Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 11

Како може да црпиме сила од Библијата

Како може да црпиме сила од Библијата

Бог дава истрајност (РИМ. 15:5)

ПЕСНА 94 Благодарни сме му на Бог за неговата Реч

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Со какви испити на верата се соочуваат Јеховините слуги?

ДАЛИ се соочуваш со некој тежок испит на верата? Можеби некој од собранието те повредил (Јак. 3:2). Или, можеби твоите колеги или соученици те исмејуваат затоа што му служиш на Јехова (1. Пет. 4:3, 4). Или, пак, некој од семејството се обидува да те спречи да одиш на состаноци или да зборуваш со другите за својата вера (Мат. 10:35, 36). Ако тоа ти причинува голема болка можеби ти доаѓа да кренеш раце од сѐ и да престанеш да му служиш на Јехова. Сепак, можеш да бидеш уверен дека, сеедно со каков проблем се соочуваш, Јехова ќе ти даде мудрост да се справиш со него и сила за да можеш да го пребродиш.

2. Според Римјаните 15:4, како може да ни помогне читањето на Библијата?

2 Јехова дал во неговата Реч да бидат запишани детални описи за тоа како несовршени луѓе се справувале со тешки испити. Зошто? За да можеме да учиме од нив. Апостол Павле го напишал токму тоа под водство на Јеховиниот дух. (Прочитај Римјаните 15:4.) Ако ги читаме овие извештаи, тоа може да ни влее утеха и надеж. Но, не е доволно само да ја читаме Библијата. Мора да ѝ дозволиме да го обликува нашето размислување и да нѐ допре до срце. На пример, што треба да правиме ако ни е потребен совет за тоа како да се справиме со некој конкретен проблем? Може да ја користиме следнава метода која се состои од четири чекори: 1моли се, 2замисли си ги настаните, 3длабоко размислувај за нив, и 4примени го она што си го научил. Да видиме што спаѓа во секој од овие чекори. * А потоа ќе ја употребиме оваа метода на проучување за да видиме што може да научиме од некои работи што им се случиле на цар Давид и на апостол Павле.

1. МОЛИ СЕ

Пред да почнеш да ја читаш Библијата, замоли го Јехова да ти помогне да извлечеш корист од она што го читаш (Види во пасус 3)

3. Што треба да правиш пред да почнеш да ја читаш Библијата, и зошто?

3 1Моли се. Пред да почнеш да ја читаш Библијата, замоли го Јехова да ти помогне да извлечеш корист од она што го читаш. На пример, ако ти треба совет да се справиш со некој проблем, побарај од него да ти посочи одредени начела во својата Реч што може да ти го дадат потребното водство (Фил. 4:6, 7; Јак. 1:5).

2. ЗАМИСЛИ СИ ГИ НАСТАНИТЕ

Замисли ги настаните и претстави си дека си некој од главните ликови (Види во пасус 4)

4. Како можат библиските извештаи да ти бидат пореални?

4 2Замисли си ги настаните. Јехова ни дал извонредна способност да си ги замислуваме работите. За да можат библиските извештаи да ти бидат пореални, обиди се да си ги замислиш настаните и претстави си дека си некој од главните ликови. Стави се во негова кожа. Потруди се да го видиш она што го гледал тој и да ги почувствуваш неговите емоции.

3. ДЛАБОКО РАЗМИСЛУВАЈ

Внимателно размислувај за она што го читаш и за тоа како тие информации се однесуваат на тебе (Види во пасус 5)

5. За што мора внимателно да размислуваш, и како можеш да го правиш тоа?

5 3Длабоко размислувај. Многу е важно внимателно да размислуваш за она што го читаш, и за тоа како тие информации се однесуваат на тебе. На тој начин ги поврзуваш мислите и стекнуваш подлабоко разбирање за одредена тема. Ако ја читаш Библијата без да размислуваш длабоко за неа, тоа е исто како да гледаш делчиња од некоја сложувалка, а да не ги составиш. Размислувањето ти помага да ги составиш деловите за да ја видиш целата слика. Како можеш длабоко да размислуваш? Така што ќе си поставиш прашања како што се следниве: „Што направи главниот лик во извештајот за да го реши проблемот? Како му помогна Јехова? Како овие поуки може да ми помогнат да истраам во моите неволји?“

4. ПРИМЕНИ ГО ОНА ШТО СИ ГО НАУЧИЛ

Користи го она што си го научил бидејќи така ќе донесуваш подобри одлуки, ќе имаш поголем мир и твојата вера ќе стане уште посилна (Види во пасус 6)

6. Зошто мора да го применуваме она што сме го научиле?

