Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 22

Продолжи да одиш по патот на светоста

Продолжи да одиш по патот на светоста

Таму ќе има пат, ќе се вика Пат на светоста (ИСА. 35:8)

ПЕСНА 31 Да одиме со Бог!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. Каква важна одлука требало да донесат Евреите што живееле во Вавилон? (Езра 1:2-4).

 ЕВРЕИТЕ кои биле во ропство во Вавилон околу 70 години добиле една прекрасна вест — дека можат да се вратат во својата татковина, Израел. (Прочитај Езра 1:2-4.) Тоа било можно само со помош од Јехова. Зошто може да го кажеме ова? Вавилон обично не ги ослободувал своите заробеници (Иса. 14:4, 17). Но, Вавилон бил поразен и новиот владетел им кажал на Евреите дека можат да се вратат во својата земја. Така секој Евреин, особено ако бил глава на семејството, требало да донесе одлука — дали да замине од Вавилон или да остане. Не било лесно да се донесе една ваква одлука. Зошто?

2 Многумина биле престари за да тргнат на тој долг пат. А бидејќи повеќето од Евреите биле родени во Вавилон, за нив тоа бил единствениот дом за кој знаеле. За нив Израел била само земјата на нивните предци. Некои Евреи сигурно многу се збогатиле во Вавилон и затоа можеби им било тешко да ги остават своите удобни домови или работата и да се преселат во непозната земја.

3. Каков благослов ги очекувал верните Евреи кои одлучиле да се вратат во Израел?

3 Верните Евреи знаеле дека благословите што ќе ги добијат доколку се вратат во Израел ќе бидат многу поголеми од која и да било жртва што ќе требало да ја направат. Најголемиот благослов бил поврзан со обожавањето на Јехова. Иако во Вавилон имало повеќе од 50 пагански храмови, во тој град немало ниту еден храм на Јехова. Немало олтар каде што Израелците би можеле да ги принесуваат жртвите кои биле пропишани со Мојсеевиот закон и немало организирано свештенство за да ги принесува тие жртви. Освен тоа, Јеховините слуги биле многу помалку на број во однос на луѓето кои обожавале лажни богови и воопшто не го почитувале Јехова и неговите мерила. Затоа, илјадници Евреи кои го сакале Јехова едвај чекале да се вратат во својата земја за да можат повторно да го обожаваат Бог на исправен начин.

4. Каква помош им ветил Јехова на оние Евреи што ќе се врателе во Израел?

4 Дословното патување од Вавилон до Израел било тешко и можело да трае околу четири месеци. Но, Јехова ветил дека ќе ја отстрани секоја препрека што би можела да ги спречи да се вратат во Ерусалим. Исаија напишал: „Расчистете му го патот на Јехова! Израмнете му ја низ пустината патеката на нашиот Бог!... Ритчестиот крај нека стане рамен, нерамниот крај нека се претвори во рамница!“ (Иса. 40:3, 4). Замисли си пат кој минува низ пустина, еден планински предел претворен во рамница. Колкав благослов за оние што требало да патуваат по тој пат! За нив би било многу полесно да патуваат по еден прав пат, отколку да одат горе-долу по планини и долини. Исто така, патувањето ќе траело пократко.

5. Какво име му било дадено на симболичниот пат што водел од Вавилон до Израел?

5 Денес, многу дословни патишта имаат име или број. И симболичниот пат за кој пишувал Исаија имал име. Во Библијата читаме: „Таму ќе има друм, пат, ќе се вика Пат на светоста. По него нема да оди ниту еден нечист“ (Иса. 35:8). Што значело ова ветување за Израелците од тоа време? И, што значи за нас денес?

ПАТОТ НА СВЕТОСТА ВО МИНАТОТО И ДЕНЕС

6. Зошто овој пат бил наречен свет пат?

6 „Пат на светоста“ — колку убаво име за еден пат! А зошто бил наречен свет пат? Во Израел ќе немало место за ниту еден нечист, за ниту еден Евреин кој бил решен да врши неморал, идолопоклонство или некој друг голем грев. Евреите кои ќе се врателе од Вавилон ќе станеле „свет народ“ за својот Бог (5. Мој. 7:6). Сепак, тоа не значело дека тие Евреи не требало да направат некои промени со цел да му угодат на Јехова.

7. Какви промени требало да направат некои Евреи? Наведи пример.

