Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 19

Ништо не може да го спрепне праведникот

Ништо не може да го спрепне праведникот

Голем мир имаат оние што го сакаат твојот закон, за нив не постои камен за спрепнување (ПС. 119:165)

ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Што напишал еден писател? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ДЕНЕС милиони луѓе тврдат дека веруваат во Исус, но не го прифаќаат она за кое тој поучувал (2. Тим. 4:3, 4). Всушност, еден писател еднаш напишал: „Доколку денес би имало друг човек кој би зборувал на ист начин како Исус, дали луѓето би го отфрлиле исто како што го отфрлиле Исус пред 2.000 години? Да, би го отфрлиле!“

2 Многу луѓе во првиот век го слушале Исус кога поучувал и го гледале додека правел чуда. Сепак, тие не сакале да поверуваат во него. Зошто? Во претходната статија видовме четири причини зошто луѓето се спрепнале поради она што Исус го зборувал и го правел. Сега ќе разгледаме уште четири. Исто така, ќе видиме зошто луѓето денес ги отфрлаат следбениците на Исус, и што треба да правиме за да не се спрепнеме.

1) ИСУС БИЛ НЕПРИСТРАСЕН

Многумина се спрепнале бидејќи Исус бил непристрасен. Како некои денес би можеле да се спрепнат од слични причини? (Види во пасус 3) *

3. Поради кои постапки на Исус некои се спрепнале?

3 Додека бил на Земјата, Исус поминувал време со најразлични луѓе. Тој јадел со богати и влијателни луѓе, но исто така голем дел од своето време бил заедно со сиромашните и угнетените. Освен тоа, Исус покажувал сочувство кон оние кои другите ги сметале за „грешници“. Некои горди и самоправедни поединци се спрепнале поради она што го правел Исус. Тие ги прашале неговите ученици: „Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?“ Исус им одговорил: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. Не дојдов да ги повикам на покајание праведниците, туку грешниците“ (Лука 5:29-32).

4. Според пророштвото на Исаија, што требало да очекуваат Евреите во врска со Месијата?

4 Што вели Библијата? Уште долго пред да дојде Месијата, пророкот Исаија претскажал дека тој нема да биде прифатен од светот. Исаија напишал: „Беше презрен и избегнуван од луѓето... Ја свртувавме главата за да не му го гледаме лицето. За нас беше презрен и безвреден“ (Иса. 53:3). Значи, било проречено дека Месијата ќе биде избегнуван „од луѓето“. Затоа, Евреите од првиот век требало да очекуваат Исус да биде отфрлен.

5. Како многумина денес гледаат на следбениците на Исус?

5 Дали денес постои истиот проблем? Да. Многу свештеници со задоволство прифаќаат како членови на своите цркви поединци кои се богати, кои се влијателни и кои овој свет ги смета за мудри. Тие го прават тоа иако поголемиот дел од таквите нови членови не се чисти во морален поглед и не живеат во склад со Божјите мерила. Истите тие свештеници гледаат со презир на Јеховините ревносни слуги кои се чисти во морален поглед. Зошто? Бидејќи тие се безначајни во очите на овој свет. Како што рекол Павле, Бог го избрал она што светот „го смета за безвредно“ (1. Кор. 1:26-29). Сепак, Јехова го смета за скапоцен секој свој верен слуга.

6. Според Матеј 11:25, 26, каков став имал Исус, и како можеме и ние да покажеме сличен став?

6 Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? (Прочитај Матеј 11:25, 26.) Не дозволувај врз тебе да влијае гледиштето што го има овој свет за Божјите слуги. Имај на ум дека Јехова ги користи само понизните лица за да ја вршат неговата волја (Пс. 138:6). И размислувај за тоа колку многу постигнал тој преку оние кои во очите на светот не се мудри или паметни.

2) ИСУС ГИ РАЗОТКРИЛ ПОГРЕШНИТЕ УЧЕЊА

7. Зошто Исус ги нарекол фарисеите лицемери, и како реагирале тие?

