ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
„Еве нѐ нас! Испратете нѐ нас!“
ДАЛИ размислуваш да си ја зголемиш службата така што ќе се преселиш на место каде што има поголема потреба од објавители, можеби и во друга земја? Ако да, искуството на брат и сестра Бергам може многу да ти користи.
Жак и Мари-Лин се заедно во полновремена служба од 1988 год. Тие се познати по својата извонредна способност да се приспособуваат на нови услови, и досега прифатиле да служат на разни места во Гваделуп и Француска Гвајана. И двете земји сега ги надгледува подружницата во Франција. Да им поставиме неколку прашања на Жак и на Мари-Лин.
Што ве поттикна да започнете со полновремена служба?
Мари-Лин: Уште како дете, додека живеевме во Гваделуп, честопати проповедав по цели денови со мајка ми, која ревносно му служеше на Јехова. Бидејќи ги сакам луѓето, веднаш штом завршив со школувањето во 1985 год., започнав со пионерска служба.
Жак: Како млад, бев опкружен со полновремени објавители кои многу ја сакаа службата. За време на распустот, обично служев како помошен пионер. Во текот на викендите, понекогаш одевме со автобус на подрачја каде што служеа пионери. По цел ден проповедавме, и на крајот одевме на плажа. Тоа беше вистинско уживање!
Кратко откако се оженив со Мари-Лин во 1988 год., си реков: „Сега немаме никакви обврски. Зошто да не служиме во поголема мера?“ Затоа и јас станав пионер. Една година подоцна, откако бевме на пионерската школа, нѐ именуваа за специјални пионери. Прво служевме на неколку места во Гваделуп, а потоа бевме замолени да се преселиме во Француска Гвајана.
Низ годините бевте испратени да служите на многу места. Што ви помогна да се приспособите на новите околности?
Мари-Лин: Браќата во Бетелот во Француска Гвајана знаеја дека Исаија 6:8 ни е омилен стих. Затоа, кога ќе ни се јавеа, честопати на шега ќе нѐ прашаа: „Кој ви беше омилениот стих?“ Бидејќи ни беше јасно дека нѐ чека нова задача, веднаш ќе одговоревме: „Еве нѐ нас! Испратете нѐ нас!“
Никогаш не сакаме да ги споредуваме претходните задачи со новата бидејќи тоа може да ни ја скрати радоста. Исто така, веднаш штом ќе дојдеме во новото собрание, се трудиме подобро да се запознаеме со браќата и сестрите.
Жак: Во минатото, некои добронамерни браќа и сестри се обидуваа да нѐ убедат да не се селиме бидејќи сакаа да бидеме поблизу до нив. Но, кога си заминавме од Гваделуп, еден брат нѐ потсети на зборовите на Исус запишани во Матеј 13:38: „Нивата е светот“. Затоа, кога одиме на следната задача, се потсетуваме дека, каде и да сме, сѐ уште служиме во истото дело. На крајот на краиштата, подрачјето и луѓето се најважни од сѐ!
Кога ќе пристигнеме на ново подрачје, гледаме дека и таму луѓето си живеат најнормално. Затоа се трудиме да се приспособиме на нивниот начин на живот. Понекогаш храната е поинаква. Иако внимаваме на хигиената, го јадеме она што тие го јадат и го пиеме она што тие го пијат. Се трудиме да зборуваме позитивно за секоја задача.
Мари-Лин: Учиме многу од локалните браќа. Се сеќавам што се случи кратко откако пристигнавме во Француска Гвајана. Бидејќи истураше дожд, си мислевме дека ќе мора да чекаме да престане па да одиме во служба. Но, тогаш една сестра ми рече: „Ајде, одиме?“ А јас изненадено ја прашав: „Како?“ Таа ми одговори: „Земи си чадор и одиме со велосипедите“. И така, научив како истовремено да возам велосипед и да држам чадор. Без тоа немаше воопшто да излезам да проповедам во дождовната сезона!
