Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 25

Старешини — учете од примерот на Гедеон

Старешини — учете од примерот на Гедеон

Нема да имам доволно време ако почнам да раскажувам за Гедеон (ЕВР. 11:32)

ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Според 1. Петрово 5:2, каква важна одговорност им е доверена на старешините?

 СТАРЕШИНИТЕ во христијанското собрание имаат одговорност да се грижат за Јеховините скапоцени овчички. Овие верни браќа многу го ценат тоа што Јехова им доверил одговорност да им служат на своите браќа и сестри, и затоа тие даваат сѐ од себе да бидат пастири според Божјето срце (Ерем. 23:4; прочитај 1. Петрово 5:2). Колку сме благодарни што имаме такви браќа во нашите собранија!

2. Со какви предизвици може да се соочат некои старешини?

2 Додека ги извршуваат своите одговорности, старешините се соочуваат со многу предизвици. На пример, додека се грижат за собранието, тие треба да вложат голем труд и време. Тони, еден старешина од САД, требало да научи да биде поскромен во врска со тоа колку задачи ќе прифати. Тој објаснува: „Кога почна пандемијата со КОВИД-19, се трудев да извршам што е можно повеќе задачи околу организирањето на состаноците и службата на проповедање. Без разлика колку задачи ќе завршев, секогаш имаше уште многу работи што требаше да се направат. На крајот, бев толку зафатен што немав време да ја читам Библијата, да проучувам и да се молам“. Илир, еден старешина од Косово, се соочил со поинаков предизвик. Додека се наоѓал во воена зона, му било тешко да биде послушен на упатствата од организацијата. Тој вели: „Мојата храброст беше ставена на испит кога од подружницата ме прашаа дали ќе можам да ја прифатам задачата да им помагам на браќата и сестрите во едно опасно подрачје. Бев уплашен, и упатството не ми се чинеше мудро“. На Тим, еден мисионер во Азија, му било тешко да ги извршува секојдневните задачи. Тој вели: „Понекогаш се чувствував психички и емоционално исцрпен“. Што може да им помогне на старешините кои се соочуваат со слични предизвици?

3. Како тоа што ќе го разгледаме примерот на судијата Гедеон може да ни користи на сите нас?

3 Старешините можат да учат од примерот на судијата Гедеон (Евр. 6:12; 11:32). Тој го штител и го пасел Божјиот народ (Суд. 2:16; 1. Лет. 17:6). Исто како Гедеон, Бог ги поставил старешините да се грижат за неговиот народ во едно особено тешко време (Дела 20:28; 2. Тим. 3:1). Сите ние можеме да учиме од скромноста, понизноста и послушноста на Гедеон. Неговата истрајност била ставена на испит додека ги извршувал своите задачи. Без разлика дали служиме како старешини или не, сите ние можеме во уште поголема мера да покажуваме ценење кон нашите старешини. Со тоа што ќе ги поддржуваме, можеме да им помогнеме на овие духовни браќа кои вложуваат голем труд за да се грижат за собранието (Евр. 13:17).

КОГА СЕ СТАВЕНИ НА ИСПИТ ТВОЈАТА СКРОМНОСТ И ТВОЈАТА ПОНИЗНОСТ

4. Како Гедеон покажал скромност и понизност?

4 Гедеон бил скромен и понизен човек. b Кога еден Јеховин ангел му кажал на Гедеон дека е избран да ги ослободи Израелците од моќните Мадијамци, овој понизен човек го рекол следново: „Мојот род е најслаб во Манасија, а јас сум најмал во куќата на татко ми“ (Суд. 6:15). Гедеон сметал дека не е доволно способен за таа задача, но Јехова знаел дека тој може да го направи тоа. Со помош од Јехова, Гедеон успешно ја извршил својата задача.

5. Во кои ситуации може да биде тешко за еден старешина да покаже скромност и понизност?

5 Старешините даваат сѐ од себе да покажуваат скромност и понизност во сѐ што прават (Мих. 6:8; Дела 20:18, 19). Тие не се гордеат со своите способности или постигнувања, ниту пак мислат дека се безвредни поради некои свои грешки или пропусти. Но, понекогаш не е лесно еден старешина да остане понизен и скромен. На пример, тој можеби ќе прифати многу задачи, но потоа можеби ќе му биде тешко да ги изврши. Или, можеби ќе биде критикуван за начинот на кој извршил некоја задача или можеби ќе добие пофалби за друга задача. Што можат да научат старешините од примерот на Гедеон за исправно да постапат во вакви ситуации?

