Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Пријатни изненадувања и поуки од службата за Јехова

Пријатни изненадувања и поуки од службата за Јехова

КАКО дете, секогаш кога ќе видев авион што лета на небото, посакував и јас да можам да патувам во некоја далечна земја. Но, тоа ми изгледаше само како сон.

За време на Втората светска војна, моите родители ја напуштиле Естонија и заминале во Германија, каде што сум роден. По моето раѓање, тие почнале да прават подготовки за да се преселиме во Канада. Нашиот прв дом, кој беше во близина на Отава (Канада), беше една мала куќарка обоена во бело во која се чуваа и кокошки. Бевме многу сиромашни, но барем имавме јајца за појадок.

Еден ден, некои Јеховини сведоци ѝ го прочитале на мајка ми стихот од Откровение 21:3, 4. Тие зборови толку многу ја допреле што почнала да плаче. Мајка ми и татко ми почнале да ја проучуваат Библијата, и семето на вистината растело во нивното срце. За кратко време, биле спремни да се крстат.

Иако моите родители не разбираа добро англиски, тие многу добро ја разбраа вистината. И покрај тоа што цела ноќ работеше во фабрика за топење никел во Садбери (Онтарио, Канада), скоро секоја сабота татко ми нѐ носеше мене и мојата помала сестра, Силвија, во служба. Исто така, секоја седмица како семејство проучувавме статија од Стражарска кула. Мајка ми и татко ми всадија во мене љубов кон Бог. Затоа во 1956 год., кога имав 10 години, одлучив да му го заветувам својот живот на Јехова. Нивната силна љубов кон Јехова низ целиот живот ми даваше сила да продолжам да му служам.

Откако завршив средно училиште, веќе не бев толку сконцентриран на службата. Си мислев дека, ако почнам со пионерска служба, никогаш нема да заработам доволно пари за да го остварам мојот сон да патувам со авион и да го видам светот. Почнав да работам во една локална радиостаница како диџеј и уживав во тоа. Но работев навечер, и затоа не бев редовен на состаноците, а исто така се дружев со луѓе кои не го сакаат Бог. Најпосле, мојата библиски школувана совест ме поттикна да направам промени.

Се преселив во Ошава (Онтарио, Канада), каде што се запознав со Реј Норман, со неговата сестра Лесли и со други пионери. Тие многу убаво ме прифатија. Тоа што гледав колку се среќни ме поттикна да ги преиспитам своите цели. Тие ме охрабрија да започнам со пионерска служба. Така, во септември 1966 год. почнав да служам како општ пионер. Бев среќен и животот добро ми одеше. Но потоа, неочекувано се случија некои интересни работи што ми го сменија животот.

АКО ЈЕХОВА ТЕ ЗАМОЛИ ДА НАПРАВИШ НЕШТО, ПРОБАЈ ДА ГО НАПРАВИШ

Додека сѐ уште бев во средно училиште, поднесов молба за Бетел во Торонто (Канада). Подоцна, додека служев како пионер, бев поканет да служам во Бетел четири години. Но, многу ми се допаѓаше Лесли и се плашев дека, ако ја прифатам поканата, никогаш повторно нема да ја видам. После многу долги и сесрдни молитви, ја прифатив поканата да служам во Бетел, и со тешко срце се збогував со Лесли.

Во Бетел најпрво работев во перална, а потоа како секретар. Во меѓувреме, Лесли почнала да служи како специјален пионер во Гатино (Квебек, Канада). Често се прашував што прави Лесли и дали донесов исправна одлука. Потоа, се случи едно од најубавите изненадувања во мојот живот. Реј, братот на Лесли, беше поканет во Бетел. Тој ми стана цимер. Така, повторно стапив во контакт со Лесли. Се венчавме на последниот ден од мојата четиригодишна служба во Бетел, на 27 февруари 1971 год.

