Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 23

Родители — помогнете им на своите деца да го сакаат Јехова

Родители — помогнете им на своите деца да го сакаат Јехова

Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум (МАТ. 22:37)

ПЕСНА 134 Децата се скапоцен дар од Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Зошто некои библиски начела можат да добијат поголемо значење за нас кога ќе ни се сменат околностите во животот?

 НА ДЕНОТ на својата венчавка, еден младоженец и неговата невеста внимателно слушаат библиски говор во врска со бракот. Библиските начела кои се спомнати во тој говор им се добро познати. Но од тој ден, тие начела ќе имаат многу поголемо значење за нив. Зошто? Бидејќи отсега ќе треба да ги применуваат како брачен пар.

2 Нешто слично се случува и кога еден маж и жена ќе станат родители. Низ годините, тие можеби слушнале многу говори во врска со воспитувањето на децата. Но, сега, советите од овие говори добиваат ново значење за нив. Сега и самите ќе имаат дете кое ќе треба да го воспитуваат. Тоа е многу голема одговорност. Според тоа, кога ќе ни се сменат околностите во животот, одредени библиски начела можат да добијат поголемо значење за нас. Ова е една причина зошто слугите на Јехова денес, како што се барало и од израелските цареви, ја читаат Библијата „во сите денови на својот живот“ и длабоко размислуваат за она што го прочитале (5. Мој. 17:19).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Родители, вие имате голема чест да ги поучувате своите деца за Јехова. Но, не е доволно само да им пренесете факти за нашиот Бог. Треба да им помогнете на децата да го сакаат со сето срце. Како можете да всадите во нив љубов кон Јехова? Во оваа статија ќе разгледаме четири библиски начела кои можат да ви помогнат во тоа (2. Тим. 3:16). Исто така, ќе видиме како на некои родители им користело тоа што ги примениле библиските совети.

ЧЕТИРИ НАЧЕЛА ШТО МОЖАТ ДА ИМ ПОМОГНАТ НА РОДИТЕЛИТЕ

Како ќе влијае врз твоите деца ако секогаш бараш водство од Јехова и ако им оставаш добар пример? (Види во пасуси 4, 8)

4. Кое е едно начело што може да им помогне на родителите да всадат во срцето на своите деца љубов кон Јехова? (Јаков 1:5).

4 Начело 1: Барај водство од Јехова. Моли го Јехова да ти ја дава потребната мудрост за да им помогнеш на своите деца да развијат љубов кон него. (Прочитај Јаков 1:5.) Тој е најсоодветната личност да дава совети на ова поле. Има неколку причини за тоа. Да спомнеме две. Прво, Јехова има најголемо искуство како родител (Пс. 36:9). И второ, неговите мудри совети секогаш се за наше добро (Иса. 48:17).

5. а) Каква помош им дава Јеховината организација на родителите? б) Што научи од видеоклипот за начинот на кој брат и сестра Аморим ги воспитале своите деца?

5 Преку својата Реч и преку својата организација, Јехова ви дава изобилство духовна храна која може да ви помогне да ги поучите своите деца да го сакаат (Мат. 24:45). На пример, можете да најдете многу практични совети во рубриката „Совети за семејствата“ која неколку години излегуваше во печатеното издание на списанието Разбудете се!, а сега е достапна на нашата интернет-страница. Исто така, на jw.org има многу видеоклипови кои можат да им помогнат на родителите да ги применат советите од Јехова додека ги воспитуваат своите деца * (Изр. 2:4-6).

6. Што кажал еден татко во врска со помошта што тој и неговата сопруга ја добиваат од Јеховината организација?

6 Голем број родители кажале дека се многу благодарни за помошта што Јехова им ја дава преку својата организација. Еден татко по име Џо вели: „Воопшто не е лесно да поучиш три деца да го сакаат Јехова. Јас и жена ми секогаш го молиме Јехова да ни помага. И честопати се случува некоја статија или видеоклип да излезе во вистински момент за да ни помогне да се справиме со некоја ситуација со која се соочуваме во моментот. Свесни сме дека нема да успееме без советите од Јехова“. Џо и неговата сопруга сфатиле дека таквите статии и видеоклипови им помагаат на нивните деца да станат блиски со Јехова.

7. Зошто е важно родителите да дадат сѐ од себе за да им остават добар пример на своите деца? (Римјаните 2:21).

7 Начело 2: Поучувај ги со својот пример. Децата внимателно ги набљудуваат своите родители и честопати го прават она што го гледаат од нив. Се разбира, ниту еден родител не е совршен (Рим. 3:23). И покрај тоа, родителите треба да дадат сѐ од себе за да им остават добар пример на своите деца. (Прочитај Римјаните 2:21.) Во врска со децата, еден татко рекол: „Тие се како сунѓери кои впиваат сѐ“. Тој додава: „Ако не постапуваме во склад со она за што ги поучуваме, тие веднаш ќе ни го кажат тоа“. Значи, ако сакаме нашите деца да го сакаат Јехова, за нив треба да биде очигледно дека и ние имаме силна љубов кон него.

