Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 24

Ти можеш да ги оствариш твоите духовни цели

Ти можеш да ги оствариш твоите духовни цели

Да не се откажеме од правење добро, бидејќи, ако не се умориме, ќе жнееме кога ќе дојде време (ГАЛ. 6:9)

ПЕСНА 84 Не штедиме сили!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Со каков предизвик се соочуваат многумина од нас?

 ДАЛИ некогаш си поставил некоја духовна цел, но ти било тешко да ја оствариш? b Ако е така, не си единствениот. На пример, Филип сакал да ги подобри своите молитви и да се моли почесто, но му било тешко да најде време да го прави тоа. Ерика имала за цел навреме да доаѓа на состаноците за проповедање. Сепак, таа и понатаму доцнела скоро на секој состанок. Томаш неколку пати се обидел да ја прочита целата Библија. Тој вели: „Едноставно не уживав во читањето на Библијата. Три пати се обидов да ја прочитам целата Библија, но сите три пати кога ќе стигнев до 3. Мојсеева се откажував“.

2. Зошто не треба да се обесхрабриме ако сме си поставиле некоја духовна цел, но сѐ уште не сме ја оствариле?

2 Ако во моментов имаш некоја цел што сѐ уште не си ја остварил, немој да се обесхрабруваш. Дури и ако треба да постигнеме некоја помала цел, тоа честопати бара време и многу труд. Но фактот дека сѐ уште сакаш да ја постигнеш твојата цел покажува дека го цениш твоето пријателство со Јехова и дека сакаш да му го дадеш најдоброто. Јехова го цени твојот труд. Се разбира, тој не очекува од тебе повеќе од она што можеш да го дадеш (Пс. 103:14; Мих. 6:8). Затоа, поставувај си разумни цели кои се во склад со твоите можности. Откако ќе си поставиш некоја цел, што можеш да правиш за да ја оствариш? Да разгледаме неколку предлози.

НЕОПХОДНА Е МОТИВАЦИЈА

Моли се за поголема мотивација (види во пасуси 3-4)

3. Зошто мотивацијата е многу важна?

3 За да постигнеш некоја духовна цел, многу е важно да имаш мотивација. Оној што има мотивација има силна желба да направи сѐ што е потребно за да ја оствари својата цел. Мотивацијата може да ја споредиме со ветрот кој движи една едрилица кон нејзината дестинација. Ако ветрот е силен, едрилицата може да стигне дури и побрзо. Слично на тоа, колку поголема мотивација имаме, толку поголема е веројатноста дека ќе ги оствариме нашите цели. Дејвид, еден брат од Ел Салвадор, вели: „Кога си мотивиран вложуваш поголем труд и правиш сѐ што можеш за да не дозволиш нешто да те спречи да ја оствариш својата цел“. Тогаш, што можеш да правиш за да имаш поголема мотивација?

4. За што може да се молиме? (Филипјаните 2:13; види ја и сликата).

4 Моли се за поголема мотивација. Преку својот свет дух, Јехова може да ти ја даде потребната мотивација за да ја оствариш твојата цел. (Прочитај Филипјаните 2:13.) Понекогаш си поставуваме некоја цел затоа што знаеме дека тоа треба да го направиме, и тоа е убаво. Но, всушност, можеби немаме желба да ја оствариме. Ова било случај и со една сестра од Уганда по име Норина. Таа си имала поставено за цел да води библиски курс, но немала доволно мотивација бидејќи сметала дека не знае добро да поучува. Што ѝ помогнало? Таа вели: „Почнав секој ден да го молам Јехова да ми помогне да имам поголема желба да водам библиски курс. Во исто време постапував во склад со моите молитви така што се трудев да ги подобрам моите вештини на поучување. По неколку месеци забележав дека имам поголема желба да водам библиски курс. Истата година започнав два библиски курса“.

5. Што може да ни помогне да ја зголемиме нашата мотивација за да оствариме некоја цел?

5 Размислувај за она што Јехова го направил за тебе (Пс. 143:5). Апостол Павле размислувал за незаслужената доброта што Јехова ја покажал кон него и тоа го поттикнало да вложува голем труд во службата за Јехова (1. Кор. 15:9, 10; 1. Тим. 1:12-14). Слично на тоа, колку повеќе размислуваш за она што Јехова го сторил за тебе, толку поголема мотивација ќе имаш за да ја оствариш твојата цел (Пс. 116:12). Размисли што ѝ помогнало на една сестра од Хондурас да ја постигне својата цел да стане општ пионер. Таа вели: „Размислував за тоа колку многу Јехова ме сака. На пример, тој ми помогна да станам дел од неговиот народ. Освен тоа, тој се грижи за мене и ме штити. Таквото размислување ја зајакна мојата љубов кон него и ме мотивираше да вложам поголем труд за да станам општ пионер“.

