Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Крштавањето — важен чекор за некој да стане христијанин

Крштавањето — важен чекор за некој да стане христијанин

Крштавањето сега и вас ве спасува (1. ПЕТ. 3:21)

ПЕСНИ: 52, 41

1, 2. а) Како се чувствуваат некои родители кога нивното дете ќе изрази желба да се крсти? б) Зошто на кандидатите за крштавање им се поставува прашање дали му го заветувале животот на Јехова? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

РОДИТЕЛИТЕ на Марија ја гледале својата ќеркичка како стои заедно со другите кандидати за крштавање. Говорникот им поставил две прашања. Марија одговорила јасно и гласно. Кратко потоа, таа се крстила.

2 Родителите биле многу радосни што нивната ќерка му го заветувала својот живот на Јехова и се крстила. Сепак, мајката на Марија претходно била малку загрижена. Таа се прашувала: „Дали Марија е премлада за крштавање? Дали навистина сфаќа колку е сериозен тој чекор? Дали треба уште малку да почека пред да се крсти?“ Многу грижливи родители си поставуваат слични прашања кога нивните деца ќе им кажат дека сакаат да се крстат (Проп. 5:5). Всушност, најважната одлука што некој може да ја донесе е да му го заветува својот живот на Јехова и да се крсти. (Види ја рамката „ Дали си му го заветувал животот на Јехова?“)

3, 4. а) Како апостол Петар покажал колку е важно крштавањето? б) Зошто крштавањето може да се спореди со градењето на арката во времето на Ное?

3 Апостол Петар го споредил крштавањето со градењето на арката на Ное. Тој рекол: „Она што беше предочено со тоа, сега и вас ве спасува, имено крштавањето“. (Прочитај 1. Петрово 3:20, 21.) Арката била видлив доказ дека Ное со сето срце сакал да ја врши Божјата волја. Ное верно ја извршил задачата што Јехова му ја дал. Поради верата на Ное, Јехова ги спасил него и неговото семејство за време на Потопот. Што сакал Петар да каже со оваа споредба?

4 Исто како што арката била доказ за верата на Ное, така и крштавањето е видлив доказ дека оние што се крштаваат му го заветувале животот на Бог на темел на својата вера во откупната жртва и воскресението на Христос. Исто како Ное, оние што се крштаваат послушно ја извршуваат задачата што Бог им ја дал. Освен тоа, како што Јехова го спасил Ное за време на Потопот, тој ќе ги спаси и своите верни крстени слуги кога ќе го уништи овој злобен свет (Мар. 13:10; Отк. 7:9, 10). Ова јасно покажува колку е важно да му го заветуваме животот на Јехова и да се крстиме. Оној што непотребно го одложува своето крштавање може да ја изгуби можноста да добие вечен живот.

5. Што ќе разгледаме во оваа статија?

5 Со оглед на тоа колку е важно крштавањето, треба да го дознаеме одговорот на три прашања: Што вели Библијата за крштавањето? Што треба да направи некој пред да се крсти? Зошто треба секогаш да имаме на ум колку е важно крштавањето кога ги поучуваме нашите деца или некој интересент?

ШТО НИ КАЖУВА БИБЛИЈАТА ЗА КРШТАВАЊЕТО

6, 7. а) Какво значење имале крштавањата што ги вршел Јован? б) Чие крштавање било поинакво од сите други, и зошто?

6 Јован Крстител е првиот за кого во Библијата пишува дека крштавал други луѓе (Мат. 3:1-6). Зошто луѓето доаѓале кај него да ги крсти? За да покажат дека се каат за своите гревови со кои го прекршиле Мојсеевиот закон. Но, најважното крштавање што го извршил Јован имало сосема поинакво значење. Тој ја имал честа да го крсти Исус, Божјиот совршен Син (Мат. 3:13-17). Исус никогаш не направил грев, и затоа немало потреба да се покае (1. Пет. 2:22). Со своето крштавање тој покажал дека е спремен да ја врши Божјата волја (Евр. 10:7).

7 Откако Исус почнал да проповеда, неговите ученици почнале да крштаваат (Јован 3:22; 4:1, 2). И тие крштавања, исто како оние што ги извршувал Јован, покажувале дека луѓето се покајале за гревовите со кои го прекршиле Мојсеевиот закон. Но, по смртта и воскресението на Исус, оние што сакале да станат негови следбеници морале да се крстат од друга причина.

