Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 19

Северниот цар во времето на крајот

Северниот цар во времето на крајот

Во времето на крајот, царот на југот ќе се препира со [северниот цар] (ДАН. 11:40)

ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што ни откриваат библиските пророштва?

ШТО го очекува Јеховиниот народ во блиска иднина? Не мора да нагаѓаме. Библиските пророштва се како прозорец низ кој можеме да видиме некои многу важни настани кои ќе влијаат врз сите нас. Едно од тие пророштва ни помага да сфатиме што ќе направат некои од најмоќните влади на Земјата. Тоа пророштво е запишано во Даниел, поглавје 11. Во него се опишани два сопернички цара, кои се наречени северен и јужен цар. Бидејќи поголемиот дел од тоа пророштво веќе е исполнет, може да бидеме сигурни дека ќе се исполни и преостанатиот дел.

2. Како што се гледа од 1. Мојсеева 3:15 и Откровение 11:7 и 12:17, кои важни работи треба да ги имаме на ум кога го разгледуваме пророштвото на Даниел?

2 За да го разбереме пророштвото запишано во Даниел, поглавје 11, мора да имаме на ум дека се однесува само на владетели или влади кои имале директно влијание врз Божјиот народ. Иако Божјите слуги се релативно малку во споредба со целокупното светско население, честопати се мета на тие влади. Зошто? Затоа што Сатана и целиот негов свет имаат една главна цел — да ги уништат оние што им служат на Јехова и на Исус. (Прочитај 1. Мојсеева 3:15 и Откровение 11:7; 12:17.) Освен тоа, пророштвото на Даниел мора да биде во склад со другите пророштва од Божјата Реч. Всушност, можеме точно да го разбереме она што го претскажал само ако го споредиме со други стихови од Библијата.

3. Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?

3 Сега ќе го разгледаме Даниел 11:25-39. Ќе видиме кои политички сили биле во улога на северен и јужен цар од 1870 до 1991 год., и зошто имаше потреба од промена на нашето разбирање на тој дел од пророштвото. Во следната статија ќе го разгледаме Даниел 11:40 — 12:1, и ќе појасниме што откриваат тие стихови за периодот од 1991 год. до војната Армагедон. Додека ги проучуваш овие две статии, ќе биде добро да ја разгледаш и табелата „Соперничките цареви во времето на крајот“. Но, најпрво да видиме што ни помага да дознаеме кој е во улога на северен или на јужен цар.

КАКО ДОЗНАВАМЕ КОЈ Е ВО УЛОГА НА СЕВЕРЕН ИЛИ НА ЈУЖЕН ЦАР?

4. Кои три работи ни помагаат да дознаеме кој е во улога на северен или на јужен цар?

4 Во почетокот, називите северен и јужен цар се однесувале на политичките сили кои владееле со територии северно и јужно од Израел. Од каде знаеме? Забележи што му рекол ангелот на Даниел: „Дојдов за да разбереш што ќе му се случи на твојот народ“ (Дан. 10:14). До Педесетница 33 год. од н.е., Јехова ги сметал родените Израелци за свој народ. Но, оттогаш тој јасно ставил до знаење дека негов народ се верните ученици на Исус. Затоа, голем дел од пророштвото запишано во Даниел, поглавје 11, не се однесува на родените Израелци туку на Христовите следбеници (Дела 2:1-4; Рим. 9:6-8; Гал. 6:15, 16). Низ историјата, различни владетели или царства биле во улогата на северен или на јужен цар. Но, кога и двата цара биле присутни на светската сцена, некои работи им биле заеднички. Прво, овие цареви имале директно влијание врз Божјите слуги. Со други зборови, или владееле на територија каде што имало многу Божји слуги или го прогонувале Божјиот народ. Второ, со начинот на кој постапувале кон Божјиот народ, тие покажале дека го мразат вистинскиот Бог, Јехова. И трето, двата цара воделе меѓусебна борба за превласт.

