СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 28
Имај страв од Бог и ќе бидеш среќен
Кој живее справедливо, се бои од Јехова (ИЗР. 14:2)
ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1-2. Слично како Лот, со што се соочуваат христијаните денес?
КОГА гледаме колку се ниски моралните вредности на луѓето во светот денес, ние се чувствуваме исто како праведниот Лот. За него, во Библијата го пишува следново: „Страдаше поради бесрамните дела на тие дрски беззаконици“ (2. Пет. 2:7, 8). Лот знаел дека нашиот небесен Татко го мрази неморалното однесување. Стравот од Бог и љубовта кон него го поттикнале Лот да не ги прифати ниските морални вредности на луѓето од негово време. И ние сме опкружени со луѓе кои имаат мала или немаат никаква почит кон Јеховините морални мерила. И покрај тоа, ние можеме да останеме чисти во морален поглед ако ја зачуваме нашата љубов кон Бог и ако развиеме исправен страв од него (Изр. 14:2).
2 За таа цел, Јехова со љубов ни го дава потребното охрабрување преку книгата Изреки. Мудрите совети кои се наоѓаат во неа можат многу да им користат на сите христијани, без разлика дали се мажи или жени, млади или стари.
СТРАВОТ ОД БОГ НЀ ШТИТИ
3. Според Изреки 17:3, која е една причина зошто треба да си го заштитиме срцето? (Види ја и сликата.)
3 Една важна причина зошто треба да си го заштитиме нашето симболично срце е затоа што Јехова ги испитува нашите срца. Ова значи дека тој го гледа она што другите не можат да го видат и знае какви сме навистина одвнатре. (Прочитај Изреки 17:3.) Тој ќе нѐ сака ако го полниме нашиот ум со неговите мудри совети кои можат да ни помогнат да добиеме вечен живот (Јован 4:14). На тој начин, нема да оставиме ни малку место во нашиот ум за лагите што ги шират Сатана и неговиот свет, и врз нас нема да влијаат ниските морални вредности на злобните луѓе (1. Јов. 5:18, 19). Ако стануваме сѐ поблиски со Јехова, нашата љубов и нашата почит кон него сѐ повеќе ќе растат. Бидејќи не сакаме да го повредиме нашиот Татко, ние ја мразиме и самата помисла да направиме грев. Затоа, ако бидеме на искушение да направиме нешто погрешно, ќе се прашаме: „Како би можел намерно да го повредам оној кој покажал толку голема љубов кон мене?“ (1. Јов. 4:9, 10).
4. Како стравот од Јехова ѝ помогнал на една сестра да не му подлегне на искушението?
4 Марта, b една сестра од Хрватска, која била на искушение да направи неморал, напишала: „Ми беше тешко јасно да размислувам и да ја потиснам желбата да уживам во привременото задоволство што го пружа гревот. Но, стравот од Јехова ме заштити“. Како стравот од Бог ја заштитил Марта? Таа рекла дека размислувала за последиците што ќе произлезат доколку донесе лоша одлука. И ние можеме да го правиме истото. Најлошата последица е тоа што ќе го разжалостиме Јехова и нема да можеме да го обожаваме засекогаш (1. Мој. 6:5, 6).
5. Што учиш од искуството на Лео?
5 Стравот од Јехова ќе нѐ спречи да бидеме пријатели со оние кои постапуваат погрешно. Лео, кој живее во Конго, ја научил оваа лекција. Четири години по своето крштавање, тој се спријателил со луѓе кои правеле лоши работи. Лео си мислел дека, сѐ додека самиот не прави лоши работи, не му греши на Јехова. Но по кратко време, под влијание на лошото друштво тој почнал да се опива и да врши неморал. Потоа почнал да размислува за она што го поучиле неговите родители кои биле Јеховини сведоци и за тоа колку бил среќен додека му служел на Јехова. Каков бил резултатот? Лео се вразумил и, со помош од старешините, му се вратил на Јехова. Денес тој е среќен и служи како старешина и специјален пионер.
6. За кои две симболични жени ќе дискутираме во оваа статија?
6 Да го разгледаме Изреки поглавје 9, каде што читаме за две симболични жени. Едната ја претставува мудроста, а другата ја претставува глупавоста. (Спореди со Римјаните 5:14; Галатите 4:24.) Додека ги разгледуваме овие стихови, имај на ум дека светот на Сатана е опседнат со сексуален неморал и порнографија (Еф. 4:19). Затоа е многу важно да продолжиме да развиваме страв од Бог и да се тргаме од злото (Изр. 16:6). Сите ние, без разлика дали сме мажи или жени, можеме да извлечеме важни поуки од ова поглавје. И двете жени им упатуваат една покана на неискусните, односно на неразумните. Секоја од нив, на некој начин, вели: „Дојди во мојата куќа и јади“ (Изр. 9:1, 5, 6, 13, 16, 17). Но, оние што треба да одлучат која покана ќе ја изберат на крај имаат сосем различни резултати, во зависност од изборот што го направиле.