6 4Примени го она што си го научил. Исус рекол дека, ако не го применуваме она што сме го научиле, ќе бидеме како човек што ја изградил својата куќа на песок. Иако работел напорно, сиот тој труд бил залуден. Зошто? Затоа што, кога ќе ја зафати бура и ќе надојдат порои, куќата ќе падне (Мат. 7:24-27). Слично на тоа, ако се молиме, ако си ги замислуваме настаните и ако длабоко размислуваме, но не го применуваме она што сме го научиле, сиот тој труд ќе биде залуден. Кога нашата вера ќе биде испитана преку неволји или прогонство, нема да биде доволно цврста. Но, кога проучуваме и кога го применуваме она што сме го научиле, донесуваме подобри одлуки, имаме поголем мир и нашата вера станува уште посилна (Иса. 48:17, 18). Со помош на овие четири чекори што ги разгледавме, да видиме што може да научиме од еден настан во животот на цар Давид.

ШТО МОЖЕШ ДА НАУЧИШ ОД ЦАР ДАВИД?

7. Кој библиски извештај ќе го разгледаме?

7 Дали некој пријател или член на семејството те изневерил и те повредил? Ако да, тогаш е добро да размислиш за она што се случило со Авесалом, синот на цар Давид, кој го изневерил својот татко и се обидел да му го украде царството (2. Сам. 15:5-14, 31; 18:6-14).

8. Што би можел да правиш за да добиеш помош од Јехова?

8 1Моли се. Пред да го прочиташ овој извештај, кажи му на Јехова како се чувствуваш затоа што некој постапил лошо со тебе (Пс. 6:6-9). Биди конкретен. Потоа побарај од Јехова да ти посочи одредени начела што може да ти го дадат потребното водство за да се справиш со таа тешка ситуација.

9. Што се случило меѓу Давид и Авесалом?

9 2Замисли си ги настаните. Размисли како сето она што се случувало влијаело врз цар Давид. Неговиот син, Авесалом, со години настојувал да ја придобие наклоноста на народот (2. Сам. 15:7). Кога проценил дека дошол вистинскиот момент, Авесалом испратил извидувачи низ целиот Израел за да ги подготви Израелците да го прифатат како свој цар. Тој дури успеал да го убеди и Ахитофел, еден од блиските пријатели и советници на Давид, да му се придружи во побуната. Авесалом се прогласил за цар и потоа се обидел да го зароби и да го убие Давид, кој во тоа време веројатно бил тешко болен (Пс. 41:1-9). Давид дознал за овој заговор и успеал да побегне од Ерусалим. На крајот, војската на Авесалом се судрила со војниците кои му биле верни на Давид. Бунтовниците биле поразени и Авесалом бил убиен.

10. Како можел да реагира Давид?

10 Замисли си како се чувствувал Давид додека му се случувало сето ова. Тој го сакал Авесалом и имал доверба во Ахитофел. Сепак, и двајцата го изневериле и му нанеле огромна болка. Па дури и се обиделе да го убијат. Давид можел да ја изгуби својата доверба во сите други пријатели и да се посомнева дека и тие застанале на страната на Авесалом. Можел да си мисли само на себе, и можел да се обиде сам да побегне од земјата. Или, едноставно можел да падне во очај. Сепак, Давид не дозволил да му се случи ниту една од овие работи. Наместо тоа, успеал да се справи со овој тежок испит. Што му помогнало во тоа?

11. Како постапил Давид во тешката ситуација во која се нашол?

11 3Длабоко размислувај. Кои начела можеш да ги издвоиш од овој библиски извештај? Па, одговори на прашањето: „Што направил Давид за да го реши проблемот?“ Тој не дозволил да го фати паника, и не донел избрзани и немудри одлуки. Од друга страна не одолговлекувал и не дозволил стравот да го парализира. Наместо тоа, го молел Јехова за помош. Исто така побарал помош и од своите пријатели. И, веднаш ги спровел одлуките што ги донел. Иако бил длабоко повреден, Давид не станал огорчен и сомничав. Тој ја зачувал својата доверба и во Јехова и во своите пријатели.

