Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прифати укор за да бидеш мудар

Прифати укор за да бидеш мудар

Прифати укор за да бидеш мудар (ИЗР. 19:20)

ПЕСНИ: 56, 89

1. Како можеме да добиеме мудрост, и како ќе ни користи таа?

ЈЕХОВА е изворот на мудроста, и тој великодушно им ја дава на другите. Во Јаков 1:5 читаме: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување“. Еден начин на кој можеме да добиеме мудрост е така што ќе го прифатиме укорот што ни го дава Бог. Таквата мудрост може да ни помогне да не му згрешиме на Јехова и да останеме блиски со него (Изр. 2:10-12). Како резултат на тоа, можеме да се надеваме на вечен живот (Јуда 21).

2. Како можеме да научиме да го цениме укорот од Бог?

2 Поради нашата несовршеност или поради начинот на кој сме биле воспитувани, понекогаш ни е тешко да прифатиме укор или да имаме исправен став кон него. Но, кога ќе ги почувствуваме благословите од укорот што сме го добиле од Бог, сфаќаме колку тој нѐ сака. Во Изреки 3:11, 12 пишува „Сине мој, не отфрлај ги Јеховините опомени... зашто кого Јехова го сака, него и го укорува“. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ни го посакува најдоброто. (Прочитај Евреите 12:5-11.) Бидејќи Бог добро нѐ познава, неговиот укор секогаш е соодветен и во склад со нашите потреби. Во оваа статија ќе видиме четири работи поврзани со оваа тема. Тоа се: 1) самодисциплината, 2) родителското воспитување, 3) укорувањето во собранието и 4) нешто што е пострашно од болката која може да ја предизвика укорот.

САМОДИСЦИПЛИНАТА Е ЗНАК НА МУДРОСТ

3. Како може едно дете да стекне самодисциплина? Наведи пример.

3 Самодисциплината ни помага да се „укоруваме“ самите себе, односно да го контролираме и исправаме нашето однесување и размислување. За жал, не сме родени со самодисциплина. Мора да се трудиме да ја развиеме. На пример, кога едно дете учи да вози велосипед, еден од родителите обично го придржува за да не падне. Но со текот на времето, детето учи како да држи рамнотежа и родителот го пушта одвреме-навреме. Кога е сигурен дека детето научило да одржува рамнотежа на велосипедот, родителот го пушта слободно да си вози. Слично на тоа, кога стрпливо ги воспитуваат децата „со стега од Јехова“ и им помагаат „да го усвојат неговиот начин на размислување“, родителите им помагаат и да стекнат самодисциплина и мудрост (Еф. 6:4).

4, 5. а) Зошто самодисциплината е важен дел од „новата личност“? б) Зошто не треба да се обесхрабриме дури и ако згрешиме?

4 Истото важи и за луѓето кои почнуваат да му служат на Јехова кога веќе се возрасни. Иако можеби имаат одредена самодисциплина, тие сѐ уште не се зрели христијани. Но, како што почнуваат да ја облекуваат „новата личност“ и се трудат да бидат послични на Исус, тие стануваат сѐ позрели (Еф. 4:23, 24). Самодисциплината е важен дел од тој процес. Како резултат на тоа, учиме како „да се откажеме од безбожноста и од световните желби и да живееме разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет“ (Тит 2:12).

5 Сепак, сите ние сме несовршени (Проп. 7:20). Затоа, ако некој направи грешка, тоа не мора да значи дека нема доволно самодисциплина или дека воопшто ја нема оваа особина. Во Изреки 24:16 пишува: „Ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане“. Како ќе успее „пак да стане“? Не со своја сила, туку со помош на Божјиот дух. (Прочитај Филипјаните 4:13.) Еден од плодовите на тој дух е самосовладувањето — особина која е тесно поврзана со самодисциплината.

6. Како можеме да се подобриме во начинот на кој ја проучуваме Божјата Реч? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

6 Молитвата, проучувањето на Библијата и длабокото размислување исто така ќе ни помогнат да стекнеме самодисциплина. Но што ако ти е тешко да ја проучуваш Божјата Реч или не уживаш во тоа? Не се обесхрабрувај. Ако му дозволиш, Јехова ќе ти помогне да развиеш желба да ја проучуваш неговата Реч (1. Пет. 2:2). Моли го Јехова да ти помогне да бидеш самодисциплиниран и да најдеш време за проучување. За почеток би можел да проучуваш само по неколку минути. Со текот на времето ќе ти станува полесно и ќе почнеш повеќе да уживаш во проучувањето. Сѐ повеќе ќе се радуваш на моментите кога ќе можеш насамо да размислуваш за скапоцените поуки од Јехова (1. Тим. 4:15).

7. Како може самодисциплината да ни помогне да ги оствариме нашите духовни цели?

7 Самодисциплината ни помага да си ги оствариме духовните цели. На пример, еден семеен човек сфатил дека му се намалила ревноста за службата, и затоа си поставил цел да стане општ пионер. Читал статии од нашите списанија во врска со пионерската служба и се молел за тоа. На тој начин се зближил со Јехова. Исто така, служел како помошен пионер секогаш кога можел. Како му помогнала самодисциплината? Иако имал тешкотии, не ја изгубил од вид својата цел и по некое време почнал да служи како општ пионер.

