Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 13

Како нѐ штити Јехова

Како нѐ штити Јехова

Господарот е верен и тој ќе ве зацврсти и ќе ве чува од Злобниот (2. СОЛ. 3:3)

ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто Исус побарал од Јехова да ги чува неговите ученици?

ПОСЛЕДНАТА ноќ од својот живот на Земјата, Исус размислувал за проблемите со кои ќе се соочат неговите ученици. Поттикнат од љубов кон своите пријатели, тој во молитва побарал од својот Татко да ги зачува од Злобниот (Јован 17:14, 15). Исус знаел дека откако тој ќе се врати на небото, Сатана Ѓаволот ќе продолжи да војува против сите што сакаат да му служат на Јехова. Според тоа, јасно е дека Јеховините слуги ќе имале потреба од заштита.

2. Зошто сме сигурни дека Јехова ќе одговори на нашите молитви?

2 Јехова одговорил на оваа молитва на Исус затоа што го сакал својот Син. Ако даваме сѐ од себе за да го радуваме, тој ќе нѐ сака и нас и ќе одговори на нашите молитви за помош и заштита. Како грижлив Татко, Јехова ќе продолжи со љубов да им помага на своите деца. Во спротивно, би го довел во прашање своето добро име, односно својот углед.

3. Зошто денес ни е потребна Јеховината заштита?

3 Денес ни е потребна Јеховината заштита повеќе од кога и да било порано. Сатана е исфрлен од небото и чувствува „голем гнев“ (Отк. 12:12). Тој успеал да убеди некои од нашите противници дека со тоа што нѐ прогонуваат му служат на Бог (Јован 16:2). Други, кои не веруваат во Бог, нѐ прогонуваат затоа што не се вклопуваме во калапот на овој свет. Како и да е, ние не се плашиме. Зошто? Затоа што Божјата Реч вели: „Господарот е верен и тој ќе ве зацврсти и ќе ве чува од Злобниот“ (2. Сол. 3:3). Но, како нѐ штити Јехова? Да разгледаме два начина.

ЈЕХОВА НИ ОБЕЗБЕДИЛ ВОЕНА ОПРЕМА

4. Според Ефешаните 6:13-17, што ни обезбедил Јехова за да нѐ заштити?

4 Јехова ни обезбедил воена опрема која може да нѐ заштити од нападите на Сатана. (Прочитај Ефешаните 6:13-17.) Оваа духовна воена опрема може да ни пружи целосна заштита. Но, таа ќе нѐ заштити само ако постојано го имаме на себе секој нејзин дел. Што означува секој поединечен дел? Да видиме.

5. Што е појасот на вистината, и зошто мора да го носиме?

5 Појасот на вистината ги претставува вистините што се наоѓаат во Божјата Реч, Библијата. Зошто мора да го носиме? Затоа што Сатана е „татко на лагата“ (Јован 8:44). Тој се служи со лаги веќе неколку илјади години и „го заведува целиот свет“ (Отк. 12:9). Но вистините што ги содржи Божјата Реч нѐ чуваат од секаква измама. Како го носиме овој симболичен појас? Така што ја знаеме вистината за Јехова, му служиме со дух и вистина и во сѐ постапуваме чесно (Јован 4:24; Еф. 4:25; Евр. 13:18).

Појас: Вистините од Божјата Реч

6. Што претставува оклопот на праведноста, и зошто мора да го носиме?

6 Оклопот на праведноста ги претставува Јеховините праведни мерила. Зошто мора да го носиме? Исто како што еден оклоп спречува срцето на војникот да биде прободено, така и оклопот на праведноста го штити нашето симболично срце од расипаните влијанија на овој свет (Изр. 4:23). Јехова очекува од нас да го сакаме и да му служиме со сето срце (Мат. 22:36, 37). Затоа Сатана се обидува да ни го подели срцето така што ќе нѐ наведе да ги сакаме работите што ги нуди овој свет — работите што Јехова ги мрази (Јак. 4:4; 1. Јов. 2:15, 16). А ако не успее во тоа, тогаш користи прогонство за да нѐ присили да ги прекршиме Јеховините мерила.

Оклоп: Јеховините праведни мерила

7. Како го носиме оклопот на праведноста?

7 Ние го носиме оклопот на праведноста така што ги прифаќаме Јеховините мерила за тоа што е исправно а што погрешно, и така што живееме во склад со тие мерила (Пс. 97:10). Можеби некои мислат дека Божјите мерила им ја ограничуваат слободата. Но, ако престанеме да ги применуваме библиските начела во нашиот живот, ќе бидеме исти како војник кој си го симнува оклопот среде битка затоа што му се чини дека му е претежок. Колку неразумно би било тоа! За оние што го сакаат Јехова, неговите заповеди „не се тешки“, туку се животоспасувачки (1. Јов. 5:3).

