Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 13

Покажувај сочувство во службата на проповедање

Покажувај сочувство во службата на проповедање

Се сожали на нив и почна да ги поучува за многу работи (МАР. 6:34)

ПЕСНА 70 Барајте ги достојните!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Кој е еден аспект од личноста на Исус што најмногу трогнува?

ЕДЕН аспект од личноста на Исус што најмногу трогнува е неговата способност да ги разбере проблемите што ги имаме поради нашата несовршеност. Додека бил на Земјата, Исус се радувал со оние што се радувале и плачел со оние што плачеле (Рим. 12:15). На пример, откако проповедале, 70 негови ученици се вратиле радосни кај него. Во таа прилика, Исус се исполнил со радост (Лука 10:17-21). Во една друга прилика, кога видел колку биле тажни најблиските на Лазар поради неговата смрт, Исус бил „длабоко трогнат и потресен“ (Јован 11:33).

2. Што му помогнало на Исус да покажува сочувство кон луѓето?

2 Што го поттикнало овој совршен човек да биде толку милостив и сочувствителен кон несовршените луѓе? Пред сѐ, тоа што ги сакал луѓето. Како што спомнавме во претходната статија, тој особено им се радувал „на синовите човечки“ (Изр. 8:31). Неговата љубов кон нив го поттикнала добро да го запознае начинот на кој размислуваат. Апостол Јован за него рекол: „Знаеше што му е на човекот во срцето“ (Јован 2:25). Исус имал големо сочувство кон луѓето. Бидејќи можеле да почувствуваат дека ги сака, тие ја слушале пораката за Царството која им ја проповедал. Што учиме од ова? Ако се трудиме да покажуваме сочувство кон луѓето на кои им проповедаме, тие ќе бидат поспремни да ја прифатат нашата помош (2. Тим. 4:5).

3-4. а) Како ќе гледаме на проповедањето ако сме сочувствителни? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 За апостол Павле, проповедањето било должност. И ние гледаме така на него (1. Кор. 9:16). Сепак, ако имаме сочувство, на службата нема да гледаме само како на должност туку и како на можност да покажеме дека ги сакаме луѓето и дека сакаме да им помогнеме. Ние знаеме дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Ако службата на проповедање ја извршуваме од љубов кон луѓето, повеќе ќе уживаме во неа.

4 Во оваа статија ќе разгледаме како можеме да покажуваме сочувство во службата. Најпрво, ќе видиме како Исус гледал на луѓето. Потоа ќе зборуваме за четири начини како може да се угледаме на него (1. Пет. 2:21).

ИСУС ПОКАЖУВАЛ СОЧУВСТВО ДОДЕКА ПРОПОВЕДАЛ

Сочувството го поттикнало Исус да ги теши луѓето со добрата вест (Види во пасуси 5-6)

5-6. а) Како Исус покажал сочувство кон своите ученици и кон другите луѓе? б) Како што било проречено во Исаија 61:1, 2, зошто на Исус му било жал за луѓето на кои им проповедал?

5 Како Исус покажувал сочувство? Да ја разгледаме следнава ситуација. Во една прилика, Исус и неговите ученици долго време проповедале без да се одморат. Тие дури немале „време ни да јадат“. Затоа, Исус ги повикал да појдат на едно осамено место за да се одморат. Но, луѓето дознале за ова и пристигнале на тоа место пред да стигне Исус со своите ученици. Што направил Исус кога ги видел овие луѓе? Библијата вели: „Се сожали * на нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги поучува за многу работи“ (Мар. 6:30-34).

6 Зошто Исус се сожалил на овие луѓе? Тој забележал дека се „како овци без пастир“. Можеби видел дека некои од тие луѓе се сиромашни и дека можеби мораат напорно да работат за да ги задоволат основните потреби на семејството. Можеби на некои од тие луѓе им починал некој близок. Ако ова било случај, Исус можел да ја разбере нивната ситуација. Како што спомнавме во претходната статија, и тој се соочил со слични проблеми. Исус се грижел за другите и затоа бил поттикнат да ги утеши. (Прочитај Исаија 61:1, 2.)

7. Како може да го следиме примерот на Исус?

7 Што учиме од примерот на Исус? И ние сме опкружени со луѓе кои се како овци без пастир. Тие се соочуваат со многу проблеми. Ние го имаме токму тоа што им е потребно — добрата вест за Божјето Царство (Отк. 14:6). По примерот на нашиот Учител, ја проповедаме добрата вест затоа што ни е жал за оние што се во лоша ситуација и затоа што сакаме да им помогнеме (Пс. 72:13).

КАКО ДА ПОКАЖУВАМЕ СОЧУВСТВО

Размислувај за потребите на секој поединец (Види во пасуси 8-9)

8. Кој е еден начин како можеме да покажеме сочувство во службата? Наведи пример.