ВОСПИТУВАЈТЕ ГИ ДЕЦАТА „СО СТЕГА ОД ЈЕХОВА“

Децата не се раѓаат со знаење за тоа што е исправно а што погрешно, и затоа им е потребно воспитување (Види во пасус 8)

8-10. Што може да им помогне на родителите да ги воспитаат своите деца да му служат на Јехова? Наведи пример.

8 Родителите имаат скапоцена задача да ги воспитуваат децата „со стега од Јехова“ и да им помагаат „да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4). Ова е многу тешко во денешниот свет (2. Тим. 3:1-5). Се разбира, децата не се раѓаат со знаење за тоа што е исправно, а што погрешно. Тие се раѓаат со совест која треба да се обликува преку воспитување (Рим. 2:14, 15). Еден библиски изучувач објаснил дека грчкиот збор преведен со „стега“ може да значи и воспитување со цел детето да стане одговорна личност.

9 Кога се воспитувани со љубов, децата се чувствуваат безбедно. Тие учат дека слободата си има граници и дека сѐ што прават во животот има свои последици — добри или лоши. Затоа е многу важно родителите да го молат Јехова да им помага додека ги воспитуваат децата. Во зависност од местото на живеење, постојат разни совети околу воспитувањето на децата. Освен тоа, таквите совети постојано се менуваат. Меѓутоа, родителите кои му се послушни на Бог не се несигурни во врска со тоа како да ги воспитуваат децата и не се потпираат на искуството и размислувањето на други луѓе.

10 Добар пример во тој поглед ни дал Ное. Кога Јехова му рекол да изгради арка, Ное не можел да се потпре на своето искуство бидејќи никогаш претходно немал градено арка. Затоа, морал да се потпре на Јехова. Во Библијата читаме дека Ное направил токму онака како што му кажал Јехова (1. Мој. 6:22). Со каков резултат? Ное успеал да изгради арка која ги спасила него и неговото семејство. Тој успешно ја исполнил и својата улога како родител. Зошто? Затоа што имал доверба во Божјата мудрост. Ное добро ги поучил своите деца и им дал добар пример, иако ова не било лесно во злобниот свет пред Потопот (1. Мој. 6:5).

11. Зошто родителите треба да дадат сѐ од себе за да ги поучат своите деца?

11 Ако си родител, како можеш да се угледаш на Ное? Слушај го Јехова. Дозволи му да ти помогне да ги воспиташ своите деца. Користи ги советите од неговата Реч и од неговата организација. Подоцна, децата веројатно ќе ти бидат благодарни за тоа. Еден брат напишал: „Многу сум им благодарен на моите родители за начинот на кој ме воспитаа бидејќи дадоа сѐ од себе за да допрат до моето срце. Тие имаат голема заслуга за мојот духовен напредок“. Се разбира, и покрај трудот на родителите, детето можеби ќе го напушти Јехова. Сепак, ако дале сѐ од себе за да ја всадат вистината во неговото срце, родителите можат да имаат чиста совест и да се надеваат дека еден ден тоа ќе му се врати на Јехова.

12, 13. а) Ако некое дете е исклучено, како можат родителите да покажат дека му се послушни на Бог? б) Како на едно семејство му користело тоа што родителите му останале послушни на Јехова?

12 Еден од најтешките испити за послушноста на некои родители е односот со нивното исклучено дете. Една сестра, чија исклучена ќерка си заминала од дома, признава: „Се обидував во нашите публикации да си најдам оправдување за да можам да поминувам време со ќерка ми и со внука ми“. Но нејзиниот маж љубезно ѝ помогнал да сфати дека тие повеќе не се одговорни за нивната ќерка и дека треба да му бидат верни на Јехова.

13 Подоцна, откако ќерката повторно била примена во собранието, мајката рекла: „Сега таа ми се јавува или ми праќа пораки скоро секој ден! Многу нѐ почитува мене и маж ми бидејќи знае дека му бевме послушни на Бог. Сега сме многу блиски“. Ако твоето дете е исклучено, дали ќе имаш „доверба во Јехова со сето свое срце“? Дали ќе му покажеш на Бог дека не се потпираш на сопствениот разум? (Изр. 3:5, 6). Имај на ум дека укорот од Јехова ни покажува колку тој е мудар и колку нѐ сака. Никогаш не заборавај дека тој го дал својот Син за сите луѓе, што значи и за твоето дете. Бог сака секој да добие вечен живот. (Прочитај 2. Петрово 3:9.) Затоа, родители, имајте доверба во укорот и водството што ги дава Јехова, дури и кога тоа не ви е лесно. Немојте да се противите на укорот што доаѓа од Бог, туку поддржувајте го.

ВО СОБРАНИЕТО

14. Како ни користат советите што ни ги дава Јехова преку „верниот и разборит роб“?

