Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 9

Млади, како може да ја стекнете довербата на другите?

Млади, како може да ја стекнете довербата на другите?

Покрај тебе се твоите млади воини, кои се како капките роса (ПС. 110:3)

ПЕСНА 39 Да стекнеме добро име кај Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што може да се каже за младите браќа?

МЛАДИ браќа, вие можете да му бидете од голема помош на вашето собрание. Многумина од вас се силни и полни со енергија (Изр. 20:29). Вие сте вистински благослов за браќата и сестрите. Можеби имате голема желба да бидете именувани како слуга-помошници. Сепак, можеби си мислите дека другите ве сметаат за премногу млади и неискусни за да ви доверат важни задачи. Иако е точно дека сте млади, уште сега можете да правите работи со кои ќе ги стекнете довербата и почитта на браќата и сестрите во вашето собрание.

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Во оваа статија ќе го разгледаме животот на цар Давид. Освен тоа, накратко ќе разгледаме неколку случки од животот на Аса и на Јосафат — двајца цареви на Јуда. Ќе видиме со какви проблеми се соочиле овие тројца Божји слуги, како постапиле и што можат да научат младите браќа од нивниот пример.

УЧИ ОД ЦАР ДАВИД

3. Наведи еден начин на кој помладите можат да им помагаат на постарите во собранието.

3 Како млад, Давид развил вештини што другите ги ценеле. Јасно е дека тој бил духовна личност. Освен тоа, бил и вешт музичар, и го користел тој талент за да му помогне на Саул, царот кој бил поставен од Бог (1. Сам. 16:16, 23). Дали и вие, млади браќа, имате некоја вештина со која можете да им помогнете на другите во собранието? Сигурно. На пример, можеби сте забележале дека некои од постарите ценат кога им покажувате како уште подобро да ги користат своите електронски уреди за лично проучување и за состаноците. Вашето познавање на технологијата може многу да им користи на постарите.

Давид покажал дека е одговорен и достоен за доверба додека се грижел за овците на својот татко. За да ги заштити овците, тој дури се борел со мечка (Види во пасус 4)

4. Исто како Давид, кои особини мора да ги развијат младите браќа? (Види ја сликата на насловната страница.)

4 Во секојдневниот живот, Давид покажал дека е одговорен и достоен за доверба. На пример, уште додека бил млад, тој трудољубиво се грижел за овците на својот татко. Тоа понекогаш било опасна задача. Подоцна, Давид му го кажал следново на цар Саул: „Твојот слуга ги чуваше овците на својот татко, па кога дојде еден лав, а и една мечка, и однесе овца од стадото, јас се стрчав по него, го удрив и ја избавив овцата од неговата челуст“ (1. Сам. 17:34, 35). Давид се чувствувал одговорен за овците и храбро се борел за да ги заштити. Младите браќа можат да го следат неговиот пример така што трудољубиво ќе ја извршуваат секоја задача што ќе им биде дадена.

5. Според Псалм 25:14, што е најважното нешто кое можат да го направат младите браќа?

5 Уште како млад, Давид стекнал близок, личен однос со Јехова. Тоа пријателство било многу поважно од храброста што ја покажал Давид или од тоа што бил вешт музичар. Освен што бил негов Бог, Јехова му бил и пријател — близок пријател. (Прочитај Псалм 25:14.) Млади браќа, најважното нешто што може да го направите е да станете уште поблиски со вашиот небесен Татко. Како резултат на тоа, може да добиете и додатни задачи во собранието.

6. Што мислеле некои луѓе за Давид?

6 Некои луѓе имале негативно гледиште за Давид. На пример, кога тој рекол дека ќе се бори со Голијат, цар Саул се обидел да го разубеди, велејќи: „Ти си уште дете“ (1. Сам. 17:31-33). А пред тоа, дури и еден од неговите браќа го обвинил дека е неодговорен (1. Сам. 17:26-30). Како и да е, Јехова не сметал дека Давид е незрел или неодговорен. Тој многу добро го познавал. Со тоа што се потпирал на својот пријател Јехова, Давид успеал да го убие Голијат (1. Сам. 17:45, 48-51).

7. Што можеш да научиш од она што му се случило на Давид?

7 Што учиме од она што се случило со Давид? Учиме дека треба да бидеме стрпливи. Можеби ќе треба време оние што те познавале како дете да почнат да те гледаат како возрасна личност. Сепак, можеш да бидеш уверен дека Јехова не го гледа само надворешниот изглед. Тој знае кој си ти и што можеш да правиш (1. Сам. 16:7). Затоа, станувај сѐ поблизок со Бог. Давид го правел тоа така што внимателно ги набљудувал Јеховините творби. Тој размислувал што откриваат тие за Творецот (Пс. 8:3, 4; 139:14; Рим. 1:20). Друго нешто што можеш да го правиш е да го молиш Јехова да ти ја дава потребната сила. На пример, дали некои твои соученици те исмејуваат затоа што си Јеховин сведок? Ако да, моли го Јехова да ти помогне да се справиш со тој проблем, и применувај ги советите што се наоѓаат во неговата Реч и во нашите библиски публикации и видеоклипови. Секогаш кога ќе видиш како Јехова ти помага да се справиш со некој проблем, твојата доверба во него ќе расте. Освен тоа, кога другите ќе видат дека се потпираш на него, ќе ја стекнеш нивната доверба.