5. Дали имало северен и јужен цар од вториот век од н.е. до крајот на 19 век? Објасни.

5 Некаде во вториот век од н.е., во вистинското христијанско собрание почнале да се вовлекуваат сѐ повеќе лажни христијани. Тие поучувале за пагански идеи и ги криеле вистините од Божјата Реч. Оттогаш па сѐ до крајот на 19 век, Бог немал своја организација на Земјата. Лажните христијани се намножиле како какол, и поради тоа било многу тешко да се препознаат вистинските христијани (Мат. 13:36-43). Зошто е важно да го знаеме ова? Бидејќи тоа покажува дека она што е запишано за северниот и за јужниот цар не може да се однесува на владетели или царства кои биле на власт од вториот век од н.е. до втората половина на 19 век. Во тој период немало организирана група на Божји слуги кои би биле мета на нивните напади. * Но, при крајот на 19 век, северниот и јужниот цар повторно се појавиле на светската сцена. Од каде го знаеме ова?

6. Кога почнале Божјите слуги повторно да дејствуваат на организиран начин? Објасни.

6 Од 1870 год. наваму, Божјите слуги пак почнале да дејствуваат на организиран начин. Токму во таа година, Чарлс Расел и неговите соработници основале група за проучување на Библијата. Брат Расел и неговите блиски соработници биле претскажаниот гласник кој го „расчистил патот“ пред да биде воспоставено месијанското Царство (Мал. 3:1). Повторно имало организирана група која му служела на Јехова на исправен начин! Дали во тоа време постоеле светски сили на Земјата кои ќе имаат директно влијание врз Божјите слуги? Да видиме.

КОЈ Е ЈУЖНИОТ ЦАР?

7. Кој бил во улогата на јужен цар речиси до крајот на Првата светска војна?

7 До 1870 год., Британија станала најголема империја на Земјата и била најмоќна воена сила. Во едно пророштво на Даниел, таа била претставена со мал рог кој победил три други рога, односно Франција, Шпанија и Холандија (Дан. 7:7, 8). Речиси до крајот на Првата светска војна, Британија била во улогата на јужен цар. Во истиот тој период, Соединетите Американски Држави станале водечка економска сила и почнале тесно да соработуваат со Британија.

8. Кој бил јужниот цар во текот на последните денови?

8 Во текот на Првата светска војна, САД и Британија склучиле моќен воен сојуз. Тогаш од Британија и од Соединетите Држави — кои биле поранешна британска колонија — настанала англо-американската светска сила. Како што прорекол Даниел, овој „цар“ собрал „особено голема и моќна војска“ (Дан. 11:25). Во текот на последните денови, англо-американската светска сила е јужен цар. * Но, кој бил во улогата на северниот цар?

КОЈ Е СЕВЕРНИОТ ЦАР?

9. Кога се појавил северниот цар, и како се исполнил Даниел 11:25?

9 Во 1871 год., една година откако Расел и неговите соработници ја основале својата група за проучување на Библијата, повторно се појавил северниот цар. Таа година, Ото фон Бизмарк одиграл клучна улога во основањето на Германското Царство. Прускиот цар Вилхелм I станал првиот цар, и го поставил Бизмарк за прв канцелар. * Во следните неколку децении, Германија станала колонијална сила. Таа завладеала со некои земји во Африка и со некои острови во Тихиот Океан, обидувајќи се да стекне надмоќ во однос на Британија. (Прочитај Даниел 11:25.) Германското Царство имало огромна војска, како и морнарица која била втора по моќ во светот. Во Првата светска војна, Германија ја искористила таа воена сила во борбата против своите непријатели.

10. Како се исполнил Даниел 11:25б, 26?

