Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 22

Мудри совети кои ни помагаат во секојдневниот живот

Мудри совети кои ни помагаат во секојдневниот живот

Јехова дава мудрост (ИЗР. 2:6)

ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто на сите ни е потребна мудроста од Бог? (Изреки 4:7).

 КОГА си стоел пред некоја важна одлука, сигурно си се молел за мудрост, и тоа со добра причина (Јак. 1:5). Цар Соломон напишал: „Мудроста е најважна“. (Прочитај Изреки 4:7.) Се разбира, Соломон не зборувал за каква и да било мудрост, туку за мудроста која доаѓа од Јехова (Изр. 2:6). Но, дали мудроста од Бог може да ни помогне да се справиме со проблемите што ги имаме денес? Да, може, како што ќе видиме во оваа статија.

2. Кој е еден начин на кој можеме да станеме вистински мудри?

2 Еден начин на кој можеме да станеме вистински мудри е така што ќе ги проучуваме и ќе ги применуваме советите на две личности кои се многу почитувани поради својата мудрост. Прво, ќе зборуваме за Соломон. Во Библијата пишува: „Бог му даде на Соломон... голема мудрост и разборитост“ (1. Цар. 4:29). Потоа, ќе зборуваме за Исус, кој бил најмудриот човек кој некогаш живеел на Земјата (Мат. 12:42). За него било проречено: „Врз него ќе почива Јеховиниот дух, духот на мудроста и разборитоста“ (Иса. 11:2).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Благодарение на мудроста што им ја дал Бог, и Соломон и Исус дале практични совети за работи кои се важни за сите нас. Во оваа статија ќе разгледаме три од нив, односно ќе видиме зошто треба да имаме урамнотежено гледиште за парите, за работата и за себеси.

УРАМНОТЕЖЕНО ГЛЕДИШТЕ ЗА ПАРИТЕ

4. Каква разлика постоела помеѓу материјалната состојба на Соломон и на Исус?

4 Соломон бил многу богат и живеел раскошно (1. Цар. 10:7, 14, 15). Од друга страна, Исус не поседувал многу во материјален поглед и немал свој дом (Мат. 8:20). Сепак, и двајцата имале урамнотежено гледиште за материјалните работи, бидејќи нивната мудрост доаѓала од ист извор — Јехова Бог.

5. Какво урамнотежено гледиште имал Соломон за парите?

5 Соломон рекол дека „парите се заштита“ (Проп. 7:12). Ако имаме пари може да ги купиме работите кои ни се неопходни, а може да купиме и некои работи кои ги сакаме. Но, иако бил многу богат, Соломон сфатил дека има работи кои се поважни од парите. На пример, тој напишал: „Подобро е да избереш добро име [или добар углед] отколку големо богатство“ (Изр. 22:1). Исто така, Соломон рекол дека луѓето што ги сакаат парите обично не се задоволни со она што го имаат (Проп. 5:10, 12). И, тој дал предупредување да не ја полагаме нашата доверба во парите, бидејќи тие можат многу брзо да исчезнат (Изр. 23:4, 5).

Дали нашето гледиште за материјалните работи ни отежнува да ја ставиме службата за Јехова на прво место во животот? (Види во пасуси 6-7) *

6. Какво урамнотежено гледиште имал Исус за материјалните работи? (Матеј 6:31-33).

6 Исус имал урамнотежено гледиште за материјалните работи. Тој уживал да јаде и да пие (Лука 19:2, 6, 7). Во една прилика, направил вино со најдобар квалитет — неговото прво чудо (Јован 2:10, 11). А на денот кога умрел, носел скапа облека (Јован 19:23, 24). Но, Исус не дозволил материјалните работи да му станат најважното нешто во животот. Тој им рекол на своите следбеници: „Никој не може да им робува на двајца господари... Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Мат. 6:24). Исус поучувал дека, ако го бараме најнапред Царството, Јехова ќе се погрижи да го имаме она што ни е потребно. (Прочитај Матеј 6:31-33.)

7. Како му користело на еден брат тоа што има урамнотежено гледиште за парите?

7 На многу браќа и сестри им користело тоа што ги примениле мудрите совети на Јехова во врска со парите. Размисли за примерот на еден брат, по име Даниел, кој не е во брак. Тој вели: „Кога бев тинејџер, одлучив најважно во животот да ми биде да му служам на Јехова“. Бидејќи води едноставен живот, Даниел може да ги користи своето време и вештини за да учествува во акции за помош при катастрофи и да служи во Бетел. Тој додава: „Да бидам искрен, никогаш не зажалив за одлуката што ја донесов. Се разбира, ќе можев да заработам многу пари ако тоа ми беше најважно во животот. Но, тогаш не би ги имал прекрасните пријатели што ги имам денес и не би бил среќен како што сум сега, затоа што го ставам Царството на прво место. Ниту една сума пари не може да ми ги донесе благословите што ми ги даде Јехова“. Овој пример јасно покажува дека многу подобро е ако во животот не ни се најважни парите, туку најважно ни е да му служиме на Јехова.

