Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Гостољубивоста — скапоцена особина која денес е толку потребна!

Гостољубивоста — скапоцена особина која денес е толку потребна!

Гостољубиво примајте се еден со друг без негодување (1. ПЕТ. 4:9)

ПЕСНИ: 100, 87

1. Со какви тешкотии се соочувале христијаните во првиот век?

НЕКАДЕ меѓу 62 и 64 год. од н.е., апостол Петар им пишал на христијаните кои биле „распрснати по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија“ (1. Пет. 1:1). Овие браќа и сестри имале различно потекло и различна култура. Тие биле прогонувани, и затоа имале потреба од охрабрување и водство. Исто така, живееле во многу опасно време. Петар напишал: „Се приближи крајот на сѐ“. Всушност, за помалку од десет години, Ерусалим ќе бил уништен. Што можело да им помогне на христијаните, без оглед каде живееле, да го пребродат тој тежок период? (1. Пет. 4:4, 7, 12).

2, 3. Зошто Петар ги поттикнал браќата да бидат гостољубиви? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

2 Една работа на која Петар ги поттикнал браќата била да покажуваат гостољубивост (1. Пет. 4:9). Грчкиот збор преведен со „гостољубивост“ дословно значи „љубов кон непознати“. Но, Петар ги поттикнал браќата и сестрите да бидат гостољубиви едни кон други иако веќе се познавале и меѓусебно соработувале. Како ќе им помогнела гостољубивоста?

3 Таа уште повеќе ќе ги зближела. А како е со тебе? Сигурно се сеќаваш колку ти било убаво кога си отишол некаде на гости. Или, кога ти си поканил некого кај тебе, зарем не сте се зближиле уште повеќе? Еден добар начин да ги запознаеме браќата и сестрите е да им покажеме гостољубивост. Христијаните од времето на Петар требало да се зближат едни со други бидејќи условите околу нив се влошувале. Истото важи и за нас бидејќи живееме во „последните денови“ (2. Тим. 3:1).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во кои прилики можеме да покажеме гостољубивост? Зошто не треба да дозволиме ништо да нѐ спречи да бидеме гостољубиви? Што може да ни помогне да бидеме добри гости?

ПРИЛИКИ ВО КОИ МОЖЕ ДА ПОКАЖЕМЕ ГОСТОЉУБИВОСТ

5. Како можеме да бидеме гостољубиви на нашите состаноци?

5 На состаноците: Јехова и неговата организација нѐ канат на состаноците. Ние сакаме сите да се чувствуваат добредојдено на нашите состаноци, особено новите (Рим. 15:7). Бидејќи и тие се гости на Јехова, треба да им помогнеме да се чувствуваат пријатно, сеедно како изгледаат или како се облечени (Јак. 2:1-4). Ако забележиш дека некој дошол сам на состанокот, би можел ли да го поканиш да седне до тебе? Можеби ќе биде благодарен ако му помогнеш да ја следи програмата или да ги најде библиските стихови. Ова е убав начин да покажеме гостољубивост (Рим. 12:13).

6. Кон кого треба најмногу да покажуваме гостољубивост?

6 На јадење: Во библиски времиња, луѓето обично изразувале гостољубивост така што канеле гости на јадење. Со тоа покажувале дека сакаат да им бидат пријатели и да бидат во мир со нив (1. Мој. 18:1-8; Суд. 13:15; Лука 24:28-30). Кон кого треба најмногу да бидеме гостољубиви? Кон браќата и сестрите од собранието. Како што условите во овој свет се влошуваат, ќе треба сѐ повеќе да си помагаме и да бидеме блиски пријатели. Интересно е што во 2011 год. Водечкото тело одлучи бетелското семејство во САД да го одржува Проучувањето на Стражарска кула во 18:15 наместо во 18:45 часот. Зошто? Беше објаснето дека, ако состанокот заврши порано, тоа можеби ќе им олесни на бетелците да се канат едни со други на гости. Други подружници го направиле истото. Ова им даде убава можност на членовите на бетелското семејство да станат поблиски меѓу себе.