10 Даниел исто така претскажал што ќе се случи со Германското Царство и со неговата воена сила. Според пророштвото, северниот цар „нема да опстане“. Зошто? „Бидејќи против него ќе направат сплетки. И оние што јадат на неговата маса ќе го доведат до пропаст“ (Дан. 11:25б, 26а). Во времето на Даниел, меѓу оние што се гоштавале на царската трпеза имало високи дворјани кои му служеле на царот (Дан. 1:5). На кого се однесува ова пророштво? На високите службеници во Германското Царство во кои спаѓале генералите и воените советници на царот. Тие на крајот придонеле за пропаста на монархијата. * Пророштвото не само што го претскажало падот на царството туку и исходот од војната со јужниот цар. Во врска со северниот цар се вели: „Неговата војска ќе биде однесена од поплава, и мнозина ќе паднат убиени“ (Дан. 11:26б). Во Првата светска војна, токму како што било проречено, германската војска била поразена и многумина биле убиени. До тој момент, тоа била најсмртоносната војна во човечката историја.

11. Според Даниел 11:27-30, што направиле северниот и јужниот цар?

11 Во врска со периодот пред да почне Првата светска војна, Даниел 11:27, 28 вели дека северниот и јужниот цар ќе седат „на една маса“ и „ќе зборуваат лага“. Исто така вели дека северниот цар ќе насобере „големо богатство“. Токму тоа и се случило. Иако Германија и Британија си кажувале дека сакаат мир, се покажало дека тоа се чисти лаги кога избувнала војната во 1914 год. Во децениите пред 1914 год., Германија толку се збогатила што станала втора економска сила во светот. А потоа, токму како што било проречено во Даниел 11:29 и првиот дел од стих 30, се борела со јужниот цар, но била поразена.

ЦАРЕВИТЕ СЕ БОРАТ СО БОЖЈИОТ НАРОД

12. Што направиле северниот и јужниот цар во Првата светска војна?

12 Од 1914 год., двата цара се бореле сѐ пожестоко еден со друг, но и со Божјиот народ. На пример, во Првата светска војна, и германските и британските власти ги прогонувале Божјите слуги кои одбивале да носат оружје. Освен тоа, американската влада ги фрлила в затвор оние што предводеле во проповедничкото дело. Со ова прогонство се исполнило пророштвото запишано во Откровение 11:7-10.

13. Што направил северниот цар во 1930-тите и во текот на Втората светска војна?

13 Потоа, во 1930-тите и особено во Втората светска војна, северниот цар немилосрдно ги нападнал Божјите слуги. Кога нацистите ја презеле власта во Германија, Хитлер и неговите следбеници го забраниле делото што го извршувал Божјиот народ. Противниците убиле стотици Јеховини слуги и испратиле неколку илјади во концентрациони логори. Даниел ги прорекол тие настани. Освен тоа, северниот цар го осквернил светилиштето и ја укинал „секојдневната жртва“ така што го забранил проповедничкото дело и ги спречил Божјите слуги јавно да го фалат Јехова (Дан. 11:30б, 31а). Хитлер, водачот на нацистичката партија, дури се заколнал дека ќе го истреби Божјиот народ од Германија.

СЕ ПОЈАВУВА НОВ СЕВЕРЕН ЦАР

14. Кој станал северен цар откако завршила Втората светска војна? Објасни.

14 По Втората светска војна, комунистичката влада на Советскиот сојуз завладеала со големи територии кои порано ѝ припаѓале на Германија, и ја презела улогата на северен цар. Слично на тоталитарниот нацистички режим, Советскиот Сојуз ги прогонувал сите оние на кои им било поважно да му служат на вистинскиот Бог отколку да ѝ бидат апсолутно послушни на државата.

15. Што направил северниот цар по Втората светска војна?

15 Кратко откако завршила Втората светска војна, новиот северен цар — Советскиот Сојуз и неговите сојузници — го нападнал Божјиот народ. Во склад со пророштвото од Откровение 12:15-17, овој цар го забранил нашето проповедничко дело и протерал неколку илјади Јеховини слуги во Сибир. Во книгата Откровение, ова прогонство е споредено со река. Всушност, во текот на последните денови, преку северниот цар, Сатана продолжил да ги прогонува Божјите слуги во неуспешен обид да му стави крај на нивното дело. *

16. Како Советскиот Сојуз ги исполнил пророчките зборови запишани во Даниел 11:37-39?

