Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Укорот — доказ за Божјата љубов

Укорот — доказ за Божјата љубов

Кого Јехова го сака, него и го укорува (ЕВР. 12:6)

ПЕСНИ: 123, 86

1. Како Библијата честопати го опишува укорот?

НА ШТО помислуваш кога ќе го чуеш зборот „укор“? Можеби веднаш помислуваш на некаква казна. Меѓутоа, изворните зборови кои во Библијата се преведуваат како „укор“, односно „укорува“, можат да се преведат и со изразите „воспитување“, „поука“, „опомена“ или „стега“. Во Библијата укорот е прикажан во позитивно светло и понекогаш се спомнува заедно со знаењето, мудроста, љубовта и животот (Изр. 1:2-7, фус.; 4:11-13). Тоа покажува дека Бог ни дава укор затоа што нѐ сака и има желба да живееме засекогаш (Евр. 12:6). Иако може да вклучува и казна, укорот од Бог никогаш не е суров ниту, пак, е на наша штета. Всушност, главното значење на зборот „укор“ е поука, слична на поуката што родителот му ја дава на своето сакано дете.

2, 3. Зошто може да се каже дека укорот вклучува и поука и казна? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

2 Размисли за овој пример. Едно дете си игра со топка низ куќата. Мајка му му вели: „Сине, знаеш дека не треба дома да си играш со топка, ќе скршиш нешто“. Ама тој не ја слуша и продолжува да си игра. Во еден момент топката удира во една вазна и ја крши! Како ќе го укори мајка му? Веројатно ќе му објасни во што згрешило и ќе го потсети зошто треба да ги слуша родителите. Ќе му каже дека со причина му поставиле правила и дека тие не се престроги. За да му помогне да ја запомни поуката, можеби ќе му даде и соодветна казна, на пример, ќе му ја земе топката и нема да му ја дава некое време. Така може да му помогне да сфати дека непослушноста си носи последици.

3 Како членови на христијанското собрание, ние сме дел од Божјиот дом (1. Тим. 3:15). Затоа го почитуваме правото на нашиот небесен Татко Јехова да одлучи што е исправно, а што погрешно, и да ни даде укор кога не сме му послушни. Исто така, ако поради нашите постапки трпиме непријатни последици, укорот што Јехова со љубов ни го дава може да ни помогне да запомниме колку е важно да му бидеме послушни (Гал. 6:7). Бог многу се грижи за нас и не сака да страдаме (1. Пет. 5:6, 7).

4. а) Како Јехова сака да ги поучуваме другите? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Кога даваме укор на темел на Библијата, тоа може да му помогне на нашето дете или на нашиот интересент да стане следбеник на Христос. Ја користиме Божјата Реч за да ги поучиме да знаат што е исправно, а што погрешно, и да им помогнеме да го разберат и да го држат сето она што го заповедал Исус (Мат. 28:19, 20; 2. Тим. 3:16). Јехова ќе го благослови нашиот труд кога поучуваме на ваков начин, бидејќи така и тие учат како да им помагаат на други да го следат Христос. (Прочитај Тит 2:11-14.) Сега да разгледаме три важни прашања: 1) Зошто може да се каже дека укорот од Бог е доказ за неговата љубов кон нас? 2) Што можеме да научиме од некои што биле укорени од Бог? 3) Како можеме да се угледаме на Јехова и на неговиот Син кога треба да дадеме укор?

БОГ УКОРУВА СО ЉУБОВ

5. Зошто може да се каже дека укорот што го дава Јехова е доказ дека нѐ сака?

5 Јехова нѐ исправа и нѐ поучува од љубов. Тој сака да останеме блиски со него и да живееме засекогаш (1. Јов. 4:16). Тој никогаш не нѐ навредува, ниту омаловажува (Изр. 12:18). Напротив, Јехова се концентрира на нашите добри особини и ни ја почитува слободната волја. Дали укорот што го добиваме преку Библијата, преку нашите публикации, преку родителите или старешините, за тебе е доказ дека Јехова нѐ сака? Всушност, кога старешините ќе се обидат да ни дадат исправка на благ и обѕирен начин, можеби и пред да сфатиме дека сме направиле нешто погрешно, тие ја одразуваат Јеховината љубов кон нас (Гал. 6:1).

6. Во која смисла укорот е израз на Божјата љубов дури и кога некому ќе му бидат одземени одредени теократски одговорности?

6 Понекогаш укорот не вклучува само совет или исправка. Ако некој направил тежок грев, тој повеќе не ги исполнува условите да врши одредени задачи во собранието. Дури и кога ќе се случи такво нешто, укорот покажува дека Бог го сака. На пример, ова може да му помогне на тоа лице да сфати колку е важно повеќе да ја проучува Библијата, подлабоко да размислува за неа и почесто да се моли. Така ќе може да стане уште поблизок со Јехова (Пс. 19:7). Со текот на времето, можеби повторно ќе ги добие одговорностите што му биле одземени. Дури и исклучувањето е израз на Јеховината љубов бидејќи го штити собранието од лошо влијание (1. Кор. 5:6, 7, 11). Освен тоа, бидејќи укорот од Бог е секогаш праведен, исклучувањето може да му помогне на престапникот да сфати колку е сериозен неговиот грев и да се покае (Дела 3:19).

