Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Зошто Јосиф и Марија останале во Витлеем по раѓањето на Исус, наместо да се вратат дома во Назарет?

Библијата не ни кажува ништо во врска со тоа. Но, ни открива некои интересни детали кои можеби влијаеле врз нивната одлука.

Еден ангел ѝ кажал на Марија дека ќе забремени и дека ќе роди син. Кога ангелот ѝ ја пренел оваа порака, Марија и Јосиф живееле во Назарет — еден град во Галилеја (Лука 1:26-31; 2:4). Подоцна, откако се вратиле од Египет, повторно отишле во Назарет. Исус пораснал таму и бил наречен Назареќанец (Мат. 2:19-23). Затоа, со право сите тројца — Исус, Јосиф и Марија — ги поврзуваме со Назарет.

Марија имала роднина која се викала Елисавета и живеела во Јуда. Елисавета му била жена на свештеникот Захарија и го родила Јован Крстител (Лука 1:5, 9, 13, 36). Марија ја посетила Елисавета во Јуда и останала таму три месеци. Потоа се вратила во Назарет (Лука 1:39, 40, 56). Затоа, на Марија донекаде ѝ било познато подрачјето на Јуда.

По некое време, од послушност кон наредбата на Цезарот, Јосиф отишол на попис. Затоа Јосиф патувал од Назарет до Витлеем, кој бил „Давидовиот град“ и местото каде што, според пророштвата, требало да се роди Месијата (Лука 2:3, 4; 1. Сам. 17:15; 20:6; Мих. 5:2). Откако Марија го родила Исус во Витлеем, Јосиф не очекувал таа да тргне на долг пат до Назарет со своето бебе. Тие останале во Витлеем, кој бил околу девет километри оддалечен од Ерусалим. Така им било полесно да го однесат нивното новороденче во храмот и да принесат соодветна жртва (3. Мој. 12:2, 6-8; Лука 2:22-24).

Претходно, Божјиот ангел ѝ кажал на Марија дека нејзиниот син ќе го наследи „престолот на Давид“ и дека ќе биде Цар. Можеби Јосиф и Марија мислеле дека е важно Исус да се роди во Давидовиот град (Лука 1:32, 33; 2:11, 17). Можеби мислеле дека ќе биде мудро да останат таму и да чекаат сѐ додека не бидат сигурни која е Божјата волја за нив.

Не знаеме колку долго тие веќе биле во Витлеем кога дошле астролозите. Но, знаеме дека сѐ дотогаш Јосиф, Марија и малиот Исус живееле во куќа (Мат. 2:11). Се чини дека тие не се вратиле во Назарет, туку останале во Витлеем доволно долго за да може да се нарече нивен дом.

Ирод наредил сите машки деца во Витлеем од две години надолу да бидат убиени (Мат. 2:16). Еден ангел го предупредил Јосиф во врска со тоа. Затоа Јосиф и Марија избегале во Египет заедно со Исус, каде што останале до смртта на Ирод. Подоцна, Јосиф го однел своето семејство во Назарет. Зошто не се вратиле во Витлеем? Бидејќи во тоа време во Јудеја владеел суровиот Архелај, кој бил син на Ирод, и затоа што еден ангел повторно го предупредил Јосиф дека е опасно да се вратат во Витлеем. Во Назарет, Јосиф можел безбедно да го одгледува Исус и да го поучува за Бог (Мат. 2:19-22; 13:55; Лука 2:39, 52).

По сѐ изгледа Јосиф умрел пред Исус да го отвори патот за живот на небото. Според тоа, Јосиф ќе воскресне на Земјата. Многумина ќе имаат можност да го запознаат и од него да дознаат повеќе детали за тоа зошто со Марија останале во Витлеем по раѓањето на Исус.