УРАМНОТЕЖЕНО ГЛЕДИШТЕ ЗА РАБОТАТА

8. Од каде знаеме дека Соломон имал урамнотежено гледиште за работата? (Проповедник 5:18, 19).

8 Соломон рекол дека трудољубивата работа може да ни донесе големо задоволство кое го нарекол „дар Божји“. (Прочитај Проповедник 5:18, 19.) Тој напишал: „Од секој труд има корист“ (Изр. 14:23). Соломон знаел што зборува бидејќи и самиот бил вреден работник. Тој градел куќи, садел лозја и правел градини и езерца. А градел и градови (1. Цар. 9:19; Проп. 2:4-6). За сето ова, требало да вложи многу труд, и тоа без сомнение му донело големо задоволство. Но, Соломон знаел дека за да биде вистински среќен било потребно нешто повеќе. Затоа, тој правел и многу работи за Јехова. На пример, тој ја надгледувал изградбата на еден величествен храм во кој се обожавал Јехова, проект кој траел седум години (1. Цар. 6:38; 9:1). Откако направил најразлични работи, Соломон сфатил дека најважното нешто е човек да му служи на Јехова. Тој напишал: „Заклучокот на сето она што го чу е: бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди“ (Проп. 12:13).

9. Како Исус задржал урамнотежено гледиште за работата?

9 Исус бил трудољубив работник. До својата триесетта година, тој работел како дрводелец (Мар. 6:3). Без сомнение, неговите трудољубиви родители биле многу благодарни што им помагал да се грижат за потребите на нивното големо семејство. Бидејќи бил совршен, Исус совршено си ја извршувал својата работа, и затоа веројатно многу луѓе сакале токму тој да им изработи разни предмети. Исус сигурно уживал во својата работа. Сепак, иако бил вреден работник, тој секогаш одвојувал време за духовните активности (Јован 7:15). Подоцна, кога почнал полновремено да проповеда, го дал следниот совет: „Немојте да работите за храна што пропаѓа, туку за храна што останува за вечен живот“ (Јован 6:27). А во Проповедта на гората, тој рекол: „Собирајте си богатство на небото“ (Мат. 6:20).

Како можеме да задржиме рамнотежа меѓу работата и теократските активности? (Види во пасуси 10-11) *

10. Со каков предизвик можат да се соочат некои на своето работно место?

10 Мудрите совети од Јехова ни помагаат да имаме урамнотежено гледиште за работата. Како христијани, поттикнати сме да работиме марливо, односно трудољубиво (Еф. 4:28). Работодавачите честопати забележуваат дека сме чесни и дека вредно работиме, и можеби ни кажуваат дека нѐ ценат поради нашите добри работни навики. Затоа, од најдобри мотиви, можеби ќе почнеме да работиме прекувремено надевајќи се дека нашиот шеф ќе има уште подобро мислење за Јеховините сведоци. Ако го правиме тоа, можеби ќе немаме доволно време за семејните одговорности и за теократските активности. Доколку ова е случај и со нас, треба да направиме промени за да имаме време за најважните работи.

11. Што му помогнало на еден брат да научи колку е важно да има урамнотежено гледиште за работата?

11 Еден млад брат по име Вилијам од прва рака видел колку е корисно да има урамнотежено гледиште за работата. Во врска со еден старешина, кај кого порано бил вработен, Вилијам вели: „[Тој брат] е човек со урамнотежени работни навики. Тој многу работи и клиентите секогаш се задоволни од неговите услуги. Но, на крајот од денот работата ја трга настрана и им се посветува на семејството и на Бог. Да ви кажам искрено, тој е еден од најсреќните луѓе што ги познавам!“ *

УРАМНОТЕЖЕНО ГЛЕДИШТЕ ЗА СЕБЕСИ

12. Како Соломон покажал дека има урамнотежено гледиште за себеси, но зошто подоцна се сменил?

12 Кога верно му служел на Јехова, Соломон имал урамнотежено гледиште за себеси. Како млад, тој скромно ги признал своите ограничувања и го молел Јехова за водство (1. Цар. 3:7-9). На почетокот од своето владеење, Соломон исто така бил свесен колку е опасно човек да стане горделив. Тој напишал: „Гордоста оди пред пропаста, и вообразеноста — пред падот“ (Изр. 16:18). За жал, Соломон подоцна не постапил во склад со советот што самиот го дал. Некое време откако се зацарил, Соломон станал горд и почнал да не обрнува внимание на Божјите закони. Според еден од тие закони, царот не требало да има „многу жени за да не му тргне срцето по крив пат“ (5. Мој. 17:17). Соломон го прекршил овој закон и си зел 700 жени и 300 наложници, од кои повеќето биле паганки! (1. Цар. 11:1-3). Можеби Соломон си мислел дека за него тоа нема да претставува никаква опасност. Како и да е, со текот на времето, Соломон почнал да ги трпи последиците поради непослушноста кон Јехова (1. Цар. 11:9-13). 

