Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 21

Како Јехова одговара на нашите молитви

Како Јехова одговара на нашите молитви

Знаеме дека ќе го добиеме она што сме го барале, зашто тоа сме го барале од него (1. ЈОВ. 5:15)

ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. Што можеби се прашуваме во врска со нашите молитви?

 ДАЛИ некогаш си се прашувал: „Одговара ли Јехова на моите молитви?“ Ако да, тогаш не си единствениот. Многу браќа и сестри си го поставувале ова прашање, особено додека минувале низ некој тежок период. Кога имаме некоја мака, можеби и нам ни е тешко да увидиме на кој начин Јехова одговара на нашите молитви.

2 Да видиме зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова одговара на молитвите на своите слуги (1. Јов. 5:15). Исто така, ќе ги разгледаме следниве прашања: Зошто понекогаш може да ни се чини дека Јехова не одговара на нашите молитви? На кои начини Јехова одговара на молитвите денес?

ЈЕХОВА МОЖЕБИ НЕМА ДА ОДГОВОРИ ОНАКА КАКО ШТО ОЧЕКУВАМЕ

3. Зошто Јехова сака да му се молиме?

3 Библијата нѐ уверува дека Јехова многу нѐ сака и дека сме скапоцени за него (Агеј 2:7; 1. Јов. 4:10). Токму затоа, тој нѐ поттикнува да бараме помош од него во молитва (1. Пет. 5:6, 7). Јехова сака да ни помогне да останеме блиски со него и успешно да се справиме со тешкотиите.

Јехова одговорил на молитвите на Давид така што го избавил од непријателите (види во пасус 4)

4. Од каде знаеме дека Јехова одговара на молитвите на своите слуги? (Види ја и сликата.)

4 Во Библијата има многу примери од кои се гледа дека Јехова одговара на молитвите на своите слуги. Еден таков пример е цар Давид. Во текот на својот живот, тој честопати морал да се соочи со моќни непријатели и затоа многупати барал помош од Јехова во молитва. Во една прилика, тој се молел: „О Јехова, чуј ја мојата молитва, ислушај ја мојата сесрдна молба! Во верноста своја услиши ме според својата праведност!“ (Пс. 143:1). Јехова одговарал на молитвите на Давид и го избавувал (1. Сам. 19:10, 18-20; 2. Сам. 5:17-25). Давид можел со увереност да каже: „Јехова е близу до сите што го повикуваат“. И ние можеме да бидеме уверени во истото (Пс. 145:18).

Јехова одговорил на молитвите на Павле така што му дал сила да истрае (види во пасус 5)

5. Дали во минатото Јехова секогаш одговарал на молитвите на своите слуги онака како што тие очекувале? Наведи пример. (Види ја и сликата.)

5 Јехова можеби нема да одговори на нашите молитви онака како што сме очекувале. Тоа било случај и со апостол Павле. Тој го молел Бог да му отстрани еден „трн во телото“. Во три прилики, Павле конкретно се молел во врска со овој тежок проблем. Дали Јехова одговорил на тие молитви? Да, но не онака како што Павле се надевал. Јехова не го отстранил проблемот, туку му дал сила за да може да продолжи верно да му служи (2. Кор. 12:7-10).

6. Зошто понекогаш може да ни се чини дека Јехова не одговара на нашите молитви?

6 Понекогаш и нам Јехова можеби нема да ни одговори онака како што сме очекувале. Но, може да бидеме сигурни дека тој најдобро знае како да ни помогне. Јехова дури може „да направи неизмерно повеќе од сѐ што молиме или што ќе го замислиме“ (Еф. 3:20). Од таа причина, одговорот на нашите молитви може да дојде во време кога не очекуваме и на неочекуван начин.

7. Зошто можеби ќе треба да направиме промена во она за што се молиме? Наведи пример.

7 Откако појасно ќе ја согледаме Јеховината волја, можеби ќе треба да направиме промена во она за што се молиме. Да го разгледаме примерот на Мартин Пецингер. Кратко откако стапил во брак, брат Пецингер бил затворен во нацистички концентрационен логор. На почетокот, тој го молел Јехова да биде ослободен за да може да се грижи за својата жена и да продолжи со проповедничкото дело. Но, по две седмици тој не гледал никаков показател дека Јехова прави нешто за да го ослободи. Затоа почнал да се моли: „Јехова те молам покажи ми што сакаш да правам“. Тогаш почнал да размислува низ што минуваат другите браќа во логорот. Голем број од нив биле многу загрижени за своите сопруги и деца. Потоа, брат Пецингер почнал да се моли за следново: „Јехова, ти благодарам за мојата нова задача. Помогни ми да ги зајакнам и охрабрам моите браќа“. Тој поминал девет години во разни логори, правејќи го токму тоа.

8. Која важна работа треба да ја имаме на ум кога се молиме?

