Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Родители, дали им помагате на децата да се крстат?

Родители, дали им помагате на децата да се крстат?

Зошто се колебаш? Стани, крсти се (ДЕЛА 22:16)

ПЕСНИ: 51, 135

1. Во што треба да се уверат родителите пред да се крстат нивните деца?

„НА ТАТКО МИ и мајка ми со месеци им кажував дека сакам да се крстам, а и тие често ми зборуваа за тоа. Сакаа да бидат сигурни дека сум свесна колку е сериозна мојата одлука. Конечно дојде 31 декември 1934 год. — денот кога се случи тој значаен настан во мојот живот.“ Вака Блосом Брант го опишала периодот пред нејзиното крштавање. И денес родителите сакаат да им помогнат на своите деца да носат мудри одлуки. Ако детето без оправдана причина го одложува своето крштавање, тоа може негативно да влијае врз неговиот однос со Јехова (Јак. 4:17). Сепак, уште пред детето да се крсти, мудро е родителите да се уверат дека тоа е спремно да стане ученик на Исус.

2. а) Каков проблем забележале некои покраински надгледници? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Некои покраински надгледници забележале дека многу млади во своите подоцнежни тинејџерски или рани 20-ти години сѐ уште не се крстени иако пораснале во вистината. Најчесто, овие млади присуствуваат на состаноците, одат во служба на проповедање и се сметаат себеси за Јеховини сведоци. Сепак, од некоја причина не му го заветувале својот живот на Јехова и не се крстиле. Која би можела да биде причината за тоа? Во некои случаи, родителите сметаат дека нивните деца не се подготвени за крштавање. Во оваа статија ќе разгледаме четири причини поради кои некои родители не ги поттикнуваат своите деца да се крстат.

ДАЛИ МОЕТО ДЕТЕ Е ДОВОЛНО ВОЗРАСНО ЗА ДА СЕ КРСТИ?

3. Што се прашувале родителите на Блосом?

3 Родителите на Блосом, кои беа спомнати во првиот пасус, се прашувале дали таа е доволно возрасна за да разбере што значи крштавањето и колку сериозен чекор е тоа. Како можат родителите да утврдат дали нивното дете е спремно да му го заветува животот на Јехова?

4. Како заповедта на Исус која се наоѓа во Матеј 28:19, 20 може да им помогне на родителите денес?

4 Прочитај Матеј 28:19, 20. Во Библијата не пишува на која возраст би требало некој да се крсти. Сепак, добро е родителите да размислат што значи изразот „правете ученици“ кој е употребен во Матеј 28:19. На грчки тој израз значи да се поучува некого со цел да стане следбеник на Христос. Ученик на Исус е некој што ги учи и ги разбира неговите учења, и е решен да му биде послушен. Значи, уште од самото раѓање на нивните деца, родителите треба да ги поучуваат со цел да им помогнат да му го заветуваат животот на Јехова и да станат следбеници на Христос. Се разбира, едно бебе не ги исполнува условите за крштавање. Сепак, Божјата Реч покажува дека дури и малите деца можат да ја разберат и да ја засакаат библиската вистина.

5, 6. а) Според она што Библијата ни го открива за Тимотеј, што можеме да заклучиме во врска со неговото крштавање? б) Како можат мудрите родители најдобро да им помогнат на своите деца?

5 Тимотеј станал следбеник на Исус уште додека бил млад. Апостол Павле рекол дека Тимотеј почнал да учи за вистината од Божјата Реч „од рано детство“. Татко му на Тимотеј не му служел на Јехова, но мајка му и баба му му помогнале да ја засака Божјата Реч. Благодарение на тоа имал цврста вера (2. Тим. 1:5; 3:14, 15). Кога Тимотеј имал околу 20 години, Павле го избрал да му помага во мисионерската служба (Дела 16:1-3).

6 Се разбира, секое дете е различно. Не созреваат сите деца на иста возраст. Некои од нив уште како мали добро ја разбираат вистината, носат мудри одлуки и имаат желба да се крстат. Други можеби не се спремни да се крстат додека не станат повозрасни. Затоа, мудрите родители не им вршат притисок на своите деца да се крстат. Наместо тоа, му помагаат на секое дете духовно да напредува во склад со своите способности. Родителите се радуваат кога нивното дете постапува мудро. (Прочитај Изреки 27:11.) Сепак, тие никогаш не треба да ја изгубат од вид нивната цел — да им помогнат на децата да станат Христови ученици. Имајќи го тоа на ум, треба да се прашаат: „Дали моето дете доволно добро ја познава библиската вистина за да му го заветува својот живот на Бог и да се крсти?“

ДАЛИ МОЕТО ДЕТЕ ДОВОЛНО ЈА ПОЗНАВА ВИСТИНАТА?