6. Што друго може да ни помогне да си ја зголемиме мотивацијата?

6 Концентрирај се на благословите што ќе ги добиеш ако ја оствариш твојата цел. Забележи што ѝ помогнало на Ерика, која ја спомнавме претходно, да ја постигне својата цел да не доцни. Таа вели: „Сфатив колку многу пропуштам поради тоа што доцнам на состаноците за проповедање. Но ако доаѓам порано, ќе можам да се поздравам со браќата и сестрите и да поминам повеќе време со нив. Исто така, ќе можам да слушнам практични предлози што ќе ми помогнат уште повеќе да уживам во службата и подобро да ја извршувам“. Ерика се концентрирала на тоа како ќе ѝ користи точноста, и тоа ѝ помогнало да ја оствари својата цел. На кои благослови би можел да се концентрираш ти? Ако твојата цел е поврзана со читањето на Библијата или со молитвата, размислувај како таа цел ќе го зајакне твоето пријателство со Јехова (Пс. 145:18, 19). Ако имаш цел да развиеш некоја христијанска особина, концентрирај се на тоа како таа особина ќе ти помогне да ги подобриш своите односи со другите (Кол. 3:14). Би можел да си ги запишеш сите причини поради кои би сакал да ја оствариш твојата цел, а потоа редовно потсетувај се што си запишал. Томаш, кого го спомнавме претходно, вели: „Колку повеќе причини имам за да остварам некоја цел, толку помала е веројатноста да се откажам од неа“.

7. Што им помогнало на Хулио и на неговата сопруга да ја остварат нивната цел?

7 Поминувај време со оние што ќе те мотивираат (Изр. 13:20). Забележи што им помогнало на Хулио и на неговата сопруга да ја постигнат нивната цел да се преселат онаму каде што има поголема потреба од објавители. Хулио вели: „Си избиравме пријатели со кои можевме да зборуваме за нашата цел и кои нѐ поттикнуваа да ја оствариме. Многумина од нив веќе имаа постигнато слични цели, па затоа можеа да ни дадат корисни предлози. Исто така, нашите пријатели нѐ прашуваа до каде сме со плановите и нѐ охрабруваа кога тоа ни беше потребно“.

АКО НЕМАМЕ МОТИВАЦИЈА

Работи на тоа да ја оствариш твојата цел (види во пасус 8)

8. Што може да се случи доколку работиме на некоја цел само кога сме мотивирани? (Види ја и сликата.)

8 Но, да бидеме реални, има денови кога немаме мотивација. Дали ова значи дека не можеме да работиме на нашата цел? Не. Да се вратиме на споредбата со едрилицата. Ветрот има сила да ја движи едрилицата кон нејзината дестинација. Сепак, ветрот нема секогаш иста јачина, а некои денови може и воопшто да нема ветар. Дали ова значи дека оној што управува со едрилицата не може да продолжи да се движи? Не мора да значи. На пример, некои едрилици имаат мотор, а други имаат весла. Едриличарот може да ги користи овие средства за да продолжи да се движи кон својата цел. Нашата мотивација може да ја споредиме со ветрот. Некои денови таа може да биде посилна, а други денови послаба. А понекогаш може и воопшто да немаме мотивација да работиме на нашата цел. Значи, ако работиме на нашата цел само кога сме мотивирани, можеби никогаш нема да ја оствариме. Но исто како едриличарот кој наоѓа други начини за да стигне до својата дестинација, ние може да продолжиме да работиме на нашата цел дури и кога не сме мотивирани. Се разбира, ова нема да биде лесно и ќе ни биде потребно самодисциплина. Но, тоа што ќе ја оствариме нашата цел ќе ни донесе радост. Пред да разгледаме што може да правиме, да видиме кое прашање може да се појави.

9. Дали е погрешно да продолжиме да работиме на некоја цел дури и кога немаме доволно мотивација? Објасни.