8-9. Што научи од она што го кажале Ендру и Ема?

8 Има многу начини на кои родителите можат да ги поучат децата да го сакаат Јехова. Забележи што рекол еден брат по име Ендру кој има 17 години: „Моите родители секогаш ме поучуваа дека е многу важно да се молам. Секоја вечер татко ми се молеше со мене дури и ако веќе самиот сум се помолил. Родителите секогаш нѐ потсетуваа мене и сестра ми: ‘Со Јехова можете да зборувате колку пати сакате’. Тоа длабоко влијаеше врз мене, и молитвата стана многу важен дел од мојот живот. Сега ми е лесно да се молам и да го гледам Јехова како Татко кој многу ме сака“. Родители, никогаш не заборавајте колку силно влијание може да има вашата љубов кон Јехова врз вашите деца.

9 Да го разгледаме и примерот на Ема. Кога татко ѝ, кој им должел пари на многу луѓе, го напуштил нивното семејство, мајка ѝ морала да отплаќа големи долгови. Ема вели: „Мајка ми честопати имаше финансиски проблеми, но секогаш велеше дека Јехова се грижи за своите слуги. Од начинот на кој живееше можев да видам дека таа навистина верува во тоа. Мајка ми постапуваше во склад со она за кое ме поучуваше“. Што учиме од ова? Родителите можат да им остават добар пример на своите деца дури и во тешки ситуации (Гал. 6:9).

10. Во кои прилики многу Израелци разговарале со своите деца? (5. Мојсеева 6:6, 7).

10 Начело 3: Редовно разговарај со своите деца. На Израелците од минатото, Јехова им кажал редовно да ги поучуваат своите деца за него. (Прочитај 5. Мојсеева 6:6, 7.) Тие родители имале многу прилики во текот на денот да разговараат со своите деца и да им всадуваат во срцето љубов кон Јехова. На пример, едно израелско момче можеби со часови му помагало на својот татко околу сеењето и жнеењето на полето. Неговата сестричка можеби поголемиот дел од денот ѝ помагала на мајка си околу шиењето, ткаењето и други домашни обврски. Додека работеле заедно, родителите и децата можеле да разговараат за многу важни теми. На пример, можеле да разговараат за добрината на Јехова и за тоа како тој му помага на семејството.

11. Која е една прилика што родителите можат да ја искористат за да разговараат со своите деца?

11 Но денес животот е поинаков. Во многу земји, родителите и децата не можат да поминуваат време заедно во текот на денот. Родителите обично се на работа, а децата на училиште. Поради тоа, родителите мора да бараат прилики да разговараат со своите деца (Еф. 5:15, 16; Фил. 1:10). Една таква прилика е Семејната вечер посветена на Јехова. Александар, еден брат кој има 15 години, вели: „Татко ми секогаш прави план за Семејната вечер и не дозволува ништо да нѐ спречи да го поминеме тоа време заедно. По проучувањето, си разговараме за разни работи“.

12. Што треба да имаат на ум родителите во врска со Семејната вечер?

12 Ако си родител, што можеш да направиш за децата да уживаат за време на Семејната вечер? Би можеле со децата да ја проучувате новата публикација Радувај му се на животот засекогаш. Оваа интересна книга ќе ви овозможи отворено да разговарате со нив. Како родител, сигурно сакаш твоите деца отворено да ти кажат како се чувствуваат и што ги загрижува. Затоа немој да ја користиш Семејната вечер за да ги критикуваш или за да им држиш лекции. И, труди се да не реагираш бурно ако децата кажат нешто што не е во склад со библиските начела. Наместо тоа, биди благодарен што тие искрено ти кажуваат како се чувствуваат и охрабри ги секогаш да бидат отворени со тебе. Ќе можеш да им помогнеш на своите деца само ако знаеш како навистина се чувствуваат.

Како можат родителите да ги поучат децата за особините на Јехова преку она што тој го создал? (Види во пасус 13)

13. Кои други прилики можат да ги користат родителите за да им помогнат на своите деца да се зближат со Јехова?

13 Родители, барајте прилики во текот на целиот ден да им помогнете на своите деца да се зближат со Јехова. Не мора да чекате да дојде време за проучување за да ги поучите за нашиот грижлив Бог. Една мајка по име Лиса вели: „Им помагавме на нашите деца да го запознаат Јехова преку она што го создал. На пример, кога нашето куче ќе направеше некоја лудорија со која ќе ги насмееше децата, им помагавме да сфатат дека тоа покажува дека нашиот Творец има смисла за хумор и дека го сака животот, исто како ние“.

