Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 18

Дали ќе се спрепнеш поради Исус?

Дали ќе се спрепнеш поради Исус?

Среќен е оној што нема да се спрепне од мене (МАТ. 11:6, ФУС.)

ПЕСНА 54 Тој е патот!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто можеби беше изненаден кога за првпат се обиде да им ја пренесеш на другите пораката од Библијата?

ДАЛИ се сеќаваш на моментот кога сфати дека си ја нашол вистината? Библиските учења што ги дозна ти изгледаа толку јасни и логични. Си мислеше дека секој ќе сака да ги дознае работите во кои ти си почнал да веруваш. Беше уверен дека пораката од Библијата ќе им помогне на другите да имаат посреќен живот уште сега и прекрасна надеж за иднината (Пс. 119:105). Затоа, со голема воодушевеност им зборуваше на сите твои пријатели и роднини за вистините кои си ги научил. Но, што се случи? На твое големо изненадување, многумина не го прифатија она што им го кажуваше.

2-3. Во времето на Исус, како гледале повеќето луѓе на него и на неговата порака?

2 Никој од нас не треба да се изненади ако другите не ја прифатат пораката која ја проповедаме. Во времето на Исус, повеќето луѓе не го прифатиле, иако тој правел чуда кои биле доказ дека е испратен од Бог. На пример, Исус го воскреснал Лазар — чудо кое не можеле да го оспорат оние што му се противеле. И покрај тоа, еврејските водачи не го прифатиле Исус како Месија. Тие дури сакале да ги убијат и Исус и Лазар (Јован 11:47, 48, 53; 12:9-11).

3 Исус знаел дека повеќето луѓе нема да веруваат дека тој е Месијата (Јован 5:39-44). На учениците на Јован Крстител, тој им рекол: „Среќен е оној што нема да се спрепне од мене“ (Мат. 11:2, 3, 6, фус.). Зошто толку многу луѓе не го прифатиле Исус?

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во оваа и во следната статија ќе видиме некои причини зошто многумина во првиот век не поверувале во Исус. Исто така, ќе дознаеме зошто многу луѓе денес не ја прифаќаат пораката која ја проповедаме. Што е уште поважно, ќе дознаеме како можеме да стекнеме силна вера во Исус која ќе ни помогне да не се спрепнеме, односно да не престанеме да го следиме.

1) ПОТЕКЛОТО НА ИСУС

Многумина биле спрепнати поради потеклото на Исус. Како некои денес би можеле да се спрепнат од слични причини? (Види во пасус 5) *

5. Зошто некои мислеле дека не е можно Исус да биде проречениот Месија?

5 Многумина не го прифатиле Исус како Месија поради неговото потекло. Тие знаеле дека тој е извонреден Учител и дека прави чуда. Но за нив, тој бил само син на еден сиромашен дрводелец. Освен тоа, Исус бил од Назарет, град кој за другите немал некое големо значење. Дури и Натанаел, кој станал ученик на Исус, на почетокот рекол: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ (Јован 1:46). Можеби за Натанаел, градот во кој живеел Исус не бил нешто посебно. Или, можеби тој го имал на ум пророштвото од Михеј 5:2, каде што било претскажано дека Месијата ќе се роди во Витлеем, а не во Назарет.

6. Што требало да им помогне на луѓето во времето на Исус да сфатат дека тој е Месијата?

6 Што вели Библијата? Пророкот Исаија претскажал дека непријателите на Исус нема да се интересираат за деталите поврзани со потеклото на Месијата (Иса. 53:8). Всушност, многу од тие детали биле проречени. Доколку овие луѓе си одвоеле време за да ги испитаат сите факти, ќе дознаеле дека Исус е роден во Витлеем и дека е потомок на цар Давид (Лука 2:4-7). Значи, Исус се родил во Витлеем, токму како што било проречено во Михеј 5:2. Тогаш, во што бил проблемот? Луѓето пребрзо донеле одлука, без да ги имаат сите факти. Поради тоа, тие не го прифатиле Исус.

7. Зошто многумина денес не сакаат да станат дел од Јеховиниот народ?