8. Што значи изразот „обујте ги нозете со спремноста да ја проповедате добрата вест“?

8 Павле исто така нѐ поттикнува да ги обуеме нозете со спремноста да ја проповедаме добрата вест на мирот. Со други зборови, треба секогаш да бидеме спремни да ја проповедаме добрата вест за Царството. Кога ја споделуваме библиската порака со другите, си ја зајакнуваме верата. Многу сме охрабрени кога гледаме како Јеховините слуги низ целиот свет изнаоѓаат начини да ја објавуваат добрата вест — кога се на работа, на училиште, на деловно подрачје и кога проповедаат од куќа до куќа, кога пазаруваат, кога одат на гости кај роднини што не се Јеховини сведоци, кога разговараат со познајници, па дури и кога извесно време не можат да излезат од дома од одредени причини. Ако му подлегнеме на стравот и престанеме да проповедаме, ќе бидеме како војник кој ги соблекол сандалите во текот на битка. Поради тоа, лесно може да си ги повреди нозете и ќе му биде тешко да се заштити ако некој го нападне. А нема да може да ги спроведе ни наредбите на својот заповедник.

Сандали: Спремност да се проповеда добрата вест

9. Зошто мора да го носиме големиот штит на верата?

9 Големиот штит на верата ја претставува нашата вера во Јехова. Ние сме уверени дека тој ќе ги исполни сите свои ветувања. Таа вера ни помага да ги изгаснеме сите огнени стрели на Злобниот. Зошто треба да го носиме овој голем штит? Бидејќи тој ни помага да не бидеме заведени од отпаднички учења и да не се обесхрабриме кога другите нѐ исмејуваат поради нашите уверувања. Без вера нема да имаме сила да се спротивставиме кога другите се обидуваат да нѐ наведат да ги прекршиме Јеховините мерила. Од друга страна, секогаш кога смело ја браниме нашата вера, било на работа било на училиште, покажуваме дека го носиме нашиот штит (1. Пет. 3:15). Тоа го покажуваме и секогаш кога одбиваме да прифатиме подобро платена работа која може да ни отежни да ги извршуваме нашите христијански активности (Евр. 13:5, 6). И кога продолжуваме да му служиме на Јехова и покрај противењето, покажуваме дека нашата вера нѐ штити (1. Сол. 2:2).

Штит: Верата во Јехова и во неговите ветувања

10. Што е шлемот на спасението, и зошто мора да го носиме?

10 Шлемот на спасението е надежта што ни ја дава Јехова — надеж дека тој ќе нѐ спаси од смртта и дека ќе ги награди сите оние што ја вршат неговата волја (1. Сол. 5:8; 1. Тим. 4:10; Тит 1:1, 2). Исто како што дословниот шлем ја заштитува главата на војникот, надежта за спасение ги штити нашите мисли. Во која смисла? Таа надеж ни помага да мислиме на Божјите ветувања и да не бидеме претерано загрижени за проблемите. Како го носиме овој шлем? Така што се трудиме да го усогласиме нашето размислување со Божјите мисли. На пример, ние не ја полагаме нашата надеж во несигурното богатство, туку во Бог (Пс. 26:2; 104:34; 1. Тим. 6:17).

Шлем: Надежта за вечен живот

11. Што е мечот на духот, и зошто мора да го користиме?

11 Мечот на духот е Божјата Реч, Библијата. Тој меч има моќ да ги исече во корен сите измами и да ги ослободи луѓето од ропството на лажните учења и на штетните навики (2. Кор. 10:4, 5; 2. Тим. 3:16, 17; Евр. 4:12). Ние учиме како да го користиме тој меч на исправен начин со помош на личното проучување и со поуките што ги добиваме од Божјата организација (2. Тим. 2:15). Освен духовната воена опрема, Јехова нѐ штити на уште еден моќен начин. Како го прави тоа?

Меч: Божјата Реч, Библијата

НЕ МОРА ДА СЕ БОРИМЕ САМИ

12. Што друго ни е потребно, и зошто?

12 Еден искусен војник знае дека не може сам успешно да се бори со една огромна војска. Потребна му е помош од другите војници. Слично на тоа, и ние не можеме сами да им се спротивставиме на Сатана и на оние што се на негова страна. Ни треба помош од нашите соверници. Јехова ни дал меѓународно братство, односно многу браќа и сестри кои можат да ни помогнат (1. Пет. 2:17).

