Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мир — како можеш да го најдеш?

Мир — како можеш да го најдеш?

БИДЕЈЌИ живееме во свет полн со проблеми, мора да вложиме голем труд за да имаме мир. Сепак, дури и кога до одредена мера чувствуваме мир, честопати не ни е лесно да го зачуваме. Што вели Божјата Реч за тоа како можеме да најдеме вистински и траен мир? И како можеме да им помогнеме на другите да успеат во тоа?

ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА ДА ИМАМЕ ВИСТИНСКИ МИР?

За да имаме вистински мир, мора да се чувствуваме безбедно и да бидеме среќни и задоволни. Исто така, треба да стекнеме блиски пријатели. А што е најважно, за да имаме траен мир, мора да развиеме блиско пријателство со Бог. Како можеме да го постигнеме тоа?

Животните грижи им го одземаат мирот на многумина

Кога ги почитуваме праведните закони и начела на Јехова, покажуваме дека имаме доверба во него и дека сакаме да бидеме во мир со него (Ерем. 17:7, 8; Јак. 2:22, 23). А за возврат, тој се зближува со нас и ни дава внатрешен мир. Во Исаија 32:17 пишува: „Мирот ќе биде дело на правдата; спокојството и безбедноста ќе бидат плод на правдата довека“. Можеме да најдеме вистински мир ако од срце сме му послушни на Јехова (Иса. 48:18, 19).

Траен мир можеме да имаме и благодарение на еден прекрасен дар од нашиот небесен Татко — светиот дух (Дела 9:31).

БОЖЈИОТ ДУХ НИ ПОМАГА ДА ИМАМЕ МИР

Апостол Павле го наведува мирот како трет плод на духот (Гал. 5:22, 23). Бидејќи вистинскиот мир е плод на Божјиот дух, ако сакаме да имаме таков мир, мора да дозволиме светиот дух да влијае врз нас. Да разгледаме два начини на кои Божјиот дух може да ни помогне да имаме мир.

Прво, треба редовно ја читаме Божјата Реч (Пс. 1:2, 3). Додека размислуваме за библиската порака, Божјиот дух ни помага да разбереме кои работи Јехова ги сака, а кои ги мрази. На пример, сфаќаме што го поттикнува да остане мирољубив и зошто мирот му е толку важен. Кога ги применуваме таквите поуки од Божјата Реч, чувствуваме поголем мир во животот (Изр. 3:1, 2).

Второ, мора да се молиме за свет дух (Лука 11:13). Јехова ветува дека, ако бараме помош од него, „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува [нашите] срца и [нашиот] ум преку Христос Исус“ (Фил. 4:6, 7). Кога редовно го молиме за свет дух, нашиот Бог ни дава внатрешен мир кој можат да го имаат само оние што се блиски пријатели со него (Рим. 15:13).

Да видиме како некои ги примениле поуките од Библијата и ги направиле потребните промени кои им овозможиле да имаат траен мир со Јехова, со себе и со другите луѓе.

КАКО НЕКОИ НАШЛЕ ТРАЕН МИР

Во христијанското собрание денес има некои што порано биле склони кон гнев, но сега се обѕирни, љубезни, стрпливи и мирољубиви со другите * (Изр. 29:22). Да видиме што им помогнало на двајца наши соверници да го совладаат гневот и да бидат мирољубиви со другите.

Тоа што ги применуваме библиските начела и се молиме за свет дух ни помага да имаме мир

Дејвид имал негативен став кој влијаел врз начинот на кој зборувал со другите. Пред да стане Јеховин сведок, тој честопати ги критикувал другите и зборувал грубо со своето семејство. Со текот на времето, Дејвид сфатил дека треба да се смени и да стане мирољубив. Што му помогнало во тоа? Тој вели: „Почнав да ги применувам библиските начела во мојот живот и, како резултат на тоа, се зголеми почитта меѓу мене и членовите на моето семејство“.

Потеклото на Рејчел влијаело врз нејзиниот став кон другите. Таа признава: „Дури и сега ми е тешко да го контролирам гневот бидејќи пораснав во семејство во кое сите честопати избувнуваа“. Што ѝ помогнало да стане помирољубива? Таа вели: „Редовно му се молев на Јехова и барав помош од него“.

