Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Зошто христијаните треба да бидат претпазливи кога користат апликации за размена на пораки?

Некои браќа и сестри ја користат современата технологија за да контактираат со членовите на своето семејство и со други Јеховини сведоци. Притоа, зрелите христијани го имаат на ум следниов совет: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ги трпат последиците“ (Изр. 27:12).

Ние сме свесни дека Јехова сака да нѐ заштити. Затоа, не се дружиме со оние што создаваат поделби, со оние што се исклучени од собранието и со оние што шират лажни учења (Рим. 16:17; 1. Кор. 5:11; 2. Јов. 10, 11). Некои објавители или некои лица што на некој начин се поврзани со собранието можеби не живеат во склад со библиските мерила (2. Тим. 2:20, 21). Ова го имаме на ум кога ги избираме нашите пријатели. Но, не е лесно внимателно да ги избереме нашите пријатели ако комуницираме со нив само преку апликации за размена на пораки.

Кога одлучуваме дали да се приклучиме на некоја голема група во која се разменуваат пораки, треба внимателно да размислиме со кого сѐ ќе бидеме во контакт преку таа група. Некои браќа и сестри се приклучиле на големи групи, но имале лоши последици. Дали е можно еден брат или една сестра доволно да внимава ако е дел од една група која брои стотици, па дури и илјадници лица? Невозможно е точно да знае кои се сите тие лица и во каква духовна состојба се наоѓаат. Во Псалм 26:4 пишува: „Не седам со луѓе што зборуваат невистина и не одам кај оние што прикриваат какви се“. Ова јасно покажува дека е многу помудро да разменуваме пораки само со оние што лично ги познаваме.

Дури и ако станува збор за помала група, треба да процениме колку време ни одзема и за што се зборува во неа. Не треба да се чувствуваме обврзани да одговараме на секоја порака, сеедно со каква содржина е и колку време ќе ни треба за тоа. Во своето прво послание до Тимотеј, Павле напишал дека има поединци кои „озборуваат [и] се мешаат во туѓи работи“ (1. Тим. 5:13). Денес, некој би можел да го прави тоа и по електронски пат.

Ниту еден зрел христијанин нема да кажува ниту да слуша критики или доверливи информации за своите соверници (Пс. 15:3; Изр. 20:19). Исто така, нема да пренесува ниту да слуша шокантни или непотврдени информации (Еф. 4:25). Преку нашата интернет-страница jw.org и преку месечните емисии на JW Broadcasting® добиваме изобилство духовна храна, како и точни и проверени информации.

Некои Сведоци користат електронски пораки за да продаваат, купуваат и рекламираат производи или за да нудат вработување. Овие работи не треба да се мешаат со теократските активности. Христијаните кои сакаат да покажат дека немаат „љубов кон парите“ никогаш нема да ги искористуваат соверниците за да заработат пари (Евр. 13:5).

Дали треба преку апликациите за размена на пораки да бараме пари за соверниците кои имаат некоја потреба или кои се погодени од некоја катастрофа? Бидејќи ги сакаме нашите браќа и сестри, ние сакаме да им помагаме и да ги охрабруваме (Јак. 2:15, 16). Но, ако се обидуваме да го правиме тоа преку големи групи во кои се разменуваат пораки, би можеле да ѝ отежнеме на подружницата или на собранието да им помогне на тие соверници (1. Тим. 5:3, 4, 9, 10, 16). И сигурно не би сакале да ги наведеме луѓето да мислат дека сме добиле некоја посебна задача да се грижиме за браќата.

Ние сакаме да правиме „сѐ за Божја слава“ (1. Кор. 10:31). Затоа, кога одлучуваш дали да користиш некоја апликација за размена на пораки или нешто слично, размисли за можните опасности и биди претпазлив.