ОТФРЛИ ЈА ПОКАНАТА НА „ГЛУПАВАТА ЖЕНА“
7. Според Изреки 9:13-18, што се случува со оние кои ја прифаќаат поканата на „глупавата жена“? (Види ја и сликата.)
7 Размисли за поканата на „глупавата жена“. (Прочитај Изреки 9:13-18.) Таа бесрамно ги кани оние што се неразумни да дојдат во нејзината куќа и да бидат на гозба со неа. Кој е резултатот? „Нејзините гости се во длабочините на гробот.“ Во претходните поглавја од книгата Изреки има сличен сликовит опис. Таму сме предупредени да се чуваме од „блудница“ и од „прељубница“. Запишано е и следново предупредување: „Нејзината куќа тоне во смртта“ (Изр. 2:11-19). Во Изреки 5:3-10 има предупредување во врска со една друга „блудница“, чии „нозе слегуваат кон смртта“.
8. Пред каква одлука може да се најде секој од нас?
8 Оние на кои им е упатена поканата од „глупавата жена“ стојат пред избор — дали да ја прифатат или да ја одбијат? Можеби и ние ќе се најдеме во слична ситуација и ќе треба да донесеме одлука. Што ако се најдеме во ситуација да направиме нешто неморално или ако на медиумите, или на интернет, неочекувано наидеме на порнографска слика?
9-10. Кои се некои причини зошто треба да се чуваме од сексуален неморал?
9 Има многу добри причини зошто треба да се чуваме од сексуален неморал. „Глупавата жена“ вели: „Крадената вода е слатка“. На што се однесува „крадената вода“? Сексуалните односи меѓу маж и жена што се во брак Библијата ги споредува со освежителна вода што извира од кладенец (Изр. 5:15-18). Еден маж и една жена кои се законски венчани можат да уживаат во чисти и прикладни сексуални односи во рамките на нивниот брак. Тоа е сосема спротивно на „крадената вода“ која може да се однесува на недозволени сексуални односи надвор од бракот. Луѓето кои прават такви неморални постапки обично се трудат да го скријат тоа од другите, исто како еден крадец кој обично краде во тајност. Ним „крадената вода“ може да им се чини особено слатка доколку мислат дека никој нема да дознае што прават. Колку се лажат самите себе! Јехова гледа сѐ. Нема ништо полошо од тоа да го изгубиме пријателството со Јехова. Таквата трагична загуба воопшто не е „слатка“ (1. Кор. 6:9, 10). Но, тоа не е сѐ.
10 Сексуалниот неморал може да предизвика чувства на срам и безвредност, а може да доведе и до несакана бременост и до распад на семејствата. Сосема е јасно дека е мудро да не ја прифатиме поканата на „глупавата жена“. Освен што доживуваат смрт во духовен поглед, голем број луѓе кои прават неморал се заразуваат со сексуално преносливи болести што водат до дословна смрт (Изр. 7:23, 26). Затоа, стих 18 од поглавје 9 го дава следниов заклучок: „Нејзините гости се во длабочините на гробот“. Тогаш, зошто многумина ја прифаќаат поканата на „глупавата жена“ која води во трагедија? (Изр. 9:13-18).
11. Зошто гледањето порнографија е многу штетно?
11 Една вообичаена стапица е порнографијата. Некои си мислат дека гледањето порнографија е безопасно. Но напротив, порнографијата е штетна, го нарушува достоинството и создава зависност. Неморалните слики остануваат во умот и тешко можат да се избришат. Што е уште полошо, порнографијата не ги усмртува погрешните желби, туку ги разгорува (Кол. 3:5; Јак. 1:14, 15). Многумина кои гледаат порнографија, обично потоа прават и неморал.
12. Како покажуваме дека се чуваме од слики кои во нас можат да побудат неморални желби?
12 Што треба ние како христијани да правиме ако некоја порнографска слика се појави на нашиот електронски уред? Треба веднаш да го тргнеме погледот од таа слика. Ќе ни биде полесно да го направиме тоа ако се сетиме дека највредното нешто што го поседуваме е нашето пријателство со Јехова. Всушност, дури и сликите кои не се сметаат за порнографски можат во нас да побудат неморални желби. Зошто не треба да ги гледаме? Бидејќи не сакаме да го направиме ни најмалиот чекор кој води до тоа да направиме прељуба во нашето срце (Мат. 5:28, 29). Давид, еден старешина од Тајланд, вели: „Се прашувам: ’Дури и ако сликите можеби не се порнографски, како ќе се чувствува Јехова ако продолжам да ги гледам?‘ Таквото размислување ми помага да постапам мудро“.
13. Што ни помага да постапуваме мудро?
13 Стравот да не направиме нешто со што ќе го разочараме Јехова ни помага да постапуваме мудро. Стравот од Бог е „првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост“ (Изр. 9:10). Тоа се гледа на почетокот од Изреки поглавје 9, каде што „вистинската мудрост“ е споредена со една друга симболична жена.
ПРИФАТИ ЈА ПОКАНАТА НА „МУДРАТА ЖЕНА“
14. Која друга покана е запишана во Изреки 9:1-6?
