Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 19

Љубовта и правдата нѐ штитат од зло

Љубовта и правдата нѐ штитат од зло

Ти не си Бог кој се радува на злото. Ти ги мразиш сите што прават зло (ПС. 5:4, 5)

ПЕСНА 142 Цврсто да се држиме за нашата надеж

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-3. а) Според Псалм 5:4-6, како гледа Јехова на злото? б) Зошто може да се каже дека злоупотребата на деца е спротивна на Христовиот закон?

ЈЕХОВА БОГ го мрази злото. (Прочитај Псалм 5:4-6.) Затоа ја мрази и сексуалната злоупотреба на деца, која претставува одвратно злодело! По примерот на Јехова, и ние како негови Сведоци ја мразиме злоупотребата на деца, и не толерираме такво нешто во христијанското собрание (Рим. 12:9; Евр. 12:15, 16).

2 Злоупотребата на деца е сосема спротивна на Христовиот закон! (Гал. 6:2). Зошто може да го кажеме тоа? Како што видовме во претходната статија, во Христовиот закон е вклучено сето она за што Исус поучувал и со зборови и со дела. Тој закон се темели на љубов и секогаш е праведен. Бидејќи се послушни на овој закон, вистинските христијани постапуваат со децата на начин со кој им покажуваат дека вистински ги сакаат и им помагаат да се чувствуваат безбедно. За разлика од тоа, сексуалната злоупотреба на деца е себична, неправедна постапка. Едно дете што е жртва на злоупотреба се чувствува незаштитено и мисли дека никој не го сака.

3 За жал, во светот има сѐ повеќе случаи на сексуална злоупотреба на деца. Тоа е сериозен проблем кој ги погодува дури и вистинските христијани. Зошто? „Злите луѓе и измамниците“ ги има насекаде, а некои од нив се обидуваат да влезат во собранието (2. Тим. 3:13). Освен тоа, некои што едно време му служеле на Јехова подлегнале на изопачени телесни желби и сексуално злоупотребиле деца. Во оваа статија ќе видиме зошто злоупотребата на деца е толку тежок грев. Исто така, ќе разгледаме што прават старешините кога некој во собранието ќе направи тежок грев, во што спаѓа и злоупотребата на деца. Ќе видиме и како можат родителите да ги заштитат своите деца. *

ЗЛОУПОТРЕБАТА НА ДЕЦА Е ТЕЖОК ГРЕВ

4-5. Зошто злоупотребата на деца е грев против жртвата?

4 Последиците од злоупотребата на деца се долготрајни. Таа им причинува болка на жртвите, како и на оние што ги сакаат — членовите на нивните семејства и соверниците. Злоупотребата на деца е тежок грев.

5 Последици за жртвата. * Грев е да се повредуваат другите и да им се нанесува болка. Како што ќе видиме во следната статија, оној што злоупотребува дете го прави токму тоа — го повредува детето и му нанесува огромна штета. Напасникот ја изневерува довербата на детето, и му го уништува чувството на сигурност. Ние мора да ги заштитиме децата од такви злодела, а на оние што биле жртви на злоупотреба треба да им пружиме утеха и помош (1. Сол. 5:14).

6-7. а) Зошто злоупотребата на деца е срам за собранието? б) Зошто тоа е грев што носи законски последици?

6 Срам за собранието. Ако некој од собранието злоупотреби дете, ќе му нанесе срам на собранието (Мат. 5:16; 1. Пет. 2:12). Колку неправедно е тоа кон милионите верни Сведоци кои даваат сѐ од себе да го слават Јехова со своите постапки! (Јуда 3). Ние не дозволуваме во собранието да остане некој што непокајнички прави зло и со тоа го нарушува угледот на собранието.

7 Прекршување на законот. Христијаните мора да ги почитуваат властите (Рим. 13:1). Нашата почит ја покажуваме со тоа што сме послушни на законите во државата. Ако некој од собранието прекрши одреден закон, на пример, со тоа што ќе злоупотреби дете, тој покажува дека не им е послушен на властите. (Спореди со Дела 25:8.) Старешините немаат овластување да ги казнат луѓето што ги прекршуваат законите на државата. Сепак, ако некој злоупотреби дете, старешините нема да го штитат напасникот од законските последици, односно од казната што ја одредуваат властите за такво злодело (Рим. 13:4). Грешникот ќе го жнее она што го сеел (Гал. 6:7).