По примерот на Гедеон, еден скромен старешина е спремен да побара помош, како на пример кога треба да го организира сведочењето со колички (види во пасус 6)

6. Што можат да научат старешините од Гедеон во врска со скромноста? (Види ја и сликата.)

6 Побарај помош. Една скромна личност е свесна за своите ограничувања. Гедеон покажал скромност со тоа што побарал помош од другите (Суд. 6:27, 35; 7:24). Мудрите старешини го прават истото. Тони, кој го спомнавме претходно, објаснува: „Поради начинот на кој бев воспитуван како дете, бев склон да прифаќам повеќе работи отколку што реално можев да направам. Затоа одлучив на нашата Семејна вечер да проучуваме за скромноста и да ја прашам жена ми што мисли во врска со мојата скромност. Исто така, повторно го гледав видеоклипот Оспособувај ги другите и доверувај им одговорности по примерот на Исус, кој се наоѓа на нашата интернет-страница“. Тони почнал да бара помош од другите така што ги замолувал да преземат дел од неговите задачи. Кој бил резултатот? Тони вели: „Работата во собранието се завршуваше, а јас имав повеќе време да си го зајакнувам мојот личен однос со Јехова“.

7. Како можат старешините да го следат примерот на Гедеон ако се критикувани? (Јаков 3:13).

7 Зборувај благо ако некој те критикува. Понизноста и скромноста на старешините можат да бидат ставени на испит доколку некој ги критикува. И во оваа ситуација, примерот на Гедеон може да им биде од помош. Без сомнение, тоа што бил свесен дека не е совршен му помогнало да одговори смирено кога луѓето од племето на Ефрем го критикувале (Суд. 8:1-3). Гедеон не се разгневил. Тој покажал дека е понизен така што ги сослушал додека тие се жалеле и така што зборувал љубезно. Со тоа придонел да се смири напнатата ситуација. Мудрите старешини го следат примерот на Гедеон така што слушаат внимателно и одговараат благо доколку се критикувани. (Прочитај Јаков 3:13.) На тој начин, тие придонесуваат за мирот во собранието.

8. Како треба старешините да реагираат ако добиваат пофалби? Наведи пример.

8 Оддај му ја сета слава на Јехова. Кога другите го пофалиле за победата што ја извојувал над Мадијамците, Гедеон го свртел вниманието кон Јехова (Суд. 8:22, 23). Како можат именуваните браќа да го следат примерот на Гедеон? Така што сета заслуга за она што го постигнале ќе му ја припишат на Јехова (1. Кор. 4:6, 7). На пример, ако еден старешина е пофален за неговата способност на поучување, тој може да го насочи вниманието кон Божјата Реч, која е главниот извор од кој се поучуваме, или кон обуката што ја добиваме од Јеховината организација. Одвреме-навреме старешините би можеле да се прашаат дали привлекуваат преголемо внимание кон себеси. Размисли за искуството на еден старешина по име Тимотеј. Кога почнал да служи како старешина, Тимотеј уживал да одржува јавни предавања. Тој вели: „Во моите говори кажував долги и комплицирани воведи и споредби. Поради нив, другите често ме фалеа. За жал, вниманието беше насочено кон мене наместо кон Библијата или кон Јехова“. Со текот на времето, Тимотеј сфатил дека ќе треба да го смени начинот на кој поучува за да не привлекува непотребно внимание кон себеси (Изр. 27:21). Кој бил резултатот? Тој вели: „За разлика од порано, сега браќата и сестрите ми кажуваат како мојот говор им помогнал да се справат со некој проблем, да истраат во некоја тешкотија или да се зближат со Јехова. Ваквите коментари ми носат поголема радост отколку пофалбите што ги добивав порано“.

КОГА СЕ СТАВЕНИ НА ИСПИТ ТВОЈАТА ПОСЛУШНОСТ И ТВОЈАТА ХРАБРОСТ

Гедеон послушно ја намалил неговата војска така што избрал 300 мажи кои биле претпазливи (види во пасус 9)

9. Како биле ставени на испит послушноста и храброста на Гедеон? (Види ја сликата на насловната страница.)

9 Откако Гедеон бил поставен за судија, неговата послушност и неговата храброст биле ставени на испит. Тој добил една тешка задача да го разурне жртвеникот на Ваал што го имал поставено татко му (Суд. 6:25, 26). Подоцна, откако ја собрал војската, на Гедеон двапати му било кажано да го намали нејзиниот број (Суд. 7:2-7). На крајот, Јехова му рекол да го нападне непријателскиот логор среде ноќ (Суд. 7:9-11).