Досега се селевте 15-ина пати. Имате ли некои предлози за браќата што размислуваат да се преселат?
Мари-Лин: Преселбата не е лесна работа. Сепак, важно е да си најдеш место каде што ќе се чувствуваш удобно кога ќе се вратиш од служба.
Жак: Обично ги варосувам собите кога ќе се преселиме во новиот дом. Ако знаат дека нема долго да останеме некаде, браќата од подружницата велат: „Жак, не ни помислувај да варосуваш овој пат!“
Мари-Лин е експерт за пакување! Таа пакува сѐ во кутии и им става налепници „бања“, „спална“, „кујна“ итн. Така, кога ќе се вселиме, веднаш ги внесуваме кутиите во соодветните соби. Мари-Лин прави и список на работите што ги
има во секоја кутија за да може брзо да го најде она што ѝ треба.Мари-Лин: Бидејќи сме добро организирани, можеме веднаш да се посветиме на службата.
Каков распоред си правите за да можете потполно да си ја извршите службата? (2. Тим. 4:5).
Мари-Лин: Во понеделник се одмораме и се подготвуваме за состаноци. Од вторник почнуваме со службата.
Жак: Иако треба да исполниме одредена квота часови, воопшто не размислуваме за тоа. Сѐ во нашиот живот се врти околу службата. Откако ќе излеземе од дома па сѐ додека не се вратиме, се трудиме да зборуваме со сите што ги среќаваме.
Мари-Лин: На пример, кога одиме на излет, секогаш имам трактати со мене. Некои луѓе ни пристапуваат за да побараат публикации иако не сме им кажале дека сме Јеховини сведоци. Затоа секогаш внимаваме како се облекуваме и како се однесуваме. Луѓето го забележуваат тоа.
Жак: Даваме сведоштво и така што сме добри соседи. Ги фрлам во канта хартиените отпадоци што ќе ги видам низ ходникот и ги чистам лисјата во дворот. Соседите го забележуваат тоа и понекогаш прашуваат: „Да не имате да ми дадете една Библија?“
Честопати сте проповедале на изолирани подрачја. Може ли да ни раскажете нешто што ви оставило посебен впечаток?
Жак: Во Гвајана, некои подрачја се тешко достапни. Понекогаш мора да поминеме по 600 километри во текот на седмицата по лоши патишта. Никогаш нема да ја заборавиме посетата на селото Сент Ели, во амазонската прашума. Ни требаа неколку часа да стигнеме дотаму со теренско возило и со кану. Повеќето од оние што живееја таму беа трагачи по злато. Некои од нив беа толку благодарни за публикациите кои им ги дадовме што ни дадоа грутчиња злато како доброволен прилог! Вечерта им пуштивме еден филм од нашата организација. Многумина дојдоа да го гледаат.
Мари-Лин: Пред неколку години, Жак беше замолен да го одржи говорот за Спомен-свеченоста во селото Камопи. За да стигнеме дотаму, моравме да патуваме четири часа со кану по реката Ојапок. Тоа беше интересно доживување.
Жак: На места, каде што беше поплитко, брзаците беа многу опасни. Кога ќе ги видиш, просто ти застанува здивот. Оној што управува со кануто мора добро да си ја знае работата. Сепак, она што го доживеавме беше незаборавно. Иако во селото има само шест браќа и сестри, околу 50 луѓе присуствуваа на Спомен-свеченоста, меѓу кои имаше и некои од домородните племиња.
Мари-Лин: Вакви скапоцени искуства можат да имаат сите млади кои сакаат уште повеќе да се даваат за Јехова. Кога ќе се најдеш во такви околности, мора да покажуваш доверба во него, и твојата вера се зајакнува. Многу често гледаме како Јехова ги води работите.
Имате научено неколку јазици. Дали лесно учите нови јазици?
