Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 10

Љубовта и благодарноста кон Јехова водат до крштавање

Љубовта и благодарноста кон Јехова водат до крштавање

Што ме спречува да се крстам? (ДЕЛА 8:36)

ПЕСНА 37 Да му служиме на Јехова со сета душа

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Според Дела 8:27-31, 35-38, што го поттикнало етиопскиот дворјанин да се крсти?

ДАЛИ сакаш да се крстиш како ученик на Христос? Мнозина биле поттикнати да се крстат од љубов и благодарност кон Јехова. Да го разгледаме примерот на еден човек кој бил дворјанин на етиопската царица.

2 Овој Етиопјанец сфатил од светите списи дека треба да се крсти, и веднаш го сторил тоа. (Прочитај Дела 8:27-31, 35-38.) Што го поттикнало на овој чекор? Тој очигледно веќе имал ценење за Божјата Реч бидејќи читал дел од книгата на Исаија додека се возел во својата кочија. А разговорот со Филип му помогнал да стекне ценење и за она што Исус го направил за него. Но, зошто овој дворјанин воопшто отишол во Ерусалим? Затоа што веќе го сакал Јехова. Од каде знаеме? Извештајот вели дека тој отишол во Ерусалим за да му се поклони на Јехова. Очигледно веќе ја сменил религијата во која се родил и почнал да му служи на вистинскиот Бог заедно со неговиот народ. Истата таа љубов кон Јехова го поттикнала на уште еден важен чекор — да се крсти и да стане ученик на Христос (Мат. 28:19).

3. Што може за некого да биде пречка да се крсти? (Види ја рамката „ Какво е твоето срце?“)

3 Да, љубовта кон Јехова може да те поттикне да се крстиш. Но, љубовта кон нешто друго може да те спречи да го сториш тоа. Како? Да разгледаме неколку примери. Веројатно чувствуваш силна љубов кон семејството или кон пријателите кои не му служат на Јехова, и можеби затоа се плашиш дека, ако се крстиш, тие повеќе нема да те сакаат (Мат. 10:37). Или можеби сакаш некои работи кои Бог ги мрази, и затоа ти е тешко да престанеш да ги правиш (Пс. 97:10). Друга пречка може да биде тоа што уште од мал многу си сакал некои празници поврзани со лажната религија и имаш пријатни спомени од тие слави. Како резултат на тоа, можеби ти е тешко да прекинеш со некои обичаи кои Јехова не ги одобрува (1. Кор. 10:20, 21). Прашањето е: „Што или кого сакам најмногу?“

КОГО ТРЕБА ДА САКАМЕ НАЈМНОГУ

4. Кој е најважниот мотив што ќе те поттикне да се крстиш?

4 Има многу добри работи што вреди да ги сакаш и да ги цениш. На пример, можеби си стекнал големо ценење за Библијата уште пред да ја проучуваш со Јеховините сведоци. Можеби веќе си чувствувал љубов кон Исус. А сега, откако си ги запознал Јеховините сведоци, можеби сакаш да се дружиш со нив. Сепак, сето ова само по себе можеби нема да те поттикне да му го заветуваш својот живот на Бог и да се крстиш. Најважниот мотив што ќе те поттикне да го направиш тој чекор е љубовта кон Јехова. Ако го сакаш Јехова најмногу од сѐ, нема да дозволиш никој и ништо да те спречи да му служиш. Љубовта кон него ќе те поттикне да се крстиш и да му останеш верен.

5. Кои прашања ќе ги разгледаме?

5 Исус рекол дека мора да го сакаме Јехова со сето срце, душа, ум и сила (Мар. 12:30). Што ќе ти помогне да стекнеш толку длабока љубов и почит кон Јехова? Ако размислуваш за тоа колку тој нѐ сака нас, ќе сакаш да му возвратиш со љубов (1. Јов. 4:19). На какви постапки ќе те поттикне таа љубов, и какви други чувства ќе предизвика кај тебе? *

6. Според Римјаните 1:20, како можеш да учиш за Јехова?

6 Учи за Јехова од неговите созданија. (Прочитај Римјаните 1:20; Отк. 4:11.) Размислувај за Божјата мудрост која јасно се гледа од тоа како ги создал растенијата и животните. Дознај нешто повеќе за чудесниот начин на кој е создадено твоето тело (Пс. 139:14). И размисли колкава енергија содржи Сонцето, кое е само една од милијардите ѕвезди што ги создал Бог * (Иса. 40:26). Додека размислуваш за сето ова, твоето ценење за Јехова сѐ повеќе ќе расте. Но, за да бидеш негов близок пријател, не е доволно само да знаеш дека тој е мудар и моќен. За да ја продлабочиш својата љубов кон Бог, треба да дознаеш уште нешто за него.