Кога почнавме со покраинска служба (1975)

Јас и Лесли бевме доделени да служиме во собрание на француски јазик во Квебек. После неколку години, се изненадив кога ме поканија да служам како покраински надгледник кога имав 28 години. Сметав дека сум многу млад и неискусен, но зборовите од Еремија 1:7, 8 ме охрабрија. Меѓутоа, Лесли имаше доживеано неколку сообраќајни несреќи, а имаше и проблеми со спиењето. Затоа се прашувавме дали ќе успееме со покраинската служба. Сепак, Лесли го кажа следново: „Ако Јехова нѐ замолува да направиме нешто, зошто да не пробаме?“ Ја прифативме задачата и уживавме во патувачкото дело цели 17 години.

Како покраински надгледник, бев многу зафатен и немав секогаш доволно време за Лесли. Требаше да научам уште една лекција. Еден понеделник, рано наутро заѕвони ѕвончето. Пред вратата немаше никој — само една кошница за пикник со чаршав, овошје, кашкавал, француски лепчиња, шише вино, чаши и анонимна порака во која пишуваше: „Однеси ја жена ти на пикник“. Беше прекрасен сончев ден. Но ѝ објаснив на Лесли дека имам неколку говори кои треба да ги подготвам, и затоа нема да можеме да одиме на пикник. Таа ме сфати, но се натажи. Откако седнав на моето биро, почна да ме мачи совеста. Се сетив на стихот од Ефешаните 5:25, 28. Преку овој стих, Јехова како да ме потсети дека треба да се грижам и за емоционалните потреби на мојата жена. Откако се помолив, ѝ реков на Лесли дека ќе одиме на пикник, и таа многу се израдува. Отидовме на едно убаво место покрај река, го распославме чаршавот и заедно уживавме во еден од нашите најубави денови, а успеав да ги подготвам и моите говори.

Додека бевме во покраинското дело, посетивме многу места — од Британска Колумбија до Њуфаундленд. Навистина уживавме во таа служба. Мојата желба да патувам ми се исполни. Размислував за школата Гилеад, но немав желба да служам како мисионер во друга земја. Мислев дека, за да си мисионер, треба да си посебен човек. А јас не се чувствував доволно способен за да бидам мисионер. Освен тоа, се плашев дека може да бидеме испратени во некоја земја во Африка која е погодена од некоја болест или од војна. Бев среќен таму каде што си бев.

НЕОЧЕКУВАНА ПОКАНА ДА СЛУЖИМЕ ВО ЕСТОНИЈА И НА БАЛТИКОТ

Патуваме низ балтичките земји

Во 1992 год., во некои земји од поранешниот Советски Сојуз Јеховините сведоци можеа послободно да проповедаат. Затоа, браќата нѐ прашаа дали ќе можеме да се преселиме во Естонија и да служиме како мисионери. Бевме шокирани и се молевме во врска со тоа. Повторно си помисливме: „Ако Јехова нѐ замолува да направиме нешто, зошто да не пробаме?“ Ја прифативме поканата и си рековме: „Добро, барем не треба да одиме во Африка“.

Веднаш почнавме да учиме естонски. По неколку месеци, бевме замолени да служиме во покраинското дело. Требаше да посетиме 46 собранија и некои групи во три балтички земји, како и во Калининград (Русија). Тоа значеше дека требаше да учиме по нешто на летонски, литвански и руски. Не беше лесно. Но, на браќата и сестрите многу им значеше тоа што се трудевме да го учиме нивниот јазик и ни помагаа. Во 1999 год. во Естонија беше основана подружница, и јас бев доделен да служам во одборот заедно со Томас Едур, Лембид Рејле и Томи Кауко.

Лево: Држам говор на конгрес во Литванија

Десно: Одборот на подружницата во Естонија, која е основана во 1999

Се запознавме со многу браќа и сестри кои порано биле депортирани во Сибир. Тие претрпеле ужасни работи во затворот и биле раздвоени од семејството, но никогаш не станале огорчени. Тие и понатаму продолжиле да ја извршуваат службата со радост и со ревност. Нивниот пример ни помогна да сфатиме дека и ние можеме да истраеме и да бидеме радосни и покрај тешките околности.