8. Како гледа Јехова на грев кој е направен против некој човек?

8 Пред сѐ, тоа е грев против Бог (Пс. 51:4). Кога човек ќе направи грев против друг човек, му греши и на Јехова. Да разгледаме еден пример од Законот што Бог им го дал на Израелците. Според тој Закон, оној што ќе го измамел или искористел својот ближен постапувал „неверно кон Јехова“ (3. Мој. 6:2-4). Ова јасно покажува дека, ако некој од собранието злоупотреби дете, тој постапува неверно кон Бог бидејќи го измамил и го искористил тоа дете. Детето повеќе нема да се чувствува безбедно бидејќи напасникот ја злоупотребил неговата доверба. Сексуалниот напасник му нанесува голем срам на Јеховиното име. Поради тоа, сексуалната злоупотреба на деца е голем грев против Бог и ние го осудуваме таквото постапување.

9. Какви упатства на темел на Библијата објавила Јеховината организација низ годините, и зошто?

9 Досега Јеховината организација има објавено голем број информации на темел на Библијата во врска со злоупотребата на деца. На пример, во статии од Стражарска кула и Разбудете се! беше објаснето како можат жртвите на злоупотреба да се справат со долготрајната емоционална болка, како можат другите да им помогнат и да ги охрабрат, и како можат родителите да ги заштитат своите деца. Освен тоа, низ годините Јеховината организација им дала на старешините детални упатства на темел на Библијата за тоа што да направат ако некој изврши злоупотреба на дете. Организацијата редовно ги проверува упатствата што им ги дава на старешините за тоа како да се решаваат такви случаи. Ова се прави со цел старешините секогаш да се држат за Христовиот закон и да постапуваат праведно и со љубов во случај кога е извршена злоупотреба на деца.

КОГА НЕКОЈ ЌЕ НАПРАВИ ТЕЖОК ГРЕВ

10-12. а) Што имаат на ум старешините кога ќе дознаат дека некој направил тежок грев, и за кои важни работи размислуваат тогаш? б) Според Јаков 5:14, 15, што се обидуваат да направат старешините?

10 Кога решаваат некој случај во кој е направен тежок грев, старешините имаат на ум дека Христовиот закон бара од нив да постапуваат со стадото со љубов и да го прават она што е исправно и праведно во Божји очи. Поради тоа, кога ќе добијат информација дека некој направил тежок грев, старешините внимателно размислуваат за неколку работи. Пред сѐ, тие размислуваат што можат да направат за да се зачува угледот на Божјето име (3. Мој. 22:31, 32; Мат. 6:9). Исто така, старешините размислуваат како да им помогнат на браќата и сестрите во собранието да останат блиски со Јехова, и како да им пружат утеха и помош на оние што најмногу се погодени од нечиј тежок грев.

11 Освен тоа, ако престапникот е дел од собранието и ако се кае, старешините се обидуваат да му помогнат да си го поправи нарушениот однос со Јехова. (Прочитај Јаков 5:14, 15.) Оној Божји слуга што направил тежок грев за да задоволи погрешна желба е болен во духовен поглед. Ова значи дека тој повеќе не е близок со Јехова. * Старешините можеме да ги споредиме со лекари. Тие се обидуваат да му помогнат на „болниот“, односно на престапникот, да оздрави. Библиските совети што ќе му ги дадат можат да му помогнат да си го обнови нарушениот однос со Бог. Но ова е можно само ако престапникот вистински се кае (Дела 3:19; 2. Кор. 2:5-10).

12 Јасно е дека старешините имаат голема одговорност. Тие многу го сакаат и се грижат за стадото што Бог им го доверил (1. Пет. 5:1-3). Старешините сакаат нивните браќа и сестри да се чувствуваат безбедно во собранието. Затоа, веднаш реагираат кога ќе дознаат дека некој направил тежок грев, вклучувајќи ја и злоупотребата на деца. Што прават во таков случај? Да разгледаме три прашања што се поврзани со улогата на старешините.

13-14. Дали старешините треба да ги почитуваат државните закони кои бараат да се пријави кај властите секое обвинение за злоупотреба на дете? Објасни.