14 Јехова ветил дека ќе го штити, ќе го поучува и ќе се грижи за христијанското собрание. Тоа го прави на неколку начини. На пример, грижата за собранието му ја доверил на својот Син, кој поставил „верен и разборит роб“ да дава духовна храна во право време (Лука 12:42). Тој „роб“ дава корисни совети, или опомени. Веројатно се сеќаваш на некој говор или статија од нашите публикации кои ти помогнале да си го смениш ставот или однесувањето. Можеш да се радуваш што си ги направил тие промени бидејќи тоа значи дека му дозволуваш на Јехова да те обликува, односно укорува (Изр. 2:1-5).

15, 16. а) Како можеме да извлечеме корист од службата на старешините? б) Како можеме да придонесеме старешините со радост да ја вршат својата служба?

15 Исус поставил и старешини кои со љубов се грижат за собранието. Во Библијата тие браќа се наречени „луѓе како дарови“ (Еф. 4:8, 11-13). Како можеме да извлечеме целосна корист од службата на старешините? Еден начин е така што ќе се угледаме на нивната вера и на нивниот добар пример. Друг начин е така што ќе ги слушаме нивните совети кои се темелат на Библијата. (Прочитај Евреите 13:7, 17.) Старешините ни служат од љубов и сакаат да ни помогнат да бидеме сѐ поблиски со Бог. Ако забележат дека пропуштаме состаноци или дека ни се намалува ревноста, тие брзо ќе се обидат да ни помогнат. Ќе нѐ сослушаат и потоа ќе ни дадат срдечно охрабрување и соодветен совет кој се темели на Библијата. Дали на нивната помош гледаш како на доказ дека Јехова те сака?

16 Имај на ум дека на старешините не им е секогаш лесно да ни го дадат потребниот совет. Што мислиш, како се чувствувал пророкот Натан кога требало да зборува со цар Давид откако тој се обидел да го скрие својот тежок грев? (2. Сам. 12:1-14). А како се чувствувал апостол Павле кога требало да го укори Петар, еден од 12-те апостоли, затоа што покажал пристрасност кон браќата што биле Евреи? На Павле сигурно му била потребна храброст (Гал. 2:11-14). Според тоа, како можеш да им олесниш на старешините да ти дадат совет? Биди понизен, пристаплив и покажи благодарност. На нивната помош гледај како на доказ дека Бог те сака. Тоа ќе ти користи тебе, а тие ќе бидат радосни додека ја вршат својата служба.

17. Како старешините ѝ помогнале на една сестра?

17 Една сестра не се чувствувала блиска со Јехова поради некои работи што ѝ се случиле во минатото, и затоа била многу потиштена. Таа вели: „Знаев дека треба да зборувам со старешините. Кога го сторив тоа, тие не ме прекорија и не ме критикуваа, туку ме охрабрија и зајакнаа. По секој собраниски состанок, без разлика колку беа зафатени, барем еден од нив ќе ме прашаше како сум. Поради моето минато, сметав дека не сум достојна Бог да ме сака. Но, Јехова секогаш одново ги користеше старешините и собранието за да ме увери дека ме сака. Се молам никогаш да не го напуштам“.

ШТО Е ПОСТРАШНО ОД БОЛКАТА ШТО ЈА ПРИЧИНУВА УКОРОТ

18, 19. Што е пострашно од болката што ја причинува укорот? Наведи пример.

18 Укорот може да предизвика болка, но има нешто пострашно од тоа — последиците што ќе ги трпиме ако го отфрлиме укорот (Евр. 12:11). Да ги разгледаме примерите на Каин и на цар Седекија. Кога видел дека Каин го мрази својот брат Авел и дека сака да го убие, Бог го предупредил: „Зошто се разгневи и зошто ти е смуртено лицето? Ако почнеш да правиш добро, зарем нема да ми бидеш мил? Но ако не правиш добро, гревот демне на вратата и копнее по тебе. А ти, ќе го надвладееш ли?“ (1. Мој. 4:6, 7). Каин го отфрлил укорот од Јехова, го убил својот брат и сносел страшни последици до крајот на својот живот (1. Мој. 4:11, 12). Доколку Каин го послушал Бог, немало да доживее толкава болка.

19 Седекија бил превртлив и злобен цар. За време на неговото владеење, жителите на Ерусалим се наоѓале во многу лоша состојба. Пророкот Еремија одново и одново го предупредувал Седекија дека треба да се смени. Но царот го отфрлил укорот што му го дал Јехова. И во неговиот случај последиците биле катастрофални (Ерем. 52:8-11). Јехова сака да нѐ поштеди од таква непотребна болка! (Прочитај Исаија 48:17, 18.)

20. Што ќе се случи со оние кои го прифаќаат укорот од Бог, а што со оние кои го отфрлаат?

20 Денес, многу луѓе во светот ги потценуваат укорот и самодисциплината. Но наскоро, секој што го отфрла укорот што го дава Бог ќе сноси многу страшни последици (Изр. 1:24-31). Затоа, да го прифатиме укорот од Јехова за да бидеме мудри. Во Изреки 4:13 пишува: „Прифати ги опомените, не пуштај ги. Чувај ги, зашто тие ти се живот“.