7 Дали денес постои истиот проблем? Да. Повеќето Јеховини сведоци не се богати и не се влијателни луѓе во овој свет. Затоа, многумина гледаат на нив како на „неуки и обични“ луѓе (Дела 4:13). Некои сметаат дека Божјите слуги не можат да поучуваат за Библијата бидејќи не завршиле познати теолошки школи. Други тврдат дека Јеховините сведоци се американска религија иако, всушност, само околу 14 отсто од вкупниот број на Сведоци живеат во САД. А на некои, пак, им е кажано дека Сведоците не веруваат во Исус. Низ годините, Јеховините сведоци биле нарекувани „комунисти“, „американски шпиони“ и „екстремисти“. Многумина не сакаат да станат Јеховини сведоци затоа што ги слушаат овие приказни и не ги знаат или не сакаат да ги прифатат фактите.

8. Според Дела 17:11, што треба да направи некој ако сака да утврди кои се Божјите слуги денес?

8 Што ќе им помогне да не се спрепнат? Треба да ги испитаат фактите. Тоа го направил и Лука, писателот на едно од евангелијата. Тој вложил голем труд за внимателно да испита сѐ од почетокот. Лука сакал оние што ќе го читаат неговото евангелие да се уверат дека она што го чуле за Исус е точно и достојно за доверба (Лука 1:1-4). Евреите од древниот град Верија постапиле слично како Лука. Кога ја чуле добрата вест за Исус, тие ги истражувале хебрејските списи за да проверат дали она што им било кажано е точно. (Прочитај Дела 17:11.) Исто како нив, и луѓето денес треба да ги испитаат фактите. Треба да ги споредат учењата на Јеховините сведоци со она што го пишува во Библијата. Исто така, треба да ги проучуваат историјата и активностите на Јеховиниот народ во поново време. Ако направат таква проверка на фактите, нема да дозволат предрасудите или гласините да ги заслепат.

2) ИСУС НЕ САКАЛ ДА ПРАВИ ЧУДА ЗА ДА СЕ ИСТАКНЕ

Многумина биле спрепнати поради тоа што не сакал да прави чуда за да се истакне. Како некои денес би можеле да се спрепнат од слични причини? (Види во пасуси 9-10) *

9. Што се случило кога Исус одбил да покаже знак од небото?

9 На некои луѓе од времето на Исус не им било доволно тоа што тој поучувал на извонреден начин. Тие сакале нешто повеќе. Барале од него да им докаже дека е Месијата така што ќе им „покаже знак од небото“ (Мат. 16:1). Можеби го барале тоа од него затоа што погрешно ги разбрале зборовите запишани во Даниел 7:13, 14. Сепак, тоа не било времето кога Јехова сметал дека треба да се исполни ова пророштво. Учењата на Исус требало да им бидат доволен доказ дека тој е Месијата. Но, кога Исус одбил да им го покаже знакот што го барале, тие го отфрлиле (Мат. 16:4).

10. Како Исус го исполнил она што Исаија го прорекол за Месијата?

10 Што вели Библијата? Во врска со Месијата, пророкот Исаија напишал: „Нема ниту да вика ниту да го подига својот глас, неговиот глас нема да се слуша по улиците“ (Иса. 42:1, 2). Исус ја извршувал својата служба без да привлекува внимание кон себеси. Тој не градел величествени храмови, не носел впечатлива верска облека и не барал од другите да му се обраќаат со некои посебни верски титули. Во текот на своето судење, Исус одбил да направи чудо за да го воодушеви цар Ирод, иако животот му бил во опасност (Лука 23:8-11). Знаеме дека Исус направил некои чуда, но најважно му било да ја проповеда добрата вест. Тој им рекол на своите ученици: „За тоа и дојдов“ (Мар. 1:38).

11. Какви погрешни очекувања имаат некои луѓе денес?

11 Дали денес постои истиот проблем? Да. Денес многумина се воодушевени од големите катедрали кои се раскошно украсени, од свештениците кои имаат звучни титули и од обредите и ритуалите за кои повеќето не знаат дека имаат нехристијанско потекло. Но, луѓето кои присуствуваат на богослужбите што се одржуваат во ваквите верски објекти не учат многу за Бог и за неговите намери. Оние кои присуствуваат на нашите христијански состаноци учат што бара Јехова од нас и како можат да постапуваат во склад со неговата волја. Нашите сали за состаноци се чисти и функционални, но не се раскошно украсени. Оние што предводат не носат некоја впечатлива облека ниту, пак, имаат некои посебни титули. Нашите учења и верувања се темелат на Божјата Реч. И покрај сето ова, многумина денес не ја прифаќаат нашата порака затоа што ние немаме некои посебни обичаи и ритуали. Исто така, она за кое поучуваме не е тоа што тие би сакале да го слушнат.