7 Како што спомнавме претходно, повеќето Евреи биле родени во Вавилон и многумина од нив очигледно прифатиле некои од ставовите и вредностите на Вавилонците. Шеесет и девет години откако првите Евреи се вратиле во Израел, Езра дознал дека некои Евреи стапиле во брак со паганки (2. Мој. 34:15, 16; Езра 9:1, 2). А подоцна, управителот Неемија бил запрепастен кога сфатил дека децата што се родиле во Израел не го знаеле хебрејскиот јазик (5. Мој. 6:6, 7; Неем. 13:23, 24). Како ќе можеле овие деца да научат да го сакаат Јехова и да му служат кога не разбирале хебрејски — главниот јазик на кој била пишувана Божјата Реч? (Езра 10:3, 44). Значи, овие Евреи требало да направат големи промени. Но, ќе им било многу полесно да ги направат тие промени бидејќи живееле во Израел каде што обожавањето на вистинскиот Бог постепено се обновувало (Неем. 8:8, 9).

Од 1919 год. од н.е. па наваму, милиони мажи, жени и деца излегле од Големиот Вавилон и почнале да одат по патот на светоста (види во пасус 8)

8. Зошто треба да нѐ интересираат настаните што се случиле пред многу векови? (Види ја сликата на насловната страница.)

8 Некој би можел да си помисли: „Сето ова е многу интересно“. Но дали она што им се случило на Евреите пред толку многу векови има некакво значење за нас денес? Има, затоа што во одредена смисла и ние одиме по патот на светоста. Без разлика дали сме помазаници или сме дел од „другите овци“ и ние треба да останеме на патот на светоста бидејќи нѐ води низ духовен рај денес, а во иднина ќе нѐ доведе до рајот каде што Божјето Царство ќе излее многу благослови b (Јован 10:16). Почнувајќи од 1919 год. од н.е., милиони мажи, жени и деца излегле од Големиот Вавилон, лажните религии како целина, и почнале да одат по тој симболичен пат. Веројатно, и ти си меѓу нив. Иако овој пат бил отворен пред околу 100 години, подготовките за тој пат започнале со векови пред тоа.

ПОДГОТВУВАЊЕ НА ПАТОТ

9. Според Исаија 57:14, како бил подготвен патот на светоста?

9 Кога Евреите требало да го напуштат Вавилон, Јехова се погрижил да бидат отстранети препреките од патот. (Прочитај Исаија 57:14.) А како е со денешниот „Пат на светоста“? Стотици години пред 1919 год., Јехова почнал да користи некои мажи кои имале длабока почит кон него за да помогнат да се расчисти патот за излез од Големиот Вавилон. (Спореди со Исаија 40:3.) Тие ги направиле потребните подготовки за да им овозможат подоцна на искрените луѓе да излезат од лажната религија и да влезат во духовниот рај каде што можат на исправен начин да му служат на Јехова заедно со неговиот народ. Што сѐ било вклучено во овие подготовки? Да разгледаме некои од нив.

Стотици години, некои мажи кои имале длабока почит кон Бог помогнале да се расчисти патот за излез од Големиот Вавилон (види во пасуси 10-11)

10-11. Како печатењето и преведувањето на Библијата придонеле за ширењето на библиската вистина? (Види ја и сликата.)

10 Печатење. До средината на 15 век, Библијата била рачно препишувана. За таа работа било потребно многу време, а примероците на Библијата биле ретки и многу скапи. Но кога била пронајдена печатарската машина, печатењето на Библијата станало многу полесно и таа станала достапна за поголем број луѓе.

11 Преведување. Со векови Библијата била достапна главно на латински јазик, кој го разбирале само високообразованите луѓе. Но, кога печатењето се раширило во повеќе земји, многу луѓе кои имале длабока почит кон Бог вложувале голем труд за Библијата да биде преведувана на што повеќе јазици на кои зборувал обичниот народ. Така, оние што ја читале Библијата можеле да го споредат она на што ги поучувале свештениците со она што навистина го учи Библијата.

Некои мажи кои имале длабока почит кон Бог помогнале да се расчисти патот за излез од Големиот Вавилон (види во пасуси 12-14) c

12-13. Наведи пример како искрените истражувачи на Библијата во 19 век почнале да ги разоткриваат лажните религиозни учења.

12 Публикации за проучување на Библијата. Некои внимателни истражувачи на Библијата дознале многу работи од она што го читале во Божјата Реч. Но, на свештениците воопшто не им се допаѓало тоа што овие истражувачи на Библијата почнале да им го кажуваат на другите она што го дознале. На пример, во 19 век, голем број искрени лица почнале да објавуваат трактати во кои ги разоткривале лажните религиозни учења на црквите.