12. Како Јехова му помогнал на Давид?

12 Како Јехова му помогнал на Давид? Ако малку истражуваш, ќе дознаеш дека Јехова му ја дал на Давид силата што му била потребна да истрае во оваа тешка ситуација (Пс. 3:1-8; натпис). Јехова ги благословил одлуките што ги донел Давид. Освен тоа, Бог им помогнал на неговите верни пријатели кои се бореле да го заштитат својот цар.

13. Како можеш да го следиш примерот на Давид ако некој многу те повреди? (Матеј 18:15-17).

13 4Примени го она што си го научил. Прашај се: „Како можам да го следам примерот на Давид?“ Ќе мора веднаш да направиш нешто за да го решиш проблемот. Во зависност од околностите, можеш да ги примениш неколкуте чекори од советот што го дал Исус во Матеј поглавје 18 или да ги примениш начелата кои се наоѓаат во тие стихови. (Прочитај Матеј 18:15-17.) Но, не треба да донесуваш избрзани одлуки кога си лут или вознемирен. Треба да го молиш Јехова да ти даде мир во срцето и мудрост за да се справиш со проблемот. Немој да ја изгубиш довербата во пријателите. Наместо тоа, биди спремен да ја прифатиш помошта што ќе ти ја понудат (Изр. 17:17). Најважно од сѐ, примени ги советите што Јехова ти ги дава во својата Реч (Изр. 3:5, 6).

ШТО МОЖЕШ ДА НАУЧИШ ОД ПАВЛЕ?

14. Во кои ситуации би можеле да те охрабрат зборовите од 2. Тимотеј 1:12-16; 4:6-11, 17-22?

14 Дали некој од семејството ти се противи затоа што му служиш на Јехова? Дали можеби живееш во земја каде што делото на Јеховиниот народ е многу ограничено, па дури и забрането? Ако да, можеби ќе те охрабрат стиховите од 2. Тимотеј 1:12-16 и 4:6-11, 17-22. * Павле ги напишал овие стихови додека бил во затвор.

15. За што можеш да го молиш Јехова?

15 1Моли се. Пред да ги прочиташ овие стихови, кажи му на Јехова со каков проблем се соочуваш и како се чувствуваш поради тоа. Биди конкретен. Потоа, побарај од Јехова да ти посочи одредени начела во извештаите за неволјите на Павле кои можат да ти помогнат да сфатиш како да се справиш со тешката ситуација во која се наоѓаш.

16. Во какви околности се наоѓал Павле?

16 2Замисли си ги настаните. Замисли дека си на местото на Павле. Тој е окован во синџири во затвор во Рим. И порано бил в затвор, но сега е сигурен дека ќе биде погубен. Некои негови соработници го напуштиле, и тој е физички исцрпен (2. Тим. 1:15).

17. Како можел да реагира Павле?

17 Павле можел да се преокупира со минатото и да си мисли дека, ако донел поинакви одлуки, можеби немало да биде уапсен. Можел да стане огорчен на соработниците од Азија кои го напуштиле и да ја изгуби довербата во сите други пријатели. Сепак, Павле не дозволил да му се случи ниту едно од овие работи. Зошто можел да ја зачува својата доверба и својата надеж?

18. Како постапил Павле во тешката ситуација во која се нашол?

18 3Длабоко размислувај. Одговори на прашањето: „Што направил Павле за да се справи со својата ситуација?“ Иако знаел дека му се заканува смрт, тој не изгубил од вид дека најважно од сѐ е да го прослави Јехова. Освен тоа, продолжил да размислува како да ги охрабри другите. Покажал дека се потпира на Јехова така што редовно се молел (2. Тим. 1:3). Наместо да мисли само на оние што го напуштиле, тој кажал дека е многу благодарен за практичната помош што му ја дале неговите верни пријатели. Освен тоа, Павле продолжил да ја проучува Божјата Реч (2. Тим. 3:16, 17; 4:13). И, најважно од сѐ, имал потполна доверба дека Јехова и Исус го сакаат. Тие не го напуштиле, и тој бил уверен дека ќе го наградат за неговата верна служба.

19. Како Јехова му помагал на Павле?

