Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова ги сака оние што „истрајно донесуваат плод“

Јехова ги сака оние што „истрајно донесуваат плод“

Она што е на добра земја, тоа се оние што истрајно донесуваат плод (ЛУКА 8:15)

ПЕСНИ: 68, 72

1, 2. а) Зошто сме охрабрени од браќата и сестрите кои верно проповедаат на подрачја на кои повеќето луѓе се рамнодушни? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Што рекол Исус за проповедањето во неговиот роден крај? (Види ја фуснотата.)

СЕРЖО и Олинда се брачен пар во своите 80-ти години и служат како пионери во САД. Во последно време, поради болки во нозете, потешко им е да се движат. Но, како што прават веќе со децении, во седум часот наутро одат до плоштадот во еден прометен дел од градот. Таму застануваат близу до една автобуска постојка и им нудат наши публикации на минувачите. Повеќето луѓе не им обрнуваат внимание, но Сержо и Олинда стрпливо стојат и им се насмевнуваат на оние што ќе ги погледнат. На пладне полека се враќаат накај дома. Следното утро во седум часот, тие повторно се на автобуската постојка. Така проповедаат шест дена во седмицата.

2 Многу верни браќа и сестри како Сержо и Олинда со години истрајно проповедаат иако повеќето луѓе на нивното подрачје не се интересираат за добрата вест. Ако и ти проповедаш на такво подрачје, срдечно те пофалуваме за твојата истрајност. * Вашиот пример е вистинско охрабрување за многу браќа и сестри, дури и за оние што имаат големо искуство во службата. Забележи што рекле некои покраински надгледници: „Кога соработувам со такви верни браќа и сестри во службата, многу ме охрабрува нивниот пример“. „Нивната верност ме потикнува да истраам и храбро да проповедам“. „Нивниот пример ми го грее срцето“.

3. Кои три прашања ќе ги разгледаме, и зошто?

3 Во оваа статија ќе добиеме одговор на три прашања: Зошто понекогаш може да се чувствуваме обесхрабрено? Што значи да донесуваме плод? Што ќе ни помогне истрајно да донесуваме плод? Тоа што ќе го дознаеме одговорот на овие прашања ќе ни ја зајакне решеноста да го довршиме проповедничкото дело што ни го доверил Исус.

ЗОШТО МОЖЕ ДА СЕ ОБЕСХРАБРИМЕ?

4. а) Како влијаело врз Павле тоа што повеќето Евреи не ја прифаќале добрата вест? б) Зошто Павле се чувствувал така?

4 Дали некогаш си се обесхрабрил затоа што луѓето на твоето подрачје не сакаат да ја слушаат добрата вест за Царството? Ако да, тогаш сфаќаш како му било на апостол Павле. Тој проповедал околу 30 години и им помогнал на многу луѓе да станат христијани (Дела 14:21; 2. Кор. 3:2, 3). Сепак, не успеал да поттикне многу Евреи да ја прифатат добрата вест. Напротив, повеќето од неговите сонародници одбиле да го слушаат, а некои дури и го прогонувале (Дела 14:19; 17:1, 4, 5, 13). Како влијаело тоа врз Павле? Тој рекол: „Имам голема тага и непрестајна болка во срцето“ (Рим. 9:1-3). Зошто се чувствувал така? Поради неговата голема љубов кон службата и кон луѓето. Павле многу сакал да им помогне на Евреите и затоа му било многу жал што не ја прифаќале Божјата милост.

5. а) Што нѐ поттикнува да проповедаме? б) Зошто е нормално понекогаш да се обесхрабриме?

5 Слично на Павле, ние им проповедаме на луѓето бидејќи се грижиме за нив и сакаме да им помогнеме (Мат. 22:39; 1. Кор. 11:1). Од лично искуство знаеме колку многу благослови добиваат оние што му служат на Јехова. Кога ќе помислиме на некои луѓе од нашето подрачје, си велиме: „Само кога би можеле да сфатат што пропуштаат!“ Токму затоа продолжуваме да ги поттикнуваме да ја дознаат вистината за Јехова и за неговата намера со луѓето. Всушност, со нашето проповедање како да им велиме: „Ви донесовме прекрасен подарок. Ве молиме прифатете го“. Затоа, нормално е да чувствуваме „болка во срцето“ кога некој ќе го отфрли тој подарок. Таквата болка, или обесхрабрување, не значи дека ни недостига вера, туку дека навистина ги сакаме луѓето. Според тоа, иако понекогаш сме обесхрабрени, продолжуваме да проповедаме. Елена, која служи како пионер повеќе од 25 години, вели: „Не ми е лесно да проповедам. Сепак, ништо не ми носи поголемо задоволство од тоа“. Сигурно сите ќе се согласиме со неа.

КАКО МОЖЕМЕ ДА НОСИМЕ ПЛОД?

6. Кое прашање ќе го разгледаме сега?