8 Мора да имаме на ум дека Јехова има намера, и дека ќе ја исполни во времето што го одредил. Дел од таа намера е потполно и трајно да ги отстрани сите проблеми поради кои толку многу страдаме денес, како на пример природните катастрофи, болестите и смртта. Јехова ќе ја исполни својата намера преку своето Царство (Дан. 2:44; Отк. 21:3, 4). Но сѐ дотогаш, Јехова дозволува Сатана да владее со светот b (Јован 12:31; Отк. 12:9). Доколку Јехова сега би ги решил проблемите на човештвото, би можело да изгледа дека Сатана добро владее со светот. Значи, иако мора да чекаме да дојде времето кога Јехова ќе исполни одредени ветувања, тоа не значи дека воопшто нема да ни помага. Да разгледаме некои начини на кои Јехова ни помага.

КАКО ЈЕХОВА ОДГОВАРА НА МОЛИТВИТЕ ДЕНЕС

9. Како Јехова може да ни помогне кога треба да донесеме некоја одлука? Наведи пример.

9 Ни дава мудрост. Јехова ветува дека ќе ни дава мудрост за да носиме добри одлуки. Божјата мудрост ни е особено потребна кога треба да донесеме одлуки кои ќе влијаат врз целиот наш живот, како на пример дали да стапиме во брак или не (Јак. 1:5). Да го разгледаме примерот на Марија, една сестра која не е во брак. c Додека служела како општ пионер се запознала со еден брат. Таа вели: „Како што растеше нашето пријателство, растеа и нашите чувства еден за друг. Знаев дека мора да донесам одлука. Многу се молев во врска со тоа. Ми беше потребно водство од Јехова, но бев свесна и дека тој нема да донесе одлука наместо мене“. Таа е сигурна дека Јехова одговорил на нејзините молитви за мудрост. Како го сторил тоа? Додека истражувала во нашите публикации, нашла статии кои ѝ помогнале да го добие одговорот на нејзините прашања. Исто така, го послушала мудриот совет од нејзината мајка, која верно му служи на Јехова. Тој совет ѝ помогнал на Марија да си ги преиспита чувствата. На крајот, таа можела да донесе мудра одлука.

Како Јехова ни дава сила да истраеме? (види во пасус 10)

10. Според Филипјаните 4:13, што прави Јехова за да им помогне на своите слуги? Наведи пример. (Види ја и сликата.)

10 Ни дава сила да истраеме. Исто како што било случај со апостол Павле, Јехова и нам ќе ни дава сила да истраеме во неволјите. (Прочитај Филипјаните 4:13.) Размисли како Јехова му помогнал на брат Бенџамин да истрае во тешки околности. Поголемиот дел од својата младост, Бенџамин заедно со своето семејство живеел во бегалски кампови во Африка. Тој вели: „Постојано го молев Јехова да ми дава сила да го правам она што е исправно во негови очи. Тој одговори на моите молитви така што ми даваше внатрешен мир, храброст да продолжам да проповедам и публикации за да останам духовно јак“. Бенџамин исто така вели: „Тоа што ги читав животните приказни на други Јеховини сведоци од кои дознав како Јехова им помагал да истраат, ја зајакна мојата решеност да му останам верен“.

Дали Јехова ти помогнал и тебе преку браќата и сестрите? (види во пасуси 11-12) d

11-12. Како може Јехова да ги употреби нашите браќа и сестри за да одговори на нашите молитви? (Види ја и сликата.)

11 Ни помага преку нашето духовно семејство. Ноќта пред да го жртвува својот живот, Исус се молел сесрдно. Тој го молел Јехова да го поштеди од срамот да умре како богохулник. Јехова не го направил тоа, туку му помогнал на Исус така што испратил еден ангел, односно еден од неговите браќа на небото, за да го зајакне (Лука 22:42, 43). Јехова и нас може да ни помогне така што ќе поттикне некој брат или сестра да нѐ охрабри со тоа што ќе ни се јави преку телефон или ќе нѐ посети. Секој од нас може да бара прилики за да им каже некаков добар збор на своите соверници (Изр. 12:25).

12 Да го разгледаме примерот на сестра Миријам. Неколку седмици откако починал нејзиниот сопруг, Миријам била во својот дом сама и обземена од чувства на тага и очај. Постојано плачела и имала потреба да зборува со некого. Таа вели: „Немав сила да му се јавам никому, и затоа му се молев на Јехова. Додека сѐ уште плачев и се молев, заѕвони телефонот. Ми се јави еден старешина, еден драг пријател“. Миријам добила утеха од тој старешина и од неговата сопруга. Таа е уверена дека Јехова го поттикнал овој брат да ѝ се јави.

Како може Јехова да ги поттикне другите да ни помогнат? (види во пасуси 13-14)

13. Наведи пример за тоа како Јехова може да ги употреби оние што не му служат за да одговори на нашите молитви.

13 Може да ни помогне преку луѓе кои не му служат (Изр. 21:1). Понекогаш Јехова одговара на молитвите на своите слуги така што поттикнува некои луѓе кои не му служат да дејствуваат во корист на неговиот народ. На пример, тој го поттикнал цар Артаксеркс да го одобри барањето на Неемија да се врати во Ерусалим за да помогне околу обновата на градот (Неем. 2:3-6). И денес, Јехова може да поттикне дури и некој кој не му служи да ни помогне кога имаме потреба од тоа.

