Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 11

Слушај го гласот на Јехова

Слушај го гласот на Јехова

Ова е мојот сакан Син. Него слушајте го! (МАТ. 17:5)

ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) На кои начини Јехова комуницирал со луѓето? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ЈЕХОВА многу сака да комуницира со нас. Во минатото тој ги користел пророците, ангелите и својот Син, Исус Христос, за да ни ги пренесе своите мисли (Амос 3:7; Гал. 3:19; Отк. 1:1). Денес комуницира со нас преку својата Реч, Библијата. Тој ни ја дал својата Реч за да научиме како размислува и како постапува.

2 Кога Исус бил на Земјата, Јехова три пати проговорил од небото. Да разгледаме што кажал Јехова во тие прилики, што дознаваме од она што го кажал и како тоа ни користи.

„ТИ СИ МОЈОТ САКАН СИН!“

3. Според Марко 1:9-11, што рекол Јехова кога Исус се крстил, и кои важни вистини ги дознаваме од овие зборови?

3 Во Марко 1:9-11 е запишана првата прилика кога Јехова проговорил од небото. (Прочитај.) Тој рекол: „Ти си мојот сакан Син! Ти си по мојата волја!“ Сигурно Исус бил многу трогнат кога го чул гласот на својот Татко кој ја изразил својата љубов и доверба во него. Овие зборови на Јехова потврдуваат три важни вистини за Исус. Прво, Исус е Божји син. Второ, Јехова го сака својот Син. И трето, Исус му е по волја на Јехова. Да ја разгледаме секоја од нив подетално.

4. Во која смисла, кога се крстил, Исус станал Божји син на нов начин?

4 „Ти си мојот... Син!“ Пред да дојде на Земјата, Исус веќе бил Божји Син. Тогаш зошто Јехова ги кажал овие зборови? Со овие зборови, Јехова укажал на тоа дека односот со неговиот сакан Син, Исус, се променил. Во која смисла? Кога се крстил, Исус бил помазан со свет дух. Со тоа станал Божји син на еден нов начин. Бог тогаш му дал надеж дека ќе се врати на небото за да биде Цар и Првосвештеник (Лука 1:31-33; Евр. 1:8, 9; 2:17). Затоа Јехова при крштавањето на Исус рекол: „Ти си мојот... Син“ (Лука 3:22).

Кога другите нѐ пофалуваат и нѐ охрабруваат, се чувствуваме убаво (Види во пасус 5) *

5. Како може да се угледаме на Јехова кога станува збор за пофалбата и изразувањето љубов?

5 „Ти си мојот сакан Син!“ Јехова ни дал многу убав пример со тоа што ја изразил својата љубов кон Исус и го пофалил (Јован 5:20). И ние треба да се трудиме да ги пофалуваме и да ги охрабруваме другите. Кога некој што го сакаме ни покажува љубов и нѐ пофалува, ние се чувствуваме многу убаво. И нашите соверници и членовите на нашето семејство се чувствуваат убаво кога им покажуваме љубов и ги охрабруваме. Кога ги пофалуваме другите, ја зајакнуваме нивната вера и им помагаме да продолжат верно да му служат на Јехова. Особено родителите треба да ги охрабруваат своите деца. Кога родителите искрено ги пофалуваат своите деца и им покажуваат љубов, децата убаво напредуваат.

6. Зошто може да имаме доверба во Исус Христос?

6 „Ти си по мојата волја!“ Со овие зборови Јехова покажал увереност дека Исус верно ќе ја изврши волјата на својот Татко. Штом Јехова имал доверба во својот Син, и ние треба да имаме целосна доверба дека Исус ќе ги исполни сите ветувања на Јехова (2. Кор. 1:20). Кога размислуваме за тоа како Исус верно ја извршил волјата на својот Татко, ние сме уште порешени да учиме од него и да ги следиме неговите стапки. Јехова е уверен дека и ние, како група, ќе продолжиме да го следиме неговиот Син (1. Пет. 2:21).

„НЕГО СЛУШАЈТЕ ГО!“

7. Според Матеј 17:1-5, во која прилика Јехова проговорил од небото, и што кажал?

7 Прочитај Матеј 17:1-5. Втората прилика кога Јехова проговорил од небото било тогаш кога Исус се преобразил. Исус ги викнал со себе Петар, Јаков и Јован на една висока планина. Таму се случило едно впечатливо видение. Лицето на Исус светнало, а облеката му станала бела како светлина. Тогаш, се појавиле двајца луѓе — едниот го претставувал Мојсеј, а другиот Илија. Тие почнале да зборуваат со Исус за неговата смрт и воскресение. Иако апостолите спиеле, кога се разбудиле, го виделе тоа впечатливо видение (Лука 9:29-32). Потоа, ги засенил светол облак и чуле глас од облакот — тоа бил Божјиот глас! И овој пат, Јехова покажал дека е задоволен од својот Син и ја изразил својата љубов кон него со тоа што рекол: „Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја!“ Но, во оваа прилика додал: „Него слушајте го!“

8. Како влијаело видението врз Исус и врз учениците?