Годините минуваа, а ние бевме толку многу зафатени што не си одвојувавме доволно време за одмор, и Лесли почна да чувствува невообичаен умор. Помина некое време додека да сфатиме дека таа се чувствува уморно поради тоа што има фибромијалгија. Тогаш сериозно размислувавме да се вратиме во Канада. Кога бевме поканети на една школа во Патерсон (Њујорк) за дополнителна обука, мислев дека нема да можеме да одиме. Откако многу му се молевме на Јехова, ја прифативме поканата. Јехова ја благослови таа одлука. Дури кога отидовме на школата, Лесли конечно го доби лекувањето кое ѝ беше потребно. Како резултат на тоа, повторно можевме да ги извршуваме нашите активности.

НОВО ИЗНЕНАДУВАЊЕ — НОВ КОНТИНЕНТ

Откако се вративме во Естонија, една вечер во 2008 год. ми се јавија браќата од главното седиште и ме прашаа дали би прифатиле да служиме во Конго. Бев запрепастен, особено затоа што требаше да дадеме одговор веќе следниот ден. Отпрвин, ништо не ѝ кажав на Лесли, бидејќи знаев дека нема да може да спие таа ноќ. Но, јас бев тој што не спиеше, затоа што му се молев на Јехова и му кажав што сѐ ме плаши во врска со Африка.

Следниот ден, кога ѝ кажав на Лесли за поканата да служиме во Африка, си рековме: „Јехова нѐ поканува да одиме во Африка. Како ќе знаеме дали ќе можеме да ја извршиме таа задача и да уживаме во неа ако не пробаме?“ Така, после 16 години служба во Естонија, се качивме на авион и заминавме за Киншаса (Конго). Подружницата таму имаше прекрасна градина која беше како оаза на мирот. Една од првите работи која Лесли ја стави во нашата соба беше една картичка која ја чуваше уште откако заминавме од Канада. На неа пишуваше: „Биди среќен таму каде што си“. Откако се запознавме со браќата и сестрите и започнавме библиски курсеви, почувствувавме колкава радост носи мисионерската служба. Потоа, имавме чест да ги посетиме подружниците во 13 други африкански земји. Така, имавме можност да запознаеме голем број различни и интересни луѓе. Стравовите што ги имав на почеток исчезнаа, и му бевме благодарни на Јехова што нѐ испрати да служиме во Африка.

Во Конго за првпат се сретнавме со некои видови храна, како на пример инсекти, за кои мислевме дека никогаш нема да можеме да ги јадеме. Но, кога видовме колку нашите браќа и сестри уживаат во таа храна, и ние пробавме и ни се допадна.

Имавме можност да отидеме во источниот дел на земјата за да ги охрабриме нашите браќа и сестри и да им однесеме некои неопходни работи. Во тие места, герилски групи ги напаѓаа селата и ги повредуваа жените и децата. Повеќето од браќата и сестрите имаа малку во материјален поглед. Сепак, нивната цврста надеж во воскресение, нивната љубов кон Јехова и нивната верност кон организацијата многу нѐ охрабри. Сето тоа нѐ поттикна да се преиспитаме зошто му служиме на Јехова и уште повеќе да си ја зајакнеме нашата вера во него. Некои од браќата ги изгубија своите домови и посеви. Тоа ме потсети дека материјалните работи можат да се изгубат многу брзо и дека нашето пријателство со Јехова е најголемото богатство што го имаме. И покрај тоа што се наоѓаа во многу тешки околности, браќата и сестрите ретко се жалеа. Нивниот став нѐ поттикна храбро да се соочиме со нашите потешкотии и здравствени проблеми.

