Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 18

Христовиот закон — одраз на Јеховината љубов и правда

Христовиот закон — одраз на Јеховината љубов и правда

Носете ги бремињата еден на друг, и така ќе го исполните законот Христов (ГАЛ. 6:2)

ПЕСНА 12 Јехова е величествен Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Во кои две работи можеме да бидеме сигурни?

ЈЕХОВА БОГ отсекогаш ги сакал и секогаш ќе ги сака своите слуги. Тој ја сака и правдата (Пс. 33:5). Затоа можеме да бидеме сигурни во две работи: 1) Јехова чувствува голема болка кога некој постапува неправедно со неговите слуги и 2) тој ќе се погрижи правдата да биде задоволена. Во првата од овие четири статии * дознавме дека Законот што Бог преку Мојсеј им го дал на Израелците се темелел на љубов. Тој закон ги поттикнувал Израелците да бидат праведни кон сите, дури и кон оние што не можеле сами да се заштитат (5. Мој. 10:18). Мојсеевиот закон покажува колку голема љубов има Јехова кон своите слуги.

2. Кои прашања ќе ги разгледаме?

2 Мојсеевиот закон престанал да важи во 33 год. од н.е. кога било основано христијанското собрание. Дали христијаните останале без заштитата што ја обезбедувал законот кој се темелел на љубов и бил праведен? Во никој случај! Христијаните имале нов закон. Во оваа статија прво ќе видиме што е овој закон. Потоа ќе одговориме на следниве прашања: Зошто можеме да кажеме дека овој закон се темели на љубовта? Зошто може да се каже дека тој секогаш е праведен? Според овој закон, како треба да постапуваат со другите оние што имаат некаков авторитет?

ШТО Е „ЗАКОНОТ ХРИСТОВ“?

3. Што е вклучено во „законот Христов“ кој е спомнат во Галатите 6:2?

3 Прочитај Галатите 6:2. Христијаните се под „законот Христов“. На своите следбеници, Исус не им дал список со закони, туку им дал упатства, заповеди и начела според кои треба да живеат. Во „законот Христов“ е вклучено сето она за што поучувал Исус. Во следните пасуси ќе дознаеме нешто повеќе за овој закон.

4-5. На кои начини и кога поучувал Исус?

4 На кои начини поучувал Исус? Како прво, тој ги поучувал луѓето со своите зборови. Она што го кажувал имало силно влијание бидејќи ја пренесувал вистината за Бог, поучувал за вистинската смисла на животот и укажувал на Божјето Царство како на решение за сите човечки проблеми (Лука 24:19). Како второ, Исус поучувал со својот пример. Со својот начин на живот тој им покажал на своите следбеници како треба да живеат (Јован 13:15).

5 Кога поучувал Исус? Тоа го правел во текот на својата служба на Земјата (Мат. 4:23). Исто така, ги поучувал своите следбеници кратко откако воскреснал. На пример, Исус им се појавил на една група свои ученици — кои можеби биле повеќе од 500 лица — и им заповедал да прават ученици (Мат. 28:19, 20; 1. Кор. 15:6). Како глава на собранието, Исус продолжил да им дава упатства на своите следбеници и откако се вратил на небото. На пример, околу 96 год. од н.е., Христос му дал упатство на апостол Јован да ги охрабри и да им даде совет на помазаните христијани (Кол. 1:18; Отк. 1:1).

6-7. а) Каде се запишани Исусовите учења? б) Како покажуваме дека сме послушни на Христовиот закон?

6 Каде се запишани учењата на Исус? Многу од работите што ги кажал и ги направил Исус додека бил на Земјата се запишани во четирите евангелија. И останатиот дел од христијанските грчки списи ни помага да разбереме како размислувал Исус, бидејќи оние што ги запишале биле водени од светиот дух и го имале „Христовиот ум“ (1. Кор. 2:16).

7 Поуки за нас: Исусовите учења ни помагаат на сите подрачја од животот. Тоа значи дека Христовиот закон влијае врз сѐ што правиме дома, на работа или на училиште, како и во собранието. Овој закон го учиме така што ги читаме Христијанските грчки списи и така што размислуваме за нив. Ние сме му послушни на овој закон кога живееме во склад со упатствата, заповедите и начелата што се наоѓаат во тој дел од Библијата. Кога сме послушни на Христовиот закон, ние сме му послушни на нашиот грижлив Бог Јехова, бидејќи од него доаѓа сето она за што поучувал Исус (Јован 8:28).