13 Ако чујат обвинение за сексуална злоупотреба на дете, дали старешините треба да ги почитуваат државните закони за пријавување на таков случај кај властите? Да. Во некои држави постојат закони кои бараат од луѓето да го пријават кај властите секое обвинение за злоупотреба на дете, и старешините ги почитуваат таквите закони (Рим. 13:1). Тие закони не се косат со Божјите закони (Дела 5:28, 29). Затоа, кога ќе чујат обвинение за злоупотреба на дете, старешините веднаш контактираат со подружницата за да добијат упатства како да постапат во склад со законите.

14 Кога ќе разговараат со жртвите и со нивните родители, или со другите што знаат дека некое дете било злоупотребено, старешините љубезно ќе ги потсетат дека имаат право да го пријават случајот кај властите. Но, што ако е обвинет некој од собранието, и ако за случајот дознаат и други во тоа место? Дали објавителот што го пријавил случајот треба да чувствува вина поради срамот што му се нанел на Божјето име? Не. Напасникот е тој што му нанел срам на Јехова.

15-16. а) Според 1. Тимотеј 5:19, зошто се потребни најмалку двајца сведоци за да можат старешините да формираат правен одбор? б) Што прават старешините кога ќе чујат обвинение дека некој од собранието злоупотребил дете?

15 Зошто се потребни најмалку двајца сведоци за да можат старешините да формираат правен одбор во собранието? Ова барање е дел од високите библиски мерила за правда. Ако обвинетиот не признава дека направил грев, потребни се двајца сведоци за да се потврди обвинението и за да можат старешините да формираат правен одбор (5. Мој. 19:15; Мат. 18:16; прочитај 1. Тимотеј 5:19). Но дали ова значи дека се потребни двајца сведоци за да се пријави обвинението за злоупотреба кај властите? Не. На старешините и на другите не им се потребни двајца сведоци за да го пријават обвинението кај надлежните државни институции.

16 Кога ќе дознаат дека некој од собранието е обвинет за злоупотреба на дете, старешините најнапред се трудат да постапуваат во склад со државните закони за пријавување на такви случаи, а потоа се обидуваат да ги утврдат фактите. Откако ќе го направат тоа, на темел на Библијата одлучуваат дали треба да се формира правен одбор. Ако обвинетиот го одрекува обвинението, старешините ќе разговараат со сведоците. Доколку има најмалку двајца сведоци — оној што го изнел обвинението и уште едно лице кое ќе ја потврди злоупотребата на ова или на некое друго дете во друга ситуација — тогаш старешините имаат доволно докази за да формираат правен одбор. * Доколку нема втор сведок, тоа не значи дека оној што го изнел обвинението не ја кажува вистината. Дури и ако не може да се потврди со двајца сведоци дека некој злоупотребил дете, старешините не ја исклучуваат можноста дека обвинетиот навистина направил грев со кој многу ги повредил другите. Старешините и понатаму ќе му пружаат утеха и помош на детето што можеби било злоупотребено и на членовите на неговото семејство. Освен тоа, старешините будно ќе внимаваат на обвинетиот за да го заштитат собранието од можната опасност тој да злоупотреби некое дете (Дела 20:28).

17-18. Објасни ја улогата на правниот одбор.

17 Каква е улогата на еден правен одбор? Изразот „правен“ не значи дека старешините се правници или судии кои одлучуваат дали властите треба да го казнат напасникот за прекршување на законот. Старешините не се мешаат во спроведувањето на законот. Тоа им го оставаат на надлежните државни институции (Рим. 13:2-4; Тит 3:1). Од друга страна, старешините судат, односно одлучуваат за тоа дали некое лице може да остане во собранието.

18 Кога старешините служат во правен одбор, тие одлучуваат само за работи што се поврзани со духовноста на напасникот, во што спаѓа неговиот однос со Бог и со соверниците. Тие ја користат Библијата за да утврдат дали напасникот се кае или не. Ако не се кае, тој ќе биде исклучен од организацијата, а пред собранието ќе се прочита известување дека повеќе не е Јеховин сведок (1. Кор. 5:11-13). Ако се кае, може да остане во собранието. Но, старешините ќе го известат дека можеби никогаш нема да му биде дозволено да извршува некакви задачи во собранието, и дека нема да може да служи како старешина или слуга-помошник. Бидејќи се грижат за безбедноста на децата, старешините можат насамо да ги предупредат родителите на малолетните деца во собранието дека треба да внимаваат кога нивните деца се во близина на тоа лице. Додека старешините ги предупредуваат родителите, треба да внимаваат да не го откријат идентитетот на детето што било злоупотребено и на членовите на неговото семејство.