7. Дали некој треба да ги знае сите детали од библиските учења за да може да се крсти? Објасни.

7 Додека ги поучуваат своите деца, родителите сакаат тие добро да ја запознаат вистината. Тоа знаење ќе им помогне на децата да развијат желба да му го заветуваат животот на Бог. Но, ова не значи дека едно дете треба да ги знае сите детали од секое библиско учење за да може да му се заветува на Јехова и да се крсти. Секој Христов ученик мора да продолжи да учи и по своето крштавање. (Прочитај Колошаните 1:9, 10.) Според тоа, во колкава мера треба некој да ја познава Библијата за да може да се крсти?

8, 9. Што можеме да научиме од извештајот за Павле и затворскиот чувар?

8 Искуството на едно семејство од првиот век може да им помогне на родителите денес (Дела 16:25-33). Околу 50 год. од н.е., кога бил на своето второ мисионерско патување, Павле го посетил градот Филипи. Додека бил таму, тој и Сила биле лажно обвинети, уапсени и фрлени в затвор. Во текот на ноќта имало силен земјотрес поради кој се отвориле сите врати на затворот. Затворскиот чувар помислил дека затворениците избегале, и затоа сакал да се убие. Но, Павле го спречил во тоа. Потоа, Павле и Сила им дале убаво сведоштво нему и на неговото семејство. Тие поверувале во вистините што ги дознале за Исус и сфатиле колку е важно да му бидат послушни. Затоа веднаш се крстиле. Што можеме да научиме од овој извештај?

9 Затворскиот чувар можеби бил пензиониран римски војник. Тој не знаел ништо за Божјата Реч. Значи, за да стане христијанин, морал да ги научи основните библиски вистини, да разбере што очекува Јехова од своите слуги и да биде решен да им биде послушен на Исусовите учења. Она што го научил за тоа кратко време, го поттикнало да се крсти. Се разбира, требало да продолжи да учи и по крштавањето. Имајќи го овој пример на ум, што можете да сторите кога вашето дете ќе изрази желба да се крсти бидејќи го сака Јехова и сака да му биде послушно? Можете да му дозволите да зборува со старешините за тие да утврдат дали ги исполнува условите за крштавање. * Како и сите други крстени Божји слуги, вашето дете ќе продолжи да учи за Јехова целиот свој живот, дури и во сета вечност (Рим. 11:33, 34).

КОЕ Е НАЈДОБРОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА МОЕТО ДЕТЕ?

10, 11. а) Што сметаат некои родители? б) Која е најдобрата заштита за едно дете?

10 Некои родители сметаат дека би било најдобро нивните деца да го одложат крштавањето за да можат прво да стекнат високо образование и да најдат добро платена работа. Овие родители можеби имаат добри намери, но треба да се прашаат: „Дали тоа ќе му помогне на моето дете да биде вистински успешно во животот? Што е уште поважно, дали тоа е во склад со Библијата? Како Јехова сака да го користиме нашиот живот?“ (Прочитај Проповедник 12:1.)

11 Важно е да имаме на ум дека овој свет и сите работи што се во него се косат со намерата на Јехова и неговиот начин на размислување (Јак. 4:7, 8; 1. Јов. 2:15-17; 5:19). Најдобриот начин како едно дете може да се заштити од Сатана, од овој злобен свет и од световното размислување е така што ќе има близок однос со Јехова. Ако детето гледа дека за неговите родители се најважни високото образование и добро платената работа, тоа најверојатно ќе почне да верува дека работите во светот се поважни од неговиот однос со Бог. Ова е многу опасно. Дали еден грижлив родител навистина би сакал овој свет да му го поучува детето што треба да прави за да биде успешно во животот? Факт е дека ќе бидеме вистински среќни и успешни само ако Јехова ни е на прво место. (Прочитај Псалм 1:2, 3.)

ШТО АКО МОЕТО ДЕТЕ НАПРАВИ ГРЕВ?

12. Зошто некои родители сметаат дека е подобро нивното дете да го одложи крштавањето?

12 Една мајка објаснила зошто не сакала нејзината ќерка да се крсти. Таа рекла: „Се срамам што морам да кажам дека главната причина беше исклучувањето“. Исто како таа сестра, некои родители сметаат дека е подобро нивното дете да го одложи крштавањето додека не созрее доволно и не ја надмине детската склоност да прави глупости (1. Мој. 8:21; Изр. 22:15). Тие родители можеби си мислат: „Ако моето дете не се крсти, не може да биде исклучено од собранието“. Зошто ваквото размислување е погрешно? (Јак. 1:22).