14. Како те охрабри искуството на Су Хинг? (Види ја и сликата.)

14 Сестра Су Хинг почувствувала дека Јехова ѝ помогнал преку еден лекар. Нејзиниот син, кој има психички проблеми, при една несреќа паднал и тешко се повредил. Затоа сестра Су и нејзиниот сопруг дале отказ од работа за да се грижат за него. Поради тоа имале финансиски проблеми. Су Хинг рекла дека притисокот што го чувствувала бил толку голем што повеќе не можела да издржи. Таа отворено му кажала на Јехова како се чувствува и го молела за помош. Лекарот се заинтересирал за нивниот случај и решил да им помогне. Како резултат на тоа, тие добиле социјална помош од државата и соодветно место за живеење. Су Хинг рекла: „Можевме јасно да видиме како Јехова ни помага. Тој навистина ’ги слуша молитвите‘“ (Пс. 65:2).

ПОТРЕБНА Е ВЕРА ЗА ДА ГО ЗАБЕЛЕЖИМЕ И ПРИФАТИМЕ ОДГОВОРОТ НА НАШИТЕ МОЛИТВИ

15. Што ѝ помогнало на една сестра да сфати дека Јехова одговара на нејзините молитви?

15 Обично, не добиваме спектакуларен одговор на нашите молитви. Но, одговорите што ги добиваме се токму она што ни е потребно за да му останеме верни на нашиот небесен Татко. Затоа, труди се да забележиш како Јехова одговара на твоите молитви. Сестра Јоко мислела дека Јехова не одговара на нејзините молитви. Но, потоа почнала да си ги запишува работите за кои се молела. По некое време, го разгледувала она што го запишала и сфатила дека Јехова одговорил на повеќето од нејзините молитви, дури и на некои што ги заборавила. Одвреме-навреме, треба да си одвоиме време за да размислиме како Јехова одговара на нашите молитви (Пс. 66:19, 20).

16. Како може да покажеме вера кога станува збор за нашите молитви? (Евреите 11:6).

16 Ние покажуваме вера не само со тоа што му се молиме на Јехова туку и со тоа што го прифаќаме одговорот на нашите молитви, без разлика каков е тој. (Прочитај Евреите 11:6.) Размисли за примерот на Мајк и неговата жена Криси. Тие имале цел да служат во Бетел. Мајк вели: „Откако стапивме во брак, со години поднесувавме молби и му се молевме на Јехова за оваа цел одново и одново, но никогаш не бевме поканети“. Мајк и Криси останале уверени дека Јехова најдобро знае како да ги користи во службата за него. Тие продолжиле да прават сѐ што можат, така што служеле како општи пионери онаму каде што имало поголема потреба од објавители и помагале во теократски градежни проекти. Денес, тие служат во патувачкото дело. Мајк вели: „Јехова не одговараше секогаш на нашите молитви онака како што ние очекувавме. Но тој одговори на нив, и тоа на начини кои беа дури и подобри од тоа што можевме да си го замислиме“.

17-18. Според Псалм 86:6, 7, во што може да бидеме уверени?

17 Прочитај Псалм 86:6, 7. Псалмистот Давид бил уверен дека Јехова ги слуша неговите молитви и дека одговара на нив. И ти можеш да бидеш уверен во истото. Примерите што ги разгледавме во оваа статија нѐ уверуваат дека Јехова може да ни даде мудрост и сила да истраеме. Тој може да ги употреби нашите духовни браќа и сестри, па дури и оние кои во моментот не му служат, за да ни помогнат на некој начин.

18 Иако Јехова можеби нема секогаш да одговори на нашите молитви онака како што ние очекуваме, сепак знаеме дека тој ќе одговори на нив. Тој ќе ни го даде токму она што ни е потребно, и тоа во вистинското време. Затоа, продолжи да се молиш и имај вера дека Јехова ќе се грижи за тебе сега, и дека во претстојниот нов свет „ќе ја задоволи желбата на сѐ што е живо“ (Пс. 145:16).

ПЕСНА 46 Ти благодариме, Јехова!

a Јехова нѐ уверува дека ќе одговори на нашите молитви доколку се во склад со неговата волја. Додека минуваме низ некоја неволја, може да бидеме сигурни дека тој ќе ни ја даде потребната помош за да му останеме верни. Да видиме како Јехова одговара на нашите молитви.

b Повеќе информации за тоа зошто Јехова дозволил Сатана да владее со светот можеш да најдеш во статијата „Никогаш не губи од вид колку е важно спорното прашање“, која излезе во Стражарска кула од јуни 2017.

c Некои имиња се сменети.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Една мајка и нејзината ќерка пристигнуваат во друга земја како бегалци. Соверниците срдечно ги пречекуваат и им пружаат практична помош.