7 Исус храбро ги осудил верските водачи во негово време бидејќи тие не ги поучувале луѓето да го обожаваат Јехова на исправен начин. На пример, тој го разоткрил лицемерството на фарисеите на кои поважно им било како ги мијат рацете отколку како се грижат за своите родители (Мат. 15:1-11). Учениците на Исус можеби биле изненадени од неговите зборови. Затоа го прашале: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија кога слушнаа што рече ти?“ Исус им одговорил: „Секоја садница што не ја засадил мојот небесен Татко, ќе биде откорната. Оставете ги, тие се слепи водачи. А кога слепец води слепец, обајцата ќе паднат во јама“ (Мат. 15:12-14). Иако верските водачи се разгневиле поради она што им го кажал Исус, тој не дозволил тоа да го спречи да ја зборува вистината.

8. Како Исус покажал дека Бог не ги прифаќа сите верски учења?

8 Исто така, Исус ги разоткрил лажните учења. Тој не рекол дека сите верски учења се прифатливи за Бог. Напротив, Исус објаснил дека многумина ќе одат по широкиот пат кој ќе води во уништување, а само малкумина ќе одат по тесниот пат кој води во вечен живот (Мат. 7:13, 14). Тој јасно кажал дека некои луѓе ќе велат дека му служат на Бог, но, всушност, нема да му служат. Исус го дал следново предупредување: „Пазете се од лажните пророци кои доаѓаат кај вас во овчо руно, а однатре се крвожедни волци. По нивните плодови ќе ги препознаете“ (Мат. 7:15-20).

Многумина се спрепнале бидејќи Исус ги осудил лажните учења и обичаи. Како некои денес би можеле да се спрепнат од слични причини? (Види во пасус 9) *

9. Кои се некои од лажните учења што ги разоткрил Исус?

9 Што вели Библијата? Библијата прорекла дека Месијата ќе има огромна ревност за Јеховиниот дом (Пс. 69:9; Јован 2:14-17). Таа ревност го поттикнала Исус да ги разоткрие лажните верски учења и обичаи. На пример, фарисеите верувале дека душата е бесмртна. Но, Исус поучувал дека мртвите спијат (Јован 11:11). Садукеите не верувале во воскресение, но Исус го воскреснал својот пријател Лазар (Јован 11:43, 44; Дела 23:8). Фарисеите верувале дека судбината или Бог управува со сето она што ни се случува во животот, но Исус поучувал дека луѓето можат самите да одлучат дали ќе му служат на Бог или не (Мат. 11:28).

10. Зошто многумина се спрепнати од она за кое поучуваме?

10 Дали денес постои истиот проблем? Да. Многумина се спрепнуваат бидејќи ние, со помош на Библијата, им покажуваме на другите дека некои религиозни учења се погрешни. Свештениците ги поучуваат своите верници дека Бог ги казнува лошите луѓе во пекол. Тие го користат ова лажно учење за да ги држат луѓето под своја контрола. Како слуги на Јехова, Богот на љубовта, ние разоткриваме дека ова учење е погрешно. Свештениците исто така поучуваат дека душата е бесмртна. Доколку ова учење би било вистинито, не би имало потреба од воскресение. Ние им покажуваме на другите дека ова учење има паганско потекло и дека не се темели на Библијата. И, спротивно на верувањето во судбина за кое поучуваат многу религии, ние поучуваме дека луѓето имаат слободна волја и дека самите можат да одлучат дали ќе му служат на Бог. Како реагираат верските водачи кога ги разоткриваме нивните лаги? Честопати, тие се бесни.

11. Според зборовите на Исус запишани во Јован 8:45-47, што бара Бог од своите слуги?

11 Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? Ако ја сакаме вистината, мора да ги прифатиме поуките од Бог. (Прочитај Јован 8:45-47.) За разлика од Сатана Ѓаволот, ние не сакаме да ја отфрлиме вистината. Никогаш не сакаме да направиме нешто со кое ќе ги погазиме нашите верувања (Јован 8:44). Бог бара од своите слуги да го мразат злото, а да се држат за доброто, исто како што правел Исус (Рим. 12:9; Евр. 1:9).