Младите браќа можат понизно да им помагаат на другите на многу начини (Види во пасуси 8-9)

8-9. Што му помогнало на Давид стрпливо да чека да почне да владее како цар, и што можат да научат младите браќа од неговиот пример?

8 Давид се соочил и со други тешкотии. Откако бил помазан за цар, тој требало да чека многу години пред да почне да владее со Јуда (1. Сам. 16:13; 2. Сам. 2:3, 4). Што му помогнало стрпливо да чека за сето тоа време? Наместо да дозволи обесхрабрувањето да го парализира, Давид го правел она што можел. На пример, додека живеел како бегалец на филистејското подрачје, тој ја искористил можноста да се бори против непријателите на Израел. На тој начин ги штител границите на подрачјето Јуда (1. Сам. 27:1-12).

9 Што можат да учат младите браќа од примерот на Давид? Прави сѐ што можеш за да им служиш на своите соверници. Размисли за она што се случило со еден брат по име Рикардо. * Уште кога имал околу 10 години, тој многу сакал да служи како општ пионер. Но, старешините сметале дека не е спремен за тоа. Наместо да се откаже или да стане огорчен, Рикардо почнал да учествува во поголема мера во службата. Тој вели: „Кога размислувам за тој период, сфаќам дека имаше место за подобрување. Почнав да вложувам повеќе труд за да ги посетувам сите оние што покажуваа интерес и се подготвував за повторните посети. Дури и за прв пат започнав библиски курс. Тоа ми помогна да стекнам поголемо искуство и да имам сѐ помалку трема“. Рикардо сега служи како ревносен општ пионер и како слуга-помошник.

10. Што направил Давид во една прилика пред да донесе важна одлука?

10 Да разгледаме уште еден настан од животот на Давид. Додека тој и неговите луѓе живееле како бегалци, во една прилика заминале во воен поход. Тогаш, една непријателска војска ги ограбила нивните домови и ги заробила нивните семејства. Давид можел да си мисли дека, како искусен војник, сигурно ќе најде начин да ги спаси. Наместо тоа, тој побарал водство од Јехова. Преку свештеникот Авијатар, Давид го прашал Бог: „Дали да појдам во потера по тие разбојници?“ Јехова му рекол да го стори тоа и го уверил дека ќе ги избави заробените (1. Сам. 30:7-10). Што можеш да научиш од овој настан?

Младите браќа треба да бараат совет од старешините (Види во пасус 11)

11. Што можеш да правиш пред да донесеш одлука?

11 Побарај совет пред да донесеш одлука. Разговарај со твоите родители. Освен тоа, можеш да добиеш добар совет и од некој искусен старешина. Јехова има доверба во овие именувани браќа, а можеш да имаш и ти. Тој ги дал како дарови за собранието (Еф. 4:8). Ќе носиш добри одлуки ако се угледаш на нивната вера и ако ги слушаш мудрите предлози што ти ги даваат. Да видиме сега што може да научиме од цар Аса.

УЧИ ОД ЦАР АСА

12. Какви особини имал цар Аса кога почнал да владее?

12 Како млад, цар Аса бил понизен и храбар. На пример, кога го наследил својот татко, Авија, тој почнал да ги отстранува сите идоли од земјата. Освен тоа, им заповедал на Јудејците „да го бараат Јехова, Богот на своите прататковци, и да ги држат законот и заповедите“ (2. Лет. 14:1-7). А кога Етиопјанецот Зара ја нападнал Јуда со милион војници, Аса мудро побарал помош од Јехова, велејќи: „Јехова, тебе ти е сеедно дали треба да му помогнеш на силен народ или на нејак народ. Помогни ни, Јехова, Боже наш, зашто на тебе се потпираме“. Од овие зборови јасно се гледа колку голема доверба имал Аса дека Јехова може да го спаси него и неговиот народ. Тој се потпрел на својот небесен Татко, и Јехова ги поразил Етиопјаните (2. Лет. 14:8-12).

13. Што се случило подоцна со Аса, и зошто?

13 Сигурно било многу страшно да се поведе битка против милион војници. Сепак, Аса успешно го сторил тоа. За жал, кога се соочил со помал предизвик, тој не побарал совет од Јехова. Кога му се заканил злобниот цар Васа, кој владеел со Израел, Аса побарал помош од Сирија. Таа одлука имала катастрофални последици. Преку пророкот Ананиј, Јехова му рекол на Аса: „Затоа што се потпре на сирискиот цар, а не се потпре на Јехова, својот Бог, затоа војската на сирискиот цар ти избега од рацете“. Оттогаш натаму, Аса постојано бил во војна со некого (2. Лет. 16:7, 9; 1. Цар. 15:32). Што учиме од ова?