13. Според Евреите 10:24, 25, како ни помагаат нашите состаноци?

13 Еден начин на кој добиваме помош е така што присуствуваме на нашите состаноци. (Прочитај Евреите 10:24, 25.) Секој од нас понекогаш се чувствува обесхрабрено. Состаноците можат да ни ја влеат потребната сила. Охрабрени сме од искрените коментари на нашите браќа и сестри. Библиските говори и прикази што ги изнесуваат ни ја зајакнуваат решеноста да му служиме на Јехова. Освен тоа, се охрабруваме и од изградувачките разговори што ги водиме пред и по состанокот (1. Сол. 5:14). Нашите состаноци ни даваат можност да си помагаме, и тоа нѐ усреќува (Дела 20:35; Рим. 1:11, 12). Тие ни користат и на други начини. Во симболична смисла, ни помагаат да ги подобриме нашите „воени“ вештини така што нѐ оспособуваат за службата. На пример, учиме како делотворно да ги користиме главните публикации за служба. Затоа подготвувај се добро за собраниските состаноци. Во текот на состанокот слушај внимателно, а потоа применувај го она што си го научил. Ако го правиш сето ова, ќе станеш „добар војник на Христос Исус“ (2. Тим. 2:3).

14. Која друга помош ни стои на располагање?

14 Исто така, ја имаме поддршката на милиони моќни ангели. Размисли што може да направи само еден ангел (Иса. 37:36). А замисли што може да направи една моќна војска од ангели! Ниту еден човек ниту демон не ѝ е рамен на Јеховината моќна војска. Дури и ако сме сами, кога Јехова е на наша страна секогаш сме мнозинство — сеедно колкумина се против нас! (Суд. 6:16). Имај ги овие работи на ум кога ќе се обесхрабриш од нешто што ќе го каже или ќе го направи некој колега, соученик или некој роднина кој не е Јеховин сведок. Не заборавај, во оваа борба не си сам. Ти го следиш Јеховиното водство.

ЈЕХОВА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА НЀ ШТИТИ

15. Според Исаија 54:15, 17, зошто Божјите слуги никогаш нема да бидат замолкнати?

15 Светот кој е под власта на Сатана има многу причини да нѐ мрази. Ние сме политички неутрални и не учествуваме во војни. Го објавуваме Јеховиното име, проповедаме дека само Божјето Царство ќе донесе мир и се држиме за Божјите праведни мерила. Освен тоа, го разоткриваме владетелот на светот како злобен лажливец и монструозен убиец (Јован 8:44). И, го објавуваме претстојното уништување на светот на Сатана. Тој и неговите застапници никогаш нема да нѐ замолкнат. Напротив, и понатаму ќе го фалиме Јехова на секој можен начин! Колку и да е моќен, Сатана не успеал да спречи пораката за Царството да се проповеда низ целиот свет. Тоа се должи само на Јеховината заштита. (Прочитај Исаија 54:15, 17.)

16. Како Јехова ќе го избави својот народ во текот на големата неволја?

16 Што нѐ очекува? Во текот на големата неволја, Јехова ќе нѐ избави на два величествени начина. Прво, тој ќе ги избави своите верни слуги кога царевите на Земјата ќе го уништат Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија (Отк. 17:16-18; 18:2, 4). Потоа, Јехова ќе го избави својот народ кога ќе го уништи преостанатиот дел од светот на Сатана во Армагедон (Отк. 7:9, 10; 16:14, 16).

17. Како ни користи тоа што сме блиски со Јехова?

17 Ако останеме блиски со Јехова, Сатана не може трајно да ни наштети. Всушност, тој е оној што ќе претрпи трајна штета (Рим. 16:20). Затоа, земи ја целата Божја воена опрема и секогаш имај ја на себе! Не се обидувај да се бориш сам. Помагај им на своите браќа и сестри. И, следи го Јеховиното водство. Ако го правиш тоа, можеш да бидеш уверен дека твојот грижлив небесен Татко ќе те зајакне и ќе те заштити (Иса. 41:10).

ПЕСНА 149 Победничка песна

^ пас. 5 Библијата ветува дека Јехова ќе нѐ зајакне и дека ќе нѐ штити не само од работи што можат да ни наштетат во духовен поглед туку и од сѐ друго што може да ни нанесе трајна штета. Во оваа статија ќе го разгледаме одговорот на следниве прашања: Зошто имаме потреба од заштита? Како нѐ штити Јехова? И, што мора да правиме за да имаме корист од помошта што ни ја дава тој?