Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 26

Бидете подготвени за Јеховиниот ден

Бидете подготвени за Јеховиниот ден

Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта (1. СОЛ. 5:2)

ПЕСНА 143 Будно, спремно да чекаме!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Што мора да правиме за да го преживееме Јеховиниот ден?

 КОГА во Библијата се спомнува „Јеховиниот ден“, тоа се однесува на времето кога Јехова ќе ги уништи своите непријатели и ќе го избави својот народ. Во минатото, Јехова казнил некои народи (Иса. 13:1, 6; Езек. 13:5; Соф. 1:8). Во наше време, „Јеховиниот ден“ ќе започне со нападот врз Големиот Вавилон, а ќе заврши со војната Армагедон. За да го преживееме тој „ден“, мора да се подготвиме уште сега. Исус рекол дека треба да бидеме подготвени за големата неволја. Изразот „бидете подготвени“ значи и дека треба постојано да бидеме подготвени (Лука 12:40; Мат. 24:21).

2. Зошто е добро да го разгледаме 1. Солуњаните?

2 Во своето прво писмо до Солуњаните, апостол Павле употребил неколку споредби за да им помогне на христијаните да се подготват за Јеховиниот голем ден на осуда. Павле знаел дека Јеховиниот ден нема да дојде во тоа време (2. Сол. 2:1-3). Сепак, тој ги поттикнал своите браќа да се подготват за тој ден како да ќе дојде утре. И ние можеме да го примениме неговиот совет. Да го разгледаме неговото објаснување за следниве работи: 1) како ќе дојде Јеховиниот ден, 2) кој нема да го преживее тој ден и 3) како можеме да се подготвиме за да преживееме.

КАКО ЌЕ ДОЈДЕ ЈЕХОВИНИОТ ДЕН

Кога го пишувал првото писмо до Солуњаните, апостол Павле употребил споредби што можат да ни користат и нам (види во пасус 3)

3. Во која смисла Јеховиниот ден ќе дојде како крадец во ноќта? (Види ја и сликата.)

3 „Како крадец во ноќта“ (1. Сол. 5:2). Ова е првата од трите споредби што ги употребил Павле за да го опише доаѓањето на Јеховиниот ден. Крадците обично дејствуваат брзо и во текот на ноќта, кога луѓето воопшто не се подготвени. Јеховиниот ден ќе дојде ненадејно и ќе ги изненади повеќето луѓе. Можеби дури и вистинските христијани ќе се изненадат од тоа колку брзо ќе се одвиваат настаните. Но, за разлика од злите, ние нема да бидеме уништени.

4. Во која смисла Јеховиниот ден е како родилни болки?

4 „Како што ја снаоѓаат родилни болки бремена жена“ (1. Сол. 5:3). Една бремена жена не може да предвиди кога точно ќе почнат породилните болки. Но, таа воопшто не се сомнева дека тоа ќе се случи. Породилните болки се појавуваат ненадејно, имаат силен интензитет и ништо не може да ги спречи. Слично на тоа, ние не ги знаеме денот и часот кога ќе започне Јеховиниот ден. Сепак, сигурни сме дека тој ќе дојде и дека Божјата осуда врз злите ќе биде ненадејна и неизбежна.

5. Во која смисла големата неволја е како утринска зора?

5 Како утринска зора. Во третата споредба, Павле повторно спомнал крадци кои крадат ноќе. Но овојпат, по сѐ изгледа, Павле го споредил Јеховиниот ден со утринска зора (1. Сол. 5:4). Оние што крадат ноќе можат толку да се внесат во она што го прават што можат да изгубат чувство за времето. Светлината на новиот ден може да ги изненади и да ги разоткрие. Слично на тоа, големата неволја ќе ги разоткрие оние што, како крадци, остануваат во темнината со тоа што продолжуваат да прават работи што Бог не ги сака. За разлика од нив, ние можеме да бидеме подготвени така што нема да го правиме она што Јехова го мрази и ќе се стремиме кон „секаква доброта и праведност и вистина“ (Еф. 5:8-12). Потоа, Павле употребил уште две споредби за да ги опише оние што нема да преживеат.

