат дека ќе ги убијат Јеховините слуги ако не се откажат од својата вера. Во други случаи, Сатана може да искористи некоја ситуација во која ни е потребна итна медицинска интервенција за да нѐ наведе да му бидеме непослушни на Бог. Лекарите или роднините кои не се Сведоци може да ни вршат притисок да прифатиме трансфузија на крв, со што би го прекршиле Божјиот закон. Или, некој би можел да се обиде да нѐ убеди да прифатиме лекување кое не е во склад со библиските начела.

17. Во склад со Римјаните 8:37-39, зошто нема потреба да се плашиме од смртта?

17 Иако не сакаме да умреме, ние знаеме дека Јехова нема да престане да нѐ сака ако нашиот живот заврши. (Прочитај Римјаните 8:37-39.) Кога ќе умре некој пријател на Јехова, тој е во неговото сеќавање како да е сѐ уште жив (Лука 20:37, 38). Јехова копнее да ги врати во живот своите пријатели (Јов 14:15). Тој платил висока цена за да можеме да имаме вечен живот (Јован 3:16). Ние знаеме колку многу нѐ сака Јехова и колку се грижи за нас. Затоа, наместо да му свртиме грб на Јехова кога сме болни или кога животот ни е во опасност, ние бараме од него утеха, мудрост и сила. Токму тоа го сториле Валери и нејзиниот маж (Пс. 41:3).

18. Што учиме од примерот на Валери?

18 Кога имала 35 години, на Валери ѝ бил откриен редок вид агресивен рак. Да видиме како Јеховината љубов ѝ помогнала да го совлада стравот од смртта. Таа вели: „Кога дознавме дека имам рак, тоа ни го смени животот преку ноќ. Требаше да ми направат голема операција за да преживеам. Разговарав со многу хирурзи, но ниту еден од нив не сакаше да ме оперира без крв. Бев исплашена, но поради Божјиот закон во никој случај не сакав да прифатам трансфузија на крв. Во текот на целиот мој живот, Јехова многу пати ми покажа колку ме сака. Сега јас имав прилика да му покажам дека го сакам. Секогаш кога ќе добиев лоши вести од лекарите, бев уште порешена да го радувам Јехова и да не дозволам Сатана да победи. На крај, ми беше извршена успешна операција без крв. Иако сѐ уште имам здравствени проблеми, Јехова секогаш ни го дава она што ни е потребно. На пример, викендот пред да ја добијам дијагнозата, на состанокот ја разгледувавме статијата ’Храбро да се соочиме со денешните проблеми‘. * Оваа статија многу нѐ утеши. Ја читавме одново и одново. Благодарение на ваквите статии и на редовните духовни активности, јас и мојот сопруг имаме внатрешен мир и можеме да останеме урамнотежени и да носиме добри одлуки“.

ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА СЕ БОРИМЕ СО НАШИТЕ СТРАВОВИ

19. Што ќе се случи наскоро?

19 Со помошта од Јехова, Божјите слуги низ целиот свет успеваат да се справат со разни тешки ситуации и да му се спротивстават на Ѓаволот (1. Пет. 5:8, 9). Можеш и ти! Наскоро, Јехова ќе им даде заповед на Исус и неговите совладетели да ги уништат „делата на Ѓаволот“ (1. Јов. 3:8). Потоа, Божјите слуги на Земјата нема да се плашат од никого и од ништо (Иса. 54:14; Мих. 4:4). Но, дотогаш мора многу да се напрегаме за да ги совладаме нашите стравови.

20. Што ќе ни помогне да ги совладаме нашите стравови?

20 Мора постојано да ја зајакнуваме нашата доверба дека Јехова ги сака и ги штити своите слуги. Ова може да го правиме така што ќе размислуваме и ќе разговараме за тоа како Јехова ги штител своите слуги во минатото. Исто така, добро е да имаме на ум како тој ни помогнал нам лично да се справиме со тешки ситуации. Со помошта од Јехова, можеме да ги совладаме нашите стравови! (Пс. 34:4).

ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!

^ Сосема е природно да чувствуваме страв. Всушност, тоа може да ни служи како заштита ако се најдеме во некоја опасност. Но, претераниот страв може да ни наштети. Во која смисла? Сатана ќе го искористи таквиот страв против нас. Затоа мора многу да се напрегаме за да ги држиме нашите стравови под контрола. Што ќе ни помогне во тоа? Како што ќе видиме во оваа статија, ако сме уверени дека Јехова е на нашата страна и дека нѐ сака, ќе можеме да го совладаме кој и да било страв.

^ Некои имиња се сменети.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брачен пар од собранието им носи јадење на една трудољубива сестра и на нејзиното семејство.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Родителите на еден млад брат не сакаат тој да му служи на Јехова, но братот е уверен дека Бог ќе му помогне.