13 Некаде околу 1835 год., еден богобојазлив човек по име Хенри Гру објавил еден трактат во врска со состојбата на мртвите. Во него, со помош на Библијата, тој докажал дека ние не се раѓаме со бесмртност, како што учат повеќето цркви, туку дека таа е дар од Бог. Во 1837 год., еден методистички свештеник по име Џорџ Сторс нашол примерок од овој трактат додека се возел во воз. Го прочитал и бил уверен дека открил една важна вистина. Тој решил да го сподели со другите она што го дознал. Во 1842 год., тој одржал серија предавања на една интересна тема „Испитување — дали злобните се бесмртни?“ Делата на Џорџ Сторс извршиле позитивно влијание врз еден млад човек по име Чарлс Расел.

14. Како на брат Расел и на неговите соработници им користеле подготовките што биле направени во минатото во врска со патот на светоста? (Види ја и сликата.)

14 Како на брат Расел и на неговите соработници им користеле подготовките што биле направени во минатото во врска со патот на светоста? Додека истражувале, тие можеле да користат библиски лексикони, конкорданци и различни преводи на Библијата кои веќе биле подготвени пред тие да почнат со својата работа. Исто така, многу им користеле истражувањата на Хенри Гру, Џорџ Сторс и други. Брат Расел и неговите соработници и самите многу придонеле во подготовката на патот на светоста така што објавиле многу книги и трактати во кои се обработувале библиски теми.

15. Кои важни настани се случиле во 1919 год.?

15 Од 1919 год., Божјиот народ бил ослободен од секакво влијание на Големиот Вавилон. Истата година бил поставен „верниот и разборит роб“, токму навреме за да им изрази добредојде на искрените лица кои почнале да одат по патот на светоста (Мат. 24:45-47). Благодарение на работата што ја направиле некои верни луѓе во минатото, оние што зачекориле по патот на светоста можеле да дознаат повеќе за Јехова и за неговата намера (Изр. 4:18). Исто така, тие можеле да го доведат својот живот во склад со Јеховините барања. Јехова не очекувал неговиот народ да ги направи сите потребни промени одеднаш. Наместо тоа, тој го пречистувал својот народ постепено. (Види ја рамката „ Јехова постепено го пречистува својот народ“.) Замисли колку ќе бидеме среќни кога ќе можеме да го радуваме нашиот Бог со сѐ што правиме! (Кол. 1:10).

ПАТОТ НА СВЕТОСТА СЀ УШТЕ Е ОТВОРЕН

16. Почнувајќи од 1919 год., како се одржува патот на светоста? (Исаија 48:17; 60:17).

16 На секој пат му е потребно редовно одржување. Почнувајќи од 1919 год., постојано се работи на патот на светоста за да можат што е можно повеќе луѓе да излезат од Големиот Вавилон. Верниот и разборит роб, кој бил поставен таа година, се фатил за работа и во 1921 год. објавил една книга за проучување на Библијата која била наменета да им помогне на оние кои почнале да учат за библиските вистини. Таа книга со наслов Божја харфа, низ годините била отпечатена во скоро шест милиони примероци на 36 јазици, и така многумина можеле да ја дознаат вистината од неа. Неодамна ја добивме нашата нова публикација за водење библиски курсеви Радувај му се на животот засекогаш. Во текот на овие последни денови, преку својата организација, Јехова постојано ни обезбедува духовна храна која ни помага на сите нас да продолжиме да одиме по патот на светоста. (Прочитај Исаија 48:17; 60:17.)

17-18. Каде води патот на светоста?

17 Можеме да кажеме дека секогаш кога некој ќе прифати да ја проучува Библијата, тој има можност да зачекори на патот на светоста. Некои одат по тој пат само кратко време, а потоа го напуштаат. Други се решени да продолжат да одат по него сѐ додека не стигнат до нивната крајна дестинација. Која е таа дестинација?

18 Патот на светоста ќе ги одведе оние што имаат небесна надеж до „Божјиот рај“ на небото (Отк. 2:7). Оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата, истиот пат ќе ги одведе до совршенство на крајот од илјадагодишното владеење. Ако и ти одиш по овој пат денес, не врти се назад. Не размислувај за работите што си ги оставил зад себе. И продолжи да одиш по овој пат сѐ додека не заврши твоето патување во новиот свет. Дотогаш, ти посакуваме „среќен пат“!

ПЕСНА 24 Дојдете на Јеховината гора!

a Симболичниот пат од Вавилон до Израел, Јехова го нарекол „Пат на светоста“. Дали и во денешно време Јехова на сличен начин расчистил еден пат за својот народ? Да. Почнувајќи од 1919 год. од н.е., милиони луѓе излегле од Големиот Вавилон и почнале да одат по патот на светоста. Секој од нас мора да остане на овој пат сѐ додека не стигнеме до нашата крајна дестинација.

b Види во Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво II, стр. 56-57.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Додека ја истражувале Библијата, брат Расел и неговите соработници користеле публикации кои биле подготвени уште пред тие да почнат со својата работа.