7, 8. Како можеме да покажеме гостољубивост кон браќата кои доаѓаат да држат предавања во нашето собрание?

7 Прилики да покажеме гостољубивост имаме и кога во нашата сала за состаноци ќе дојдат браќа кои држат јавни предавања, покраински надгледници или претставници на подружницата. (Прочитај 3. Јованово 5-8.) На пример, би можеле да ги поканиме на закуска или оброк.

8 Една сестра од САД се сеќава: „Низ годините, јас и маж ми имавме можност да поканиме на гости многу говорници заедно со нивните сопруги. Секојпат си поминувавме прекрасно — ни беше забавно, а пред сѐ, духовно се зајакнувавме. Никогаш не зажаливме за тоа“.

9, 10. а) Кон кого можеби ќе треба да покажеме гостољубивост на подолго време? б) Дали можат да помогнат оние што имаат мал дом? Наведи пример.

9 Гости на подолго време: Во библиско време, било вообичаено на некои гости да им се даде место за преноќевање (Јов 31:32; Филим. 22). И во наше време може да се појави таква потреба. На покраинските надгледници честопати им треба сместување кога се во посета на собранијата. Истото може да биде случај и со браќата и сестрите кои одат на некоја од теократските школи или учествуваат во градежни проекти. Освен тоа, кога ќе се случи природна катастрофа, некои семејства остануваат без покрив над главата и имаат потреба од сместување додека нивниот дом не биде поправен или повторно изграден. Не треба да си мислиме дека само оние што имаат големи домови можат да помогнат. Тие можеби веќе помогнале многу пати. Можеш ли да понудиш некому сместување дури и ако имаш мал дом?

10 Еден брат од Јужна Кореја со радост се сеќава на периодот кога кај него престојувале браќа и сестри кои биле на теократски школи. Тој вели: „Во почетокот се колебав бидејќи само што стапив во брак и живеевме во мала куќа. Но, многу убаво си поминувавме со нашите гости. Како млад брачен пар, имавме прилика да видиме колку може да биде среќен еден пар кога му служи на Јехова и има заеднички духовни цели“.

11. Зошто треба да им покажеш гостољубивост на новите во твоето собрание?

11 Нови браќа и сестри во собранието: Во твоето собрание можеби ќе се преселат некои браќа и сестри, па дури и цели семејства. Можеби дошле бидејќи на собранието му е потребна помош. Можеби тоа се пионери кои се испратени да служат во твоето собрание. Тоа е голема промена за нив. Ќе мора да се приспособат на ново подрачје, на ново собрание, па можеби и на нов јазик или култура. Би можел ли да ги поканиш на гости или да излезете некаде заедно? Тоа ќе им помогне да стекнат нови пријатели и полесно да се приспособат на новите околности.

12. Кое искуство потврдува дека за гостољубивост не е потребно многу?

12 За да покажеме гостољубивост, не е потребно многу. (Прочитај Лука 10:41, 42.) Еден брат се сеќава на една случка кога со жена му почнале да служат како мисионери. Тој вели: „Бевме млади, неискусни и носталгични. Една вечер, жена ми чувствуваше голема носталгија, а моите обиди да ѝ помогнам беа безуспешни. Тогаш, околу 19:30 часот, некој тропна на вратата. Тоа беше една интересентка која ни донесе три портокали, со што сакаше да ни изрази добредојде. Ја поканивме внатре и ѝ дадовме чаша вода. Потоа направивме чај и топло чоколадо. Сѐ уште не зборувавме свахили, а таа не знаеше англиски“. Братот вели дека тоа искуство им помогнало да започнат нови пријателства со локалните браќа и сестри, што им било извор на голема радост.