9 Јехова сака да му служиме радосно и од срце (Пс. 100:2; 2. Кор. 9:7). Тогаш, дали ова значи дека треба да продолжиме да работиме на нашата духовна цел дури и ако немаме доволно мотивација? Размисли за примерот на апостол Павле. Тој рекол: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб“ (1. Кор. 9:25-27). Значи, Павле се присилувал да го прави она што е исправно дури и кога немал желба да го прави она што Јехова го барал од него. Дали Јехова бил задоволен од службата на Павле? Секако дека бил, и затоа го наградил за неговиот труд (2. Тим. 4:7, 8).

10. Како ќе ни користи тоа што ќе продолжиме да работиме на некоја цел дури и кога немаме мотивација?

10 Слично како во случајот со Павле, Јехова е задоволен кога гледа дека се трудиме да ја оствариме нашата цел дури и кога немаме мотивација за тоа. Иако понекогаш можеби не правиме некоја активност затоа што ја сакаме, сепак Јехова е задоволен бидејќи знае дека ја правиме од љубов кон него. Исто како што го благословил Павле, Јехова ќе нѐ благослови и нас за трудот што го вложуваме (Пс. 126:5). А кога ќе го почувствуваме благословот од Јехова, можеби дури ќе добиеме и мотивација. Една сестра од Полска, по име Луцина, вели: „Понекогаш не ми се оди во служба, особено кога сум уморна. Но, радоста што ја чувствувам откако сепак ќе излезам е еден прекрасен дар“. А сега да разгледаме што може да правиме ако немаме мотивација.

11. Како Јехова може да ни помогне да имаме поголема самоконтрола?

11 Моли се за самоконтрола. Самоконтролата е способност да ги контролираме нашите чувства и постапки. Овој израз честопати ја пренесува мислата да се воздржуваме од тоа да правиме лоши работи. Но, самоконтролата е потребна и за да бидеме поттикнати да правиме добро, особено ако ни е тешко да направиме нешто или ако немаме мотивација. Не заборавај дека самоконтролата, односно самосовладувањето, е еден од плодовите на светиот дух. Затоа, моли го Јехова да ти помогне со својот свет дух да ја развиеш оваа важна особина (Лука 11:13; Гал. 5:22, 23). Дејвид, кого го спомнавме претходно, објаснува како му помогнала молитвата. Тој имал цел редовно да проучува. Дејвид вели: „Го молев Јехова да ми помогне да имам поголема самоконтрола. Со негова помош, успеав да направам добар план за проучување и да се држам за него“.

12. Како начелото од Проповедник 11:4 може да ни помогне да ги оствариме нашите духовни цели?

12 Немој да чекаш совршени околности. Во овој свет веројатно никогаш нема да имаме идеални околности. Ако чекаме тоа да се случи, можеби никогаш нема да ја оствариме својата цел. (Прочитај Проповедник 11:4.) Еден брат по име Дејниел вели: „Совршени околности не постојат. Со тоа што едноставно ќе започнеме да правиме некоја работа ние, всушност, си ги создаваме најдобрите околности“. Еден брат од Уганда, по име Пол, спомнува уште една причина зошто не треба да ги одложуваме работите: „Кога ќе почнеме да правиме нешто и покрај тешките околности, му даваме можност на Јехова да нѐ благослови“ (Мал. 3:10).

13. Зошто е добро да почнеме со помали цели?

13 Почни со помали цели. Можеби ни фали мотивација затоа што нашата цел ни изгледа претешка за да ја оствариме. Ако ова е случај и со тебе, би можел ли да ја поделиш твојата цел на помали цели? Ако имаш цел да развиеш некоја особина, најпрво би можел да ја покажуваш во помали работи. Ако твојата цел е да ја прочиташ целата Библија, за почеток читај пократко време. На Томаш, кого го спомнавме на почетокот, не му било лесно да ја оствари својата цел да ја прочита Библијата за една година. Тој вели: „Сфатив дека темпото што го имав одредено беше пребрзо за мене. Затоа решив повторно да се обидам, но овојпат направив план секој ден да читам по неколку стихови и да размислувам за нив. Како резултат на тоа, почнав да уживам во читањето“. Бидејќи Томаш сѐ повеќе уживал во читањето, тој почнал да одвојува повеќе време за тоа. На крај успеал да ја прочита целата Библија. c

НЕ СЕ ОБЕСХРАБРУВАЈ АКО СЕ ПОЈАВАТ ПРЕЧКИ

14. Кои пречки можат да ни отежнат да ја оствариме нашата цел?