8. а) Каква заповед дал Исус откако воскреснал? б) Објасни колку е важно крштавањето за христијаните.

8 Во 33 год. од н.е., кратко по своето воскресение, Исус се појавил пред повеќе од 500 мажи, жени, а можеби дури и деца. Можеби во таа прилика рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Мат. 28:19, 20; 1. Кор. 15:6). Исус им заповедал на своите следбеници да им помагаат на другите да станат негови ученици. На тој начин Исус укажал дека секој што сака да биде негов ученик, односно да го земе неговиот „јарем“, треба да се крсти (Мат. 11:29, 30). Секој што сака да му служи на Бог на исправен начин мора да го прифати фактот дека Јехова го користи Исус за да ја изврши својата намера. Потоа, тоа лице може да се крсти. Само во тој случај Бог ќе го одобри неговото крштавање. Во Библијата има многу докази дека првите ученици на Исус знаеле колку е важно крштавањето. Тие не го одложувале непотребно тој чекор (Дела 2:41; 9:18; 16:14, 15, 32, 33).

НЕ ОДЛОЖУВАЈ

9, 10. Што можеме да научиме за крштавањето од Етиопјанецот и од апостол Павле?

9 Прочитај Дела 8:35, 36. Еден Етиопјанец кој ја имал прифатено еврејската вера се враќал дома од храмот во Ерусалим, каде што бил да му искаже почит на Бог. Поттикнат од еден ангел, Филип му пристапил на Етиопјанецот и му ја објавил добрата вест за Исус. Како реагирал Етиопјанецот? Тој сфатил колку е важно да го прифати Исус како свој Господар, и сакал да постапи во склад со она што Јехова го бара од христијаните. Затоа се крстил без одложување.

10 Друг пример е еден Евреин по име Савле. Евреите како народ му биле заветувани на Бог, но тој ги отфрлил бидејќи не му биле послушни. Савле верувал дека Евреите сѐ уште му служеле на Бог на исправен начин, па затоа ги прогонувал христијаните. Но еден ден, воскреснатиот Исус, за кого Савле мислел дека е мртов, лично зборувал со него од небото. Како реагирал Савле? Спремно ја прифатил помошта од христијанскиот ученик Ананија. Во врска со Савле, Библијата вели: „Стана, и се крсти“ (Дела 9:17, 18; Гал. 1:14). Тој подоцна станал познат како апостол Павле. Забележи дека, штом сфатил дека Бог го користи Исус во исполнувањето на својата намера, Савле се крстил без одложување. (Прочитај Дела 22:12-16.)

11. а) Што ги поттикнува оние што денес ја проучуваат Библијата да се крстат? б) Како се чувствуваме кога некој ќе се крсти?

11 Нешто слично може да се каже и за голем број лица кои ја проучуваат Библијата денес, без разлика дали се млади или стари. Оние што имаат вера и ја ценат вистината од Библијата, без одложување сакаат да му го заветуваат животот на Јехова и да се крстат. Всушност, говорот за крштавање е многу важен дел од секој собир и конгрес. Јеховините сведоци се радуваат кога некој интересент ќе ја прифати библиската вистина и ќе одлучи да се крсти. Родителите се многу среќни кога нивните деца ќе го сторат истото. Во текот на 2017 службена година, повеќе од 284.000 лица му го заветувале својот живот на Јехова и се крстиле (Дела 13:48). Тие сфатиле дека крштавањето е неопходно за некој да стане христијанин. Но, кои чекори морале да ги направат пред да се крстат?

12. Што мора да направи некој пред да се крсти?

12 Пред да може едно лице да се крсти, мора да дознае која е вистината за Бог, која е Божјата намера со луѓето и со Земјата, и што направил Бог за да го спаси човештвото (1. Тим. 2:3-6). Потоа треба да стекне вера која ќе му помогне да биде послушен на Божјите закони и да престане да го прави она што Јехова го мрази (Дела 3:19). Ова е важно бидејќи Јехова нема да го прифати заветот на човек кој не престанува да прави нешто поради кое би бил недостоен за Божјето Царство (1. Кор. 6:9, 10). Но, тоа не е сѐ. Лицето што сака да му го заветува животот на Јехова треба да присуствува на собраниските состаноци и редовно да ја проповеда добрата вест и да ги поучува другите за Бог. Исус рекол дека ова проповедничко дело ќе го извршуваат неговите вистински следбеници (Дела 1:8). Еден нов Христов ученик мора да ги направи сите тие чекори, па дури тогаш може насамо во молитва да му го заветува животот на Јехова, и потоа да се крсти.