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ НИШТО ДА ТЕ СПРЕЧИ ДА БИДЕШ ГОСТОЉУБИВ

13. Зошто е корисна гостољубивоста?

13 Дали некогаш си се колебал да покажеш гостољубивост? Ако да, можеби си пропуштил прилика да си поминеш убаво и да склопиш пријателства кои ќе траат засекогаш. Гостољубивоста е еден од најдобрите начини да се победи осаменоста. Но, можеби се прашуваш: „Зошто некој би се колебал да покаже гостољубивост?“ Има неколку причини.

14. Што може да правиме ако немаме многу време и сила да покажеме гостољубивост?

14 Време и сила: Слугите на Јехова се многу зафатени и имаат голем број одговорности. Некои можеби сметаат дека немаат доволно време и сила да бидат гостољубиви. Ако тоа е случај и со тебе, можеби ќе треба да смениш нешто во твојот распоред за да можеш самиот да покажеш или да прифатиш гостољубивост. Ова е важно бидејќи Библијата нѐ поттикнува да бидеме гостољубиви (Евр. 13:2). Значи, не е погрешно да одвојуваме време за гости — напротив, треба да го правиме тоа. Но за таа цел можеби ќе треба да трошиме помалку време на работи кои не се толку важни.

15. Зошто некои сметаат дека не можат да покажат гостољубивост?

15 Како гледаш на себеси: Дали некогаш си мислел дека не можеш да покажеш гостољубивост иако си сакал да го сториш тоа? Можеби си срамежлив или се плашиш дека на гостите ќе им биде здодевно. Можеби немаш многу пари и мислиш дека не можеш да им го пружиш на гостите она што им го пружаат други браќа и сестри. Но, не заборавај дека твојот дом не мора да биде нешто посебно. На твоите гости ќе им биде убаво ако домот ти е чист и уреден и ако си пријателски настроен.

16, 17. Што можеш да направиш ако те плаши помислата да поканиш гости?

16 Доколку помислата да поканиш гости малку те плаши, не си единствен. Еден старешина во Британија признава: „Можеби ќе чувствуваш одредена мера трема додека се подготвуваш за гостите. Но, како што е случај и со другите работи кои се поврзани со службата за Јехова, благословите и задоволството далеку ја надминуваат секоја грижа. Со некои гости сме си поминале убаво иако само сме седеле, сме пиеле кафе и сме си муабетеле“. Не заборавај дека секогаш е добро да покажеме личен интерес за гостите (Фил. 2:4). Речиси секој сака да раскажува искуства од својот живот. Можеме да ги чуеме искуствата на другите само ако се дружиме со нив. Друг старешина рекол: „Тоа што канам на гости браќа и сестри од собранието ми помага подобро да ги разберам и ми овозможува да дознаам нешто повеќе за нив, особено како дошле во вистината“. Ако им покажеш на гостите дека си заинтересиран за нив, можеш да бидеш уверен дека сите ќе уживаат во дружењето.

17 Една пионерка кај која често престојувале браќа и сестри кои учествувале на разни теократски школи признала: „На почетокот бев загрижена бидејќи мојот дом е многу скромен, а мебелот што го имам е стар. Но сопругата на еден од инструкторите многу ме охрабри. Ми рече дека, кога таа и маж ѝ служат во патувачкото дело, најубаво си поминуваат кога престојуваат кај браќа кои можеби немаат многу во материјален поглед, но имаат исти духовни цели како нив — да му служат на Јехова и да водат едноставен живот. Ова ме потсети на зборовите што ми ги кажуваше мајка ми кога бев дете: ’Подобро е јадење од зеленчук таму каде што има љубов‘“ (Изр. 15:17). Значи, не треба воопшто да се грижиш бидејќи најважно е на гостите да им покажеме љубов.

18, 19. Како нашата гостољубивост може да ни помогне да ги совладаме негативните чувства што ги имаме кон другите?