10. Како може послушноста на старешините да биде ставена на испит?

10 Старешините треба да го следат начелото од Јаков 3:17, каде што пишува дека мудроста е „спремна да послуша“. Еден послушен старешина спремно ги применува советите од Божјата Реч и упатствата од Божјата организација. На тој начин, тој е добар пример за другите. Сепак, неговата послушност може да биде ставена на испит. На пример, можеби му е тешко да држи чекор со сите упатства што ги добил. Во некои ситуации, може да се прашува дали некое упатство навистина е практично или мудро. Или, може да биде замолен да изврши некоја задача поради која би можел да биде уапсен. Како можат старешините, по примерот на Гедеон, да покажат послушност во вакви ситуации?

11. Што може да им помогне на старешините да бидат послушни?

11 Внимателно слушај ги упатствата и применувај ги. Бог му кажал на Гедеон како да го уништи жртвеникот на татко му. Исто така, му кажал каде да му изгради нов жртвеник и кое животно да го жртвува. Гедеон не ги довел во прашање упатствата што ги добил — тој направил точно онака како што му рекол Јехова. Денес, старешините добиваат упатства од Јеховината организација преку писма, известувања и други упатства кои ни помагаат да останеме безбедни и блиски со Јехова. Ние ги сакаме нашите старешини затоа што верно го следат водството од организацијата. Тоа е за доброто на целото собрание (Пс. 119:112).

12. Како можат старешините да го применат советот од Евреите 13:17 кога ќе добијат некое ново упатство од организацијата?

12 Спремно прифаќај промени. Сети се дека Јехова побарал од Гедеон да ја намали својата војска за повеќе од 99 отсто (Суд. 7:8). Тој можеби си мислел: „Дали оваа промена навистина е потребна? Дали ќе успееме да извојуваме победа?“ Без разлика какви прашања му се вртеле низ главата, Гедеон послушал. Старешините денес го следат примерот на Гедеон така што послушно ги следат новите упатства што ги добиваат од организацијата. (Прочитај Евреите 13:17.) На пример, во 2014 год. Водечкото тело направи промена во врска со тоа како ќе се финансира изградбата на сали за состаноци и конгресни сали (2. Кор. 8:12-14). Дотогаш собранијата требаше да отплаќаат заем. Но, со новата промена беше одлучено собранијата од целиот свет да ги соединат сите прилози за да може да се изградат теократски објекти секаде каде што ќе има потреба, дури и ако некое собрание може да приложи само малку пари. Кога Хозе слушнал за оваа промена, тој се прашувал дали оваа одлука е мудра и си мислел: „Никогаш нема да се изгради ниту една сала. Кај нас тоа нема да успее. Тука поинаку се прават работите“. Што му помогнало на Хозе да ја поддржи оваа одлука? Тој вели: „Зборовите од Изреки 3:5, 6 ме потсетија дека треба да имам доверба во Јехова. И навистина се постигнаа прекрасни резултати! Сега градиме повеќе сали за состаноци, а новиот начин на кој се користат прилозите ни користи на сите бидејќи доаѓа до изедначување“.

Дури и кога делото е под забрана, ние можеме да бидеме храбри и делотворно да сведочиме (види во пасус 13)

13. а) Во што бил уверен Гедеон? б) Како можат старешините да го следат примерот на Гедеон? (Види ја и сликата.)

13 Храбро врши ја Јеховината волја. Гедеон му бил послушен на Јехова дури и кога бил уплашен, па дури и кога требало да изврши некоја задача во која животот му бил во опасност (Суд. 9:17). Откако неколку пати Јехова му кажал дека ќе биде со него, Гедеон бил потполно уверен дека тој ќе го поддржува додека го штити Божјиот народ. Старешините кои живеат на места каде што делото е под забрана, го следат примерот на Гедеон. Тие храбро предводат на состаноците и во службата и покрај тоа што можат да ја изгубат работата, да бидат уапсени, испрашувани или тепани. c Во текот на големата неволја, на старешините ќе им биде потребна храброст за да можат послушно да ги следат упатствата што ќе ги добијат без разлика колку тоа ќе изгледа опасно. На пример, можеби ќе добиеме упатства за тоа како да пренесеме една силна порака на осуда и што ќе мора да правиме за да го преживееме нападот на Гог од Магог (Езек. 38:18; Отк. 16:21).