КОЈ НЕМА ДА ГО ПРЕЖИВЕЕ ЈЕХОВИНИОТ ДЕН?

6. Во која смисла повеќето луѓе спијат? (1. Солуњаните 5:6, 7).

6 „Оние што спијат.“ (Прочитај 1. Солуњаните 5:6, 7.) Павле ги споредил оние што нема да го преживеат Јеховиниот ден со луѓе што спијат. Тие не се свесни ниту за она што се случува околу нив ниту дека времето одминува. Затоа, тие не можат да забележат кога нешто важно се случува и не можат да преземат нешто во врска со тоа. Повеќето луѓе денес спијат во духовен поглед (Рим. 11:8). Тие не веруваат во доказите дека живееме во последните денови и дека наскоро ќе започне големата неволја. Кога во светот ќе се случи некој значаен настан, тоа може да разбуди некои што спијат во духовен поглед и да ги поттикне да се заинтересираат за добрата вест. Сепак, многумина повторно заспиваат, наместо да останат будни. Дури и некои што веруваат дека ќе има ден на суд, мислат дека тој ќе дојде во далечна иднина (2. Пет. 3:3, 4). Но, ние сме свесни дека со секој изминат ден е сѐ поважно да останеме будни.

7. Во која смисла оние врз кои ќе се излее Божјиот гнев се како пијани луѓе?

7 „Оние што се опиваат.“ Павле ги споредил оние врз кои ќе се излее Божјиот гнев со пијаници. Луѓето кои се под дејство на алкохол бавно реагираат на она што се случува околу нив и носат погрешни одлуки. Слично на тоа, злите не реагираат на предупредувањата што ги дава Бог. Тие избираат начин на живот кој ќе ги одведе во уништување. Но, христијаните се поттикнати да бидат трезвени (1. Сол. 5:6). Еден библиски изучувач рекол дека ваквата трезвеност означува „смирена, сталожена состојба на умот, кога исправно ги одмеруваме и проценуваме работите, и која ни овозможува да донесуваме исправни одлуки“. Зошто мора да останеме смирени и сталожени? За да не се вмешаме во денешните политички или општествени прашања. Како што се приближува Јеховиниот ден, притисокот да заземеме страна во овие работи ќе станува сѐ поголем. Сепак, не треба да бидеме премногу загрижени во врска со ова, бидејќи Божјиот дух може да ни помогне да останеме смирени и сталожени и да донесеме мудри одлуки (Лука 12:11, 12).

КАКО МОЖЕМЕ ДА СЕ ПОДГОТВИМЕ ЗА ЈЕХОВИНИОТ ДЕН?

Додека на многу луѓе воопшто не им е грижа во кое време живееме, ние спремно го чекаме Јеховиниот ден така што ги носиме оклопот на верата и љубовта и шлемот на надежта (види во пасуси 8, 12)

8. Како зборовите од 1. Солуњаните 5:8 покажуваат кои особини ќе ни помогнат да останеме будни и трезвени? (Види ја и сликата.)

8 „Да го ставиме оклопот... и да го ставиме шлемот.“ Павле нѐ споредил со војници кои се спремни и опремени за битка. (Прочитај 1. Солуњаните 5:8.) Од еден војник кој е на должност се очекува да биде подготвен за битка во секое време. Слично е и со нас. Ние сме постојано подготвени за Јеховиниот ден така што ги носиме оклопот на верата и љубовта и шлемот на надежта. Овие особини можат многу да ни помогнат.

9. Како нѐ штити нашата вера?