8 Што може да ни помогне да покажуваме сочувство кон оние на кои им проповедаме? Треба да се потрудиме да се ставиме во нивна кожа и да се однесуваме кон нив исто како што би сакале и тие да се однесуваат кон нас * (Мат. 7:12). Да разгледаме четири начини како можеме да го правиме тоа. Прво, размислувај за потребите на секој поединец. Да го разгледаме следниов пример: Еден добар лекар размислува за потребите на секој пациент посебно. Тој му поставува прашања на пациентот и внимателно слуша додека пациентот му опишува како се чувствува. Наместо да му ја препише првата терапија што ќе му падне на ум, лекарот можеби ќе одлучи да му направи дополнителни прегледи на пациентот, а потоа да му ја одреди најдобрата терапија во склад со неговата болест. Кога проповедаме, ние имаме слична улога како еден таков лекар. Не треба да користиме ист пристап за сите луѓе кои ги среќаваме. Наместо тоа, треба да размислуваме за околностите и ставовите на секој поединец.

9. Кога проповедаме некому, што не треба веднаш да заклучиме? Објасни.

9 Кога му проповедаш на некој човек, немој веднаш да заклучиш дека знаеш во какви околности се наоѓа, во што верува и зошто верува во тоа (Изр. 18:13). Наместо тоа, обиди се да дознаеш нешто повеќе за тој човек така што ќе му поставуваш промислени прашања (Изр. 20:5). Ако во твојата култура тоа е вообичаено, можеш да го прашаш нешто за работата, семејството, потеклото или за неговите гледишта во врска со одредени работи. Кога на ваков начин разговараме со луѓето, им даваме можност сами да ни откријат со какви проблеми се соочуваат. Ова ќе ни помогне да знаеме како да им покажеме сочувство и како да им ја пренесеме добрата вест. Така го следиме примерот на Исус. (Спореди со 1. Коринќаните 9:19-23.)

Обиди се да замислиш каков му е животот на некој на кој му проповедаш (Види во пасуси 10-11)

10-11. Во склад со 2. Коринќаните 4:7, 8, на кој друг начин можеме да покажуваме сочувство? Наведи пример.

10 Второ, обиди се да замислиш каков им е животот на луѓето. Донекаде можеме да ги разбереме луѓето кои ги среќаваме во службата. И ние сме несовршени и се соочуваме со слични проблеми (1. Кор. 10:13). Знаеме дека животот во овој свет може да биде многу тежок. Но, ние истрајуваме само благодарение на помошта од Јехова. (Прочитај 2. Коринќаните 4:7, 8.) Помисли за момент на луѓето во светот кои не го познаваат Јехова и кои без негова помош се борат со проблемите што ги носи животот. Бидејќи ни е жал за нив, сакаме да им пренесеме „добра вест за нешто подобро“, исто како што правел Исус (Иса. 52:7).

11 Да го разгледаме примерот на еден брат по име Сергеј. Пред да ја дознае вистината, Сергеј бил многу повлечен и му било тешко да разговара со другите. Тој почнал да ја проучува Библијата. Сергеј вели: „Додека ја проучував Библијата, дознав дека христијаните треба да зборуваат со другите за својата вера. Мислев дека никогаш нема да можам да го правам тоа“. Но, тој размислувал за оние кои сѐ уште не слушнале за вистината и можел да си замисли каков им е животот без Јехова. „Чувствував огромна радост и внатрешен мир поради новите работи што ги учев. Сфатив дека и другите треба да ги чујат овие вистини.“ Како што станувал посочувствителен, Сергеј стекнувал и поголема храброст за да проповеда. Тој вели: „На мое големо изненадување, зборувајќи им на другите за Библијата, стекнав поголема самодоверба. Исто така, овие верувања уште повеќе се вкоренија во моето срце“. *

Потребно е време за некој да напредува во духовен поглед (Види во пасуси 12-13)

12-13. Зошто треба да бидеме стрпливи со оние кои ги поучуваме за Библијата? Наведи пример.

12 Трето, биди стрплив со оние што ги поучуваш за Библијата. Не заборавај дека тие можеби никогаш не размислувале за некои библиски вистини што ние добро ги познаваме. Исто така, многумина се емотивно поврзани за своите верувања. Можеби сметаат дека, ако ги остават овие верувања, всушност ќе се откажат од своето семејство, од својата култура или од своето потекло. Како можеме да им помогнеме?

13 Размисли за следнава споредба: Што обично се прави кога еден стар мост е во многу лоша состојба и треба да се замени? Честопати, се гради нов, додека стариот сѐ уште е во употреба. Откако ќе се заврши со изградбата на новиот мост, дури тогаш стариот може да се сруши. На сличен начин, за да им помогнеме на луѓето да ги остават „старите“ верувања кои многу им значат, најпрво треба да им помогнеме да ги запознаат и да ги засакаат „новите“ вистини — библиските учења кои порано не им биле познати. Дури тогаш тие ќе бидат спремни да ги остават своите поранешни верувања. Но за оваа промена е потребно време (Рим. 12:2).

14-15. Како можеме да им помогнеме на оние што знаат малку или не знаат ништо за надежта за вечен живот во рај на Земјата? Наведи пример.