ЗАКОН КОЈ СЕ ТЕМЕЛИ НА ЉУБОВ

8. Кој е темелот на Христовиот закон?

8 Оние што живеат во една стабилна куќа која е изградена на цврст темел се чувствуваат безбедно. Слично на тоа, безбедно се чувствуваат и оние што живеат според еден добар закон кој е изграден врз цврст темел. Христовиот закон е поставен врз најдобриот можен темел — љубовта. Зошто можеме да го кажеме тоа?

Ние сме послушни на Христовиот закон кога со другите постапуваме со љубов (Види во пасуси 9-14) *

9-10. Кои примери покажуваат дека Исус правел сѐ од љубов, и како можеме да се угледаме на него?

9 Како прво, сѐ што правел Исус било поттикнато од љубов. Сочувството е израз на љубов. Бидејќи му било жал за луѓето, Исус ги поучувал мноштвата, ги лекувал болните, ги хранел гладните и ги воскреснувал мртвите (Мат. 14:14; 15:32-38; Мар. 6:34; Лука 7:11-15). Иако тие работи му одземале многу време и сила, Исус спремно ги ставал потребите на другите пред своите. Но најважниот начин на кој Исус покажал љубов е така што си го дал својот живот за другите (Јован 15:13).

10 Поуки за нас: Можеме да се угледаме на Исус така што потребите на другите ќе ги ставаме пред нашите. Примерот на Исус можеме да го следиме и така што учиме да покажуваме поголемо сочувство кон луѓето на нашето подрачје. Ние сме послушни на Христовиот закон кога, од сочувство кон луѓето, ја проповедаме добрата вест и ги поучуваме за Бог.

11-12. а) Што покажува дека Јехова многу нѐ сака? б) Како можеме да покажуваме љубов по примерот на Јехова?

11 Како второ, Исус им помогнал на неговите следбеници да сфатат дека неговиот Татко многу ги сака. За време на својата служба, Исус на многу начини покажал колкава љубов има Јехова за своите слуги. На пример, Исус поучувал дека секој од нас е скапоцен за нашиот небесен Татко (Мат. 10:31). Јехова многу се радува кога некоја од неговите загубени овчички ќе се покае и ќе се врати во собранието (Лука 15:7, 10). Тој ја докажал својата љубов со тоа што го дал својот Син како откупнина за нас (Јован 3:16).

12 Поуки за нас: Како можеме да покажуваме љубов по примерот на Јехова? (Еф. 5:1, 2). За нас, сите наши браќа и сестри се скапоцени, и радосно ѝ изразуваме добредојде на секоја загубена овчичка која му се враќа на Јехова (Пс. 119:176). Нашата љубов кон браќата и сестрите ја докажуваме со тоа што ги трошиме нашето време и сила за нив, особено кога им е потребна нашата помош (1. Јов. 3:17). Кога покажуваме љубов кон другите, ние сме послушни на Христовиот закон.

13-14. а) Како што е запишано во Јован 13:34, 35, што им заповедал Исус на своите следбеници, и зошто ова е нова заповед? б) Како ние покажуваме дека сме послушни на новата заповед?

13 Како трето, Исус им заповедал на своите следбеници да покажуваат самопожртвувана љубов. (Прочитај Јован 13:34, 35.) Во која смисла оваа заповед на Исус била нова? Тој барал да покажуваме љубов на еден начин кој не бил опфатен со Мојсеевиот закон: да ги сакаме нашите соверници како што Исус нѐ сакал нас. За тоа е потребно да покажуваме самопожртвувана љубов. * Треба да ги сакаме браќата и сестрите дури и повеќе отколку себеси. Мора да ги сакаме до таа мера што ќе бидеме спремни да го дадеме нашиот живот за нив, исто како што Исус го дал за нас.

14 Поуки за нас: Како покажуваме дека сме послушни на новата заповед? Едноставно, така што ќе правиме жртви за нашите браќа и сестри. Толку многу ги сакаме што сме спремни дури и да умреме за нив. Но спремни сме да правиме и помали жртви. На пример, ние сме послушни на Христовиот закон кога се трудиме да помогнеме на некој постар брат или сестра да дојде на собраниски состанок, кога спремно се откажуваме од нешто што го сакаме за да израдуваме некој соверник или, пак, кога го користиме нашиот годишен одмор за да помогнеме онаму каде што се случила природна катастрофа. Исто така, на овој начин придонесуваме нашето собрание да биде место каде што секој ќе се чувствува безбедно и пријатно.

