Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Зошто на сликите во публикациите на Јеховините сведоци апостол Павле е ќелав или со малку коса?

Факт е дека денес никој не може со сигурност да тврди како изгледал Павле. Цртежите и сликите во нашите публикации се уметнички приказ за неговиот изглед, и не се темелат на докажани археолошки факти.

Меѓутоа, постојат одредени информации за изгледот на Павле. На пример, во списанието Сионска Стражарска кула од 1 март 1902 год. е наведена следнава информација: „Во книгата Делата на Павле и Текла... која е напишана во 150 год. од н.е., даден е веројатно најточниот опис на Павле. Тој е опишан како ’низок човек, ќелав, со криви нозе, набиен, со споени веѓи; со малку издолжен нос‘“.

Во врска со тој древен ракопис, во речникот The Oxford Dictionary of the Christian Church, издание од 1997 год., пишува: „Постои веројатност во книгата Делата на Павле и Текла да има некои информации кои се историски точни“. Оваа книга била многу ценета во следните неколку векови откако била напишана. Тоа го потврдува фактот дека постојат 80 грчки ракописи од ова дело, како и преводи на други јазици. Според тоа, сликите и цртежите во нашите публикации на кои е прикажан Павле се во склад со некои древни записи кои укажуваат на неговиот изглед.

Дури и додека тој ја извршувал својата служба, некои коментирале во врска со неговиот изглед. На пример, некои што биле критизерски настроени кон него тврделе дека „изгледа безначајно, а зборовите му се безвредни“ (2. Кор. 10:10). Сепак, имај на ум дека други работи се поважни од изгледот на Павле. Една работа е дека Исус му се појавил преку чудо, и така станал христијанин. Исто така, можеме да размислуваме и за сето она што Павле го постигнал како „избран сад [на Христос] за да им го носи [неговото] име на незнабошците“ (Дела 9:3-5, 15; 22:6-8). А помисли само колку многу ни користат библиските книги кои ги напишал под водство на Божјиот свет дух.

Павле не се фалел со она што го постигнал пред да стане христијанин, ниту, пак, кажал нешто за својот физички изглед (Дела 26:4, 5; Фил. 3:4-6). Напротив, тој имал понизно гледиште за себеси. Тоа се гледа од следниве зборови: „Јас сум најмал од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол“ (1. Кор. 15:9). Подоцна напишал: „Мене, најмалиот од сите свети, покажана ми е таа незаслужена доброта, за да им ја објавам на другите народи добрата вест за Христовото неистражливо богатство“ (Еф. 3:8). Пораката што ја проповедал Павле е поважна од тоа како изгледал.