14 За жал, без разлика колку сме мотивирани или дисциплинирани, сепак можат да се појават пречки. На пример, „непредвидените настани“ можат да ни го одземат времето што ни е потребно за да работиме на нашата цел (Проп. 9:11). Можеби ќе се соочиме со некоја тешкотија која ќе нѐ обесхрабри или ќе ни ја одземе силата (Изр. 24:10). Бидејќи сме несовршени, може да направиме некои грешки кои ќе ни отежнат да ја оствариме нашата цел (Рим. 7:23). Или, едноставно може да се чувствуваме уморно (Мат. 26:43). Што може да ни помогне да ги надминеме ваквите пречки?

15. Ако се појави некоја пречка, дали тоа значи дека треба да се откажеш? Објасни (Псалм 145:14).

15 Имај на ум дека, дури и ако се појави некоја пречка, тоа не значи дека треба да се откажеш. Библијата ни кажува дека одново и одново може да се соочуваме со проблеми или тешкотии. Но, исто така, таа јасно ни кажува дека, дури и ако паднеме, со помош од Јехова ние може пак да станеме. (Прочитај Псалм 145:14.) Брат Филип, кого го спомнавме претходно, вели: „Мојот успех не зависи од тоа колку пати ќе паднам. Напротив, успехот е поврзан со тоа колку пати ќе успеам да станам и да продолжам“. Дејвид, кој беше цитиран претходно, вели: „Кога ќе се појави некоја пречка или кога имам лош ден, на тоа гледам како на можност да му покажам на Јехова колку многу го сакам“. Со тоа што ќе продолжиш да се движиш напред и покрај пречките што ќе се појават, му докажуваш на Јехова дека сакаш да го радуваш. На Јехова сигурно му е многу мило кога гледа дека и понатаму се трудиш да ја оствариш твојата цел.

16. Што може да научиме кога ќе се појави некоја пречка?

16 Гледај на пречките како на можност да научиш нешто. Размисли од која причина се појавила некоја пречка и прашај се: „Дали можам нешто да направам за да не се случи повторно истото?“ (Изр. 27:12). Но, ако понекогаш ни е тешко да оствариме некоја цел, тоа би можело да значи дека целта не била реалистична. Ако сметаш дека ова е случај и со тебе, преиспитај ја твојата цел за да видиш дали реално можеш да ја оствариш. d Јехова нема да те смета за неуспешен затоа што не си остварил некоја цел која за тебе била недостижна (2. Кор. 8:12).

17. Зошто не треба да ги заборавиме целите што веќе сме ги оствариле?

17 Не го заборавај она што веќе си го постигнал. Библијата вели: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело“ (Евр. 6:10). Значи, ни ти не треба да го заборавиш она што си го направил досега. Размислувај за оние цели што веќе си ги остварил — си развил пријателство со Јехова, им кажуваш на другите за него и си се крстил. Исто како што во минатото си напредувал и си ги остварил своите духовни цели, ти можеш да продолжиш да напредуваш и да ја постигнеш целта што ја имаш во моментов (Фил. 3:16).

Уживај во патувањето (види во пасус 18)

18. Што не треба да заборавиме додека се трудиме да оствариме некоја наша цел? (Види ја и сликата.)

18 Со помош од Јехова ти можеш да ја оствариш твојата цел исто како што еден едриличар среќно пристигнува на својата дестинација. Освен тоа, имај на ум дека многу едриличари уживаат и во самото патување. На сличен начин, додека и понатаму работиш на тоа да ја оствариш твојата духовна цел, немој да заборавиш и да уживаш додека гледаш како во меѓувреме Јехова ти помага и те благословува (2. Кор. 4:7). Ако не се откажеш, ќе можеш да доживееш и многу други благослови (Гал. 6:9).

ПЕСНА 126 Бдејте, сите бидете јаки!

a Јеховината организација често нѐ поттикнува да си поставуваме духовни цели. Но, што ако сме си поставиле некоја важна цел, но ни е тешко да ја оствариме? Во оваа статија ќе разгледаме неколку предлози за тоа како може да ги постигнеме нашите цели.

b ПОЈАСНУВАЊЕ: Во духовни цели спаѓа сето она што се трудиме да го постигнеме за да може да му служиме на Јехова во уште поголема мера и да го радуваме. На пример, би можел да си поставиш за цел да работиш на некоја особина или да се подобриш во некој дел од обожавањето на Јехова, како на пример во читањето на Библијата, личното проучување или во службата на проповедање.

c Види во книгата Извлечи корист од Теократската школа за служба, стр. 10, пас. 5.

d Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Имај разумни очекувања и ќе бидеш радосен“, во Стражарска кула од 15 јули 2008.