Жак: Воопшто не. Ги научив за да можам да проповедам и да помагам во собранието. Морав да го водам Проучувањето на Стражарска кула на сранантонго * уште пред да имам читање на Библијата! Прашав еден брат дали беше добро. А тој ми рече: „Не разбравме баш сѐ што кажа, ама не беше лошо“. Децата многу ми помагаа. За разлика од возрасните, тие не се срамеа да ми кажат кога ќе згрешев. Научив многу од нив.
Мари-Лин: На едно подрачје, водев библиски курсеви на француски, португалски и сранантонго. Кога требаше во еден ден да водам неколку библиски курсеви, една сестра ми предложи најпрво да почнам со јазикот што не го зборував добро, и да завршам со јазикот што ми беше најлесен. За кратко време сфатив колку мудар беше нејзиниот совет.
Еден ден водев библиски курс на сранантонго, а потоа на португалски. Кога отидовме на посета кај втората жена, сестрата што беше со мене ми рече: „Мари-Лин, мислам дека имаме проблем!“ Сфатив дека на оваа жена, која беше Бразилка, почнав да ѝ зборувам на сранантонго наместо на португалски!
Браќата и сестрите во местата каде што служевте многу ве сакаат. Што ви помогна да се зближите со нив?
Жак: Во Изреки 11:25 пишува дека оној што великодушно дава ќе напредува. Ние сакаме безрезервно да се даваме за другите. Кога треба да се работи нешто во салата, некои ми велат: „Остави, тоа треба да го направат објавителите“. Тогаш им велам: „И јас сум објавител. Затоа, ако треба нешто да се сработи, сакам и јас да помогнам“. Иако на сите понекогаш ни треба време за себе, гледаме тоа да не нѐ спречи да им правиме добро на другите.
Мари-Лин: Се трудиме да покажеме искрен интерес кон браќата и сестрите. Така знаеме кога имаат потреба некој да им ги причува децата или да ги земе од училиште. Тогаш може да направиме промени во нашиот план за да им помогнеме. На тој начин стануваме блиски со другите, и тие знаат дека им стоиме на располагање во секое време.
Какви благослови сте добиле затоа што служите онаму каде што има поголема потреба од објавители?
Жак: Полновремената служба ни го разубави животот. Бидејќи често проповедаме во природа, имаме можност да уживаме во Јеховините творби. Иако не е секогаш лесно, имаме душевен мир затоа што знаеме дека, каде и да сме, Божјиот народ ќе ни помага.
Како млад, бев в затвор во Француска Гвајана бидејќи одбив да служам војска. Никогаш не помислував дека еден ден ќе се вратам таму како мисионер и ќе ги посетувам затворениците за да им проповедам. Јехова навистина великодушно нѐ благословува!
Мари-Лин: Најсреќна сум кога можам да правам нешто за другите. Многу се радуваме што му служиме на Јехова. Тоа и нам ни помага да бидеме поблиски како маж и жена. Понекогаш, кога Жак ќе ме праша дали може да викнеме на гости некоја брачна двојка која минува низ тежок период, му велам: „Само што си го помислив тоа!“ Многу често се случува да помислиме на истото.
Жак: Пред неколку години, ми беше откриен рак на простатата. Иако Мари-Лин не сака да го слуша ова, ѝ имам кажано: „Душо, можеби нема да дочекам ’длабока старост‘, но ќе умрам задоволен затоа што сум го посветил животот на нешто што има вистинска вредност — на службата за Јехова“ (1. Мој. 25:8).
Мари-Лин: Јехова ни отвори многу врати и ни дозволи да му служиме на начини што не можевме ни да си ги замислиме. Животот ни беше исполнет со убави работи. Со целосна доверба во Бог, ќе одиме секаде каде што ќе нѐ испрати неговата организација!
^ пас. 32 Јазикот сранантонго, кој првобитно почнале да го зборуваат робовите, е мешавина од англиски, холандски, португалски и некои африкански јазици.