Дејвид и Рејчел се само два примера кои покажуваат дека, ако ги применуваме библиските начела и ако го молиме Бог да ни помогне со својот дух, ќе имаме мир. Од ова јасно се гледа дека, иако живееме во непријателски свет, можеме да имаме внатрешен мир кој придонесува за добри односи со нашето семејство и со соверниците. Сепак, Јехова нѐ поттикнува: „Бидете во мир со сите луѓе“ (Рим. 12:18). Дали тоа навистина е можно, и зошто е корисно да се трудиме да градиме мир?

ГРАДИ МИР СО ДРУГИТЕ

Преку службата на проповедање, ние им ја пренесуваме на луѓето добрата вест и им помагаме да најдат мир (Иса. 9:6, 7; Мат. 24:14). Се радуваме што многумина ја прифаќаат таа мирољубива порака. Како резултат на тоа, тие повеќе не се чувствуваат безнадежно ниту, пак, се огорчени поради она што се случува околу нив. Наместо тоа, сега имаат вистинска надеж за иднината и се поттикнати да градат мир со другите (Пс. 34:14).

Меѓутоа, не ја прифаќаат сите нашата порака, или барем не веднаш (Јован 3:19). И покрај тоа, Божјиот дух ни помага да им ја пренесеме добрата вест мирољубиво и со почит. Така ги следиме упатствата за нашата служба што ни ги дал Исус, а кои се запишани во Матеј 10:11-13. Таму пишува: „Кога ќе влезете во куќата, поздравете ги домашните. Ако куќата е достојна, нека дојде на неа мирот што ѝ го посакувате, но ако не е достојна, вашиот мир нека ви се врати вам“. Ако сме послушни на советот од Исус, можеме да си го зачуваме мирот и да си заминеме со надеж дека оној што нѐ одбил ќе биде спремен да ја чуе добрата вест во иднина.

Градиме мир и кога со почит разговараме со претставници на властите — вклучувајќи ги и оние кои се противат на нашето дело. На пример, бидејќи имале предрасуди, властите во една земја во Африка не ни давале дозвола за изградба на сали за состаноци. Со надеж дека проблемот ќе се реши, еден брат кој порано служел како мисионер во таа африканска земја добил задача да го посети амбасадорот на таа земја во Лондон (Англија). Тој требало да му објасни на амбасадорот како функционира мирољубивото дело на Јеховините сведоци во таа земја. Како се завршила посетата?

Братот раскажува: „Кога пристигнав на рецепција во амбасадата, од облеката на рецепционерката заклучив дека припаѓа на племе чиј јазик го знаев. Затоа ја поздравив на нејзиниот јазик. Изненадена, таа ме праша: ’Која е целта на Вашата посета?‘ Учтиво ѝ кажав дека би сакал да се видам со амбасадорот. Таа му телефонираше, а тој излезе да ме прими и ме поздрави на неговиот јазик. Потоа внимателно ме слушаше додека му зборував за мирољубивите активности на Сведоците“.

Тоа што братот зборувал со почит, ги отстранило предрасудите и погрешната слика што амбасадорот ги имал за нашето дело. Некое време подоцна, властите во таа африканска земја ги укинаа ограничувањата за изградба на нашите објекти. Браќата многу се израдуваа што овој проблем се реши на мирен начин! Од ова јасно се гледа дека, ако покажуваме почит кон другите, ќе имаме многу благослови, меѓу кои е и мирот.

МИР КОЈ ЌЕ ТРАЕ ВЕЧНО

Денес, Јеховините слуги се наоѓаат во духовен рај во кој преовладува мир. Можеш да придонесеш да се зачува тој мир ако се трудиш во својот живот да го развиваш овој плод на светиот дух. Најважно од сѐ, ќе станеш поблизок со Јехова, а во новиот свет ќе имаш мир кој никогаш нема да престане (2. Пет. 3:13, 14).

^ пас. 13 Љубезноста ќе ја разгледаме во една од наредните статии во кои се обработуваат плодовите на Божјиот свет дух.