Лево: Држам говор пред група бегалци

Десно: Носиме хуманитарна и медицинска помош во Дунгу (Конго)

ИСПРАТЕНИ СМЕ ДА СЛУЖИМЕ ВО АЗИЈА

Потоа дојде уште едно изненадување. Бевме замолени да се преселиме во подружницата во Хонг Конг. Никогаш не помислувавме дека ќе живееме на Ориентот! Но, бидејќи видовме како Јехова со љубов ни помагаше во сите наши задачи, ја прифативме поканата. Во 2013 год., со солзи во очите се збогувавме со нашите драги пријатели и со убавините на Африка, не знаејќи што стои пред нас.

Хонг Конг, кој е раздвижен и космополитски град, беше голема промена за нас. А требаше да учиме и кинески, што не беше баш лесно. Браќата срдечно нѐ пречекаа, и храната таму многу ни се допадна. Работата во подружницата сѐ повеќе и повеќе се зголемуваше, но беше скапо да се купи нов имот. Затоа, Водечкото тело донесе една мудра одлука — да се продаде поголемиот дел од имотот на подружницата. Кратко потоа, во 2015 год., се преселивме во Јужна Кореја и продолживме да служиме таму. Требаше да учиме уште еден тежок јазик. Иако имаме уште многу да учиме, нѐ охрабрува тоа што браќата и сестрите ни кажуваат дека сѐ подобро го зборуваме корејскиот јазик.

Лево: Нов почеток во Хонг Конг

Десно: Подружницата во Јужна Кореја

ИЗВЛЕКОВМЕ ВАЖНИ ПОУКИ

Да стекнеш нови пријатели не е секогаш лесно. Но сфативме дека, ако преземаш иницијатива и покажуваш гостопримство, ќе можеш побрзо да се запознаеш со другите. Сфативме дека нашите браќа имаат повеќе сличности отколку разлики и дека Јехова ни дал прекрасна способност широко да го отвориме нашето срце и да чувствуваме љубов кон толку многу браќа и сестри (2. Кор. 6:11).

Јехова ги прифаќа сите луѓе. Научивме колку е важно и ние да го правиме истото. Исто така, научивме дека треба да бараме показатели дека Јехова нѐ сака и нѐ води. Секогаш кога се чувствувавме обесхрабрено или кога се прашувавме дали браќата и сестрите нѐ прифатија, одново ги читавме охрабрувачките картички и писма од нашите пријатели. Јехова одговараше на нашите молитви, нѐ уверуваше дека нѐ сака и ни даваше сила да продолжиме понатаму.

Низ годините, јас и Лесли научивме колку е важно да си одвојуваме време еден за друг, без разлика колку сме зафатени. А научивме и колку е важно да се насмееме кога правиме грешки, особено кога учиме нов јазик. Исто така, се трудиме секоја вечер да му се заблагодариме на Јехова за нешто во што сме уживале тој ден.

Искрено, мислев дека никогаш нема да можам да бидам мисионер или да живеам во други земји. Сепак, среќен сум што имав можност да научам дека сѐ е можно со помош од Јехова. На ум ми доаѓаат зборовите од Еремија: „Ти ме измами, Јехова“ (Ерем. 20:7). Тој ни приреди многу пријатни изненадувања и ни даде благослови кои не можевме да си ги замислиме, па дури и ми ја исполни желбата да патувам со авион. Низ годините, посетивме многу подружници на пет различни континенти. Патувавме во многу повеќе земји отколку што можев да си замислам како дете. Многу сум ѝ благодарен на Лесли што постојано ме поддржуваше и покажуваше спремен дух додека ги извршувавме сите овие разни задачи.

Постојано се потсетуваме дека сѐ што правиме, правиме од љубов кон Јехова. Благословите што ги добиваме денес се само мал дел од сето она што ќе го доживееме во иднина, кога ќе живееме вечно и кога Јехова ќе ја отвори „својата рака“ и ќе ја задоволи „желбата на сѐ што е живо“ (Пс. 145:16).