3) ИСУС БИЛ ПРОГОНУВАН

Многумина се спрепнале бидејќи Исус умрел на маченички столб. Како некои денес би можеле да се спрепнат од слични причини? (Види во пасус 12) *

12. Зошто многу Евреи се спрепнале поради начинот на кој бил погубен Исус?

12 Која била уште една причина зошто Евреите го отфрлиле Исус? Павле рекол: „Ние го проповедаме Христос прикован на столб, кој за Евреите е камен за спрепнување“ (1. Кор. 1:23). Зошто многу Евреи се спрепнале поради начинот на кој умрел Исус? Според нив, тоа што Исус умрел на маченички столб покажувало дека е злосторник и грешник, а не Месијата (5. Мој. 21:22, 23).

13. Во што не сакале да веруваат оние што го отфрлиле Исус?

13 Евреите кои го отфрлиле Исус не сакале да веруваат дека тој бил невин, дека бил лажно обвинет и дека со него се постапувало неправедно. Оние што го воделе судењето на Исус потполно ја извртиле правдата. Членовите на еврејскиот врховен суд се собрале набрзина, и целиот судски процес воопшто не се одвивал според законските прописи (Лука 22:54; Јован 18:24). Наместо непристрасно да ги сослушаат обвиненијата и доказите против Исус, самите судии барале „лажно сведоштво против [него] за да го убијат“. Бидејќи не успеале да најдат такво сведоштво, првосвештеникот се обидел да го наведе Исус да каже нешто за кое би можеле да го обвинат. Ова било потполно спротивно на законот (Мат. 26:59; Мар. 14:55-64). А откако Исус воскреснал, овие неправедни судии им дале „многу сребреници“ на римските војници кои го чувале неговиот гроб за да рашират лажна приказна зошто гробот бил празен (Мат. 28:11-15).

14. Што било проречено во Божјата Реч во врска со смртта на Месијата?

14 Што вели Библијата? Иако многу Евреи во времето на Исус не очекувале дека Месијата треба да умре, во врска со него во Божјата Реч било проречено: „Ја излеа својата душа во смрт и беше вброен меѓу престапниците. Го понесе гревот на мнозина и посредуваше за престапниците“ (Иса. 53:12). Според тоа, Евреите немале никаква причина да се спрепнат поради тоа што Исус бил погубен како грешник.

15. Поради кои обвиненија против Јеховините сведоци некои се спрепнале?

15 Дали денес постои истиот проблем? Апсолутно! Исус бил неправедно обвинет и осуден, а истото е случај и со Јеховините сведоци денес. Да разгледаме некои примери. Во периодот од 1930 до 1950 год., браќата во САД мораа многупати да излезат на суд за да го бранат своето право да му служат на Бог. Некои судии отворено покажаа дека имаат предрасуди кон нас. Во Квебек (Канада), црквата и државата тесно соработуваа за да го спречат нашето дело. Многу објавители беа фрлени во затвор само поради тоа што зборувале со другите за Божјето Царство. Во нацистичка Германија беа погубени голем број млади браќа кои верно му служеле на Бог. Во последниве години, многу браќа и сестри во Русија беа осудени и затворени затоа што зборувале за Библијата, што таму се смета за „екстремистичка активност“. Дури и Светото писмо — превод Нов свет на руски јазик е забрането и е прогласено за „екстремистички материјал“ затоа што во него се користи името Јехова.

16. Според 1. Јованово 4:1, зошто треба да внимаваме да не бидеме измамени од лажните приказни во врска со Јеховините слуги?

16 Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? Треба да ги провериме фактите. Во Проповедта на гората, Исус ги предупредил оние што го слушале дека некои лажно ќе им „припишуваат секакви зла“ (Мат. 5:11). Изворот на таквите лаги е Сатана. Тој ги поттикнува противниците да шират злобни клевети за оние кои ја сакаат вистината (Отк. 12:9, 10). Ние мора да ги отфрлиме лагите што ги кажуваат нашите противници. Никогаш не треба да дозволиме таквите лаги да нѐ заплашат или да ни ја поткопаат верата. (Прочитај 1. Јованово 4:1.)