9 Оклопот го штител срцето на еден војник. Верата и љубовта го штитат нашето симболично срце. Тие ќе ни помогнат да продолжиме да му служиме на Бог и да го следиме Исус. Верата ни помага да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ награди затоа што го бараме со цело срце (Евр. 11:6). Тоа ќе нѐ поттикне да му останеме верни на нашиот Водач, Исус, дури и кога минуваме низ тешки ситуации. Можеме да си ја зајакнеме верата така што ќе размислуваме за примерот на некои браќа и сестри од наше време кои му останале верни на Бог и покрај прогонството или економските проблеми. Исто така, можеме да ја избегнеме замката на материјализмот така што ќе го следиме примерот на оние што си го поедноставиле животот за да го стават Царството на прво место. b

10. Како љубовта кон Бог и кон луѓето ни помага да истраеме во проповедничкото дело?

10 Љубовта е уште една особина што е неопходна за да останеме будни и трезвени (Мат. 22:37-39). Љубовта кон Бог ни помага истрајно да проповедаме без разлика на какви тешкотии ќе наидеме поради тоа (2. Тим. 1:7, 8). Бидејќи ги сакаме и оние што не му служат на Јехова, ние продолжуваме да проповедаме и да го обработуваме нашето подрачје, па дури сведочиме преку телефон и со писма. Ние не губиме надеж дека еден ден луѓето ќе се сменат и ќе почнат да го прават она што е исправно (Езек. 18:27, 28).

11. Како ни помага љубовта кон браќата и сестрите? (1. Солуњаните 5:11).

11 Ние ги сакаме и нашите браќа и сестри. Покажуваме љубов кон нив така што се тешиме меѓусебно и се изградуваме еден со друг. (Прочитај 1. Солуњаните 5:11.) Слично како војници кои се борат рамо до рамо во една битка, ние се храбриме еден со друг. Се разбира, во текот на битката еден војник може случајно да повреди некој соборец, но никогаш не би го направил тоа намерно. Слично на тоа, ние никогаш свесно не би ги повредиле нашите браќа и сестри, ниту би им вратиле со иста мера (1. Сол. 5:13, 15). Љубов покажуваме и со тоа што ги почитуваме браќата кои предводат во собранието (1. Сол. 5:12). Кога Павле им го напишал ова писмо на Солуњаните, собранието во Солун постоело помалку од една година. Именуваните браќа веројатно биле неискусни и можеби правеле грешки. Сепак, тие заслужувале да бидат почитувани. Како што се приближува големата неволја, водството од старешините од нашето собрание можеби ќе ни биде потребно дури и повеќе отколку што ни е потребно сега. Можеби ќе изгубиме контакт со главното седиште и со подружницата. Затоа, многу е важно да научиме да ги сакаме и почитуваме нашите старешини уште сега. Што и да се случи, да останеме трезвени и да не се концентрираме на нивните слабости, туку на фактот дека Јехова преку Христос ги води овие верни браќа.

12. Како нашата надеж ги штити нашите мисли?

12 Исто како што шлемот ја штити главата на еден војник, нашата надеж за спасение ги штити нашите мисли. Бидејќи имаме цврста надеж, сфаќаме дека она што го нуди овој свет е безвредно (Фил. 3:8). Нашата надеж ни помага да имаме внатрешен мир и ни дава стабилност. Ова било случај со Валас и Лоринда, кои служат во Африка. Во рок од три седмици, на двајцата им починал по еден родител. Поради пандемијата со КОВИД-19, тие не можеле да се вратат дома за да бидат со своите семејства. Валас напишал: „Кога размислувам за нив, надежта во воскресение ми помага да не мислам на тоа како им беше во последните денови во овој свет, туку како ќе им биде во првите денови откако ќе воскреснат во новиот свет. Оваа надеж ме смирува и ми помага да се справам со чувствата на тага и празнина“.

13. Како може да го добиеме светиот дух?

13 „Не гаснете го духот“ (1. Сол. 5:19). Павле го споредил светиот дух со оган кој е во нас. Кога го имаме Божјиот дух, ние гориме од ревност и имаме силна желба да постапуваме исправно и да му служиме на Јехова (Рим. 12:11). Како може да го добиеме светиот дух? Така што ќе се молиме за него, ќе ја проучуваме Божјата Реч и ќе бидеме вклучени во активностите на Јеховината организација која е водена од неговиот свет дух. Сето ова ќе ни помогне да ги развиваме плодовите на духот (Гал. 5:22, 23).