12. Во склад со Евреите 11:1, 6, на што треба да се темели нашата вера?

12 Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? На христијаните кои живееле во Рим, апостол Павле им напишал: „Верата се стекнува од слушање на пораката, а пораката се шири кога се зборува за Христос“ (Рим. 10:17). Значи, нашата вера ја градиме со тоа што ја проучуваме Библијата, а не со тоа што учествуваме во небиблиски верски обичаи и ритуали, без разлика колку убави и интересни ни изгледаат тие. Мора да стекнеме силна вера која се темели на точно познавање на Божјата Реч бидејќи „без вера не е можно да му се угоди на Бог“. (Прочитај Евреите 11:1, 6.) Според тоа, не е потребно да видиме некаков спектакуларен знак од небото за да се увериме дека сме ја нашле вистината. Тоа што темелно ќе ги проучуваме библиските учења кои ни ја зајакнуваат верата ќе ни помогне да ги отстраниме сите сомнежи кои можеби ги имаме.

3) ИСУС НЕ ДРЖЕЛ МНОГУ ОД ЕВРЕЈСКИТЕ ТРАДИЦИИ

Многумина биле спрепнати поради тоа што не држел некои од нивните традиции. Како некои денес би можеле да се спрепнат од слични причини? (Види во пасус 13) *

13. Зошто многумина го отфрлиле Исус?

13 Во времето на Исус, учениците на Јован Крстител биле збунети и се прашувале зошто учениците на Исус не постат. Исус им објаснил дека тие немаат причина да постат додека тој сѐ уште е жив (Мат. 9:14-17). И покрај тоа, фарисеите и другите противници на Исус го осудиле затоа што не ги држел нивните традиции. Тие се разгневиле поради тоа што Исус лекувал луѓе на сабат (Мар. 3:1-6; Јован 9:16). Од една страна, гордо тврделе дека го почитуваат сабатот. Но, од друга страна, воопшто не им пречело да тргуваат во храмот. Тие се разбесниле кога Исус ги осудил за тоа (Мат. 21:12, 13, 15). А оние на кои тој им проповедал во синагогата во Назарет многу се налутиле бидејќи користел примери од историјата на Израел за да им покаже дека се себични и дека немаат вера (Лука 4:16, 25-30). Многу луѓе го отфрлиле Исус затоа што не постапувал на начин на кој тие очекувале (Мат. 11:16-19).

14. Зошто Исус ги осудил човечките традиции кои не биле во склад со Божјата Реч?

14 Што вели Библијата? Преку својот пророк Исаија, Јехова рекол: „Овој народ ми се приближува со устата и ме слави само со усните, а срцето му е далеку од мене, и стравот од мене, кој го чувствува, е само научена човечка заповед“ (Иса. 29:13). Исус со право ги осудил човечките традиции кои не биле во склад со Божјата Реч. Оние кои сметале дека човечките правила и традиции се поважни од Божјата Реч го отфрлиле Јехова и оној кого тој го испратил како Месија.

15. Зошто многу луѓе денес не ги сакаат Јеховините сведоци?

15 Дали денес постои истиот проблем? Да. Многумина се лутат бидејќи Јеховините сведоци не ги држат нивните традиции, односно не учествуваат заедно со нив во небиблиски празници и прослави, како што се родендените и Божиќ. Други се гневни поради тоа што Јеховините сведоци не учествуваат во патриотски прослави или не следат погребни обичаи кои не се во склад со Божјата Реч. Оние кои се спрепнуваат поради ваквите причини можеби искрено веруваат дека му служат на Бог на прифатлив начин. Но, тие не можат да му угодат на Бог ако световните традиции им се поважни од јасните учења кои се наоѓаат во Библијата (Мар. 7:7-9).

16. Според Псалм 119:97, 113, 163-165, што треба а што не треба да правиме?

16 Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? Треба да развиеме силна љубов кон Јеховините закони и начела. (Прочитај Псалм 119:97, 113, 163-165.) Ако го сакаме Јехова, ќе ги отфрлиме сите традиции кои не му се допаѓаат. Нема да дозволиме ништо да ни биде поважно од нашата љубов кон Јехова.