6 Зошто можеме да бидеме успешни во службата без оглед на тоа каде проповедаме? За да одговориме на ова важно прашање, да разгледаме две споредби во кои Исус кажува зошто треба да носиме плод (Мат. 13:23). Првата споредба е во врска со една лоза.

7. а) Во споредбата на Исус, кои се „лозарот“, „лозата“ и „прачките“? б) На кое прашање сакаме да го добиеме одговорот?

7 Прочитај Јован 15:1-5, 8. Во оваа споредба Исус објаснил дека Јехова е „лозарот“, Исус е „лозата“, а неговите ученици се „прачките“. * Тој им кажал на своите апостоли: „Мојот Татко се прославува ако донесувате многу плод и ако сте мои ученици“. Што е плодот кој Христовите следбеници треба да го носат? Во својата споредба Исус не кажува што конкретно е тој плод, но спомнал еден важен детаљ кој ни помага да го најдеме одговорот на тоа прашање.

8. а) Зошто може да се каже дека плодот од споредбата на Исус не се новите ученици? б) Што можеме да кажеме за она што Јехова го бара од нас?

8 За својот Татко, Исус рекол: „Секоја прачка на мене што не носи плод, тој ја отстранува“. Со други зборови, можеме да бидеме Јеховини слуги само ако носиме плод (Мат. 13:23; 21:43). Значи, во оваа споредба, плодот што мора да го носи секој христијанин не се однесува на лицата на кои им помагаме да станат Христови ученици (Мат. 28:19). Во спротивно, верните браќа и сестри кои не успеале да помогнат некому да стане ученик на Христос би биле како прачките кои не носат плод. Но ова едноставно не е вистина! Зошто? Бидејќи не можеме да ги тераме луѓето да станат ученици. Освен тоа, Јехова е полн со љубов и никогаш не бара од нас нешто што не можеме да го направиме (5. Мој. 30:11-14).

9. а) Како носиме плод? б) Која споредба ќе ја разгледаме сега?

9 Тогаш, што е плодот кој мора да го носиме? Очигледно, плодот се однесува на нешто што сите можеме да го правиме. Тоа е задачата која Јехова им ја дал на сите свои слуги — да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство * (Мат. 24:14). Споредбата на Исус за сејачот го потврдува овој заклучок. Да ја разгледаме оваа споредба.

10. а) Што претставуваат семето и земјата во споредбата на Исус? б) Каков плод носи едно стебленце жито?

10 Прочитај Лука 8:5-8, 11-15. Во споредбата за сејачот, Исус објаснил дека семето е „речта Божја“, односно пораката за Божјето Царство. Земјата го претставува симболичното срце на луѓето. Семето што паднало на добра земја пуштило корења, никнало и станало растение, на пример, стебленце жито. Потоа донело „стократен плод“. Каков плод носи едно стебленце жито? Дали носи мали стебленца? Не, тоа носи нови семиња, кои со текот на времето може да станат стебленца. Во оваа споредба, од едно семе настанале сто семиња. Што учиме од ова за службата на проповедање?

Како можеме истрајно да донесуваме плод? (Види во пасус 11)

11. а) Што учиме за нашата служба од споредбата за сејачот? б) Во која смисла даваме како плод ново семе?

11 Кога нашите родители или други Сведоци почнале да нѐ поучуваат за Божјето Царство, тоа било како да посеале семе на добра земја. Тие биле среќни кога виделе дека ја прифаќаме добрата вест. Тоа семе пуштило корен и растело сѐ додека не дало плод. Како што спомнавме претходно, стебленцето жито не дава како плод ново стебленце, туку ново семе. Слично на тоа, ние не даваме како плод нови ученици, туку ново семе. * Како го правиме тоа? Секогаш кога им зборуваме на другите за Божјето Царство, тоа е исто како да го сееме семето што било посеано во нашето срце (Лука 6:45; 8:1). Според тоа, сѐ додека ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство, истрајно донесуваме плод.

12. а) Што учиме од споредбите на Исус за лозата и за сејачот? б) Како влијаат врз тебе поуките од тие споредби?

12 Што учиме од споредбите на Исус за лозата и за сејачот? Учиме дека нашата способност да носиме плод не зависи од тоа како реагираат луѓето на подрачјето, туку од тоа дали продолжуваме да проповедаме. Павле рекол нешто слично кога објаснил: „Секој ќе добие награда според својот труд“ (1. Кор. 3:8). Јехова ќе нѐ награди за нашиот труд, а не за резултатите од нашиот труд. Матилда, која веќе 20 години служи како пионер, вели: „Многу ме радува тоа што знам дека Јехова го наградува нашиот труд“.

КАКО МОЖЕМЕ ИСТРАЈНО ДА НОСИМЕ ПЛОД?

13, 14. Според Римјаните 10:1, 2, зошто Павле никогаш не престанал да проповеда?