КОГА Е СТАВЕНА НА ИСПИТ ТВОЈАТА ИСТРАЈНОСТ

14. Како била ставена на испит истрајноста на Гедеон?

14 Задачата на Гедеон да служи како судија вклучувала и физичко напрегање. Кога Мадијамците бегале за време на ноќната битка, Гедеон ги гонел од Језраелската долина сѐ до реката Јордан, која веројатно била опкружена со многу грмушки (Суд. 7:22). Дали Гедеон застанал кај реката Јордан? Не. Иако бил уморен, сепак ја преминал реката заедно со неговите 300 луѓе и продолжил со потерата. На крајот, тие ги фатиле Мадијамците и ги поразиле (Суд. 8:4-12).

15. Како може да биде ставена на испит истрајноста на старешините?

15 Понекогаш, поради тоа што треба да се грижат за собранието и за своето семејство, старешините можат да бидат физички, психички или емоционално исцрпени. Како можат старешините да го следат примерот на Гедеон во таквите ситуации?

Грижливите старешини успеале да зајакнат многу браќа и сестри кои минувале низ некоја тешка ситуација (види во пасуси 16-17)

16-17. Што му помогнало на Гедеон да истрае, и во што можат да бидат уверени старешините? (Исаија 40:28-31; види ја и сликата).

16 Имај доверба дека Јехова ќе те зајакне. Гедеон имал доверба дека Јехова ќе му даде сила, и Јехова навистина го направил тоа (Суд. 6:14, 34). Еднаш, Гедеон и неговите луѓе трчајќи гонеле два мадијамски цара, кои веројатно јавале на камили (Суд. 8:12, 21). Но, со помош од Бог, овие решителни Израелци ги фатиле и победиле во битката. Слично како Гедеон, и старешините можат да се потпрат на Јехова, кој никогаш „не се уморува и не папсува“. Тој ќе им ја даде потребната сила. (Прочитај Исаија 40:28-31.)

17 Размисли за примерот на Метју, кој е член на Одборот за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци. Што му помага да истрае? Метју вели: „На своја кожа почувствував колку се вистинити зборовите од Филипјаните 4:13. Многупати, кога бев уморен и мислев дека нема да можам да продолжам понатаму, сесрдно му се молев на Јехова да ми ја даде потребната физичка и психичка сила за да можам да им помагам на моите браќа. Во тие моменти можев да почувствувам како Јеховиниот дух ме зајакнува и ми помага да истраам“. Слично како Гедеон, и нашите трудољубиви старешини може да се соочат со слични потешкотии додека даваат сѐ од себе да се грижат за стадото. Секако, тие треба да бидат свесни за своите физички и емоционални ограничувања и да не ги пречекоруваат. Но, секогаш можат да бидат уверени дека Јехова ќе ги слушне нивните молби за помош и дека ќе им даде сила да истраат (Пс. 116:1; Фил. 2:13).

18. Според она што го разгледавме во оваа статија, како можат старешините да го следат примерот на Гедеон?

18 Старешините денес можат многу да научат од примерот на Гедеон. Тие треба да бидат скромни и понизни кога ќе треба да одлучат колку работи ќе прифатат да извршуваат. Исто така, треба да покажат скромност кога другите ги критикуваат или ги фалат. Тие мора да покажуваат послушност и храброст, особено како што се приближуваме кон крајот на овој свет. Исто така, треба да бидат уверени дека, без разлика со какви тешкотии ќе се соочат, Јехова ќе ги зајакне. Нема сомнение дека сите ние многу ги цениме и почитуваме таквите трудољубиви пастири (Фил. 2:29).

ПЕСНА 120 Да бидеме благи како Исус

a Јехова го поставил Гедеон за да го води и да го штити неговиот народ за време на еден многу тежок период во историјата на Израелците. Гедеон верно ја извршувал оваа задача околу 40 години. Сепак, се соочил со многу тешкотии. Во оваа статија ќе разгледаме како неговиот пример може да им помогне на старешините денес кога ќе се соочат со слични предизвици.

b Скромноста и понизноста се тесно поврзани. Покажуваме дека сме скромни со тоа што имаме исправно гледиште за себеси и за нашите ограничувања. Покажуваме дека сме понизни со тоа што ги почитуваме другите и ги сметаме за поголеми од себе (Фил. 2:3). Општо земено, една скромна личност е и понизна личност.

c Види ја статијата „Продолжи да му служиш на Јехова и под забрана“, која излезе во Стражарска кула од јули 2019, стр. 10-11, пас. 10-13.