7. За да ја продлабочиш својата љубов кон Бог, во што треба да бидеш уверен?

7 Треба да се увериш дека Јехова навистина те сака. Дали ти е тешко да веруваш дека Творецот на небото и на Земјата е свесен дека постоиш и дека се грижи за тебе? Ако си мислиш така, сети се дека Јехова „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:26-28). Тој „ги испитува сите срца“, и ти ветува дека, „ако го бараш, ќе ти дозволи да го најдеш“, токму како што му кажал Давид на својот син Соломон (1. Лет. 28:9). Всушност, самото тоа што ја проучуваш Библијата покажува дека Јехова те привлекол кон себе (Ерем. 31:3). Колку повеќе го цениш она што тој го направил за тебе, толку повеќе ќе расте твојата љубов кон него.

8. Како можеш да му покажеш на Јехова дека го сакаш?

8 Еден начин на кој можеш да му покажеш на Јехова дека го сакаш е така што ќе зборуваш со него во молитва. Твојата љубов кон Бог ќе расте кога ќе ги споделуваш своите грижи со него и ќе му благодариш за сѐ што прави за тебе. Додека гледаш како одговара на твоите молитви, вашето пријателство ќе станува сѐ поцврсто (Пс. 116:1). Ќе се увериш дека тој те разбира. Но, за да се зближиш уште повеќе со Јехова, треба да сфатиш како размислува тој и што очекува од тебе. Ќе го дознаеш тоа само ако ја проучуваш неговата Реч, Библијата.

Најдобриот начин да се зближиме со Бог и да дознаеме што очекува од нас е да ја проучуваме Библијата (Види во пасус 9) *

9. Како можеш да покажеш дека ја цениш Библијата?

9 Научи да ја цениш Божјата Реч, Библијата. Само од неа можеш да ја дознаеш вистината за Јехова и за неговата намера со тебе. Ќе покажеш дека ја цениш Библијата така што ќе ја читаш секој ден, ќе се подготвуваш за материјалот пред да дојде оној со кого проучуваш и ќе го применуваш она што го учиш (Пс. 119:97, 99; Јован 17:17). Дали имаш свој распоред за секојдневно читање на Библијата? Дали се држиш за него?

10. Кое е едно посебно обележје на Библијата?

10 Едно посебно обележје на Библијата е тоа што содржи извештаи за Исус кои ги запишале очевидци. Тоа е единствениот веродостоен запис кој објаснува што направил тој за тебе. Додека учиш за она што го кажувал и правел Исус, веројатно ќе посакаш да станеш пријател со него.

11. Што ќе ти помогне уште повеќе да го сакаш Јехова?

11 Учи за Исус, и твојата љубов кон Јехова ќе расте. Зошто? Затоа што Исус совршено ги одразува особините на својот Татко (Јован 14:9). Според тоа, колку повеќе учиш за Исус, толку подобро ќе го разбираш и ќе го цениш Јехова. Размислувај за сочувството што Исус го покажувал кон оние што другите ги гледале со презир и омаловажување — кон сиромашните, болните и незаштитените. Размислувај и за практичните совети што ни ги дал, и за тоа колку твојот живот се подобрува кога ги слушаш (Мат. 5:1-11; 7:24-27).

12. На што најверојатно ќе те поттикне тоа што ќе продолжиш да учиш за Исус?

12 Твојата љубов кон Исус најверојатно ќе стане уште посилна ако длабоко размислуваш за жртвата што ја дал за да ни бидат простени гревовите (Мат. 20:28). Кога ќе сфатиш дека тој спремно умрел за тебе, веројатно ќе бидеш поттикнат да се покаеш и да го молиш Јехова за простување (Дела 3:19, 20; 1. Јов. 1:9). А кога во твоето срце ќе се роди љубов кон Исус и кон Јехова, ќе сакаш да бидеш во друштво на оние кои исто така чувствуваат љубов кон нив.

13. Што ти дава Јехова?

13 Учи да ги сакаш оние што го сакаат Јехова. Можеби твоето семејство и поранешните пријатели нема да сфатат зошто сакаш да му го заветуваш својот живот на Јехова. Можеби дури и ќе ти се противат. Јехова ќе ти помогне така што ќе ти даде духовно семејство. Ако останеш близок со браќата и сестрите во собранието, тие ќе ти ја пружат потребната љубов и поддршка (Мар. 10:29, 30; Евр. 10:24, 25). Со текот на времето, можеби и некои од твоето семејство ќе почнат да му служат на Јехова и да живеат според неговите мерила (1. Пет. 2:12).