14 Прочитај Изреки 9:1-6. Во овој извештај читаме за една покана од Јехова, кој е наш Творец и извор на сета мудрост (Изр. 2:6; Рим. 16:27). Тука се спомнува една голема куќа со седум столба. Тоа на сликовит начин го претставува Јехова, кој е великодушен и срдечно им изразува добредојде на сите кои сакаат да учат од него за да можат да станат мудри.
15. Што сака Јехова да правиме?
15 Од примерот на жената во Изреки поглавје 9, која ја претставува „вистинската мудрост“, учиме дека Јехова е великодушен и дека ни дава изобилство добри работи. Во извештајот пишува дека оваа жена поканила гости во својата куќа да јадат вкусно месо и вино што самата ги подготвила (Изр. 9:2). Потоа, во стиховите 4 и 5 за неа читаме: „[Вистинската мудрост] на неразумниот му вели: ’Дојди, јади од мојот леб‘“. Зошто треба да одиме во куќата на „вистинската мудрост“ и да го јадеме јадењето што таа ни го нуди? Јехова сака неговите деца да бидат мудри и безбедни. Тој не сака да учиме на потешкиот начин — не сака да направиме грешки поради кои ќе трпиме горки последици и ќе се измачуваме. Токму затоа, „тој им помага на чесните да постапуваат мудро“ (Изр. 2:7). Ако имаме исправен страв од Јехова, ќе сакаме да го радуваме. А ако ги слушаме неговите мудри совети и ако ги применуваме, ќе бидеме среќни (Јак. 1:25).
16. Како стравот од Бог му помогнал на Ален да донесе мудра одлука, и со каков резултат?
16 Размисли како стравот од Бог му помогнал на Ален да донесе мудра одлука. Тој е старешина и работи како наставник во едно училиште. Ален вели: „Многу од моите колеги сметаа дека порнографските филмови се еден вид сексуално образование“. Но, Ален бил свесен дека тоа не е така. Тој вели: „Бидејќи го сакам и го почитувам Јехова, решително одбив да ги гледам тие филмови. Исто така, на моите колеги им ја објаснив причината за мојата одлука“. Тој го применил советот од „вистинската мудрост“ да „оди право по патот на разборитоста“ (Изр. 9:6). Воодушевени од цврстиот став на Ален, некои од неговите колеги сега ја проучуваат Библијата и доаѓаат на нашите состаноци.
17-18. Какви благослови имаат оние што ја прифаќаат поканата од „вистинската мудрост“, и на што можат да се надеваат? (Види ја и сликата.)
17 Преку примерот на двете симболични жени, Јехова ни кажува што треба да правиме за да имаме среќна иднина. На оние што ја прифаќаат поканата од „глупавата жена“ најважно им е да уживаат во моменталните, тајни задоволства. Го прават тоа без да размислуваат какви последици ќе имаат во иднина. Нивните постапки ќе ги одведат „во длабочините на гробот“ (Изр. 9:13, 17, 18).
18 Оние што ја прифаќаат поканата од жената која ја претставува „вистинската мудрост“, ќе имаат сосема поинаква иднина! Нејзините гости уште сега уживаат во богата, убаво сервирана и здрава храна — вистинска духовна гозба (Иса. 65:13). Преку пророкот Исаија, Јехова вели: „Слушајте ме внимателно и јадете добра храна, и вашата душа нека ужива во најдобрата храна!“ (Иса. 55:1, 2). Ние учиме да го сакаме она што Јехова го сака и да го мразиме она што тој го мрази (Пс. 97:10). Исто така, наоѓаме задоволство во тоа што ги каниме другите да извлечат корист од „вистинската мудрост“. Ние сме како слугите кои повикуваат „од врвот на градските височини: ’Кој е неискусен, нека наврати ваму!‘“ Благословите за нас и за оние што ја прифаќаат оваа покана не се само моментални. Тие се трајни и ќе ни овозможат да живееме вечно додека одиме „по патот на разборитоста“ (Изр. 9:3, 4, 6).
19. Во склад со Проповедник 12:13, 14, на што треба да бидеме решени? (Види ја и рамката „ Како ни користи стравот од Бог“.)
19 Прочитај Проповедник 12:13, 14. Да продолжиме и понатаму да развиваме страв од Бог бидејќи тоа ќе го штити нашето срце и ќе ни помогне да останеме чисти во морален и духовен поглед додека траат последните денови од овој злобен свет. Таквиот исправен страв ќе нѐ поттикне да продолжиме да каниме колку што е можно повеќе луѓе да ја бараат „вистинската мудрост“ и да извлечат корист од неа.
ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам
a Христијаните мора да развијат исправен страв од Бог. Таквиот страв може да го заштити нашето срце и да ни помогне да не направиме сексуален неморал и да не гледаме порнографија. Во оваа статија ќе го разгледаме Изреки поглавје 9, каде што преку две симболични жени е истакната јасната разлика помеѓу мудроста и глупавоста. Советите од ова поглавје може да ни користат сега и во иднина.
b Некои имиња се сменети.