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИТЕ ВАШИТЕ ДЕЦА

За да ги заштитат од сексуална злоупотреба, овие родители ги поучуваат своите деца за сексуалните односи во склад со нивната возраст. Тоа го прават со помош на информациите што ги дава Божјата организација. (Види во пасуси 19-22.)

19-22. Како можат родителите да ги заштитат своите деца? (Види ја сликата на насловната страница.)

19 Кој ја има најголемата одговорност да ги штити децата од опасности? Родителите. * Вашите деца се скапоцен дар од Бог, „наследство од Јехова“ (Пс. 127:3). Вие сте одговорни да се грижите за нив. Како можете да ги заштитите децата од злоупотреба?

20 Прво, информирајте се во врска со злоупотребата на деца. Научете да препознавате како се однесуваат и какви тактики користат тие луѓе за да ги заведат децата. Особено внимавајте на ситуации или на луѓе што би можеле да претставуваат опасност за децата (Изр. 22:3; 24:3). Не заборавајте дека во повеќето случаи напасникот е некој што детето веќе го познава и во кој има доверба.

21 Второ, отворено зборувајте со своите деца и поттикнете ги и тие отворено да зборуваат со вас (5. Мој. 6:6, 7). Ова значи внимателно да слушате додека децата ви зборуваат (Јак. 1:19). Имајте на ум дека децата што биле злоупотребени честопати се плашат да му кажат некому за тоа. Можеби се плашат дека никој нема да им верува, или можеби напасникот им се заканил дека ќе им направи нешто лошо ако кажат некому. Ако се сомневате дека нешто лошо му се случило на вашето дете, љубезно поставувајте му прашања и потоа внимателно слушајте.

22 Трето, поучувајте ги вашите деца. Кажете им сѐ што треба да знаат за сексуалните односи во склад со нивната возраст. Поучете ги што да кажат и што да направат ако некој се обидува да ги допира на непристоен начин. Користете ги информациите што ги дава Божјата организација за тоа како да си ги заштитите децата. (Види ја рамката „ Поучете се себеси и своите деца“.)

23. Како гледаме на сексуалната злоупотреба на деца, и кое прашање ќе го разгледаме во следната статија?

23 За нас како Јеховини сведоци, сексуалната злоупотреба на деца е тежок грев и ужасно злодело. Бидејќи го почитуваме Христовиот закон, ние не ги штитиме сексуалните напасници од последиците на нивните гревови. Но, како можеме да им помогнеме на оние наши соверници што биле злоупотребени? Одговорот ќе го дознаеме во следната статија.

ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог

^ пас. 5 Во оваа статија ќе видиме како да ги заштитиме децата од сексуална злоупотреба. Ќе разгледаме како можат старешините да го заштитат собранието и како можат родителите да ги заштитат своите деца.

^ пас. 3 ПОЈАСНУВАЊА: Сексуална злоупотреба на дете е кога едно возрасно лице искористува дете за да ги задоволи своите сексуални желби. Во тоа може да спаѓа полов однос, орален и анален секс, милување или допирање на половите органи, на градите или на задникот, како и други изопачени постапки. Иако повеќето жртви се девојчиња, злоупотребени се и многу момчиња. Повеќето сексуални напасници се мажи, но има и жени кои злоупотребуваат деца.

^ пас. 5 ПОЈАСНУВАЊЕ: Во оваа и во следната статија, зборот „жртва“ се однесува на некој што во детството бил сексуално злоупотребен. Овој израз го користиме за да биде јасно дека детето доживеало физичка и емоционална болка, дека било злоупотребено и дека не е виновно за тоа што му се случило.

^ пас. 11 Ако некој направи тежок грев поради тоа што е духовно болен, ова не значи дека тој не е одговорен за своите постапки. Престапникот е целосно одговорен за своите погрешни одлуки и постапки, и ќе положи сметка пред Јехова (Рим. 14:12).

^ пас. 16 Старешините никогаш нема да бараат од едно дете да биде присутно додека тие разговараат со оној што е обвинет дека го злоупотребил. Еден од родителите или некое друго возрасно лице во кое детето има доверба може да им каже на старешините што се случило според зборовите на детето. На овој начин детето нема да биде изложено на дополнителна емоционална болка.

^ пас. 19 Она што е кажано за родителите важи и за законските старатели или за други кои имаат одговорност да се грижат за малолетни деца.