13. Што можеме да научиме ако длабоко размислуваме за понизноста на Исус?

13 Исус постојано имал урамнотежено и понизно гледиште за себеси. Пред да дојде на Земјата, тој направил прекрасни работи служејќи му на Јехова. Преку Исус „е создадено сѐ на небесата и на земјата“ (Кол. 1:16). При своето крштавање, тој очигледно се присетил што сѐ направил додека бил со својот Татко (Мат. 3:16; Јован 17:5). Но, Исус не се возгордеал поради тоа. Напротив, тој никогаш не ги гледал другите од високо. Исус им рекол на своите ученици дека не дошол на Земјата „да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). Исто така, тој рекол дека ништо не прави сам од себе (Јован 5:19). Колку голема понизност! Исус ни оставил прекрасен пример кој може да го следиме.

14. Како Исус нѐ поучил да имаме исправно гледиште за себеси?

14 Исус ги поучил своите следбеници да имаат исправно гледиште за себеси. Во една прилика тој ги уверил: „Вам и секое влакно на главата ви е изброено“ (Мат. 10:30). Овие зборови се многу утешни за нас, особено ако сме склони да имаме негативно гледиште за себеси. Со тоа Исус сакал да каже дека многу сме му важни на нашиот небесен Татко — дека сме скапоцени во негови очи. Ако Јехова ни дозволил да му служиме и смета дека сме достојни да живееме засекогаш во неговиот нов свет, кои сме ние да ја доведуваме во прашање неговата проценка?

Кои благослови може да ги пропуштиме ако немаме урамнотежено гледиште за себеси? (Види во пасус 15) *

15. а) Што пишува во една статија од Стражарска кула во врска со тоа какво гледиште треба да имаме за себеси? б) Како што се гледа на сликата на страница 24, кои благослови ќе ги испуштиме ако сме преокупирани со себеси?

15 Во врска со тоа какво гледиште треба да имаме за себеси, во една Стражарска кула од пред околу 15 години го пишува следново: „Се разбира, не би сакале да имаме превисоко мислење за себеси па да станеме горделиви. Но, не би било пожелно ни да отидеме во другата крајност, па да мислиме дека сме потполно безвредни. Напротив, да си поставиме за цел да имаме разумно гледиште за себеси, така што ќе ги земеме во обѕир нашите добри страни, но и нашите ограничувања. Во врска со ова една христијанка го рекла следново: ‘Не сум најлошиот човек на светот, но не сум ни најдобриот. Имам и добри и лоши страни, како што имаат и сите други луѓе’“. * Ова јасно покажува зошто е добро да имаме урамнотежено гледиште за себеси.

16. Зошто Јехова ни дава мудри совети?

16 Преку својата Реч, Јехова ни дава мудри совети. Тој многу нѐ сака, и затоа сака да бидеме среќни (Иса. 48:17, 18). Најдобрата одлука што можеме да ја донесеме, која ќе нѐ направи вистински среќни, е да продолжиме да ги правиме работите што го радуваат Јехова. На тој начин ќе ги избегнеме многуте проблеми кои ги доживуваат оние кои немаат исправно гледиште за парите, за работата и за себеси. Затоа, да бидеме мудри и да го радуваме Јеховиното срце! (Изр. 23:15).

ПЕСНА 94 Благодарни сме му на Бог за неговата Реч

^ Соломон и Исус биле многу мудри луѓе. Таа мудрост ја добиле од Јехова Бог. Во оваа статија ќе дознаеме како можат мудрите совети од Соломон и од Исус да ни помогнат да имаме урамнотежено гледиште за парите, за работата и за себеси. Исто така, ќе видиме како им користело на некои наши соверници тоа што ги примениле мудрите библиски совети на овие подрачја од животот.

^ Види ја статијата „Како да уживаш во својот труд“, која излезе во Стражарска кула од 1 февруари 2015.

^ Види ја статијата „Библијата може да ти помогне да најдеш радост“, која излезе во Стражарска кула од 1 август 2005.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Џон и Том се двајца млади браќа од исто собрание. Џон посветува многу време на грижата околу својата кола. Том ја користи својата кола за да ги носи другите во служба и на состаноци.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Џон работи прекувремено. Не сака да го разочара својот шеф и затоа, секогаш кога тој ќе побара да работи до доцна, Џон прифаќа. Истата вечер, Том, кој е слуга-помошник, придружува еден старешина на пастирска посета. Во минатото, Том му објаснил на својот шеф дека неколку вечери во седмицата не може да работи затоа што тоа време му е одредено за активности кои се поврзани со обожавањето на Јехова.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Џон е преокупиран со себеси. Том, кој ги става духовните работи на прво место, стекнува нови пријатели додека помага во реновирањето на една конгресна сала.