ЗАКОН ШТО СЕКОГАШ Е ПРАВЕДЕН

15-17. а) Како од постапките на Исус се гледа неговото чувство за правда? б) Како можеме го следиме примерот на Исус?

15 Во Библијата, зборот „правда“ главно значи да го правиш она што Бог смета дека е исправно и притоа да бидеш непристрасен. Зошто може да кажеме дека Христовиот закон е праведен?

Исус ги почитувал и бил љубезен со жените, дури и со оние што другите ги сметале за безвредни (Види во пасус 16) *

16 Прво, размисли како од постапките на Исус се гледа неговото чувство за правда. Во негово време, еврејските верски водачи ги мразеле не-Евреите, го презирале обичниот народ и немале никаква почит кон жените. Меѓутоа, Исус постапувал праведно и непристрасно со сите. Тој не ги отфрлал не-Евреите кои имале вера во него (Мат. 8:5-10, 13). Непристрасно им проповедал на сите — и на богатите и на сиромашните (Мат. 11:5; Лука 19:2, 9). Тој никогаш не постапувал грубо со жените и не ги навредувал. Напротив, ги почитувал и бил љубезен со нив, дури и со оние што другите ги сметале за безвредни (Лука 7:37-39, 44-50).

17 Поуки за нас: Можеме да го следиме примерот на Исус така што ќе бидеме непристрасни кон другите и ќе им проповедаме на сите што сакаат да ја чујат добрата вест — без оглед дали се богати или сиромашни, и без разлика на која религија ѝ припаѓаат. Браќата го следат неговиот пример така што се однесуваат со почит кон жените. Кога постапуваме на ваков начин, покажуваме дека сме послушни на Христовиот закон.

18-19. Што поучувал Исус за правдата, и што учиме ние од тоа?

18 Второ, размисли што поучувал Исус за правдата. Тој ги поучувал неговите следбеници за начела што можеле да им помогнат да постапуваат праведно со другите. Да го земеме за пример Златното правило (Мат. 7:12). Сите сакаме другите да постапуваат праведно со нас. Затоа и ние треба да постапуваме праведно со нив. Ако го правиме тоа, другите можеби ќе бидат поттикнати да се однесуваат праведно кон нас. Но, што ако сме доживеале некоја неправда? Исус ги поучувал своите следбеници да имаат доверба дека Јехова ќе „се погрижи да добијат правда [оние] кои викаат кон него ден и ноќ“ (Лука 18:6, 7). Овие зборови се, всушност, едно ветување: нашиот праведен Бог е свесен со какви испити на верата се соочуваме во овие последни денови, и во свое време тој ќе се погрижи да добиеме правда (2. Сол. 1:6).

19 Поуки за нас: Ако живееме според начелата за кои поучувал Исус, ќе постапуваме праведно со другите. А доколку сме претрпеле некаква неправда во овој свет на Сатана, може да нѐ утеши тоа што знаеме дека Јехова ќе се погрижи да добиеме правда.

КАКО ТРЕБА ОНИЕ ШТО ИМААТ ОДРЕДЕН АВТОРИТЕТ ДА ПОСТАПУВААТ СО ДРУГИТЕ?

20-21. а) Како треба да постапуваат со другите оние што имаат одреден авторитет? б) Како може еден маж да покажува самопожртвувана љубов? в) Како треба еден татко да постапува со своите деца?

20 Според Христовиот закон, како треба браќата што имаат одреден авторитет да постапуваат со другите? Бидејќи овој закон се темели на љубов, тие браќа мора со почит и со љубов да постапуваат со оние врз кои имаат одреден авторитет. Тие мора да имаат на ум дека Христос сака да покажуваме љубов во сѐ што правиме.

21 Во семејството. Еден маж треба да ја сака својата жена како што Христос го сака собранието (Еф. 5:25, 28, 29). По примерот на Христос, мажот мора да покажува самопожртвувана љубов така што потребите и желбите на жената ќе ги става пред своите. На некои мажи можеби им е тешко да покажуваат таква љубов. Можеби пораснале во средина каде што луѓето обично не покажуваат љубов и не постапуваат праведно со другите. Можеби им е тешко да ги искоренат лошите навики, но мора да ги направат овие промени за да бидат послушни на Христовиот закон. Ако мажот покажува самопожртвувана љубов, жената повеќе ќе го почитува. Еден татко што вистински ги сака своите деца никогаш не ги повредува ниту со своите зборови ниту со своите постапки (Еф. 4:31). Наместо тоа, им покажува љубов и внимание, и затоа тие се чувствуваат безбедно. На тој начин, таткото ја стекнува љубовта и довербата на своите деца.