13. Дали некој има помала одговорност пред Јехова ако не е крстен? Објасни.

13 Се разбира, ниеден родител не сака неговото дете да се крсти пред да биде доволно зрело за да му го заветува животот на Јехова. Меѓутоа, би било погрешно да заклучиме дека едно дете нема одговорност пред Јехова сѐ додека не се крсти. Зошто? Бидејќи детето е одговорно пред Јехова уште откако ќе дознае што е исправно а што погрешно во Божји очи. (Прочитај Јаков 4:17.) Мудрите родители не го одвраќаат своето дете од неговата намера да се крсти. Напротив, уште додека детето е многу мало, тие се трудат со својот добар пример да го поучат да ги сака Јеховините мерила за исправно и погрешно (Лука 6:40). Љубовта кон Јехова ќе го поттикне детето да се држи за Божјите мерила и да не направи тежок грев (Иса. 35:8).

И ДРУГИТЕ МОЖАТ ДА ПОМОГНАТ

14. Како можат старешините да им дадат поддршка на родителите кои се трудат да им помогнат на децата да се крстат?

14 Старешините можат да им помогнат на родителите со тоа што позитивно ќе зборуваат за духовните цели. Една сестра никогаш не го заборавила разговорот со брат Расел кога имала само шест години. Таа рекла: „Тој одвои 15 минути за да зборува со мене за моите духовни цели“. Кој бил резултатот од тоа? Подоцна почнала да служи како пионер и останала во таа служба повеќе од 70 години! Ова јасно покажува дека позитивните зборови и охрабрувањето можат да извршат силно влијание врз нечиј живот (Изр. 25:11). Исто така, старешините можат да ги вклучат родителите и децата во активности поврзани со одржувањето и чистењето на салата за состаноци. Можат да им даваат задачи на децата кои се соодветни на нивната возраст и способности.

15. Како можат да помогнат другите членови на собранието?

15 Како можат да помогнат другите членови на собранието? Така што на соодветен начин ќе покажат грижа за децата. На пример, труди се да забележиш работи кои покажуваат дека децата стануваат поблиски со Јехова. Можеби некое дете дало убав коментар на состанок или имало учество во програмата. Можеби му посведочило некому на училиште или постапило исправно кога се нашло на искушение да направи нешто погрешно. Веднаш пофали го за тоа! Можеме да си поставиме за цел да разговараме со децата пред и по состаноците. На тој начин, тие ќе се чувствуваат како дел од собранието (Пс. 35:18).

ПОМОГНИ МУ НА СВОЕТО ДЕТЕ ДА СЕ КРСТИ

16, 17. а) Зошто е важно децата да се крстат? б) Каква радост можат да почувствуваат родителите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

16 За родителите е голема чест тоа што можат да ги поучуваат своите деца да го сакаат Јехова (Пс. 127:3; Еф. 6:4). Во древниот Израел, децата му биле заветувани на Јехова од своето раѓање. Но, тоа не е случај со нашите деца денес. Тие не можат да ја наследат љубовта што нивните родители ја имаат кон Јехова и кон вистината. Од денот кога едно дете ќе се роди, родителите мора да си постават за цел да му помогнат да стане Христов ученик, да му го заветува животот на Бог и да се крсти. Зарем има нешто поважно од ова? Ако некој му го заветува животот на Јехова, ако се крсти и ако верно му служи, тоа ќе му овозможи да се спаси во текот на големата неволја (Мат. 24:13).

Родителите треба да имаат цел да им помагаат на своите деца да станат Христови ученици (Види во пасуси 16-17)

17 Кога Блосом Брант изразила желба да се крсти, нејзините родители сакале да се уверат дека таа е спремна за најважниот чекор во животот. Кога се увериле во тоа, тие ја поддржале нејзината одлука. Блосом објаснила дека, ноќта пред нејзиното крштавање, татко ѝ направил нешто прекрасно. Таа вели: „Тој ни рече сите да клекнеме на колена, а потоа се помоли. Му кажа на Јехова дека е многу среќен што неговата ќеркичка му го заветувала својот живот“. По повеќе од 60 години, Блосом рекла: „Никогаш нема да ја заборавам таа ноќ!“ Родители, ви посакуваме и вашите деца да му го заветуваат животот на Јехова и да се крстат. Тоа за вас сигурно ќе биде голема причина за радост и задоволство!

^ пас. 9 Родителите можат да ги разгледаат со своето дете корисните информации во Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, стр. 304-310. Видете ја и рубриката „Прашања“ во Нашата служба за Царството од април 2011, стр. 2.