Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали папирусот се користел во изградбата на бродови во библиски времиња?

Растението папирус

ОПШТО ПОЗНАТО е дека во древниот Египет луѓето главно пишувале на материјал кој бил направен од растението папирус. Исто така, и Грците и Римјаните пишувале на папирус. * Но, многумина не знаат дека папирусот не се користел само за пишување туку и за изградба на бродови.

Макети на два вида бродови пронајдени во една египетска гробница

Пред повеќе од 2.500 години, пророкот Исаија напишал дека луѓето кои живееле „во подрачјето на етиопските реки“ испраќале „пратеници по море, по водната површина, во бродови од папирусна трска“. Исто така, подоцна пророкот Еремија претскажал дека, кога ќе го нападнат Вавилон, Медијците и Персијците ќе ги изгорат „бродовите од папирусна трска“ за да ги спречат Вавилонците да избегаат (Иса. 18:1, 2; Ерем. 51:32).

Бидејќи Библијата е напишана под водство на светиот дух, оние што ја проучуваат не се изненадени од археолошките докази кои покажуваат дека папирусот навистина се користел за изградба на бродови во библиски времиња (2. Тим. 3:16). Што било откриено? Археолозите нашле јасни докази кои потврдуваат дека Египќаните правеле бродови од папирус.

КАКО СЕ ПРАВЕЛЕ БРОДОВИТЕ ОД ПАПИРУС?

Во египетските гробници се пронајдени цртежи и релјефи на кои е прикажано како се собира папирус и како од него се прават бродови. Луѓето ги сечеле папирусните стебла, ги врзувале во снопови, а потоа ги прицврстувале сноповите еден за друг. Стеблото на папирусот има триаголна форма. Затоа, кога повеќе стебла ќе се врзат заедно, тие формираат густ и цврст сноп. Во една книга, во врска со историјата на Египет се вели дека некои бродови од папирус биле долги преку 17 метри и во нив имало место за 10 до 12 весла од секоја страна (A Companion to Ancient Egypt).

Египетски релјеф на кој е прикажано како се прави брод од папирус

ЗОШТО СЕ ПРАВЕЛЕ БРОДОВИ ОД ПАПИРУС?

Во Египет, папирусот растел во долината на реката Нил, каде што го имало во изобилство. Освен тоа, бродовите од папирус биле многу лесни за изработка. Дури и кога како главен материјал за изградба на големи бродови почнало да се користи дрвото, рибарите и ловџиите сѐ уште користеле сплавови и чамци направени од папирус.

Бродовите од папирус продолжиле да се користат уште долго време. Грчкиот писател Плутарх, кој живеел некаде до почетокот на вториот век од н.е., рекол дека некои луѓе сѐ уште изработувале бродови од папирус.

^ пас. 3 Папирусот расте во мочуришта и во мирни реки со бавен тек. Ова растение може да порасне до 5 метри, а дијаметарот на долниот дел од неговото стебло може да достигне 15 сантиметри.