ПОМОГНИ ИМ ДА СИ ПОСТАВАТ ЦЕЛ ДА СЕ КРСТАТ

Додека ги поучуваш другите, дали бараш прилики да им помогнеш да сфатат дека крштавањето е многу важно? (Види во пасус 13)

13. Додека ги поучуваме другите, зошто мора да имаме на ум дека не можат да станат вистински христијани без да се крстат?

13 Додека им помагаме на нашите деца и интересенти да ги направат неопходните промени, треба да имаме на ум дека оние што сакаат да бидат вистински следбеници на Исус мора да се крстат. Ако сме свесни за тоа, нема да се колебаме во соодветни прилики да им кажеме колку е важно да му го заветуваат животот на Јехова и да се крстат. Ние сакаме нашите деца и другите интересенти духовно да напредуваат и да го направат тој чекор.

14. Зошто не треба никому да му вршиме притисок да се крсти?

14 Се разбира, никој не треба да врши притисок врз некое дете или интересент да се крсти. Јехова не присилува никого да му служи (1. Јов. 4:8). Додека ги поучуваме другите, мора да им помагаме да разберат колку е важно да развијат блиско пријателство со Јехова. Ако интересентот чувствува длабока благодарност што ја знае вистината за Бог и ако има голема желба да прави сѐ што се очекува од вистинските христијани, тогаш самиот ќе биде поттикнат да се крсти (2. Кор. 5:14, 15).

15, 16. а) Дали некој треба да биде на одредена возраст за да се крсти? Објасни. б) Зошто еден интересент мора да се крсти како Јеховин сведок дури и ако претходно веќе бил крстен во друга религија?

15 Нема одредена возраст кога некој треба да се крсти. Секој интересент е различен, и секој напредува со различно темпо. Многумина се крстиле уште кога биле многу млади, и низ годините продолжиле верно да му служат на Јехова. Други веќе биле многу стари кога ја дознале библиската вистина и се крстиле. Некои имале дури повеќе од 100 години!

16 Една жена која ја проучувала Библијата веќе била крстена во неколку различни религии. Затоа ја прашала сестрата која ја поучувала за Библијата дали навистина мора повторно да се крсти. Тие заедно разгледале неколку библиски стихови што давале одговор на нејзиното прашање. Набрзо откако сфатила што вели Библијата, жената се крстила иако веќе имала речиси 80 години. Што учиме од овој пример? Јехова ќе го прифати нашето крштавање само ако точно знаеме која е неговата волја. Според тоа, дури и ако некој бил крстен во друга религија, треба да се крсти како Јеховин сведок. (Прочитај Дела 19:3-5.)

17. За што треба да размислува едно лице на денот на своето крштавање?

17 Крштавањето е многу радосен настан за оние што се крштаваат. Исто така, тоа е време кога тие треба внимателно да размислат што сѐ е вклучено во заветувањето и крштавањето. Ако некој сака да живее во склад со својот завет, треба да вложи голем труд. Токму затоа Исус рекол дека секој негов ученик, всушност, зема на себе еден „јарем“. Христовите ученици не треба да „живеат повеќе за себе, туку за него, кој умре за нив и беше воскреснат“ (2. Кор. 5:15; Мат. 16:24).

18. Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?

18 Како што видовме во оваа статија, одлуката некој да стане христијанин е многу сериозна. Токму затоа мајката на Марија си ги поставила прашањата што ги спомнавме во воведот. Ако си родител, можеби се прашуваш: „Дали моето дете навистина е спремно за крштавање? Дали доволно го познава Јехова за да му го заветува својот живот? Дали треба да стекне високо образование и да најде добра работа пред да се крсти? Што ако направи тежок грев откако ќе се крсти?“ За овие прашања ќе стане збор во следната статија. Освен тоа, ќе видиме како родителите можат да стекнат исправно гледиште за крштавањето.