19 Јехова го предупредил Павле дека ќе мора да претрпи прогонство затоа што е христијанин (Дела 21:11-13). Но, како му помагал? Јехова одговарал на неговите молитви и го зајакнувал (2. Тим. 4:17). Јехова го уверил Павле дека ќе му ја даде наградата која толку многу се трудел да ја стекне. Исто така, Бог ги поттикнувал верните пријатели на Павле да му пружат практична помош.

20. Во склад со Римјаните 8:38, 39, како можеш да го следиш примерот на Павле?

20 4Примени го она што си го научил. Прашај се: „Како можам да го следам примерот на Павле?“ Исто како него, и ние ќе бидеме прогонувани поради својата вера (Мар. 10:29, 30). За да останеме верни и беспрекорни кога ќе се најдеме на испит, треба да се потпираме на Јехова во молитва и редовно да ја проучуваме неговата Реч. И, не смееме да заборавиме дека најважното нешто што може да го направиме е да го прославиме Јехова. Може да бидеме уверени дека тој никогаш нема да нѐ напушти и дека никој и ништо не може да нѐ одвои од неговата љубов. (Прочитај Римјаните 8:38, 39; Евр. 13:5, 6.)

УЧИ ОД ДРУГИТЕ ВЕРНИ БОЖЈИ СЛУГИ ЗА КОИ СЕ ЗБОРУВА ВО БИБЛИЈАТА

21. Што им помогнало на Аја и на Хектор да ги совладаат предизвиците со кои се соочиле?

21 Без оглед на нашите околности, ние може да црпиме сила од примерите во Библијата. Една пионерка од Јапонија, по име Аја, вели дека извештајот за Јона ѝ помогнал да го совлада стравот од сведочење на јавни места. Хектор, еден млад брат од Индонезија чии родители не му служат на Јехова, бил поттикнат од примерот на Рут да дознае нешто повеќе за Јехова и да почне да му служи.

22. Како можеш да извлечеш најголема корист од библиските драми или од рубриката „Угледајте се на нивната вера“?

22 Каде можеш да најдеш библиски примери што можат да те зајакнат? Нашите видеоклипови и аудиодрами, како и рубриката „Угледајте се на нивната вера“, ни помагаат уште поживо да си ги претставиме библиските настани. * Пред да ги гледаш, да ги слушаш или да ги читаш овие добро истражени извештаи, моли го Јехова да ти посочи конкретни начела кои би можел да ги примениш. Замисли се на местото на главниот лик, размислувај длабоко за она што го направиле овие верни Божји слуги и како тој им помогнал да се справат со тешкотиите. Потоа, примени го она што си го научил на својата ситуација. Заблагодари му се на Јехова за помошта што веќе ти ја дава, и покажи колку многу ја цениш со тоа што ќе изнаоѓаш начини да ги охрабруваш и да ги зајакнуваш другите.

23. Според Исаија 41:10, 13, што ни ветил Јехова?

23 Животот во овој свет кој е под власта на Сатана може да биде толку тежок што понекогаш нема да знаеме што да правиме (2. Тим. 3:1). Но, не треба да бидеме загрижени или уплашени. Јехова знае низ што поминуваме. Кога ќе паднеме, тој ветува дека ќе нѐ подигне со својата цврста десница. (Прочитај Исаија 41:10, 13.) Со целосна доверба во него, можеме да црпиме сила од Библијата и да се справиме со сите испити на верата.

ПЕСНА 96 Божјата сопствена книга — богатство

^ пас. 5 Многу извештаи во Библијата покажуваат дека Јехова ги сака своите слуги и дека ќе им помогне да се справат со секој испит на верата. Во оваа статија ќе разгледаме еден начин на кој можеш да ја читаш Библијата за да извлечеш поголема корист од она што е запишано во неа.

^ пас. 2 Во оваа статија ќе разгледаме само еден начин на кој можеме да ја проучуваме Библијата. Други предлози во врска со ова може да најдеме во Прирачникот за истражување под темата „Библија“ и под насловот „Како да се чита и да се разбере Библијата“.

^ пас. 14 Овие стихови не треба да се читаат во текот на Проучувањето на Стражарска кула.

^ пас. 22 Види ја рубриката „Угледајте се на нивната вера — примери од Библијата“ на jw.org. (Оди на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ВЕРА ВО БОГ.)