14 Ако сме стрпливи со луѓето на кои им проповедаме, нема да очекуваме да ја разберат или да ја прифатат вистината уште првиот пат кога ќе ја слушнат. Наместо тоа, сочувството ќе нѐ поттикне да им помагаме постепено да ја разберат вистината од Божјата Реч. Да речеме дека сакаме некому да му помогнеме да разбере дека луѓето ќе живеат вечно во рај на Земјата. Многумина можеби знаат малку или не знаат ништо во врска со ова. Можеби сметаат дека со смртта завршува сѐ или можеби веруваат дека сите добри луѓе одат на небото. Како можеме да им помогнеме на овие луѓе?

15 Еве како еден брат им помага на луѓето да разберат дека Бог има намера луѓето да живеат вечно на Земјата. Најпрво, го чита 1. Мојсеева 1:28. Потоа, прашува каде и во какви услови Бог имал намера луѓето да живеат. Повеќето одговараат: „На Земјата, во убави услови“. Следно, братот го чита Исаија 55:11 и прашува дали Божјата намера се сменила. Честопати, станарите велат не. На крај, братот го чита Псалм 37:10, 11 и прашува каква иднина го чека човештвото. Со помош на овој пристап, тој им помогнал на неколкумина да сфатат дека Бог има намера добрите луѓе да живеат вечно во рај на Земјата.

Со еден мал љубезен гест како, на пример, да испратиш некому утешно писмо, можеш да постигнеш многу убави резултати (Види во пасуси 16-17)

16-17. Имајќи го на ум Изреки 3:27, на кои практични начини можеме да покажеме сочувство? Наведи пример.

16 Четврто, размислувај како можеш да покажеш грижа на практични начини. На пример, што ако сме дошле во време кога станарот е зафатен? Може да му се извиниме и да се договориме да дојдеме во време кога ќе биде слободен. Што ако на станарот му треба помош за некоја мала работа низ дома? Или што ако не може да излегува од дома, а му треба помош како, на пример, да му се плати некоја сметка или да му се купи нешто? Доколку се најдеме во вакви ситуации, веројатно би можеле да помогнеме. (Прочитај Изреки 3:27.)

17 Една сестра постигнала многу убави резултати со еден навидум мал љубезен гест. Поттикната од сочувство, таа му напишала писмо на еден брачен пар на кој му починало новороденото бебе. Во писмото сестрата цитирала неколку утешни стихови од Библијата. Како реагирал овој брачен пар? Мајката ѝ напишала на оваа сестра: „Вчера се чувствував ужасно. Не можеш ни да си замислиш како писмото влијаеше врз нас. Немам зборови со кои можам да ти се заблагодарам и да ти искажам колку нѐ утеши. Вчера го прочитав најмалку 20 пати. Бев изненадена од тоа колку љубезни, утешни и охрабрувачки беа твоите зборови. Ти благодариме од дното на нашите срца!“ Нема сомнеж, можеме да постигнеме многу ако се ставиме на местото на оние што страдаат и ако направиме нешто за да им помогнеме.

ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ И НЕ СЕ ОБЕСХРАБРУВАЈ

18. Во склад со 1. Коринќаните 3:6, 7, каков урамнотежен став треба да задржиме?

18 Додека проповедаме, ние имаме удел во тоа некој да го запознае Бог, но не смееме да заборавиме дека Јехова е оној што ги привлекува луѓето кон себе. (Прочитај 1. Коринќаните 3:6, 7; Јован 6:44.) Исто така, имај на ум дека секој поединец реагира на добрата вест според она што му е во срцето (Мат. 13:4-8). Не заборавај дека, Исус бил најголемиот Учител што некогаш живеел, но повеќето луѓе не ја прифатиле неговата порака. Затоа, да не се обесхрабриме ако повеќето луѓе на кои сакаме да им помогнеме не ја прифатат добрата вест.

19. Какви благослови ќе пожнееме ако покажуваме сочувство во службата?

19 Навистина, ако сме сочувствителни кога проповедаме, ќе пожнееме многу благослови. Повеќе ќе уживаме во службата. Ќе бидеме посреќни затоа што сме дарежливи. А на оние кои исправно гледаат на вечниот живот ќе им биде полесно да ја прифатат добрата вест (Дела 13:48). Затоа „додека имаме можност за тоа, да им правиме добро на сите“ (Гал. 6:10). Така ќе му носиме слава на нашиот небесен Татко, а тоа ќе нѐ направи многу радосни (Мат. 5:16).

ПЕСНА 64 Радосно да учествуваме во жетвата

^ пас. 5 Ако сме сочувствителни во службата на проповедање, ќе чувствуваме поголема радост, а и луѓето можеби ќе бидат поспремни да нѐ слушаат. Во оваа статија ќе разгледаме што можеме да научиме од Исус во врска со ова. Исто така, ќе разгледаме четири начини на кои можеме да покажеме сочувство за луѓето што ги среќаваме во службата на проповедање.

^ пас. 5 ПОЈАСНУВАЊЕ: Да се сожалиш значи да сочувствуваш со некој што страда или е угнетуван од другите. Тоа чувство може да нѐ поттикне да направиме сѐ што е во наша моќ за да им помогнеме на луѓето.

^ пас. 8 Види ја статијата „Применувај го Златното правило во службата“ во Стражарска кула од 15 мај 2014 год.