8 Ова видение ја предочило славата и моќта на Исус како Цар на Божјето Царство. Со оглед на тоа што наскоро го чекала маченичка смрт, Исус сигурно бил многу охрабрен. Преку ова видение, Јехова ја зајакнал и верата на апостолите и ги подготвил за испитите и напорната работа кои им претстоеле. Околу 30 години подоцна, апостол Петар го спомнал ова видение во своето писмо, што покажува дека сѐ уште јасно се сеќавал на него (2. Пет. 1:16-18).

9. Какви корисни совети им ги дал Исус на своите ученици?

9 „Него слушајте го!“ Јехова јасно покажал дека сака да ги слушаме зборовите на неговиот Син и да ги применуваме. За што зборувал Исус кога бил на Земјата? Тој кажал многу важни работи! На пример, на многу убав начин ги поучил своите следбеници како да ја проповедаат добрата вест и постојано ги поттикнувал да останат духовно будни (Мат. 24:42; 28:19, 20). Исто така, Исус ги поттикнувал да се напрегаат да ја вршат Божјата волја и да не се откажуваат (Лука 13:24). Тој истакнал и колку е важно неговите следбеници да се сакаат еден со друг, да останат обединети и да им бидат послушни на неговите заповеди (Јован 15:10, 12, 13). Советите што Исус им ги дал на своите ученици биле многу корисни. Тие се исто толку корисни и денес!

10-11. Како можеме да покажеме дека го слушаме Исус?

10 Исус рекол: „Секој што е на страната на вистината, го слуша мојот глас“ (Јован 18:37). Покажуваме дека сме му послушни на неговиот глас кога се трудиме да се поднесуваме еден со друг и спремно да си простуваме (Кол. 3:13; Лука 17:3, 4). Исто така, ќе покажеме дека го слушаме неговиот глас кога ревносно ја проповедаме добрата вест и „во поволно време и во тешко време“ (2. Тим. 4:2).

11 Исус рекол: „Моите овци го слушаат мојот глас“ (Јован 10:27). Учениците на Исус покажуваат дека го слушаат неговиот глас така што постапуваат во склад со неговите зборови. Тие не дозволуваат да бидат оптоварени со „животните грижи“ (Лука 21:34). Ним им е многу важно да му бидат послушни на Исус дури и во тешки околности. На пример, некои наши браќа се соочуваат со физички напади од противници, други живеат во крајна сиромаштија, а некои се погодени од природни катастрофи. И покрај тоа, тие му остануваат верни на Јехова по секоја цена. Ним, Исус им го дава следново уверување: „Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој ме сака. А кој ме сака мене, него ќе го сака и мојот Татко“ (Јован 14:21).

Службата ни помага и понатаму да бидеме послушни на зборовите на Исус (Види во пасус 12) *

12. На кој друг начин покажуваме дека сме му послушни на Исус?

12 Има уште еден начин на кој покажуваме дека сме му послушни на Исус — така што соработуваме со оние што ги поставил да предводат (Евр. 13:7, 17). Јеховината организација направи многу промени во последниве години. На пример, користиме нови методи на проповедање, беа направени некои промени во состаноците, а има и нови упатства за изградба, реновирање и одржување на нашите сали за состаноци. Колку сме благодарни што Јехова нѐ води на еден грижлив и мудар начин преку неговата организација! Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе го благослови трудот што го вложуваме да им бидеме послушни на навремените упатства од организацијата.

13. Како ни користи тоа што сме му послушни на Исус?

13 Ако сме послушни на сите поуки од Исус, ќе добиеме многу благослови. Исус ги уверил своите ученици дека ќе ги закрепне. Тој рекол: „Ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Мат. 11:28-30). Божјата Реч, во која се вклучени и четирите евангелија за Исусовиот живот и служба, нѐ закрепнува, нѐ зајакнува во духовен поглед и нѐ прави помудри (Пс. 19:7; 23:3). Исус рекол: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28).

ЈЕХОВА ЌЕ ГО ПРОСЛАВИ СВОЕТО ИМЕ

14-15. а) Која била третата прилика во која Јехова проговорил од небото? б) Зошто зборовите на Јехова го утешиле и го зајакнале Исус?