УКОРОТ ОД ЈЕХОВА Е ЗА НАШЕ ДОБРО

7. Кој бил Шевна, и која лоша особина ја развил?

7 За да сфатиме колку е важен укорот, да го разгледаме примерот на две личности кои добиле укор од Јехова. Едниот е Шевна, Израелец кој живеел во времето на цар Езекија, а другиот е Греам, брат од наше време. Шевна бил управител на дворецот на цар Езекија и имал голем авторитет (Иса. 22:15). За жал, Шевна се возгордеал и сакал да биде славен во очите на другите. Дури си направил величествена гробница и се возел во раскошни кочии (Иса. 22:16-18).

Ако понизно и спремно го смениме нашиот став, Бог ќе нѐ благослови (Види во пасуси 8-10)

8. Како Јехова го укорил Шевна, и од каде знаеме дека веројатно извлекол поука од укорот?

8 Бидејќи Шевна се обидел да стекне слава за себе, Бог го тргнал од неговата служба и го заменил со Елијаким (Иса. 22:19-21). Ова се случило кога асирскиот цар Сенахирим планирал да го нападне Ерусалим. Подоцна, Сенахирим испратил група службеници и голема војска за да ги исплаши Евреите и да го натера цар Езекија да се предаде (2. Цар. 18:17-25). Езекија го испратил Елијаким да преговара со службениците. Но со Елијаким дошле уште двајца, од кои едниот бил Шевна, кој тогаш служел како писар. Тоа покажува дека Шевна веројатно не се навредил и не се самосожалувал, туку понизно прифатил да извршува помалку важни задачи. Кои три поуки можеме да ги извлечеме од она што му се случило на Шевна?

9-11. а) Кои важни поуки може да ги научиме од Шевна? б) Зошто те охрабрува начинот на кој Јехова постапил со Шевна?

9 Како прво, тоа што Шевна ја изгубил својата положба нѐ потсетува дека „гордоста оди пред пропаста“ (Изр. 16:18). Ако имаш посебни одговорности во собранието, поради кои можеби си истакнат во очите на другите, дали се трудиш да останеш понизен? Дали ќе му ја припишеш заслугата на Јехова за твоите способности и за твојот успех во службата? (1. Кор. 4:7). Апостол Павле напишал: „Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да мисли за себе разумно“ (Рим. 12:3).

10 Како второ, од строгиот укор што Јехова му го дал на Шевна би можело да се заклучи дека тој верувал дека Шевна може да се смени (Изр. 3:11, 12). Ова е убава поука за оние на кои им биле одземени некои одговорности во Божјата организација. Наместо да се лутат и да се огорчат, тие треба и понатаму да му го даваат најдоброто на Јехова и да гледаат на укорот како на доказ дека тој ги сака. Не заборавај дека нашиот Татко ги благословува оние што се понизни. (Прочитај 1. Петрово 5:6, 7.) Укорот што Јехова со љубов ни го дава може да нѐ обликува ако сме мека глина во неговите раце.

11 Како трето, можеме многу да научиме од начинот на кој Јехова постапил со Шевна. Преку укорот Јехова покажува дека го мрази гревот, но и дека го сака престапникот. Бог го гледа доброто во луѓето. Ако си родител или старешина, дали ќе го следиш примерот на Јехова кога треба да дадеш укор? (Јуда 22, 23).

12-14. а) Како некои реагираат кога ќе добијат укор од Јехова? б) Како Божјата Реч му помогнала на еден брат да си го смени ставот, и со каков резултат?

12 За жал, некои толку се повредени кога ќе добијат укор што се оддалечуваат од Бог и од собранието (Евр. 3:12, 13). Но дали тоа значи дека никој не може да им помогне? Да го разгледаме примерот на Греам. Тој бил исклучен и подоцна бил повторно примен во собранието. Меѓутоа, по некое време престанал да проповеда и да доаѓа на состаноците. Еден старешина се потрудил да се спријатели со Греам. По неколку години, Греам го замолил тој старешина да ја проучува Библијата со него.

13 Старешината се сеќава: „Греам имаше проблем со гордоста. Ги критикуваше старешините кои ја донесоа одлуката за неговото исклучување. Затоа, неколку пати проучувавме стихови во врска со гордоста и нејзините последици. Греам почна сѐ појасно да се гледа во симболичното огледало — Божјата Реч — и воопшто не му се допадна она што го виде! Тоа силно влијаеше врз него! Откако сфати дека е заслепен од една ’греда‘ — гордоста — и дека проблемот е во него, односно во неговиот критизерски став, почна брзо да се менува. Почна редовно да доаѓа на состаноците, длабоко да ја проучува Божјата Реч и секој ден да се моли. Исто така, почна да се грижи за духовните потреби на своето семејство, а жена му и децата беа многу радосни поради тоа“ (Лука 6:41, 42; Јак. 1:23-25).