Родители, дали знаете кои им се пријатели на вашите деца? (Види во пасус 14) *

14. Зошто е важно родителите да им помагаат на своите деца да изберат добри пријатели? (Изреки 13:20).

14 Начело 4: Помогни им на твоите деца да стекнат добри пријатели. Божјата Реч јасно кажува дека пријателите можат да имаат или добро или лошо влијание врз нас. (Прочитај Изреки 13:20.) Родители, дали знаете кои им се пријатели на вашите деца? Дали сте одвоиле време за подобро да ги запознаете? Како можете да им помогнете на своите деца да се спријателат со оние кои го сакаат Јехова? (1. Кор. 15:33). Ќе можете да им помогнете да изберат добри пријатели така што ќе поканувате некои духовно зрели браќа и сестри да ви се придружат во некои семејни активности (Пс. 119:63).

15. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да изберат добри пријатели?

15 Да го разгледаме примерот на еден татко кој се вика Тони. Тој кажува што правеле со жена му за да им помогнат на своите деца да изберат пријатели кои позитивно ќе влијаат врз нив: „Низ годините, јас и жена ми каневме во нашиот дом браќа и сестри на различна возраст и со различно потекло. Заедно со нив јадевме и ја одржувавме Семејната вечер посветена на Јехова. Ова ни даваше убава можност да ги запознаеме оние што го сакаат Јехова и му служат со радост. Во нашиот дом престојуваа покраински надгледници, мисионери и други браќа и сестри. Нивните искуства, како и нивната ревност и самопожртвуваност извршија огромно влијание врз нашите деца и им помогнаа да се зближат со Јехова“. Родители, бидете решени да им помогнете на своите деца да изберат добро друштво.

НЕ ГУБИ НАДЕЖ!

16. Што треба да имаш на ум доколку некое од твоите деца каже дека не сака да му служи на Јехова?

16 И покрај сиот труд што си го вложил, можеби едно од твоите деца ќе каже дека не сака да му служи на Јехова. Доколку тоа се случи, немој да мислиш дека не си ја извршил добро својата одговорност како родител. Јехова му дал на секој од нас — вклучувајќи го и твоето дете — слободна волја, односно способност да одлучи дали ќе му служи на Бог или не. Ако твоето дете одлучило да го напушти Јехова, не губи надеж дека еден ден можеби ќе се врати. Сети се на споредбата за изгубениот син (Лука 15:11-19, 22-24). Тој млад човек направил многу лоши работи, но на крајот се вратил кај својот татко. Некој можеби ќе каже: „Тоа е само приказна. Но, дали такво нешто може да случи во вистинскиот живот?“ Секако дека може. Всушност, токму тоа го доживеал еден млад човек по име Или.

17. Зошто те охрабрува примерот на Или?

17 Во врска со своите родители, брат Или вели: „Тие правеа сѐ за да всадат во мене љубов кон Јехова и неговата Реч, Библијата. Но, во тинејџерските години станав многу непослушен“. Или почнал да води двоен живот. Неговите родители се обиделе да му помогнат да остане близок со Јехова, но тој не сакал да ги слуша. Откако си отишол од дома, почнал да прави уште полоши работи. И покрај тоа, понекогаш разговарал за Библијата со еден од своите пријатели. Или се присетува: „Колку повеќе му зборував за Јехова, толку повеќе и самиот размислував за Бог. Полека, но сигурно, семето на библиската вистина што мируваше во моето срце — семето што моите родители многу се трудеа да го засадат — почна да расте“. По некое време, Или се вратил во вистината. * Замисли колку биле радосни неговите родители што од мали нозе го поучувале да го сака Јехова! (2. Тим. 3:14, 15). 

18. Како гледаш на родителите кои даваат сѐ од себе за да ги поучат децата да го сакаат Јехова?

18 Родители, вие имате една прекрасна чест — да одгледате една нова генерација слуги на Јехова (Пс. 78:4-6). Тоа воопшто не е лесно, и затоа од срце ве пофалуваме за тоа што неуморно се трудите да им помогнете на своите деца. Ако и понатаму давате сѐ од себе за да им помагате на вашите деца да го сакаат Јехова и ги поучувате да му бидат послушни, можете да бидете сигурни дека нашиот грижлив небесен Татко ќе биде многу радосен (Еф. 6:4).

ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“

^ Родителите кои му служат на Јехова многу ги сакаат своите деца. Тие вложуваат голем труд за да ги задоволат физичките и емоционалните потреби на децата. Што е уште поважно, овие родители даваат сѐ од себе за да всадат во своите деца длабока љубов кон Јехова. Во оваа статија ќе разгледаме четири библиски начела кои можат да им помогнат на родителите да ја постигнат таа цел.

^ Види ја статијата „Библијата менува животи“ која излезе во Стражарска кула од 1 април 2012.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: За да ги запознае пријателите на своето дете, еден татко игра кошарка со својот син и со неговиот пријател.