4) ИСУС БИЛ ПРЕДАДЕН И НАПУШТЕН

Многумина се спрепнале бидејќи Исус бил предаден од Јуда. Како некои денес би можеле да се спрепнат од слични причини? (Види во пасуси 17-18) *

17. Зошто некои можеби се спрепнале поради настаните што се случиле кратко пред смртта на Исус?

17 Кратко пред да умре, Исус бил предаден од еден од неговите 12 апостоли. Еден друг апостол се одрекол од него три пати, а сите апостоли го напуштиле вечерта пред неговата смрт (Мат. 26:14-16, 47, 56, 75). Исус воопшто не бил изненаден поради ова. Тој дури и прорекол дека тоа ќе се случи (Јован 6:64; 13:21, 26, 38; 16:32). Кога виделе што направиле апостолите на Исус, некои можеби се спрепнале и си рекле: „Ако тие се однесуваат вака, не сакам да бидам дел од таа група!“

18. Кои пророштва се исполниле кратко пред Исусовата смрт?

18 Што вели Библијата? Со векови пред Исус да дојде на Земјата, Јехова открил во својата Реч дека Месијата ќе биде предаден за 30 сребреници (Зах. 11:12, 13). Било проречено дека предавникот ќе биде еден од блиските пријатели на Исус (Пс. 41:9). Исто така, пророкот Захарија напишал: „Удри го пастирот, нека се разбегаат овците од стадото!“ (Зах. 13:7). Оние што биле искрени, не се спрепнале поради овие настани. Напротив, нивната вера била зајакната кога виделе како се исполнуваат пророштвата во врска со Исус.

19. Што знаат искрените лица?

19 Дали денес постои истиот проблем? Да. Во нашево време, некои Јеховини сведоци кои им биле познати на многу браќа и сестри ја напуштиле вистината, станале отпадници и се обиделе да повлечат и други по себе. Тие ширеле негативни извештаи, полувистини и отворени лаги против Јеховините сведоци, во медиумите и на интернет. Но, искрените лица не се спрепнуваат поради тоа. Напротив, тие знаат дека овие работи се проречени во Библијата (Мат. 24:24; 2. Пет. 2:18-22).

20. Што треба да правиме за да не се спрепнеме поради оние што ја напуштиле вистината? (2. Тимотеј 4:4, 5).

20 Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? Треба да ја зачуваме цврста нашата вера така што редовно ќе проучуваме, постојано ќе се молиме и ќе бидеме зафатени со задачата која ни ја дал Јехова. (Прочитај 2. Тимотеј 4:4, 5.) Ако имаме вера, нема премногу да се вознемириме кога ќе слушнеме негативни извештаи за Јеховините сведоци (Иса. 28:16). Љубовта кон Јехова, кон неговата Реч и кон нашите браќа ќе ни помогне да не се спрепнеме поради оние кои ја напуштиле вистината.

21. Иако многу луѓе денес ја отфрлаат нашата порака, во што можеме да бидеме уверени?

21 Во првиот век, многумина се спрепнале и го отфрлиле Исус. Но, голем број луѓе го прифатиле како Месија. Меѓу нив бил најмалку еден член на еврејскиот Судски совет, па дури и „многу свештеници“ (Дела 6:7; Мат. 27:57-60; Мар. 15:43). Слично на тоа, и денес милиони луѓе решиле да го следат Исус. Зошто? Бидејќи ги познаваат и ги сакаат вистините кои се наоѓаат во Библијата. Во Божјата Реч пишува: „Голем мир имаат оние што го сакаат твојот закон, за нив не постои камен за спрепнување“ (Пс. 119:165).

ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!

^ пас. 5 Во претходната статија разгледавме четири причини зошто луѓето во минатото не го прифатиле Исус како Месија, и зошто денес многумина не ја прифаќаат пораката која ја проповедаат неговите следбеници. Во оваа статија ќе разгледаме уште четири причини. Исто така, ќе видиме зошто искрените лица кои го сакаат Јехова не дозволуваат ништо да ги спрепне.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус јаде со Матеј и со некои даночници.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус ги истерува трговците надвор од храмот.

^ пас. 64 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус е принуден да го носи маченичкиот столб.

^ пас. 66 ОПИС НА СЛИКАТА: Јуда го предава Исус со бакнеж.