14 Старешината продолжува: „Еден ден, Греам рече нешто што ме трогна: ’Со години ја знам вистината, а служев и како пионер. Но дури сега можам да кажам дека навистина го сакам Јехова‘“. Наскоро, Греам добил задача да служи со микрофони на состаноците, и бил многу радосен поради тоа. Старешината вели: „Од неговиот пример научив дека, кога некој ќе се понизи пред Бог така што ќе го прифати неговиот укор, на благословите им нема крај!“

УГЛЕДАЈ СЕ НА ЈЕХОВА И НА ХРИСТОС КОГА ДАВАШ УКОР

15. Што мора да правиме ако сакаме другите да го прифатат укорот што им го даваме?

15 Ако сакаме да бидеме добри учители, мора прво да бидеме добри ученици (1. Тим. 4:15, 16). Слично на тоа, ако имаш одговорност од Јехова да даваш укор, мора да останеш понизен и да дозволиш тој да те води во животот. Кога другите ќе ја видат твојата понизност, тие ќе те почитуваат и ќе им биде полесно да прифатат совет или укор од тебе. Да го разгледаме примерот на Исус.

16. Што можеме да научиме од Исус во врска со тоа како да даваме укор и да поучуваме?

16 Исус секогаш му бил послушен на својот Татко, дури и кога тоа му било многу тешко (Мат. 26:39). Освен тоа, заслугата за своите поуки и мудрост секогаш му ја припишувал нему (Јован 5:19, 30). Бидејќи бил понизен и послушен, Исус сочувствително ги поучувал другите, и затоа луѓето со искрени срца биле привлечени кон него. (Прочитај Лука 9:11.) Неговите љубезни зборови биле вистинско охрабрување за оние што во симболична смисла биле како згмечена трска и како фитил што тлее (Мат. 12:20). Дури и кога неговата стрпливост била ставена на испит, Исус покажувал љубов. Ова било очигледно кога ги укорил своите апостоли затоа што се расправале кој од нив е најголем (Мар. 9:33-37; Лука 22:24-27).

17. Кои особини ќе им помогнат на старешините добро да се грижат за Божјето собрание?

17 Секогаш кога даваат укор на темел на библиските начела, старешините треба да го следат примерот на Исус. На овој начин покажуваат дека сакаат да им бидат послушни на Бог и на неговиот Син. Апостол Петар напишал: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо; не како да господарите над оние што се Божја сопственост, туку бидете му пример на стадото“ (1. Пет. 5:2-4). Кога старешините од срце им се послушни на Бог и на Исус, тоа им користи и ним и на членовите на Божјето собрание (Иса. 32:1, 2, 17, 18).

18. а) Што очекува Јехова од родителите? б) Како Бог им помага на родителите да ги исполнат своите одговорности?

18 Истите начела важат и во семејството. Јехова им го вели следново на семејните поглавари: „Не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4). Колку е сериозна оваа работа? Од Библијата може да видиме дека, доколку не им го дадат потребниот укор на своите деца, Јехова ќе ги смета родителите за виновни (1. Сам. 3:12-14). Но родителите не се препуштени сами на себе. Ако понизно го молат Јехова за помош и се потпираат на водството што им го дава преку својата Реч и светиот дух, тој ќе им ги даде потребната мудрост и сила. (Прочитај Јаков 1:5.)

УЧИМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ ВО МИР ЗАСЕКОГАШ

19, 20. а) Кои благослови ќе ги добиеме ако го прифатиме укорот што ни го дава Бог? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Ако го прифатиме укорот од Бог и ако го следиме примерот на Јехова и на Исус кога даваме укор, ќе имаме безброј благослови! Нашите семејства и собранијата ќе бидат оаза на мирот во која секој ќе се чувствува сакано, ценето и безбедно. Ова донекаде ни помага да си замислиме каков мир и среќа нѐ очекуваат во иднина (Пс. 72:7). Всушност, нема да претераме ако кажеме дека укорот што го добиваме од Јехова нѐ учи да живееме заедно како мирољубиво и обединето семејство под неговата татковска грижа, и тоа во сета вечност. (Прочитај Исаија 11:9.) Ако го имаме ова на ум, ќе сфатиме дека укорот е прекрасен начин на кој Бог покажува љубов кон нас.

20 Во следната статија ќе дознаеме нешто повеќе за укорот во семејството и во собранието. Исто така, ќе видиме зошто е важно да бидеме самодисциплинирани со цел да се „укоруваме“ самите себе. Ќе дознаеме и како можеме да избегнеме нешто пострашно од болката што може да ја предизвика укорот.