4) ИСУС НЕ ДОНЕЛ ПОЛИТИЧКИ ПРОМЕНИ

Многумина биле спрепнати поради тоа што не се мешал во политика. Како некои денес би можеле да се спрепнат од слични причини? (Види во пасус 17) *

17. Поради кои очекувања многумина го отфрлиле Исус?

17 Некои во времето на Исус сакале Месијата да донесе политички промени. Тие очекувале тој да ги ослободи од угнетувањето на Римјаните. Но, кога се обиделе да го направат Исус цар, тој го одбил тоа (Јован 6:14, 15). Други, меѓу кои биле и свештениците, се плашеле дека Исус ќе направи политички промени со кои ќе ги разгневи Римјаните, кои им дале одредена мера моќ и власт. Поради ваквите политички причини, многу Евреи го отфрлиле Исус.

18. На кои библиски пророштва во врска со Месијата многумина не сакале да обрнат внимание?

18 Што вели Библијата? Во многу пророштва било претскажано дека Месијата ќе биде моќен воин. Сепак, други пророштва покажувале дека тој најпрво требало да умре за нашите гревови (Иса. 53:9, 12). Тогаш, зошто Евреите имале погрешни очекувања во врска со Месијата? Многу луѓе во времето на Исус не сакале да обрнат внимание на пророштвата кои не ветувале брзо решение за нивните проблеми (Јован 6:26, 27).

19. Поради кои очекувања многумина денес не ја прифаќаат нашата порака?

19 Дали денес постои истиот проблем? Да. Денес, многумина ги спрепнува тоа што ние сме неутрални и не сакаме да се мешаме во политика. Тие мислат дека треба да гласаме на политички избори. Но, ние сме свесни дека, ако избереме некој човечки владетел, всушност, ќе го отфрлиме Јехова (1. Сам. 8:4-7). Исто така, луѓето можеби си мислат дека треба да градиме училишта, болници и да правиме други корисни работи за општеството. Тие не ја прифаќаат нашата порака бидејќи ние сме посветени на проповедањето на добрата вест, а не на решавањето на светските проблеми.

20. Според зборовите на Исус запишани во Матеј 7:21-23, што треба да ни биде најважно?

20 Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? (Прочитај Матеј 7:21-23.) Најважно треба да ни биде да ја вршиме задачата што ни ја дал Исус (Мат. 28:19, 20). Никогаш не треба да ги трошиме нашето време и сила за да ги решаваме политичките и општествените проблеми на овој свет. Ние ги сакаме луѓето и ни е жал што имаат проблеми. Но, знаеме дека најголемото добро што можеме да им го направиме е тоа што ќе ги поучиме за Божјето Царство и ќе им помогнеме да стекнат пријателство со Јехова.

21. На што треба да бидеме решени?

21 Во оваа статија разгледавме четири причини поради кои многумина го отфрлиле Исус во првиот век и поради кои некои луѓе денес ја отфрлаат пораката која ја проповедаат неговите следбеници. Но, дали тоа се единствените причини поради кои некој би можел да се спрепне? Не. Во следната статија ќе разгледаме уште четири причини. Да бидеме решени да ја зачуваме цврста нашата вера и да не дозволиме ништо да нѐ спречи да го следиме Исус!

ПЕСНА 56 Нека те води вистината!

^ пас. 5 Иако Исус бил најголемиот Учител кој некогаш живеел на Земјата, поголемиот дел од луѓето во негово време се спрепнале поради него, односно не го прифатиле како Месија. Зошто? Во оваа статија ќе разгледаме четири причини. Исто така, ќе видиме зошто многумина денес се спрепнуваат поради она што го кажуваат и го прават вистинските следбеници на Исус. Што е уште поважно, ќе дознаеме како можеме да стекнеме силна вера во Исус која ќе ни помогне да не се спрепнеме, односно да не престанеме да го следиме. Оваа и следната статија особено ќе им користат на оние кои ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци, но се колебаат самите да станат Сведоци.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: Филип го поттикнува Натанаел да го запознае Исус.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус ја проповеда добрата вест.

^ пас. 64 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус лечи еден човек со исушена рака пред очите на своите противници.

^ пас. 66 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус се повлекува на осамено место на една планина.