14. Што учиш за Јеховините мерила од 1. Јованово 5:3?

14 Научи да ги цениш Јеховините мерила и да се држиш за нив. Пред да го запознаеш Јехова, можеби сам си одлучувал што е добро а што лошо, но сега сфаќаш дека неговите мерила се подобри (Пс. 1:1-3; прочитај 1. Јованово 5:3). Размисли за советите што Библијата им ги дава на сопрузите, сопругите, родителите и децата (Еф. 5:22—6:4). Дали твоето семејство е посреќно затоа што ги применуваш таквите совети? Дали си станал подобра личност затоа што си послушен на мудрите совети што Јехова ги дава во врска со изборот на пријатели? Дали си посреќен? (Изр. 13:20; 1. Кор. 15:33). Веројатно е така.

15. Што може да ти помогне ако не знаеш како да примениш некое библиско начело?

15 Понекогаш можеби ти е тешко да сфатиш како да примениш некое библиско начело. Затоа, преку својата организација, Јехова обезбедува библиски публикации што можат да ти помогнат да разликуваш исправно од погрешно (Евр. 5:13, 14). Додека ги читаш и проучуваш, ќе видиш колку се практични и корисни советите во нив, и веројатно ќе посакаш да бидеш дел од Јеховината организација.

16. Како Јехова ги организирал своите слуги?

16 Научи да ја сакаш и да ја поддржуваш Јеховината организација. Јехова ги организирал своите слуги во собранија. Глава на сите собранија е Исус (Еф. 1:22; 5:23). Тој поставил мала група помазани мажи за да го организираат делото кое заповедал да се извршува денес. Исус ја нарекол оваа група „верен и разборит роб“. Тие браќа ја сфаќаат сериозно својата одговорност да ни обезбедат духовна храна и заштита (Мат. 24:45-47). Еден начин на кој верниот роб се грижи за секој од нас е така што поставил способни мажи да служат како старешини кои нѐ предводат и нѐ штитат (Иса. 32:1, 2; Евр. 13:17; 1. Пет. 5:2, 3). Старешините се спремни да сторат сѐ што можат за тебе, да ти ја дадат потребната утеха и да ти помогнат уште повеќе да се зближиш со Јехова. Но, една од најважните работи што можат да ја направат за тебе е да ти помогнат да ги поучуваш другите за Бог (Еф. 4:11-13).

17. Според Римјаните 10:10, 13, 14, зошто им зборуваме на другите за Јехова?

17 Помагај им и на другите да го засакаат Јехова. Исус им заповедал на своите следбеници да ги поучуваат другите за Бог (Мат. 28:19, 20). Можно е некој да го прави тоа само од чувство на должност. Но, како што твојата љубов кон Јехова расте, ќе имаш исти чувства како апостолите Петар и Јован, кои рекле: „Ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:20). Впрочем, има ли нешто поубаво од тоа да помогнеме некому да го засака Јехова? Замисли колку бил среќен проповедникот Филип што му помогнал на Етиопјанецот да ја дознае вистината од светите списи и да се крсти! Ако и ти, исто како Филип, си послушен на заповедта на Исус да проповедаш, покажуваш дека сакаш да бидеш Јеховин сведок. (Прочитај Римјаните 10:10, 13, 14.) Слично на Етиопјанецот, на крајот веројатно ќе речеш: „Што ме спречува да се крстам?“ (Дела 8:36).

18. Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Кога ќе одлучиш да се крстиш, ќе ја донесеш најважната одлука во животот. Бидејќи тоа е многу сериозен чекор, мора внимателно да размислиш што сѐ е вклучено во него. Што треба да знаеш за крштавањето? Што треба да правиш пред и откако ќе се крстиш? Овие прашања ќе бидат одговорени во следната статија.

ПЕСНА 2 Јехова е името твое

^ пас. 5 Некои што го сакаат Јехова не се сигурни дали се спремни да се крстат и да станат негови слуги. Ако и ти си еден од нив, оваа статија ќе ти помогне да размислиш кои работи би можел да ги направиш за да се крстиш.

^ пас. 5 Бидејќи сите сме различни, некои од нас можеби ќе ги применат во поинаков редослед предлозите што се наведени подолу.

^ пас. 6 Повеќе примери во врска со ова има во брошурата Дали животот е Божје дело?

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра ѝ дава трактат на девојка што продава на пазар.