14 Прочитај Јован 12:27, 28. Во евангелието според Јован е запишана третата прилика во која Јехова проговорил од небото. Неколку дена пред да умре, Исус бил во Ерусалим за да ја прослави Пасхата. Тогаш тој рекол: „Душата ми е вознемирена“, потоа во молитва рекол: „Татко, прослави го своето име!“ На тоа Јехова одговорил од небото: „Го прославив и пак ќе го прославам!“

15 Исус бил многу вознемирен бидејќи пред него стоела една огромна одговорност — да му остане верен на Јехова. Исус бил свесен дека ќе биде безмилосно камшикуван и убиен на суров начин (Мат. 26:38). Сепак, нему најважно од сѐ му било да го прослави името на својот Татко. Исус бил обвинет дека хули на Бог, и бил многу загрижен дека неговата смрт ќе му нанесе срам на Јехова. Но Јехова го уверил дека ќе го прослави своето име. Ова сигурно многу го утешило Исус и го зајакнало за да ги издржи страдањата кои му претстоеле. Во оваа прилика, изгледа само Исус ги разбрал зборовите на својот Татко, но Јехова се погрижил овие зборови да бидат запишани во Библијата (Јован 12:29, 30).

Јехова ќе го посвети своето име и ќе го избави својот народ (Види во пасус 16) *

16. Зошто понекогаш можеби сме загрижени дека ќе му се нанесе срам на Божјето име?

16 И денес му се нанесува срам на Божјето име, и поради ова, исто како Исус, може да бидеме загрижени. Можеби и ние како Исус сме жртви на неправда. Можеби сме вознемирени поради лажните вести што противниците ги шират за нас, затоа што ваквите вести го оцрнуваат името на Бог и неговата организација. Но во тие моменти, и нас може многу да нѐ утеши она што Јехова му го кажал на Исус. Нема потреба да бидеме претерано загрижени. Може да бидеме уверени дека „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува [нашите] срца и [нашиот] ум преку Христос Исус“ (Фил. 4:6, 7). Јехова секогаш го прославува своето име! Преку Божјето Царство, ќе ја поправи сета штета што Сатана и овој свет им ја нанесуваат на Неговите верни слуги (Пс. 94:22, 23; Иса. 65:17).

КАКО НИ КОРИСТИ ТОА ШТО ГО СЛУШАМЕ ГЛАСОТ НА ЈЕХОВА

17. Во склад со Исаија 30:21, како Јехова ни зборува денес?

17 Јехова сѐ уште комуницира со своите слуги. (Прочитај Исаија 30:21.) Точно, тој не ни зборува директно од небото. Сепак, ни ја дал својата Реч, Библијата, преку која нѐ поучува. Освен тоа, Јеховиниот дух му помага на „верниот и разборит управител“ да ни дава храна во вистинско време (Лука 12:42). Размисли колку многу духовна храна добиваме денес — публикации во печатен и електронски облик, статии на нашата интернет-страницата, видеоклипови и аудиоснимки од нашите публикации.

18. Како Божјата Реч ти ја зајакнува верата и ти влева храброст?

18 Никогаш да не ги заборавиме зборовите што Јехова му ги кажал на својот Син додека бил на Земјата. Навистина, Божјата Реч нѐ уверува дека Јехова има контрола над работите и дека во иднина ќе ја поправи сета штета што Сатана и овој свет ни ја нанеле. Затоа, да бидеме решени внимателно да го слушаме гласот на Јехова. Така успешно ќе се носиме со проблемите со кои се соочуваме денес, а ќе бидеме подготвени и за она што нѐ чека во иднина. Библијата нѐ уверува: „Истрајноста ви е потребна за, извршувајќи ја Божјата волја, да го примите она што е ветено“ (Евр. 10:36).

ПЕСНА 4 „Јехова е мојот Пастир“

^ пас. 5 Кога Исус бил на Земјата, Јехова проговорил од небото во три прилики. Во една од нив, Јехова ги поттикнал Христовите ученици да го слушаат неговиот Син. Денес, Јехова ни зборува преку својата Реч, во која се вклучени и учењата на Исус, како и преку својата организација. Во оваа статија ќе разгледаме какви благослови добиваме кога ги слушаме Јехова и Исус.

^ пас. 52 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Еден старешина забележува еден слуга-помошник како помага околу одржувањето на салата за состаноци и како ја средува собраниската литература. Старешината искрено го пофалува.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брачен пар во Сиера Леоне кани на состанок еден рибар.

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: Сведоци кои живеат во држава каде што нашето дело е законски ограничено имаат состанок во приватен дом. Тие се облечени неформално за да не привлекуваат внимание кон себе.