13 Што ќе ни помогне истрајно да донесуваме плод? Како што спомнавме, Павле бил обесхрабрен бидејќи Евреите ја отфрлиле пораката за Царството. И покрај тоа, Павле не кренал раце од нив. Тој објаснил каков став имал кон Евреите кога рекол: „Желбата на моето срце и мојата сесрдна молитва до Бог за нив е да се спасат. Зашто, сведочам за нив дека ревносно се трудат да му угодат на Бог, но не знаат точно што е неговата волја“ (Рим. 10:1, 2). Зошто Павле продолжил да проповеда?

14 Прво, тој рекол дека бил поттикнат да им проповеда на Евреите поради желбата на неговото срце. Павле навистина сакал тие да се спасат (Рим. 11:13, 14). Второ, ја спомнал својата „сесрдна молитва до Бог за нив“. Павле го молел Јехова да им помогне на поединци од еврејскиот народ да ја прифатат пораката за Царството. Трето, Павле рекол: „Се трудат да му угодат на Бог“. Тој го гледал доброто кај луѓето и нивниот потенцијал да му служат на Јехова. Знаел дека, исто како него, тие ревносни Евреи би можеле да станат ревносни ученици на Христос.

15. Во кои три работи можеме да се угледаме на Павле? Наведи пример.

15 Како можеме да се угледаме на Павле? Прво, мора од сѐ срце да сакаме да ги најдеме оние што исправно гледаат на вечниот живот. Второ, го молиме Јехова да им помогне на искрените луѓе да слушаат кога им проповедаме (Дела 13:48; 16:14). Тоа го прави Силвана, која служи како пионер речиси 30 години. Таа вели: „Пред да дојдам до некоја куќа на моето подрачје, го молам Јехова да ми помогне да имам позитивен став“. Исто така, се молиме ангелите да ни помогнат да ги најдеме луѓето кои се спремни да слушаат (Мат. 10:11-13; Отк. 14:6). Роберт, кој служи како пионер повеќе од 30 години, вели: „Многу е возбудливо да соработуваш со ангелите кои знаат што се случува во животот на станарите“. Трето, се трудиме да го гледаме доброто во луѓето и нивниот потенцијал да му служат на Јехова. Карл, еден старешина кој се крстил пред повеќе од 50 години, вели: „Се трудам да го забележам и најмалиот знак дека некој има срце за вистината — можеби една насмевка, топол поглед или искрено прашање“. Ако го правиме сето ова, истрајно ќе донесуваме плод како Павле.

„НЕКА НЕ ТИ ПОЧИВА РАКАТА“

16, 17. а) Што можеме да научиме од Проповедник 11:6? б) Како може нашето проповедање да влијае врз оние што нѐ набљудуваат?

16 Никогаш не треба да заборавиме колку многу може да влијае нашето проповедање врз луѓето, дури и ако ни се чини дека никој не нѐ слуша. (Прочитај Проповедник 11:6.) Иако голем број луѓе не сакаат да нѐ слушаат, тие нѐ набљудуваат. Забележуваат дека сме уредно облечени и дека сме љубезни и пријателски настроени. Ова може да им остави силен впечаток и, со текот на времето, дури и оние кои имаат негативно гледиште за нас можеби ќе си го сменат ставот. Ова го доживеале Сержо и Олинда, кои ги спомнавме на почетокот.

17 Сержо вели: „Бидејќи бевме болни, некое време не одевме на плоштадот. Кога се вративме, некои минувачи нѐ прашаа: ’Кај бевте? Ни недостигавте‘“. Олинда додава со насмевка: „Шоферите на автобусите ни мавтаа, а некои ни довикнуваа од своето седиште: ’Само напред!‘ Дури ни бараа и списанија“. Сержо и Олинда многу се изненадиле кога еден човек дошол до нивната количка за сведочење, им дал букет цвеќе и им се заблагодарил за нивната служба.

18. Зошто си решен истрајно да донесуваш плод?

18 Сѐ додека истрајно ја сееме пораката за Царството, имаме важен удел во делото со кое им се дава „сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14). А што е најважно, среќни сме бидејќи знаеме дека со тоа го радуваме Јехова. Тој ги сака сите оние што „истрајно донесуваат плод“.

^ пас. 2 Дури и Исус рекол дека не му било лесно да проповеда на подрачјето во неговиот роден крај. Интересно е дека ова е запишано во сите четири евангелија (Мат. 13:57; Мар. 6:4; Лука 4:24; Јован 4:44).

^ пас. 7 Иако прачките во оваа споредба се однесуваат на христијаните кои ќе одат на небо, споредбата содржи поуки за сите Божји слуги.

^ пас. 9 Изразот „носи плод“ се однесува и на покажувањето на „плодовите на духот“. Сепак, во оваа и во следната статија главно се зборува за нашиот „плод на усните“, односно проповедањето за Божјето Царство (Гал. 5:22, 23; Евр. 13:15).

^ пас. 11 Во други прилики, Исус го споредил делото на проповедање со сеење и жнеење (Мат. 9:37; Јован 4:35-38).