16 Прочитај Даниел 11:37-39. Во исполнување на ова пророштво, северниот цар не покажал никаков обѕир кон „Богот на своите татковци“. Во кој поглед? Советскиот Сојуз, кој имал за цел да ја уништи религијата, се обидел да им ја одземе сета моќ и власт на традиционалните верски институции. Меѓу другото, за да ја оствари таа цел, советската влада уште од 1918 год. издала одредба на темел на која можеле да се поучуваат атеистички идеи во училиштата. А на кој начин овој северен цар го славел „богот на тврдините“? За да ја зацврсти својата моќ, Советскиот Сојуз потрошил огромни суми пари на развојот на својата војска и на производството на нуклеарно оружје. На крајот, и северниот и јужниот цар насобрале доволно оружје со кое можат да се убијат милијарди луѓе!

ДВАТА ЦАРА СОРАБОТУВААТ!

17. Што е „гадотијата која пустоши“?

17 Иако двата цара се постојано во судир, сепак северниот цар му дал поддршка на јужниот цар во една важна работа. Тие соработувале за да „ја постават гадотијата која пустоши“ (Дан. 11:31). Оваа „гадотија“ ги претставува Обединетите нации.

18. Зошто Обединетите нации се наречени „гадотијата која пустоши“?

18 Организацијата на Обединетите нации е наречена „гадотија“ бидејќи тврди дека може да донесе светски мир — нешто што може да го постигне само Божјето Царство. Освен тоа, пророштвото вели дека гадотијата „пустоши“. Во која смисла? Обединетите нации ќе одиграат клучна улога во уништувањето на сите лажни религии. (Види ја рамката „Соперничките цареви во времето на крајот“.)

ЗОШТО ТРЕБА ДА ГИ ЗНАЕМЕ ОВИЕ ИСТОРИСКИ ФАКТИ?

19-20. а) Зошто треба да ги знаеме историските факти што ги разгледавме? б) Кое прашање ќе биде одговорено во следната статија?

19 Зошто е важно да ги знаеме овие историски факти? Бидејќи тие докажуваат дека од 1870-тите до почетокот на 1990-тите пророштвото на Даниел за северниот и јужниот цар продолжило да се исполнува. Затоа може да бидеме уверени дека ќе се исполни и преостанатиот дел од тоа пророштво.

20 Во 1991 год., Советскиот Сојуз се распадна. Кој е во улогата на северниот цар денес? Во следната статија ќе добиеме одговор на ова прашање.

ПЕСНА 128 Да бидеме истрајни!

^ пас. 5 Денес гледаме докази дека пророштвото што го дал Даниел во врска со северниот и јужниот цар продолжува да се исполнува. Зошто сме толку сигурни во тоа? И зошто е важно да ги разбереме деталите од ова пророштво?

^ пас. 5 Од оваа причина, повеќе не сметаме дека римскиот император Аврелиј (270-275 год. од н.е.) бил северен цар, или дека сириската царица Зенобија (267-272 год. од н.е.) била во улога на јужен цар. Ова е промена на нашето објаснување кое излезе во поглавја 13 и 14 од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!

^ пас. 9 Во 1890 год., кајзер Вилхелм II го присилил Бизмарк да се повлече од власта.

^ пас. 10 Тие го забрзале падот на царството на повеќе начини. На пример, ја повлекле поддршката што му ја давале на кајзерот, разоткриле доверливи информации во поврзаност со војната и го присилиле царот да се откаже од престолот.

^ пас. 15 Како што се гледа од Даниел 11:34, во еден краток период северниот цар престанал да ги прогонува христијаните што живееле под негова власт. Ова се случило кога дошло до распаѓање на Советскиот Сојуз во 1991 год.