22. а) Во склад со 1. Петрово 5:1-3, кому му припаѓа „стадото“? б) Како треба старешините да постапуваат со „стадото“?

22 Во собранието. Старешините мора да имаат на ум дека „стадото“ не им припаѓа ним (Јован 10:16; прочитај 1. Петрово 5:1-3). Изразите „Божјето стадо“ и „Божја сопственост“ ги потсетуваат старешините дека стадото му припаѓа на Јехова. Тој сака старешините нежно и со љубов да постапуваат со неговите овчички (1. Сол. 2:7, 8). Старешините кои покажуваат љубов додека ги извршуваат своите одговорности како пастири, го радуваат Јехова. Освен тоа, таквите пастири ја стекнуваат љубовта и почитта на нивните браќа и сестри.

23-24. а) Која е улогата на старешините кога некој во собранието ќе направи тежок грев? б) Кога старешините решаваат такви случаи, кои работи треба да ги земат предвид?

23 Која е улогата на старешините кога некој ќе направи тежок грев? Нивната улога се разликува од таа на судиите и старешините кои биле под Законот што Бог им го дал на Израелците. Според Законот, именуваните мажи имале одговорност да решаваат спорови поврзани со обожавањето на Јехова. Исто така, решавале несогласувања меѓу Израелците, како и случаи кога биле извршени злодела. Меѓутоа, според Христовиот закон, кога некој ќе направи тежок грев, старешините имаат одговорност да ги решаваат само оние аспекти на престапот кои се поврзани со неговиот однос со Бог и со собранието. Тие се свесни дека Бог им дал право на световните власти да решаваат граѓански спорови и случаи во кои е извршено кривично дело. Во тоа спаѓа и овластувањето да изречат парични или затворски казни (Рим. 13:1-4).

24 Како треба да постапат старешините кога некој во собранието ќе направи тежок грев? Тие го разгледуваат случајот и носат одлуки со помош на Библијата. Притоа имаат на ум дека Христовиот закон се темели на љубов. Љубовта ги поттикнува старешините да ги земат предвид следниве работи: Што треба да направат за да им помогнат на оние во собранието што биле жртви на нечиј грев? Во однос на престапникот, љубовта ги поттикнува старешините да го земат предвид следново: Дали тој се кае? Дали можат да му помогнат повторно да има добар однос со Јехова?

25. Што ќе разгледаме во следната статија?

25 Многу сме благодарни што треба да го почитуваме Христовиот закон! Кога сите ние даваме сѐ од себе за да бидеме послушни на тој закон, придонесуваме секој во нашето собрание да се чувствува сакано, ценето и безбедно. Сепак, живееме во свет во кој „злите луѓе“ напредуваат „од лошо на полошо“ (2. Тим. 3:13). Затоа мора да бидеме претпазливи. Како може христијанското собрание да ја одразува Божјата правда кога треба да се решаваат случаи на сексуална злоупотреба на деца? Одговорот ќе го добиеме во следната статија.

ПЕСНА 15 Слави го Јеховиниот првороден Син!

^ пас. 5 Оваа и наредните две статии се дел од четирите статии во кои е објаснето зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова е Бог на љубовта и на правдата. Тој сака другите праведно да постапуваат со неговите слуги, и ги теши оние што доживеале неправда во овој злобен свет.

^ пас. 1 Види ја статијата „Мојсеевиот закон — одраз на Јеховината љубов и правда“ која излезе во Стражарска кула од февруари 2019.

^ пас. 13 ПОЈАСНУВАЊЕ: Самопожртвуваната љубов нѐ поттикнува да ги ставиме потребите на другите пред нашите. Ние сме спремни да жртвуваме нешто или да се откажеме од нешто за да можеме да им помогнеме на другите.

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус сочувствително гледа кон една вдовица на која ѝ починал единствениот син. Од жал за неа, Исус го воскреснува нејзиниот син.

^ пас. 63 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус јаде во домот на еден фарисеј по име Симон. Една жена, која можеби е проститутка, само што ги измила нозете на Исус со своите солзи, ги избришала со својата коса и излеала масло врз нив. Симон гледа со презир на таа жена, но Исус ја брани.