14. Како можеш да покажеш дека се потпираш на Јехова, и според 1. Тимотеј 4:12, каков ќе биде резултатот?

14 Остани понизен и продолжи да се потпираш на Јехова. Кога си се крстил, си покажал голема вера и доверба во Бог. Тој срдечно те примил во своето семејство. Но, мора и понатаму да покажуваш доверба во Јехова. Можеби е лесно да се потпираш на него кога треба да донесеш некои животоважни одлуки. Но, што ќе правиш во други ситуации? Многу е важно секогаш да се потпираш на него кога донесуваш одлуки, дури и ако станува збор за изборот на забава, работа или цели во животот. Не се потпирај на сопствената мудрост. Наместо тоа, труди се да сфатиш кои библиски начела се однесуваат на твоите околности и постапувај во склад со нив (Изр. 3:5, 6). Ако го правиш тоа, ќе го радуваш Јехова и ќе ја стекнеш почитта на браќата и сестрите во собранието. (Прочитај 1. Тимотеј 4:12.)

УЧИ ОД ЦАР ЈОСАФАТ

15. Според 2. Летописи 18:1-3, 19:2, какви грешки направил цар Јосафат?

15 Се разбира, ти си несовршен како и сите други, и понекогаш ќе направиш грешки. Сепак, тоа не треба да те спречи да правиш сѐ што можеш во службата за Јехова. Размисли за цар Јосафат. Тој имал многу убави особини. Како млад човек, Јосафат го барал Богот на својот татко и живеел според неговите заповеди. Освен тоа, испратил некои од своите кнезови да поминат низ градовите на Јуда и да го поучуваат народот за Јехова (2. Лет. 17:4, 7). Но, иако бил искрен, Јосафат понекогаш донесувал лоши одлуки. Како резултат на тоа, во една прилика бил укорен од еден Јеховин пророк. (Прочитај 2. Летописи 18:1-3, 19:2.) Што учиш од овој извештај?

Младите браќа кои се трудољубиви и достојни за доверба си стекнуваат добро име (Види во пасус 16)

16. Што учиш од примерот на Раџиф?

16 Прифаќај ги и применувај ги советите што ќе ги добиеш. Можеби, како повеќето млади, и тебе ти е тешко да ја ставиш службата за Јехова на прво место во животот. Но, не се обесхрабрувај. Забележи што се случило со еден млад брат по име Раџиф. Во врска со своите тинејџерски години, тој вели: „Во тој период понекогаш се чувствував изгубено. Како и повеќето млади, повеќе ме интересираа спортот и забавата отколку состаноците и службата“. Што му помогнало на Раџиф? Еден грижлив старешина му дал совет. Раџиф вели: „Тој ми помогна да размислам за начелото од 1. Тимотеј 4:8“. Раџиф понизно го прифатил советот и размислил за тоа што му е најважно во животот. Тој вели: „Решив да ја ставам службата за Јехова на прво место“. Каков бил резултатот? Раџиф објаснува: „Неколку години откако го добив тој совет, ги исполнив условите за слуга-помошник“.

РАДУВАЈ ГО СВОЈОТ НЕБЕСЕН ТАТКО

17. Што мислат постарите за младите браќа кои му служат на Јехова?

17 Постарите многу ве ценат вас, млади браќа, кои му служите на Јехова рамо до рамо со нив (Соф. 3:9, фус.). Им се допаѓа вашата ревност, како и воодушевеноста со која ги извршувате задачите. Тие навистина многу ве сакаат (1. Јов. 2:14).

18. Според Изреки 27:11, што чувствува Јехова за младите лица кои му служат?

18 Млади браќа, немојте никогаш да заборавите дека Јехова ве сака и има доверба во вас. Тој прорекол дека во последните денови ќе има цела војска од млади лица кои спремно ќе му служат (Пс. 110:1-3). Тој знае дека го сакате, и сака да му служите најдобро што можете. Затоа, бидете стрпливи со другите и бидете стрпливи со себеси. Кога правите грешки, прифатете ја обуката и секој совет што ќе го добиете, и гледајте на него како да доаѓа од Јехова (Евр. 12:6). Трудољубиво извршувајте ги сите задачи што ќе ви бидат дадени. И, најважно од сѐ, радувајте го својот Татко со сето она што го правите. (Прочитај Изреки 27:11.)

ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“

^ пас. 5 Како што созреваат во духовен поглед, младите браќа развиваат желба да му служат на Јехова во уште поголема мера. За да ги исполнат условите за слуга-помошници, тие треба да ја стекнат и да ја задржат почитта на другите во собранието. Што можат да направат за да го постигнат тоа?

^ пас. 9 Некои имиња се сменети.