18 Како гледаш на другите: Дали има некој во собранието што ти оди на нерви? Можеби нема да сакаш да го поканиш на гости ако не ти се допаѓа неговиот карактер. Или, можеби ти е тешко да му простиш ако те повредил во минатото. Сепак, имај на ум дека твоите негативни чувства нема да се сменат ако не се обидеш да ги победиш.

19 Според Библијата, ако сме гостољубиви, можеме да си ги подобриме односите со другите, дури и со непријателите. (Прочитај Изреки 25:21, 22.) Ако поканиш некого на гости, можеби ќе успееш да ги совладаш негативните чувства и да изградиш подобри односи со него. Можеби ќе почнеш да ги гледаш истите убави особини што кај него ги видел Јехова кога го привлекол кон вистината (Јован 6:44). Кога љубовта ќе те поттикне да поканиш некого што не го очекува тоа, можеби меѓу вас ќе се роди едно убаво пријателство. Како можеш да се увериш дека тоа навистина го правиш од љубов? Еден начин е така што ќе го примениш советот од Филипјаните 2:3: „Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“. Треба да размислиме во кои работи нашите браќа и сестри се подобри од нас. Можеби можеме да учиме од нивната вера, истрајност или од друга убава особина што ја имаат. Ако размислуваме за нивните убави особини, уште повеќе ќе ги засакаме и ќе ни биде полесно да им покажеме гостољубивост.

БИДИ ДОБАР ГОСТИН

Домаќините обично добро се подготвуваат за своите гости (Види во пасус 20)

20. Зошто треба да си стоиме на зборот ако сме прифатиле нечија покана, и како може да го сториме тоа?

20 Псалмистот Давид прашал: „О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор?“ (Пс. 15:1). Потоа, Давид ги навел особините кои Јехова сака да ги имаат неговите гости. Една од тие особини е да си стоиме на зборот: „Својата заклетва не ја менува, дури и ако тоа е на негова штета“ (Пс. 15:4). Ако прифатиме нечија покана, не треба подоцна да ја одбиеме, освен ако навистина мораме. Домаќинот можеби веќе подготвил сѐ за нашата посета и, ако му откажеме, ќе пропадне сиот негов труд (Мат. 5:37). Некои откажуваат некоја покана за да прифатат друга што им се чини подобра. Дали со тоа покажуваат љубов и почит? Сигурно дека не. За разлика од тоа, ние треба да ја прифатиме поканата и да бидеме благодарни за она што домаќинот го подготвил за нас (Лука 10:7). Ако мора да откажеме, би било обѕирно да го известиме што е можно поскоро.

21. Како почитувањето на локалните обичаи ќе ни помогне да бидеме добри гости?

21 Исто така, важно е да ги почитуваме локалните обичаи. Во некои култури, сосема е нормално да отидеш на гости без покана. Во други, пак, подобро е гостите однапред да се најават. На некои места, на гостите им се нуди најдобрата храна што ја има домаќинот, а некаде сите се послужуваат од истата храна. Во некои места гостите обично придонесуваат со нешто за заедничкиот оброк. Во други места домаќините повеќе сакаат гостите да не носат ништо. Во некои култури се очекува учтиво да биде одбиена првата или втората покана. Но, во други култури, одбивањето на првата покана е неучтиво. Треба секогаш да даваме сѐ од себе за домаќинот да се радува што нѐ поканил.

22. Зошто е толку важно да бидеме гостољубиви?

22 Апостол Петар рекол: „Се приближи крајот на сѐ“ (1. Пет. 4:7). Нам ни претстои најголемата неволја во историјата на човештвото. Како што ќе се влошуваат условите во светот, ќе биде многу важно да имаме силна љубов кон нашите браќа и сестри. Денес, повеќе од кога и да било порано, важи советот на Петар: „Гостољубиво примајте се еден со друг“ (1. Пет. 4:9). Навистина, гостољубивоста е скапоцена и неопходна особина сега, а ќе биде и во сета вечност.