Прашај се: „Дали од моите постапки се гледа дека и понатаму сакам да го добивам Божјиот дух?“ (види во пасус 14)

14. Што не смееме да правиме за и понатаму да го добиваме Божјиот дух? (Види ја и сликата.)

14 Откако Бог ќе ни го даде својот свет дух, мора да внимаваме да не го „изгаснеме“. Бог им го дава својот дух само на оние што се трудат нивните мисли и постапки да бидат чисти во морален поглед. Тој нема да продолжи да ни го дава својот дух ако постојано размислуваме за нечисти работи и ако постапуваме на погрешен начин (1. Сол. 4:7, 8). За и понатаму да го добиваме светиот дух, мора да бидеме послушни и на следниов совет: „Не презирајте ги пророштвата“ (1. Сол. 5:20). Во овој стих, „пророштвата“ се однесуваат на пораките што Јехова ни ги дава преку својот свет дух, вклучувајќи ги и оние во врска со Јеховиниот ден и времето во кое живееме. Ние не го одложуваме тој ден во нашиот ум, мислејќи дека Армагедон нема да се случи во наше време. Наместо тоа, ние го забрзуваме, односно постојано го имаме на ум Јеховиниот ден така што внимаваме на нашето однесување и секој ден вршиме дела од кои се гледа дека сме му оддадени на Бог (2. Пет. 3:11, 12).

„СЀ ИСПИТУВАЈТЕ“

15. Што ќе ни помогне да не бидеме измамени од дезинформации и демонска пропаганда? (1. Солуњаните 5:21).

15 Во блиска иднина, Божјите непријатели ќе тврдат дека постигнале „мир и сигурност“ (1. Сол. 5:3). Низ целиот свет ќе се шири демонска пропаганда од која повеќето ќе бидат заведени (Отк. 16:13, 14). А што ќе биде со нас? Ние нема да бидеме измамени ако сме послушни на следниов совет: „Сѐ испитувајте“. (Прочитај 1. Солуњаните 5:21.) Грчкиот збор кој тука е преведен со „испитувајте“ се користел за да се опише начинот на кој луѓето проверувале дали одредени метали, како што се златото или среброто, се вистински. Значи, треба да го испитаме, односно провериме она што го слушаме или читаме за да утврдиме дали е вистинито. Тоа било важно за Солуњаните, а за нас ќе биде уште поважно како што ќе се приближува големата неволја. Наместо наивно да прифаќаме сѐ што ќе кажат другите, ние ја користиме нашата способност за размислување за да го споредиме она што го читаме или слушаме со она што го велат Библијата и Јеховината организација. Ако го правиме тоа, нема да бидеме измамени од каква и да било демонска пропаганда (Изр. 14:15; 1. Тим. 4:1).

16. Каква сигурна надеж имаме, и што сме решени да правиме?

16 Ние знаеме дека Божјите слуги како група ќе ја преживеат големата неволја. Но, како поединци, никој од нас не знае што ќе донесе утрешниот ден (Јак. 4:14). Сепак, без разлика дали ќе бидеме живи за време на големата неволја или ќе умреме пред таа да започне, ќе бидеме наградени со вечен живот ако останеме верни. Помазаниците ќе бидат со Исус на небото. Другите овци ќе бидат во рај на Земјата. Во меѓувреме, сите ние да ја имаме на ум нашата прекрасна надеж и да бидеме подготвени за Јеховиниот ден!

ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител

a Во 1. Солуњаните поглавје 5 се запишани неколку споредби од кои може да извлечеме важни поуки во врска со Јеховиниот ден. На што се однесува тој ден и како ќе дојде? Кој ќе го преживее? Кој нема да го преживее? Како можеме да се подготвиме за тој ден? Во оваа статија подетално ќе ги разгледаме зборовите на апостол Павле и ќе го добиеме одговорот на овие прашања.

b Види ја серијата статии „Тие се ставиле на располагање“.